L A T I N I C A

 

O N L I N E

 

БАЛКАН

СЛОВЕНИЈА

Експремиерот Јанша е под истрага

Поранешниот словенечки премиер и лидер на опозицијата Јанез Јанша бил повикан на полициско сослушување поради сомнеж дека извршил кривично дело - издавање тајни податоци. Јанша е осомничен дека на телевизиска емисија обелоденил тајни документи од затворен состанок на парламентарните партии за решавање на спорот со Хрватска.
Полицијата засега не објавува кои документи се спорни, но локалните медиуми објавуваат дека се работи за извештај од средба на парламентарните партии во август 2007 година. На интернет-сајтот на неговата Словенечка демократска странка пишува дека тој е повикан на 2 јули да се јави во полициската станица во Љубљана. Во коментарот на СДС се наведува дека повикот е шокантен и сличен на обвинувањата од пред 21 година, зашто полицијата го повикува Јанша на сослушување со закана дека ќе биде приведен ако не се јави.
Во 1988 година Јанша беше уапсен и осуден во тогашниот Воен суд на СФРЈ поради поседување тајни воени документи и беше рехабилитиран по политичките промени во Словенија.


СЛОВЕНИЈА

"Избришаните" бараат отштета од 425 милиони евра!

Стотици "избришани странци" најавиле дека ќе ја тужат Словенија. Тие имаат нов доказ, документ од 27 февруари 1992 година, со кој се издава наредба да им се одземат личните документи на странците во Словенија. Тие поднеле тужба до Уставниот суд во која бараат против членовите на Владата од 1992 година да се поведе постапка поради кршење на човековите права. Тие преку ноќ станале обесправени странци во државата, во која повеќето од нив живееле со години и децении. Тие побаруваат отштета за загубениот имот, сите плати, социјални права без кои останале откако биле избришани од регистарот на граѓани и им биле одземени личните документи. Според некои проценки Словенија тоа ќе ја чини 425 милиони евра. Претседателот на здружението Избришани Ристан Ристановиќ рекол дека до крајот на година тужби против државата ќе поднесат околу 700 лица. Тој додал во Словеија имало "избришани" 25.276 граѓани.


ОДЛУКА НА БОСАНСКИОТ СУД

Главаш останува во Босна

Судот во Босна и Херцеговина одби да го екстрадира хрватскиот пратеник Бранимир Главаш, кој во Загреб е осуден на 10 години затвор поради воени злосторства врз Србите. По пресудата Главаш пребега во Босна, а има и босанско државјанство. "Судот реши дека кривичниот кодекс на БиХ нема можност за екстрадиција на граѓанин на БиХ и дека земјата нема таква обврска според меѓународните закони", се вели во образложението на Судот. Поранешниот хрватски генерал Главаш на 8 мај беше осуден од Жупанискиот суд во Загреб на затвор во траење од 10 години поради убиства на српски цивили во Осиек во 1991 и во 1992 година. Таканаречената Осиечка група ги обвини Главаш и неговите соработници за убиство на најмалку десет српски цивили на брегот на реката Драва, за затворање и мачење на уште пет други и за убиство на двајца Срби во седиштето на Секретаријатот за народна одбрана во Осиек, кој на почетокот на 90-тите години на минатиот век го раководеше Главаш.


БиХ ќе банкротира до крајот на годинава?

"Босна и Херцеговина се соочува со финансиски колапс и ќе банкнотира до крајот на годинава", изјавила директорката на Светската банка за југоисточна Европа Џејн Ермитаџ. "Вие не можете да си дозволите ваков систем. Политичарите и јавноста мораат да ја сфатат реалноста, дека немате доволно средства за да ги платите сметките. Меѓународниот монетарен фонд ви нуди многу поевтини пари, кои ви се потребни. Не за да го покриете целиот минус, туку за да го намалите", рекла Ермитаџ. Според нејзините зборови, стенд бај аранжманот со значајна подршка од другите меѓународни организации, вклучувајќи ја и Светска банка, би можел да го покрие дефицитот во БиХ и така да го спречи економскиот колапс.


Направил 5.000 хрватски пасоши!

Владо Говорушиќ, државјанин на Босна и Херцеговина, за 200 евра "издавал" хрватски пасоши и лични карти, со што заработил околу 2,5 милиони евра. Документите ги изработувал во сопствената печатница во едно предградие на Рим, употребувајќи најнови електронски и информатички машини. "Дозвола за престој не е потребна при преминување на италијанско-хрватската граница, така што секој со лична карта може да влезе", изјавил полицаецот Марио Белфиоре. Говорушиќ досега "издал" 5.000 пасоши и 10.000 лични документи, а полицијата кај него нашла печати со хрватскиот грб на вински тапи.


