L A T I N I C A

 

O N L I N E

 

МАКЕДОНИЈА » Политика

СО ЗАКАНИ И СО ПРИТИСОЦИ

Војската замина од пред Владата

Професионалните војници веќе не протестираат пред Владата поради, како што велат, огромните притисоци што ги вршело врз нив Министерството за одбрана. По десетдневно деноноќно протестирање за да се реши нивниот статус, тие донеле одлука да го напуштат просторот пред Владата, но сепак да продолжат со протестот. "Принудени сме да најдеме нов начин да го продолжиме протестот, зашто Министерството за одбрана ни најави дека ќе нѐ отпушти сите ако не прекинеме", вели Веле Крбалески од Координативното тело. Војниците се жалат и на односот на полицијата, која во последните неколку дена им ги барала личните карти и правела список за тоа кој протестира. Од МВР негираат дека вршеле притисок и објаснуваат дека легитимирањето е нивна должност.
Министерот Зоран Коњановски го повтори ставот дека останува на понуденото за активна резерва и тврди дека неговиот предлог бил прифатлив за повеќето од војниците. "Остануваме на решението со кое на активните војници постари од 38 години им се овозможуваат редовни месечни примања од 6.000 до 7.000 денари и можност за вработување во некоја приватна или друга институција. На оваа тема јас ги продолжувам посетите на касарните во Македонија и разговорите со професионалните војници заради нивно најнепосредно запознавање со решението", вели Коњановски.
Според Крбалевски, несоодветно од министерот е тоа што тој постојано изнесувал во јавноста неточни информации со кои сака да создаде спротивна слика од реалноста: "Министерот тврди дека воопшто не постојат модели и дека активна резерва се применува како решение секаде во земјите-членки на НАТО, што воопшто не е точно". Тој вели дека во членките на НАТО, кога ќе го исполни старосниот услов, војникот или продолжува со работа во Армијата или го префрлаат во друга институција или добива некои други бенефиции. (Време / Утрински весник)


Војниците го сменија протоколот за Косор

Обезбедувањето на Владата побарало од професионалните војници што протестираа да се повлечат од платото пред Владата за да може таму да се организира церемонија за пречек на хрватската премиерка Јадранка Косор. Според претставници на Координативното тело, тоа барање било одбиено , па поради тоа високата гостинка беше пречекана на аеродромот Александар Велики. Затоа војниците и нивните колеги во касарните добиле "абер" од Генералштабот на АРМ. "Во касарните е прочитана наредба од Министерството за одбрана проследена преку ГШ на АРМ. Побарано е да се најде начин војниците да се повлечат во касарните, а е донесена и забрана за користење слободни денови. Наредено е легитимирање на војниците што протестираат пред Владата, со можност тие да добијат отказ без никакво образложение", изјави членот на Координативното тело Веле Крбалески. (Дневник)


Пакет и за бранителите и за ОНА?!

Правата на бранителите на Македонија и на семејствата на загинатите припадници на ОНА и на инвалидите од конфликтот од 2001 година Владата ќе ги решава во пакет, дознаваме неофицијално од извори во ДУИ. Ова бил новиот компромис меѓу коалиционите партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, откако по информациите дека припадниците на ОНА ќе добијат пензии атмосферата се наелектризира, а партиските лидери Никола Груевски и Али Ахмети излегоа со спротивни ставови за тоа прашање. Засега не се откриваат детали, освен дека и на двете страни ќе им се исполнат дел од барањата за да нема бранувања во јавноста ни од бранителите ни од поранешните припадници на ОНА. Неофицијално, дел од договорот бил прво да се обезбеди социјален пакет за ОНА, а потоа очекуваниот револт на здружението Достоинство би се ублажил со тоа што владата би прифатила некои од нивните барања од предлог-законот за посебни права на припадниците на силите за безбедност. (Дневник)


НОВИ БАРАЊА ДО МАНУ

Бугарско мастило за новата енциклопедија!

