|
|
L A T I N I C A |
|
|
O N L I N E |
  |
|
ЗАЕДНИЦА » Настани

СОБОРНИОТ ХРАМ "РАЃАЊЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА" ИЗНИКНУВА ВО РЕМЕК ДЕЛО
Најголема заслуга имаат верниците и помагателите
Македонците во Викторија имаат зошто да се гордеат со црковните храмови и манастири. Во Мелбурн се наоѓаат едни од најубавите и најраскошните македонски православни религиозни објекти во Австралија. Во населбата Сиднам, се наоѓа Соборниот храм на македонската православна црква - Епархија за Австралија и Нов Зеланд "Раѓање на Пресвета Богородица". Убавината и раскошноста на го зема здивот на секој посетител. Овој, наш, македонски бисер, се гради веќе неколку години, а според планот, градежните работи треба да завршат некаде до крајот на годинава или почетокот на идната година.
Иконостасот кој е направен од мермер треба да пристигне од Македонија. Тоа ќе биде првиот мермерен иконостас во Австралија. Соборната црква "Раѓање на Пресвета Богородица" ќе има пет купули, а по својот обем се претпоставува дека ќе биде и еден од најголемите земјава.
"Најголемата заслуга за досега постигнатото ја имаат нашите Македонци, обични луѓе, бизнисмени, кои работат доброволно и за тоа ќе бидат благословени од Бога" вели отец Мирко Пешовски.
Сепак, помош за доизградба на црквата сеуште е потребна. Сите оние кои имаат желба да помогнат, со сретства или работа, можат да се обратат до одборот на Соборната црква "Раѓање на Пресвета Богородица" или кај отец Пашовски.
Стефан Ѓорѓиевски


МУЛТИКУЛТУРНА СРЕДБА НА СЕНИОРИТЕ ВО ПРЕСТОН
Богато дружење со звуците на Волсинг Матилда, македонско оро и Таи Чи...
Во Престон, минатиот четврток, се одржа мултикултурна средба на Македонската група за социјална поткрепа од Спектрум центарот за доселеници и Универзитетот на трета доба од Даребин (U3A - University of the Third Age).
Македонската група за повозрасни од Спектрум - Центар за доселеници, која постои 10-тина години, беше организатор на мултикултурната средба со сонародниците од Универзитетот на трето доба од Даребин. Домаќините на највисоко ниво си ја одиграа својата улога, при што гостите - претежно Австралијани од англо-саксонско потекло беа воодоошевени од пречекот и од атмосферата.
Најпрво, според старата македонска традиција на влезот гостите беа пречекани со леб и сол и им беше објаснето значењето на оваа традиција. Тие имаа можност да разгледаат изложба на слики од Македонија, да слушнат дел од животните приказни на Македонците, македонски народни песни, да видат домашни ракотворби вклучувајќи и тоа како се преде со фурка и вретено. Домаќините ги учеа гостите да играат македонски народни ора, додека за возврат Македонците вежбаа Таи Чи и пееја Волсинг Матилда.
Но, најдобро од сѐ беше богатата трпеза приготвена од неколку вредни домаќинки и тоа: македонски леб, кифли, мазници, крофни, питулици, торти, салати, прилепски ајвар и битолско сирење.
Македонската група за возврат доби покана да направи посета на организацијата "Универзитет на трето доба" и да се запознае со нивните активности.
Средбата беше можност уште еднаш да се претстави барем еден мал дел од нашата култура на пошироката австралиска заедница. А за богатото дружење придонесоа сите членови на групата, персоналот и доброволците на двете култури.
Јагода Здравеска Котеска

УШТЕ ЕДНА НЕЗАБОРАВНА ВЕЧЕР НА СКОПЈАНИ
Одлична организација и голема посетеност за скопскиот бал
Македонското скопско друштво - Скопје од Мелбурн во саботата вечерта го одржа традиционалниот скопски бал во Мелроуз Ресепшион.
Покрај извонредната услуга од тимот на Мелроуз Ресепшион и извонредната забава од составот "Урнебес", посебен придонес дадоа гостите кои не се штедеа да ја разубават вечерта.
Почесни гости на вечерта беа генералниот конзулот на Република Македонија во Мелбурн г-дин Саво Сибиновски и вице конзулот г-дин Гоце Пејовски со сопругата.
МКСД Скопје од Мелбурн им се заблагодарува на сите спонзори кои ја подржаа оваа вечер, особено на нашиот традиционален, главен спонзор Австралиско Македонски Неделник.
Весело, убаво, одлично организирано, како и секогаш кога станува збор за скопскиот бал во Мелбурн. Тоа беше уште една незаборавна вечер која гостите долго ќе ја паметат.

Весела и разиграна средба на КУД "Вардар" и КУД "Македонка"
КУД Вардар - од Бенкстаун на 20-ти јуни беше домаќин на гостувањето на КУД "Македонка" од Кабрамата. На заедничката вечер за која владееше голем интерес во присуство на 200 гости, обожаватели на фолклорот, се претставија сите групи со убави македонски ора и сплетови. За богатата фолклорна дружба на овие две друштва заслужен беше и оркестарот на Љупчо Настевски.
Челниците на двете фоклорни дружини разменија благодарници за успешната соработка со надеж дека ваквите средби ќе прераснат во традиционални на задоволство на сите.



СРЕДБА НА ИГРАОРНИТЕ ДРУШТВА "СТИВ НАУМОВ" И "МАКЕДОНИЈА"
Богата фолклорна програма во Њукастел
Заедничка средба на КУД "Стив Наумов" од Њукастел и КУД "Македонија" од Волонгонг се одржа во саботата во македонската сала во Њукастел. На вечерта присуствуваа околу 400 гости од кои скоро половината беа млади играорци . Средбата беше збогатена со лотарија и неколку подароци од фудбалските клубови "Меџик" и "Џетс", при што се лициташе за две топки со потписи на играчите од Меџик и Џетс, а едната со потпис на популарниот фудбалер Бен Кантаровски.
Играорците од двете друштва се преставија со богата програма за што беа наградени со силни аплаузи од гостите во салата.
Двете топки за кои се лицитираше со почетна цена од $400, крајната вредност им достигна $1400, му припаднаа на Ацко Ѓорчевски. Сретствата ќе бидат наменети за поддршка на играорното друштво од Њукастел.
Во организацијата се вклучија и родителите на децата играорци кои подарија вредни награди. Покрај тоа свој придонес со приготвените гурмански специјалитети, дадоа и членовите на женската секција.
Пеце Вртковски

Ребека - среќен роденден!
Минатата недела во ресторанот "3073" во сопственост на Зоран Трајчевски во населбата Резерво, имавме ретка можност да уживаме во несекојдневен амбиент. Убавата и весела македонска музика за која се погрижи Васко Николовски и извонредниот маестро на виолина Хусо не ги остави гостите да мируваат. Секој петок и сабота Македонците во Мелбурн во ресторанот "3073" можат да уживаат во добра скара, македонско тиквешко, скопско и прилепско пиво. Покрај тоа ресторанот стои на располагање и за организирање на разни домашни прослави.
Во ресторанот "3073" бизнисменот Боби Ангелковски со неговото семејство го прослави 13-тиот роденденот на ќерката Ребека. Секако највесел беше кумот Роберт Ургиновски, кој заедно со своето и семејството на Ангелковски, го одбележа роденденот на крштеничката во неповторливиот амбиент кај газда Зоки.
Стефан Ѓорѓиевски

