|
|
L A T I N I C A |
|
|
O N L I N E |
  |
|
МАКЕДОНИЈА » Економија
ПРОТЕСТ
Стечајците имаа јајца за напад на Владата!
"И ние имаме право да живееме, и ние сме деца на Македонија!" Со оваа песна, со многу табли јајца и со обид да се урне заштитната ограда, стотици стечајци од цела Македонија излегоа на уште еден протест пред Владата. Откако најавија дека секој вторник ќе штрајкуваат пред Владата додека премиерот Никола Груевски не ги повика на повторен разговор, минатата недела тие удрија уште пожестоко. Освен статуите пред Владата, кои од јајцата станаа жолти, настрадаа и многу полицајци, кои беа испрскани - по грешка или намерно. Овој пат тие не бараа да влезат во Владата на разговор, туку очекуваа Груевски да ги повика, како што им ветил, но ниту тој ниту некој од владините претставници не ги удостоија.
"Денес не бараме да влеземе внатре, зашто минатиот вторник, кога премиерот нѐ прими, му предадовме листа на која беа наведени нашите барања. Ќе се обратиме и кај американскиот амбасадор Филип Рикер и кај сите европски парламентарци и ќе им укажеме со каков проблем се соочуваме во демократска земја, каква што е Македонија. И секој вторник ќе бидеме овде, зашто и онака немаме од што да живееме, а ниту нешто да загубиме", истакна лидерот на стечајните работници Лилјана Георгиевска.
Како и претходната недела, дојде да ги поддржи стечајците претседателот на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски, кој поразговара со нив и уште еднаш беше сведок на нивниот проблем. "Ќе повторам уште еднаш. Овде не сме за да собираме политички поени, туку да дадеме јасна порака дека ќе останеме докрај со овие луѓе и да ја потсетиме владата да престане со непродуктивните проекти за 2014 година. Сите овде знаат дека доаѓањето на Љубе Бошкоски на власт значи и решение на проблемот на оваа група луѓе", изјави тој.
Веднаш по него се појавија и пратениците на СДСМ Андреј Петров и Јани Макрадули, како и претседателот на НСДП Тито Петковски, кои беа пречекани со скандирања. "Уште во 2006 година, кога првпат влеговме во Собранието, поднесовме предлог да се донесе закон за стечајните работници, но тоа владата го избегнува до денес и нѐ упатува на Светска банка, за која вели дека е главниот проблем", изјави Петковски. (Шпиц)
Тутунарите плаќаат за новото Скопје
"Тутунарите мораат да уплатат по 2.000 денари за реализација на проектот Скопје 2014 ако сакаат Владата да им ги исплати долговите за тутунот", тврдеше Љубе Бошкоски при посетата на битолско. "На последната средба во селото Ивањевци, една тутунарка ми кажа дека, откако ѝ го исплатиле тутунот, на посебен налог морала да плати 2.000 денари за проектот Скопје 2014. Бев шокиран од таа информација и не можев да сфатам дека, практично, тутунарите од Ивањевци мораат да го финансираат проектот на премиерот Никола Груевски. Ова е скандал без преседан!", кажа Бошкоски. Тој им рече на жителите од Логоварди дека е подобро актуелната власт да се смени, зашто владее со диктатура и дека е крајно време во Македонија да завладее вистинска демократија. (Време)
ПОРАДИ ПРАЗНИОТ БУЏЕТ И МИНИСТРИТЕ ОСТАНАА БЕЗ ПЛАТА
Остваруваме, ама без пари?!
Според Министерството за финансии, нема ништо спорно во тоа што и министрите не добиле плата, зашто законскиот рок за исплата на платите е 15 во месецот. Но, вработените во администрацијата истакнуваат дека сите министерства и државни институции платата не ја земаат во исто време, туку скалесто во периодот од први до дваесетти во месецот. Тие страхуваат дека не е можно сите буџетари да земат плата во еден ист ден и прашуваат кога ќе се исплатат платите на тие што порано ја земале на 20 во месецот, кога нема плата и за тие што редовно ги добиваа парите на секој први!
Експертите тврдат дека владата продолжува да се однесува недомаќински и покрај отежнатиот прилив на пари од стопанството. Тие велат дека е нормално секоја влада да посегнува по домашниот бруто-производ за да може да ги реализира своите проекти, но правило е притоа да го следи деловниот циклус на стопанството. Кога е тој поволен и во пораст, може да зафаќа повеќе од него, но кога стагнира, треба да помогне со намалување на притисокот и зафаќањата. "Проблем во актуелниов случај е тоа што владата не се однесува логично. Во услови на криза и неповолен деловен циклус на стопанството, кога не може да обезбеди нормален прилив на пари во буџетот, таа се однесува како ништо да не се случило и воопшто не се откажува од своите потрошувачки апетити", вели професор Христо Карталов. Според него, владата се однесува недомаќински и троши многу повеќе од тоа што стопанството може да го создаде. "Така, да бидеме реални, не се однесуваат ни семејствата. Нивните трошоци мора да се сведат, народски речено, колку што им е долга чергата. Ако не е така, на тоа ќе ги потсетат тие на кои им должат", вели тој.
Познато е дека Владата е најголем работодавач и најголем должник - кога се имаат предвид долговите кон приватниот сектор, и таа создава лоша практика на непочитување на законите: мошне одмазднички се однесува кон компаниите кои не успеваат, поради неликвидност, да ги намират обврските кон државата. (Време)
Државните институции останаа без пари!
Доцнат платите на пратениците, пари уште не зеле ни вработените во министерствата, поради неплатените сметки за греење смрзнаа учениците, а и болниците тонат во долгови од 20 милиони евра! МВР има проблеми да си купи бензин, а Јавното обвинителство и натаму не комуницира со светот бидејќи телефонските линии им се исклучени поради неплатени сметки?! Нема пари и за социјалната помош, граѓаните се жалат дека ненавремено ја добиваат. Градоначалниците и јавните установи веќе добиле препораки од министерствата да штедат на парите што ги добиваат за одредена намена, а дури и владина делегација не отпатувала на состанок во една европска држава само затоа што немала пари.
Само во јануари во буџетот недостигаа речиси 38 милиони евра. Загрижува тоа што, за разлика дури и од минатогодишниот јануари кога кризата беше во полн ек, собрани се многу помалку пари. Буџетските приходи во јануари 2009 година биле 161 милион евра, а годинава се 150 милиони евра. Од друга страна, рашодите годинава се за 30 милиони евра поголеми од ланските.
Просечната плата е сон за 440.000 работници
Од вкупно 642.541 работник, 204.752 лица земаат плата што е околу просекот или над него. Според Државниот завод за статистика, просечната плата во декември 2009 година изнесувала 20.483 денари. Увидот во податоците за бројот на вработените по сектори на дејност покажува дека од вкупно 642.541 работник во Македонија, дури 437.752 лица земале плата што била многу пониска отколку просечната плата во декември. Од другите 204.752 лица што земаат плата што е околу просекот или над него, повеќе од 70.000 лица се вработени во администрацијата! Спротивно на тоа, околу 45.000 лица што работат во текстилната индустрија во декември зеле плата од околу 9.500 денари или една од најниските плати во земјава. (Нова Македонија)

