L A T I N I C A

 

O N L I N E

 

ЗАЕДНИЦА » Добротворна работа

Корисни информации за системот на здравствена заштита во Австралија MEDICARE

Австралискиот национален систем за здравствена нега се смета за еден од најправедните и најдобрите на светот. Клучен дел од обезбедувањето на здравствена нега за сите лица што ги исполнуваат условите во Австралија е Medicare. Затоа е неопходно секој од нас да има информации за да може да ги користи во потполност сите услуги и бенефиции на системот, но исто така, да ги дознае и своите обврски кон истиот.
Македонското Австралиско добротворно друштво од Сиднеј инк, (Macedonian Australian Welfare Association of Sydney Inc. – MAWA) подготви соодветни информации системот на здравствена заштита - Medicare и бидејќи е во прашање областа која е од витален интерес за секој поединец и семејство, а и поради обемноста на материјалот пренесуваме само дел од подготвените информации. Во наредните броеви, ќе биде објавен и вториот дел.

Што обезбедува Medicare?

Medicare обезбедува сестран пристап до бесплатна државна болничка нега и помош со трошоците за лекар. Тој исто така помага и со трошоците за повеќето лекови што ги препишуваат лекарите преку "Шемата за фармацевтски бенефиции".
Исто така, Medicare обезбедува сите Австралијани да имаат пристап до бесплатна или ефтина медицинска, оптичарска и болничка нега, а при тоа тие може да обезбедат и приватни здравствени услуги.
Потребно е да се истакне дека преку Medicare може да се обезбеди пристап до:

» бесплатно лекување како државен ( Medicare) пациент во државна болница

» бесплатно лекување или попуст од медицински работници како што се:
лекари, вклучувајќи и специјалисти, оптичари и заболекари што учествуваат во системот (само за одредени услуги).

Што се однесува до начинот на финансирањето, австралискиот државен болнички систем заеднички го финансираат австралиската Влада и владите на државите и териториите. Со него управуваат одделите за здравство на државите и териториите.
Со запишувањата во Medicare и со исплатите на медицинските бенефиции управува комисијата за здравствено осигурување преку својата мрежа од канцеларии на Medicare и преку други служби за информирање и за поднесување барања.
Придонесот на секој поединец, односно, вашиот придонес кон здравствениот систем се заснова на вашиот приход, а се дава преку даноци и преку придонесот што се плаќа за Medicare ( Medicare levy). Меѓутоа, за да може да се користи Medicare, потребно е да се исполнуваат одредени услови, или договори.

Договори за взаемна здравствена нега

Бенефициите од Medicare не можат да ги добијат лицата што ја посетуваат Австралија или лицата што се лекуваат во странство. Меѓутоа, австралиската влада има потпишано договори за взаемна здравствена нега со Нов Зеланд, Велика Британија, Република Ирска, Шведска, Холандија, Финска, Италија, Малта и Норвешка. Со овие договори се опфатени сите лекувања кои се неопходни да се извршат додека се во Австралија. За сите поединости во врска со вашите права според овие договори, можете да ја посетете интернет страната www.medicareaustralia.gov.au, или канцеларија на Medicare, или да телефонирате во Medicare.

Повеќе за Medicare и бенефициите

Постојат неколку важни работи, што треба да ги знае секој од нас при користењето на Medicare картичка, како на пример:

» 1. Секогаш уништете ја вашата стара Medicare картичка кога ќе добиете нова.

» 2. Запомнете дека треба секогаш да ја носите вашата Medicare картичка со себе (и вашата картичка за попусти, ако имате таква) кога одите на лекар, во болница или кога треба да подигнете лекови на рецепт од аптека.

» 3. Известете го Medicare ако ја промените адресата за да можете да ги добивате новите Medicare картички и други важни информации.

» 4. Кога одите на специјалист, погрижете се прво да добиете упат од општ лекар и понесете го упатот со себе.

Шема за фармацевтски бенефиции (Pharmaceutical Benefits Scheme – PBS):

За да можете да ги користите фармавцевтски бенефиции треба да ги почитуваат одредени правила, како на пример:

» Секогаш дајте ја вашата Medicare картичка или поединостите од таа картичка кога подигате лекови од Шемата за фармавцевтски бенефиции.

» Секогаш покажете ја вашата картичка за попусти, ако имате.

» Замолете го вашиот аптекар да ви даде формулар за запишување на лековите и водете список на трошоците за вас и вашето семејство според Заштитната мрежа на Шемата за фармацевтски бенефиции - вашиот аптекар можеби може да води список место вас, па затоа не заборавајте да го замолите да го стори тоа.