"Крале Марко, Кирил Пејчиновиќ, Григор Прличев и Гоце Делчев се Бугари и така треба да стои во новата македонска енциклопедија", велат од Бугарскиот културен клуб од Скопје. Оваа организација на Бугарите во Македонија ја поддржува одлуката на собранието на Македонската академија на науките и уметностите за разрешување на досегашната редакција и на главниот редактор Блаже Ристовски и бара учество во подготовката на најавената нова верзија на енциклопедијата.
"Од крајот на септември експерти по историја и по меѓународни односи, кои се членови и симпатизери на БКК, подготвуваат конструктивни предлози за една демократска енциклопедија, која одговара на историската реалност и на препораките на Европската унија кон Република Македонија", велат од Бугарскиот културен клуб. Сите забелешки ќе се достават до новата редакција во писмена форма, а ќе се препратат и до странските дипломатски претставништва и до сите соодветни меѓународни институции во Македонија.
"Ние бараме сите текстови во енциклопедијата што ја фалсификуваат историјата на македонските Бугари да се коригираат, така да соодветствуваат на фактите што ги установиле познати и докажани светски историчари. Енциклопедијата треба да се придржува до светската наука, која го потврдува бугарското етничко, културно и религиозно наследство на значајни фигури кои ѝ припаѓаат на историјата на двете држави", велат од БКК. Според нив, во оваа група историски личности се и св. Климент Охридски, браќата Миладинови, Кузман Шапкарев, Дамјан Груев...! (Време)


"Албанска Македонија" како одговор на Македонската енциклопедија

Се очекува првиот том на изданието Албанска Македонија, како своевиден одговор на Македонската енциклопедија, да излезе од печат на крајот на овој месец, јави албанската новинска агенција Балканвеб пренесувајќи ја изјавата на првиот човек на редакцискиот одбор, новинарот и аналитичар од Тетово Нијази Мухамеди. "Во првиот том од 400 страници ќе бидат претставени оригинални документи на албански, англиски и француски јазик на познати историчари, албанолози, патеписци од 16. до 19. век, од кои се гледа автохтоноста на Албанците во Македонија", изјавил тој за Балканвеб. Мухамеди потенцира дека изданието ќе биде силен одговор на Македонската енциклопедија. "Нема никаква заднина во терминот Албанска Македонија и не очекувам тоа некому да му пречи. Во записите на патописците има документи што наведуваат дека ова територија некогаш се нарекувала Илирска Македонија и ние заради континуитет го користиме тој термин", објаснува тој. На насловната страница на книгата ќе се најдат мотиви од манастирот Свети Јован Бигорски, од Свети Наум, Бурмали џамија и тетовското Теќе, зашто тие, според Мухамеди, биле албанско културно богатство што го презела македонската култура. "Постојат многу документи што покажуваат дека Бигорски е дел од албанското културно наследство. Овие цркви се разликуваат од црквите во другите делови на Македонија, а постојат и слики од Бигорски со мотив на орелот. Во една преписка во 1939 година еден поп од Бигорски ѝ пишува на Архиепископијата во Тирана на албански. Зар тоа не кажува доволно за тоа чиј е манастирот и кој народ таму се молел", вели Мухамеди. Според него, посебно ќе се третираат православните Албанци во Македонија, кои "со премолчен декрет на тогашната влада" се прогласени за Македонци во 1949 година. (ТВ А1 / Дневник)


ДРЖАВАТА ГО БРАНИ КРИМИНАЛОТ ВО "СВЕДМИЛК"

Сточарите добија казни поради протестите

Битолските сточари добија казни од полицијата за протестите што ги организираа во април поради Моше Баум. Тогашниот обид на сточарите со трактори да го блокираат влезот во Битола го оневозможи полицијата. На сите улички што водеа од селата кон градот полицијата ги запираше земјоделците и наоѓаше најразлични изговори, па дури и им пишуваше казни. Сточарите практично сега добиваат казни за протестите на кои бараа Баум да одговара за криминалот во Сведмилк. "Стигнуваат казни од по 500 евра зашто не ни биле регистрирани тракторите, или дека не биле доволно осветлени, и не знам уште што не. Некои од кооперантите биле повикувани во полиција да им се укаже да не протестираат поради претстојното рочиште. Јас би апелирал до МВР да се откаже да нѐ гони и да се позанимава со Моше Баум и со Роџер Оскарсон, зашто тие беа деликвентите што ги украдоа нашите пари. Ние сме и онака уништени и немаме од каде да платиме по 500 евра казна", рече Душко Илиевски од Здружението на сточарите - поранешни кооперанти на Сведмилк.
И додека Моше Баум од продадените 3,5 милиони литри млеко стави два милиона евра в џеб и летна за Америка без никој за ништо да го гони, сточарите кои останаа без пари за предаденото млеко и без кравите во шталите, сега уште ќе плаќаат казни како најголеми криминалци. Сепак, најголемата казна за нив е затворањето на Сведмилк и тонењето во стечај. По низа судски рочишта на кои не им се гледа крајот, полека се губи надежта на фармерите. (Време)


