|
|
L A T I N I C A |
|
|
O N L I N E |
  |
|
ФЕЉТОН
ПРОГОНСТВОТО НА МАКЕДОНЦИТЕ ОД ГРЦИЈА (6)
Петровски стана Петридис, Гушевски - Гусидис!
Уште пред потпишувањето на договорот за мир во Париз 1919 година Министерството за внатрешни работи на Грција издало Указ за хеленизирање на Егејскиот дел на Македонија. Со него се наредува елиминирање на сите имиња на селата и на општините "што го трујат и грубат ликот на нашата убава татковина, а даваат повод за неповолни заклучоци за грчката нација кои противничките народи ги употребуваат против нас"
Пишува: Виктор Цветаноски (Утрински весник)
Тодор Христов Симовски вели дека од нејзиното формирање како држава во 1830 година, Грција се нашла во непријатна ситуација поради многуте негрчки, пред сѐ словенски имиња на нејзината територија. Странски научници дури тврделе дека Грците немаат никаква врска со античките Грци и претставуваат сосема друга раса и дека се мешавина на многубројното население што живеело на тие простори. "Покрај многубројната историска фактографија, странските научници се повикуваа на топонимите, кои претставуваа сериозна аргументација за нивните тврдења", пишува Симовски во Населените места во Егејска Македонија, сеопфатно истражување во кое, како што вели академик Ташко Георгиевски, со филигранска прецизност и јасност зборува за географската местоположба на населените места во коишто живееле Македонците и за судбинските пресвртници во текот на временските периоди исполнети со принудни иселувања.
Уште во 1909 година, до кралот Георги Први бил поднесен посебен извештај во кој се нагласувала потребата од итно формирање специјална комисија која треба да подготви план за преименување на населените места и другите топоними кои не се од грчко потекло. За официјална Атина проблемот со имињата станал уште посложен кога по Балканските војни освои нови територии на кои Грците биле во малцинство, а преовладувало македонското и турското население. Во Егејска Македонија топонимите каде што претежно живееле Македонците биле словенски, а таму каде што најмногу имало Турци - турски. "Стануваше сосема јасно дека Грција навлезе, односно присвои територија која ниту етнички, а уште помалку географски и историски и припаѓаше", подвлекува Симовски. Според неговите истражувања, тогаш во Егејска Македонија од вкупното население само 10 отсто биле Грци!
Намерите за промена на топонимите грчката Влада почнала да ги реализира веднаш по Букурешкиот договор со кој Македонија беше поделена меѓу Грција, Србија и Бугарија. Тогаш бил извршен и првиот попис, а упатството како да се менуваат имињата било издадено 1919 година. Меѓутоа, тој процес бил забавен поради Грчко-турската војна од 1919 до 1922 година. Така, до 1925 година биле променети имињата на само 76 населени места. Во септември 1926 година Владата донела нов Указ според кој, на предлог на Комисијата за топонимите на Грција, се дозволувало да се преименуваат "странски или невкусни имиња на селата, градовите и гратчињата". За една година, по издавањето на Указот во Егејскиот дел на Македонија на 945 населби им биле променети имињата.
Симовски пишува дека со донесените укази за преименување на топонимите, грчката власт не ги прецизирала и санкциите за прекршителите кои и натаму ги употребувале старите имиња, па на 13 ноември 1927 година била донесена нова законска наредба со која биле одредени парични казни за сите тие што биле задолжени да ги спроведуваат законите. На сите места морале да бидат истакнати нови табли со новите имиња, а администрацијата на општините не смеела да прими молба, жалба или нешто друго од граѓаните во кои се спомнувало старото име. "Сведок, тужител или друго лице, кое се испитува во судот, а како место на живеење или раѓање го именува старото име на градот или на селото кое е веќе преименувано, според оцената на судијата, може да се казни парично", стои во последниот петти член од наредбата.
Симовски наведува дека при менувањето на имињата комисиите посебно воделе сметка на населените места да им дадат антички имиња. На пример, Постол, родното место на Крсте Петков Мисирков, било преименувано во Пела, а некогашните мали чифлигарски населби Барбеш и Кутлеш во Берска околија го добиле името Вергина.
"Не смее да се заборави и секогаш треба да се има предвид дека ова присилно преименување на населените места, топонимите и микротопонимите беше проследено и со присилно прекрстување и на имињата и презимињата на Македонците. Повеќето од нив се сосема обезличени и не можат да се препознаат, но добар дел од нив добија само грчки суфикси и од коренот може сосема лесно да се препознае дека станува збор за имиња со словенско потекло. Така, Божиновски стана Мпозинис, Петровски - Петридис, Гушевски - Гусидис, Богдановски - Мпогданис, Желков - Залкас...", пишува Симовски. Тој подвлекува дека со преименувањето на топонимите на населените места и менувањето на личните имиња и презимиња на Македонците грчките власти имале за цел да го обезличат посебниот етнички карактер на Македонија и да се покаже дека таа од памтивек била и останува грчка провинција.
Овие сознанија на Симовски ги потврдува и грчката професорка по антропологија, Анастасија Каракасиду, која предава на американски колеџ. Таа го истражувала минатото на малото место Ѓувезна, прекрстено во Асирос, во Солунска околија. Во својата книга Полиња жито ридишта крв таа пишува кога учителот по грчки, "дојденецот" Гаруфалидис предложил името на Ѓувезна да се замени со Асирос, му пренесол на локалното население чувство за место во античката грчка историја кое потсетува на Александар Велики и на грчката цивилизација во Македонија.
"Всушност, општините низ грчка Македонија почнале да претрпуваат промена на имињата во 1920-тите години. Овој тренд станал особено изразен, па дури процедурално спроведуван за време на диктатурата на Метаксас во 1930-тите, кога биле правени заеднички напори да се избришат симболите на Отоманската, словенската или на која и да е друга негрчка култура во регионот. Дури и семејствата морале да ги променат своите имиња. Во Асирос, презимињата со словенски призвук кои биле најбројни во стариот регистар на семејствата во општината Ѓувезна од 1918 година, веќе ги немало во новиот регистар од 1950-тите. Дури и личните имиња на жените, како Велика, Дона биле трансформирани во грчки имиња. Локалните чорбаџии играле активна улога во овој процес. Како кумови на крштавки, токму тие им ги давале имињата на новороденчињата. Како локални раководители, токму тие и давале работа на локалната сиромаштија. Како општински администратори, тие ги спонзорирале националните празници и локалните фестивали, учествувале во црковните ритуали и церемонии и го надгледувале образованието на нивните ученици. На еден мошне конкретен начин, чорбаџиите од Асирос го спонзорирале обредот на воведување на локалните граѓани во грчката национална припадност во Македонија", заклучува Каракасиду, која поради овие свои сознанија од повеќегодишното истражување е прогласена за предавник на грчката кауза и за "агент на Скопје".
(продолжува)