ЕУ го одложи следниот круг преговори за прием на Хрватска

"Европската унија го одложи следниот круг преговори за влегување на Хрватска, поради неуспехот на преговорите за решавање на граничниот спор меѓу Загреб и Љубљана", изјави претставник на чешкото претседателство на Унијата. Чешкото претседателство жали поради тоа што, независно од од решителните напори и повеќето обиди на претседателаството и на Европската комисија, немало напредок во преговорите за присоединување.


Кршеле епрувети со крв што била заразена со сида

Непознати крадци кои провалиле во Заводот за јавно здравје Тимок во Заечар се наоѓаат во животна опасност зашто искршиле епрувети во кои имало примероци од крв за тестирање на вирусот ХИВ и на хепатитис А и хепатитис Б. Поради големената веројатност дека се заразиле, директорот на Заводот Љубиша Ѓорѓевиќ упати апел до провалниците итно да се јават на лекар на преглед. "Злосторниците треба да бидат свесни дека се изложени на заразни болести и дека тоа е многу опасно за нив, а и за нивната најблиска околина", вели Ѓорѓевиќ.
Во лабораторијата имало над 50 примероци крв на пациенти. Во зградата на Заводот крадците влегле низ гаражата и провалиле во лабораторијата и во амбулантата. Иако во тие простори имало вредни предмети, ништо не било однесено. Доктор Ѓорѓевиќ претпоставува дека крадците биле наркомани кои барале метадон или замена за наркотици и дека епруветите биле случајно уништени.


Ромите во Косово живеат во отровни кампови

Организацијата за заштита на човековите права Хјуман рајтс воч ги повика косовските власти веднаш да ги затворат камповите во кои живеат околу 670 Роми кои се затруени со олово. ХРВ наведува дека поради труење со металот неопходно е на тие луѓе да им се обезбеди лекување, зашто живеат околу рудниците за тешки метали Трепча. "За загрозената ромска популација прво треба да се обезбеди привремено сместување на други локации, а потоа и трајно станбено решение и здравствена нега, образование и вработување", се истакнува во извештајот на ХРВ. Оловото е особено штетно за децата и може да предизвика трајно оштетување на мозокот. Ромската населба во Косовска Митровица беше нападната во јуни 1999 година од Албанците, кога 8.000 луѓе ги напуштија домовите, а ООН ги смести во регионот околу Трепча затоа што албанското население не ги сакаше во своја близина.


СРБИЈА-БУГАРИЈА

Јеремиќ: Срамно ослободување на Чеку!

"Ослободувањето на поранешниот косовски премиер Агим Чеку е тежок удар за меѓународното право", тврди српскиот шеф на дипломатијата Вук Јеремиќ. Тој потенцира дека одлуката на бугарските власти предизвикала големо разочарување во Србија и им нанела штета на пријателството и односите меѓу двете земји. "Такво нешто да се случеше кај нас, ние ќе имавме причина да се срамиме", изјави Јеремиќ.
Бугарските власти досега официјално не ја информирале Србија за одлуката дека Чеку не може да ја напушта Бугарија до 2 јули, до кога официјален Белград може да поднесе жалба, а според медиумите тоа е малку веројатно, со оглед на фактот дека претседателот на локалното обвинителство на Ќустендил Камен Пешев не побарал мерка притвор. Бугарската полиција го упаси Чеку, кого Србија го бара со меѓународна потерница, на бугарско-македонската граница, врз основа на потерница што ја има издадено Интерпол.
Србија побара негова екстрадиција за извршени злосторства врз српски цивили за време на конфликтот во Косово. Поради политички притисок од САД, Франција и од Велика Британија врз бугарската влада, властите во Софија сепак не го екстрадираа, иако поранешниот командант на ОВК и експремиер на Косово е обвинет за геноцид во 1999 година врз неалбанско население во тогашната покраина. "Политиката и дипломатијата не смеат да влијаат врз меѓународното право, особено затоа што Чеку е обвинет за најтешки воени злосторства", изјави српската министерка за правда Снежана Маловиќ. Чеку отпатува во Софија на покана на поранешниот бугарски министер за надворешни работи Соломон Паси, со кого требаше да разговара за приемот на земјата во НАТО.


Закана со самоубиствени напади во Грција!

Грчката терористичка организација Секта на револуционерите се закани со самоубиствени напади во земјата. Толкувајќи ги декларациите на организацијата, грчките експерти предупредуваат дека сектата се разликува од другите слични организации во земјата и има елементи на екстремистичко исламистичко насилство. Таа ја презеде одговорноста за неодамнешното убиство на грчкиот полицаец и предупреди дека е подготвена да убива со цел да избегне апсења. "Тие зборуваат за самоубиствени напади - нешто што никогаш не се случувало во Грција", пренесува весникот Та неа.