Во "Сведмилк" се делеле огромни хонорари на роднини

Шведското радио во своето истражување околу пропаѓањето на Сведмилк во Македонија дошло до податоци дека менаџментот на млекарницата ангажирал роднини како консултанти, кои биле добро наградувани за своите услуги. Во репортажата на радиото се наведува дека во септември 2006 година тогашниот шведски генерален директор, кој бил и еден од сопствениците на Сведмилк, потпишал консултантски договор со свој роднина за околу 80.000 евра за авансирани консултантски услуги во врска со изградбата на млекарницата. Парите биле исплатени на банкарска сметка во Луксембург. Но, кога Шведското радио се јавило кај споменатиот роднина, тој рекол дека е пензиониран пред десетина години, дека никогаш не извршил никакви консултантски услуги во Македонија и дека воопшто не му е познат никаков хонорар од 80.000 евра што наводно го добил.
На 15 јануари 2008 година генералниот директор на Сведмилк потпишал друг консултантски договор со еден роднина во Шведска. Договорот предвидувал надоместок од над 50.000 евра и се однесувал на преадаптација на возилата на млекарницата?! Кога Шведското радио го контактирало роднината, тој воопшто не сакал да одговори на никакви прашања, туку го упатил новинарот на поранешниот генерален директор на Сведмилк.
Млекарницата е во стечај од март годинава, со долгови од околу 35 милиони евра. (Утрински весник)


ЛЕВИЧАРИТЕ ПРАВАТ ОПОЗИЦИЈА НА ОПОЗИЦИЈАТА

Карантин за Бранко!

Старите кадри на СДСМ го враќаат ударот. Му прават опозиција на лидерот Бранко Црвенковски преку невладиниот сектор, со промоцијата на институтот Демос кој ќе се залага за развој на демократската свест и за потребата за дијалог во општеството. Тоа се случи само еден ден пред лидерот Црвенковски да го објави формирањето на Дипломатскиот совет, советодавно тело во кое ќе членуваат поранешни министри и амбасадори од редовите на СДСМ. На правата дебата на институтот на темата Позиција на опозицијата, прашање на името, датум за преговори и извештај на Европската комисија, не беше поканет лидерот на СДСМ Црвенковски, но затоа беа поканети лидери на други помали опозициони партии. Директорот на Демос, бивш генерален секретар на СДСМ и поранешен амбасадор во Велика Британија Ѓорѓи Спасов негира дека отсуството на Црвенковски на првата дебата на институтот е обид за негово изолирање. Тој смета дека Црвенковски не е соодветен говорник на темата за името, датумот за преговори и за извештајот на ЕК. "Поканети се специјализирани луѓе од таа област. Така, од СДСМ е поканета Радмила Шекеринска, како познавач на евроинтеграциите, а Црвенковски ќе го каниме кога ќе се зборува за внатрепартиската демократија", рече Спасов.
Според него, основна причина за формирање на институтот е да се создаде демократска свест за потребата за дијалог за битните прашања на земјата. "Никола Груевски смета дека вакви дебати не ни се потребни, а опозицијата е незаинтересирана за тоа", смета Спасов. (Вест)


Спасов работи за Груевски!

"Денес стана јасно дека шпекулациите кои подолго време кружеа во јавноста се вистина. Постои сценарио чиј нарачател и финансиер е Никола Груевски, организатор е неговиот медиумски коалиционен партнер, а непосреден извршител е Ѓорѓи Спасов", одговорија од СДСМ на прашањето дали формирањето на институтот Демос има цел да се изолира Црвенковски. "Благодарение на СДСМ Спасов во изминатиот период беше министер, амбасадор во два мандата, пратеник и генерален секретар, а денес е декан на универзитетот на Бојо Андревски. СДСМ е голема партија и никогаш сериозно не се занимавала со извршителите, затоа нашата порака е до нарачателот: господине Груевски, слаб избор сте направиле. Ќе мора многу повеќе да се потрудите и да изберете посериозни играчи".


