L A T I N I C A

 

O N L I N E

 

БАЛКАН

КОСОВО

НАТО ја прекина соработката со Косовските безбедносни сили!

Командата на меѓународните сили на Косово КФОР, кои ги предводи НАТО, соопшти дека ја прекинува соработката со Косовските безбедносни сили - КБС, зашто нивните припадници не се придржувале на обврските да не носат оружје на прославата на ОВК во Приштина. Понатаму се вели дека НАТО бил приморан итно да реагира и да ги прекине сите активности и обуки на КБС, поради инцидентот на прославата, поради кој имало многу жешки состаноци зад затворени врати меѓу командантите на НАТО и косовските лидери.
Според соопштението, Алијансата е револтирана. Припадниците на КБС на манифестацијата Епопеја на Ослободителната војска на Косово носеле пиштоли, што е во спротивност со договорените принципи. Одлуката на КФОР ја поддржа и меѓународниот цивилен претставник Питер Фејт. Во плановите на НАТО, КБС се предвидени како единица за реагирање во вонредни ситуации, како што се елементарни несреќи, но косовските лидери ги сметаат КБС како темел на идната косовска војска.


ГРЦИЈА

Солзавец и каменување во Атина

Десетици млади демонстранти се судрија во Атина со полицијата, која употреби солзавец за да ги разбие протестите против економските мерки за штедење што ги воведува грчката влада. Неколку илјади демонстранти се собраа на две места во центарот на Атина за да протестираат против мерките за штедење што ги изгласа парламентот. "Дури и да нѐ тероризираат, овие мерки нема да минат", "Ние сме луѓе, а не бројки", "Нека гори парламентот!", пора!уваа демонстрантите. Протестот го организираа двата главни синдиката - Генералната конфедерација на трудот и Федерацијата на државни службеници.


СЛОВЕНИЈА

Запишување на "избришаните"

Словенечкиот парламент усвои закон со кој се решава статусот на околу 26.000 државјани од поранешната СФРЈ кои пред 18 години го загубија државјанството или правото на престој во Словенија. Според новиот закон, таа категорија граѓани, што беше наречена "избришаните", ќе може да добијат словенечко државјанство ако во меѓувреме не добиле државјанство од друга земја. Словенечките медиуми јавуваат дека некои од "избришаните" веќе го решиле својот статус со добивање дозвола за престој или веќе добиле словенечко државјанство, па затоа новиот закон би се однесувал само на околу 13.000 лица.


Ејуп Ганиќ е пуштен за 330.000 евра!

Вишиот суд на Лондон реши Ејуп Ганиќ (64) да се пушти од притвор со приложена висока кауција од 330.000 евра и на слобода да го чека исходот од процесот за негово испорачување што ќе се одржи на 29 март. Претходно Србија и официјално упати молба за екстрадиција на Ганиќ, поради воени злосторства што биле извршени над припадниците на Југословенската армија во 1992 година во центарот на Сараево. Поранешниот лидер на Бошњаците беше приведен на први март во Лондон врз основа на потерницата што била распишана за него и за уште 18 лица од Босна и Херцеговина за напад врз колоната на ЈНА.


ЦРНА ГОРА

Убиства, мафија и амбиции за ЕУ

Вмешаноста на Црна Гора во организираниот криминал во земјата и пошироко се заканува да го забави пристапувањето на таа држава во ЕУ, оценува виенскиот весник Пресе. Весникот ги пренесува тешките обвинувања на Ратко Кнежевиќ, кум на црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ, и тврди дека не се само обвинувањата за врски со мафијата што беа изнесени при сведочењето на судењето за убиството на хрватскиот новинар Иво Пуканиќ во Загреб тоа што ја става Црна Гора и нејзиниот долгогодишен премиер во центарот на интересирањето на надлежните меѓународни служби. Веќе со недели трае спорот со Србија, која бара испорачување на Дарко Шариќ, наркобос чија група организирала шверц на 2,2 тона кокаин од Јужна Америка во Европа и кој најверојатно се крие во Црна Гора. Според Пресе, Ѓукановиќ, кој е на власт од 1991 година, ја води својата татковина како еден вид семејна фирма. "Секоја влада на Запад знае дека власта во Црна Гора во 90-тите години на минатиот век својата релативна независност од Белград ја финансираше со транзит на цигари", ја пренесува весникот изјавата на поранешниот американски амбасадор во Југославија Вилијам Монтгомери.


