|
|
L A T I N I C A |
|
|
O N L I N E |
  |
|
КУЛТУРА И ЗАБАВА » Филм
НОВ, ЧЕТВРТИ СПОТ ЗА МАКЕДОНИЈА ОД МАНЧЕВСКИ
Македонски храмови - премиерно на Си-Ен-Ен
Ова е прв спот специјализиран за одреден сегмент на туризмот, во случајот за сакрален туризам (цркви, манастири и џамии). Продолжувајќи ја темата од циклусот Македонија - вечна, прикажано е единството на природата и човекот во сакралните објекти во Македонија
Четвртиот во низата спотови за туристичко рекламирање на Македонија, насловен Македонски храмови деновиве ќе биде премиерно прикажан на Си-Ен-Ен. Сценариото и режијата е на Милчо Манчевски, а продуцент на спотот е Елена Станишева.
Ова е прв спот специјализиран за одреден сегмент на туризмот, во случајот за сакрален туризам (цркви, манастири и џамии). Продолжувајќи ја темата од циклусот Македонија - вечна, прикажано е единството на природата и човекот во сакралните објекти во Македонија. Вечното течение на времето е преточено во магична промена на светлото, боите и сенките од страна на директорот на фотографија Мишо Ристов. Во контрапункт, ноќните сцени се случуваат во хипер-урбана средина. Како дел од циклусот, повторно е употребена современа обработка на народната песна "Учи ме, мајко, карај ме" во аранжман на Кирил Џајковски. Спотот е сниман речиси два месеца и тоа на локации во Зрзе, Варош, Матка, Вељуса, Велес, Мустафа-Пашина Џамија и ГТЦ во Скопје. Во спотот е употребен метод и технологија кои се користат за снимање научно-популарни документарци и вложени се стотици часови снимање, а снименото потоа трпеливо е обработувано со најсовремени специјални ефекти.
Инаку, ова е четврти спот во циклусот Македонија - вечна. Премиерниот го режираше Милчо Манчевски, вториот во серијата е на Игор Иванов - Изи, а третиот на Ѓорче Ставревски. Првиот спот на Манчевски, пак, освои прва награда на Меѓународниот фестивал за туристички филмови и спотови во Полска каде предизвика огромен меѓународен интерес, а има и над половина милион посети на интернет линковите.
Почнува снимањето на омнибусот "Д Скопје"
Почна снимањето на филмот "Д Скопје", темелно подготвуван за сложениот процес на омнибус посветен на градот Скопје. Означувањето на првата клапа се одржа во градската библиотека "Браќа Миладиновци". Проектот ги носи карактеристиките на целовечерен филм, подготвуван од девет македонски филмски автори и нивните екипи.
Омнибус-филмот "Д Скопје" е игран филм составен од повеќе љубовни приказни сместени во Скопје, преку кои треба да се прикажат убавите и модерните страни на градот, а кои ќе ги режираат: Борјан Зафировски, Синиша Ефтимов, Огнен Димитровски, Вардан Тозија, Јане Алтипармаков, Ѓорче Ставрески, Даријан Пејоски, Саша Станишиќ и Срѓан Јаникиевиќ. Драматург е Огнен Георгиевски.
Како што велат авторите, филмот се занимава со градот што сите го сакаме и кој е наш дом, на чии маани сме се навикнале, а со чии доблести се гордееме. Се занимава со љубовта, емоцијата што како сите да ја заборавија, а која за среќа се уште ја врти оваа наша мала планета. Идејата за овој проект се роди од револтот на група филмски автори кон трендот во македонската кинематографија да се продуцираат само филмови што се занимаваат со тешки, неразбирливи, рурални, интровертни, негативни теми, полни со несреќа, нихилизам, војни, зло, кои кај публиката предизвикаа одбивност кон македонскиот филм.
"Секој од филмовите ќе обработува посебна љубовна тема или нејзин аспект. Преку филмот ќе биде промовирана македонската уметност на неколку различни нивоа и начини. Еден од поважните елементи е музиката и музичката сцена, која во последно време е во подем и која ќе биде нераздвоен дел од овие филмови. Македонските сликари, скулптори и мултимедијални уметници ќе имаат можност да бидат дел од овој филм и да учествуваат во него, презентирајќи ги своите дела на еден индиректен начин. Иако филмот ќе биде составен од повеќе различни приказни, сепак тие ќе се испреплетуваат на повеќе нивоа, создавајќи една кохерентна филмска структура", вели Борјан Зафировски, продуцентот на "Д Скопје", воедно и еден од режисерите и креаторите на проектот.