Демос - доказ за проблеми во СДСМ или трик на Црвенковски?

"СДСМ поддржува секаква јавна дебата, но не ја поддржуваме манипулацијата со името на партијата". Ова е реакцијата на лидерот на социјалдемократите во врска со формирањето на институтот Демос, во кој меѓу другите ќе членуваат повеќе актуелни и поранешни функционери на таа партија и лидери на неколку други опозициони партии. Црвенковски се сомнева дека Демос, чија цел е поттикнување на свеста и организирање дебата за најважните прашања за државата, е формиран по принципот на компетентност. "Се вели дека идејата е обединување на опозицијата. Какво е тоа обединување на опозицијата кога не се поканети лидерот на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски и на ДПА Мендух Тачи. Оваа листа дајте му ја на Никола Груевски, со двете раце ќе ја потпише. Немаме намера да се занимаваме со постапките на Ѓорѓи Спасов", рече Црвенковски.
Со реакција околу формирањето на Демос излезе и премиерот Груевски, кого СДСМ го посочен како нарачател за создавање на оваа невладина организација, која наводно ќе биде инструмент за ослабнување на опозицијата. "Апсолутно не е точно дека Владата стои зад формирањето на Демос. Не знам само дали се работи за некои внатрешни проблеми во СДСМ или за уште еден нов маневар или трик на нивниот лидер", изјави Груевски. (Вечер)


ТРИБИНА НА ДЕМОС

Најмалку три членки на ЕУ се резервирани кон Македонија!

"Најмалку три европски држави се резервирани околу идниот статус на Македонија во ЕУ", посочи претседателката на Националниот совет за евроинтеграции Радмила Шекеринска на првата дебата што ја организираше новиот институт Демос. Таа упати прашање до власта: дали има алтернатива за иднината на Македонија по заседанието на Европскиот совет? И што ќе се случи ако компромисот мора да се прави по две години, кога позицијата на Македонија ќе биде уште понеповолна? "Убедена сум дека Македонија нема да добие датум за преговори во декември, но и оти Грција нема официјално да го употреби зборот вето, така што ќе немаме основа за тужба. Но, можни се различни сценарија зашто, според последните информации од Брисел, најмалку три држави се во дилема дали да бидат позитивни заклучоците за Македонија", рече Шекеринска.
Трибината претставуваше промоција на институтот Демос, чии основачи се поранешни високи функционери на СДСМ, кои сега не се во партиското раководство. Концентрацијата на левичари на трибината ја разби поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, кој во своето обраќање потенцираше дека по затворањето на албанското прашање сега е на ред прашањето за името. Неговиот рецепт е во преговорите со Грција да се одделат суштинските прашања од техничките. "Не Грција, туку Македонија има проблем на својот основен пат и тоа цели 20 години. Ако политичките елити навреме ги апсолвираа двата главни проблема - албанското прашање и грчката блокада, ние уште пред десет години ќе бевме дел од НАТО и од ЕУ", рече Георгиевски, наведувајќи дека власта влегува во филм дека го брани името, иако Македонија веќе 15 години егзистира како БЈРМ.
Поранешниот пратеник и министер Никола Поповски нагласи дека, кога не успеавме да влеземе во НАТО, сега е илузорно да очекуваме дека ќе влеземе во преговори со ЕУ, особено кога ја немаме истата логистика од САД. (Утрински весник)


91 ГОДИНА ОД КРАЈОТ НА ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА

Жртвите од Македонија сѐ уште чекаат споменик!