БУГАРИЈА

Претседателот Прванов формира партија

Бугарскиот претседател Георги Прванов формира политичка партија чиј лидер ќе биде поранешниот министер за надворешни работи Ивајло Калфин. "Сведоци сме на раѓање на нова политичка партија во Бугарија, чиј основач е претседателот Прванов. Почнува нов политички проект, а Калфин најверојатно ќе биде предложен за лидер", изјави Кољо Парамов, кого бугарскиот премиер Бојко Борисов го именува за советник, но тој поднесе оставка.
Според Парамов, Прванов се решил за Калфин, кој сега е европратеник, поради тоа што има добар имиџ во Европа, за разлика од вториот кандидат Румена Петкова, поранешен министер за внатрешни работи.


Знак "Внимание - пијаници!"

Полицијата во романското место Пецица поставила сообраќајни знаци на главните патишта со кои се предупредуваат возачите од опасност од пијаници по патиштата, со цел да се намали бројот на сообраќајки. Градоначалникот Петру Антал наредил да се постават знаци Внимание - пијаници, на кои има слика од човек клекнат на колена со шише. "Ние сме пограничен град и низ него минуваат многу возила. Но, имаме и многу жив ноќен живот. Затоа моравме да испратиме своевидно предупредување до возачите, зашто многу млади во вечерните часови едвај можат да одат, зашто се пијани. Многу од нив лежат по улиците, па возачите без своја вина често ги прегазуваат", изјавил Антал.


ТУРЦИЈА

Села срамнети со земја!

Најмалку 57 лица загинаа, а над стотина се повредени во земјотресот со јачина од 6,2 степени по Рихтер што го погоди реонот на Елазиг во Источна Турција. Загинатите се жители на шест села, а повредените лица веднаш се сместени во болници. Најлошо мина селото Окчулар, каде што имало 17 загинати и каде речиси сите куќи се урнати, па селото е како купиште шут. Состојбата била слична и во другите села, па се страхува дека бројот на загинатите може да биде поголем.


Се продава златниот часовник на Тито

Српскиот интернет-портал www.e-ducan.com објави дека на аукција се нуди златен рачен часовник Патек Филип од 1950 година, за кој се тврди дека му припаѓал на поранешниот претседател на СФРЈ Јосип Броз Тито. Почетната цена на часовникот од 18-каратно злато е 6.815 евра. Во веста се наведува дека Тито имал обичај офицерите од најтесното безбедносно опкружување за лојалноста и пожртвуваноста да ги наградува со златни часовници, кои некогаш ги симнувал од својата рака, и дека ова е еден од тие часовници - што му го подарил на еден генерал. Швајцарските часовници се исклучително популарни во Јапонија, каде што ваков модел може да се купи за околу 15.000 евра, секако без историјата што е поврзана за Тито. Иако часовникот е само неколку дена на аукција, порталот објавува дека интересот е голем, особено од Јапонија, САД, Швајцарија и Блискиот исток.


РОМАНИЈА

Без работа ќе останат над 10.000 железничари

Над 10.000 вработени во романските желесници до крајот на април ќе останат без работа. Тие ќе добијат по две просечни нето-плати, обештетување за невработеност и придонеси за период меѓу 12 и 15 месеци. Вториот контингент од 1.500 вработен во романскиот железнички транспорт ќе биде отпуштен од 1 април, а на крајот на месецот без работа ќе останат уште 4.000 лица од железничкиот транспорт.



НАЈНОВ БРОЈ



ВРЕМЕ

МАКЕДОНИЈА

АВСТРАЛИЈА


КАЖЕТЕ ГО ВАШЕТО МИСЛЕЊЕ!

Писма до уредникот

Letter to the Editor