» Погрижете се да им кажете на лекарот и на аптекарот за сите лекови што ги земате, вклучувајќи ги и лековите што се издаваат без рецепт и билните лекови, зашто тие може заемно да дејствуваат и да предизвикаат проблеми.

» Дознајте колку што можете повеќе од лекарот и аптекарот за сите лекови што ги земате.

» Прашајте го вашиот лекар или аптекар дали постои поефтин лек од оној што е препишан.

» Запомнете дека лековите што се препишуваат на рецепт може да ги користи само лицето на кое му се препишани и само за оние намени за кои биле препишани.

» Противзаконски е да се даваат, праќаат или продаваат лекови земени на рецепт на друго лице во Австралија или во странство. Исто така постои и вистинска опасност за здравјето ако луѓето земаат лекови што не биле наменети за нив.

» Опасно е да чувате големи количества лекови дома - лековите обично имаат рок на траење и постои опасност од случајно труење или земање преголема доза.

» Исто така, постои ограничување во врска со количината на лекот - колку често можете да го добиете истиот лек.

За австралиски државјани што се враќаат од странство

Ако сте австралиски државјанин што се враќа после престојот во странство подолг од пет години и сакате да ги користите услугите на Medicare, ќе треба да обезбедите:

» Доказ за вашето австралиско државјанство

» Документи за да го докажете вашето жителство во Австралија или дека сте ги прекинале врските со вашата претходна земја на престој, а во некои случаи и двете работи.

Што покрива Medicare?

Бенефициите што можете да ги добиете од Medicare се засноваат на ценовник на трошоци што го утврдува австралиската Влада. Лекарите може да решат да наплаќаат повеќе од износот што е внесен во ценовникот.

Вонболнички услуги

Medicare дава бенефиции за:

» Трошоци за прегледи кај лекари и специјалисти

» Проверки и испитувања од лекари што се потребни за лекување на болести, вклучувајќи и рентгенски снимки и лабораториски проверки

» Проверки на очите што ги вршат оптичари

» Повеќе хирушки и други постапки за лекување што ги вршат лекари

» Некои хирушки постапки што ги вршат одобрени заболекари

» Назначајни зафати според шемата за расцепено непце, усна и забен венец

Вие можете да го одберете лекарот што ќе ве лекува за услугите што се пружаат вонболнички. Но, за да појдете кај специјалист, прво треба да добиете упат од лекар од општа пракса (општ лекар). Ако немате важечки упат, може да не добиете бенефиции од Medicare или може да добиете помал износ. Доколку сакате да го посетите оптичар, можете да се прегледате без упат - не ви треба упат за преглед кај оптичар.
Medicare обично плаќа 85% од цените за вонболничките услуги наведени во списокот на услуги што ги плаќа Medicare.

Болнички услуги

Во Австралија има болници што ги финансираат државните органи, а кои се познати како државни болници. Исто така има и приватни болници, некои од нив работат за пари и добивка, а други не работат за добивка.

Државен пациент

Ако одберете да бидете примени како државен ( Medicare) пациент во државна болница, ќе ве лекуваат лекари и специјалисти што ќе ги назначи болницата. Нема да ви се наплати за негата, лекувањето или натамошна нега што ќе ја добиете од лекарот што ве лекува.

Приватен пациент

Ако сте приватен пациент во државна или приватна болница, ќе може да го изберете лекарот што ќе ве лекува. Medicare ќе плати 75% од списокот на цени на Medicare за услугите и постапките што ги пружаат лекарите што ве лекувале. Ако имате приватно здравствено осигурување, тоа може да ја покрие разликата делумно или целосно.
Како приватен пациент, ќе ви се наплати за сместување во болница, за болничката нега и за работи како што се трошоците за операциона сала и за лекови. Исто така може да ви се наплати и за услугите од здруженото здравство, како што е физиотерапијата. Правилното здравствено осигурување може да ви помогне да ги покриете тие трошоци.
Од информациите во наредното издание ќе дознаеме повеќе за тоа што не покрива Medicare, како и за приватно здравствено осигурување и начините на плаќање.

Од Управата на MAWA



НАЈНОВ БРОЈ



ВРЕМЕ

МАКЕДОНИЈА

АВСТРАЛИЈА


КАЖЕТЕ ГО ВАШЕТО МИСЛЕЊЕ!

Писма до уредникот

Letter to the Editor