По повод 91-годишнина од крајот на Првата светска војна здружението Вистина побара да им се подигне споменик на Македонците-жртви од војната и да се поправат таблите на кои има историски грешки. Претседателот на здружението, генерал-мајорот во пензија Борис Стојаноски, рече дека меѓу многуте споменици што се градат треба да има и еден што ќе биде посветен на овој период од македонската историја. "Најдобро решение е да се подигне споменик на незнаениот јунак на скопското Кале. Тоа е потребно за да можеме пред тој споменик симболично да им се поклониме на околу 230 илјади македонски војници од вардарскиот, егејскиот и пиринскиот дел кои учествуваа во таа војна и од кои загинаа 20 илјади, а 50 илјади беа ранети", истакна Стојаноски. Тој посочи дека неодамна интервенирале кај Министерството за одбрана поради несоодветниот натпи поставен во 2008 година на Британските гробишта во дворот на црквата Свети Архангел Михаил во Скопје на кој има погрешни термини и нелитаратурен македонски јазик. Интересно е дека таму уште постои спомен-плоча што ја направиле тогашните српски власти во Македонија и на која се истакнува дека таа е "благодарност на македонскиот народ за вечниот покој на британските војници", иако плочата е поставена во времето кога Македонија беше во состав на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, кое не го признаваше постоењето на македонскиот народ. (Дневник)


СОЛЗИ РАДОСНИЦИ НА БЕСКУЌНИЦИТЕ

Стотина семејства добија социјален стан

Солзи радосници и прегратки имаше меѓу 102 лица што се најдоа на прелиминарната ранг-листа за добивање социјални станови во Скопје. "Од 1993 година сме под кирија. Пет години сме во брак и имаме мало детенце. Ова е најубавото нешто што можеше да ни се случи", рече низ солзи претставникот на едно семејство на кое му се посреќи да добие покрив над главата. Според прелиминарната листа, 97 станови добиваат деца без родители или родителска грижа, по еден корисници на социјална или постојана парична помош, односно индивидуални лица или граѓани на кои им е по-требна помош, а три им се распределуваат на самохрани родители со малолетни деца. Меѓу децата без родители што добија стан има и млади брачни двојки со две или три деца. Има случај и со седум члена во семејството. "Сега сите имаат покрив над главата и не се оставени сами на себе. Ќе продолжиме да ги застапуваме и во соработка со Владата сите да бидат згрижени", изјави претседателот на здружението на деца без родители Градиме иднина Илија Јовановски.
На доделувањето имаше и револтирани граѓани, кои ги убедуваа надлежните дека ги имаат сите документи, а повторно не добиле стан. За 102 социјални стана што се изградени во општината Ѓорче Петров аплицираа над 700 лица, а приоритет имаа децата без родители.
"Денес ми е многу тежок ден. Ќе бев најсреќен ако имавме 700 апликанти и 700 станови за доделување", изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Тој најави дека Владата ќе продолжи да гради социјални станови низ државата. Во 2010 година ќе почне изградбата на минимум четири нови објекти во Скопје со околу 200 социјални станови, а во 2011 и 2012 година треба да заврши изградбата на најмалку 15 објекти со вкупно 800 станови ширум Македонија. (Дневник)


ЕКОЛОГИЈА НА МАКЕДОНСКИ НАЧИН

Вардар довлече десет тони еколошки срам!

Повеќе од десет тони пластичен отпад собра браната на ТЕЦ Неготино од реката Вардар. Работници на термоелектраната работеа на монтирање на опремата за вадење на отпадот. Директорот Мите Јовановски очекува дека за неколку дена ќе се отстранат сите пластични шишиња што "допливаа" по Вардар до нивниот објект. Во Неготино повторно дојде министерот за животна средина и просторно планирање Неџати Јакупи за да види како течат подготовките за отстранување на отпадот. (Дневник)


БАЛКАНСКА БЕДА

Албанија е најсиромашна, Македонија е на дното

Со приходи од 3.450 американски долари по глава на жител, Албанците се најсиромашни во Европа и на Балканот. Најбогати, не само во регионот туку и во поблиското опкружување, се Словенците со 24.180 и Хрватите со 13.220 долари по глава на жител. Друштво на Албанија на дното на листата ѝ прават Босна и Херцеговина со 4.080 и Македонија со 4.410 долари. Црна Гора и Србија се на средина на листата со 6.510 односно 5.480 долари по жител. Според ранг-листата на ММФ и на Европската банка за обнова и развој што ја пренесува Економист, Словенецот заработува дури шестпати повеќе од Македонецот, Романецот речиси двојно, а Бугаринот има 2.400 долари повеќе. (ТВ А1)



НАЈНОВ БРОЈ



ВРЕМЕ

МАКЕДОНИЈА

АВСТРАЛИЈА


КАЖЕТЕ ГО ВАШЕТО МИСЛЕЊЕ!

Писма до уредникот

Letter to the Editor