ТУРЦИЈА

Еврен: Ќе се самоубијам

Поранешниот турски претседател Кенан Еврен, кој го предводеше воениот преврат во 1980 година, изјави дека ќе се самоубие ако со промените во Уставот биде изведен пред суд. "Да се праша народот, да организираат референдум. Ако турскиот народ сака таков процес, јас нема да можам да живеам со тој срам, им ветувам на сите дека ќе се самоубијам", изјави генерал Еврен за весникот Хуриет. Изјавата на Еврен (92) доаѓа откако претставници на владеачката Партија на правдата и на развојот и на главната опозициона Народнорепубликанската партија се сретнаа во средата за да разгледаат промена во Уставот, со кој се забранува судско гонење на раководителите на воен удар. Уставот што е сега на сила во Турција е изработен под влијание на армијата и е прифатен во 1982 година (по воениот удар во 1980 година), и со него се ограничува слободата на изразување, работата на синдикатите, а овозможува и затворање на политички партии, а се дозволува големо влијание и мешање на армијата во националната политика.


Ердоган ја критикува ЕУ

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган изјави дека европското непријателство против стремежот на Анкара кон членството предизвикало "сериозна ерозија" во ентузијазмот на Турција за процесот на присоединување. "Напорот на Турција за реформи е сосем намален. Но, определени кругови во ЕУ сериозно ја подготвија почвата за ерозија во општествениот ентузијазам и консензус за присоединување кон Унијата" рече Ердоган. Тој истакна дека ниту една држава нема да има корист ако членството на Турција стане проблем на внатрешен план. "Тој чекор негативно ќе се одрази врз односите меѓу ЕУ и Турција на среднорочен и долгорочен план", истакна тој.


АЛБАНИЈА

Шеикот Ал Кади си ги бара кулите-близначки

Шеикот Јасин Ал Кади од Саудиска Арабија поднесе барање до судот во Тирана за враќање на имотот во Албанија, кој пред седум години му беше блокиран по наредба на Министерството за финансии. Имотот на Ал Кади му беше одземен затоа што се наоѓал на списокот на финансиери на терористичката организација Ал Каида. Според весникот Шекули, се работи за повеќемилионски недвижен имот, во кој се вклучени и двете највисоки станбени згради во Тирана наречени кули-близначки, и банкарски сметки со 2,4 милиони евра. Ал Кади е прв државјанин на арапските земји кој во Албанија отворил градежна компанија, а во 2003 година добил и албанско државјанство. Албанските власти демантираа дека во земјата има ќелии на Ал Каида, сѐ додека во 2001 година тогашниот премиер Илир Мета јавно не призна, при што од земјата беа протерани педесетина државјани на арапските земји, кои престојувале како претставници на хуманитарни, добротворни и верски организации.


Над 250.000 Албанци немаат лична карта

Поради непоседување лична карта, на минатонеделните избори правото на глас не го остварија 256.794 албански граѓани, соопшти албанското МВР. Според полицискиот портпарол, завршила обработката на сите податоци за граѓаните кои аплицирале за електронски лични карти и за тие кои поседуваат патна исправа, со што точно се знае кој поседува валиден документ за идентификација со кој се остварува правото на глас.


Новиот грип се шири низ Балканот

Во последниот извештај на Светската здравствена организација од државите на Балканскиот Полуостров заразени со новиот вирус има најмногу во Грција, каде што се регистрирани 73 случаи. На второ место е Романија со 19 заразени, а следуват Унгарија со 8, Бугарија со 7, Словенија со 3, Србија со 2 и Црна Гора со 1 случај на заболен од новиот грип.
Инаку, во светот со новиот грип од типот А (Х1Н1) сед заразени вкупно 59.914 лица во 113 земји. Во извештајот се вели дека досега од тоа заболување починале 263 лица. Најмногу заболени од новиот грип има во САД, каде што се регистрирани вкупно 21.449 лица, а како последица од болеста починале 87 лица.


Бил Гејтс во Скрадин!

Еден од најбогатите луѓе на светот и основачот на Мајкрософт Бил Гејтс заедно со семејството повторно е гостин во древното гратче Скрадин, во состав на Националниот парк Крка во Хрватска. Тој со сопругата и нивните три деца прво со сплав го обиколил националниот парк, а потоа се прошетале низ Скрадин, разгледувајќи ги знаменитостите. Оттаму отишле до Прукљанско Езеро, каде што ги чекала изнајмена луксузна јахта. Домаќините останале зачудени зошто милијардерот не останал на ручек во нивниот град кој е надалеку познат по ресторани со извонредна морска храна, а реагирале и поради наводното сознание на еден од сограѓаните дека Гејтс потрошил само неколку куни за ситни сувенирчиња и брошура за водопадите на Крка.



НАЈНОВ БРОЈ



ВРЕМЕ

МАКЕДОНИЈА

АВСТРАЛИЈА


КАЖЕТЕ ГО ВАШЕТО МИСЛЕЊЕ!

Писма до уредникот

Letter to the Editor