L A T I N I C A

 

O N L I N E

 

АВСТРАЛИЈА

ЛЕКАРИТЕ ПОВИКУВААТ НА ПОГОЛЕМИ МЕРКИ НА ПРЕТПАЗЛИВОСТ СО СВИНСКИОТ ГРИП

Две деца на интензивна нега, потврдена петтата жртва

Потврдена е петтата жртва која се поврзува со смртоносниот грип. Жената која имала претходни здравствени проблеми починала во болницата Ројал во Перт и за Западна Австралија тоа е втора жртва дијагностицирана со свинскиот грип.
Смртоносниот вирус брзо се шири во Нов Јужен Велс каде петгодишно девојче и деветгодишно момче, се на интензивна нега заради свинскиот грип. Децата се меѓу 4-те заболени пациенти од свински грип кои се наоѓаат во изолација во Нов Јужен Велс. Девојчето немало претходни медицински ризични фактори за добивање на тешка форма од вирусот, додека момчето има историја на астма. Се работи за вид на вирусот Х1Н1 инфлуенца 09 кој може да биде многу поопасен во некои случаеви.
Досега над 3.500 луѓе во Австралија се дијагностицирани со потенцијалниот смртоносен вирус, додека во НЈВ се потврдени над 750 случаи. Иако досега во НЈВ свинскиот грип немаше некој голем замав во ширењето на болеста, надлежните потсетуваат на преземање мерки на претпазливост до граѓаните. Посебно ваквите мерки се однесуваат на поранливите категории граѓани како што се бремените жени, луѓето со претходни здравствени проблеми: дијабетис, респираторни, срцеви и бубрежни болни, прекумерна тежина, намален имунитет.
Симптомите на свинскиот грип или инфлуенца А (Х1Н1) се слични со оние на сезонскиот грип и вклучуваат треска, кашлица, главоболка, костоболки, болки во грлото, и течење од носот. Само лекар може да ја потврди инфекцијата.
Свинскиот грип може да се пренесе со кивање и кашлање. Ризикот од инфекција може да биде намален ако се избегнува контакт со луѓето кои имаат симптоми на грип и со редовна хигиена на рацете со сапун и вода.


ЕКОНОМСКИТЕ ЕКСПЕРТИ: КОЛАПСОТ НА ПАЗАРОТ НА АКЦИИ ПРЕСУДЕН

Кризата однесе 36 отсто од богатството на Австралијаните!

Домаќинствата во Австралија изгубија 36 отсто од нивното финансиско богатство од почетокот на кризата до сега. Според Бирото за статистика на крајот од март домаќинствата поседувале $787 билиони на крајот од март, додека во септември 2007 година пред почетокот на кризата тоа изнесувало $ 1,246 билиони. Вкупниот имот бирото го пресметува според вкупната готовина (кеш), банковите депозити, бондови и акции. Најмногу се забележува пад во имотот на superannuation и недвижнини, како што се поседување на земјиште или куќи.
Финансиското богатство по домаќинство се намалило од $159,000 на $98,000 што претставува најниско ниво за три години. По лице, тоа изнесува пад од $58,900 на $36,200.
Економските експерти ваквиот пад и влијанието на кризата врз џебот на граѓаните го објаснуваат со колапсот на пазарот на акции, зашто Австралијаните, сметаат тие, се во тесна врска со акциите повеќе, од било кои други граѓани во останатите земји.


Цената на водата за пиење ќе се зголеми за 64%

Викторија ќе продолжи да користи билиони литри квалитетна вода за пиење за потребите на електраните, зашто рециклираната вода е прескапа, велат викториските владини претставници.
Пренаменувањето на рециклирана вода во реката Јара исто така нема да се случи, затоа што тоа ќе биде премногу за сметките на домаќинствата. Наместо тоа, ќе се инвестира во локални проекти за рециклирање кои што ќе користат 40 билиони литри вода и ќе чинат околу $40 милиони во наредните 30 години. Покрај тоа останува во игра постројката за десалинација во Вонтаги која се планира да чини околу $3,1 билиони.
Но, заради државните вложувања во проектите за вода, домаќинствата ќе се соочат со зголемување на сметките во наредните 4 години и до 64 отсто. Зголемувањето на цената е одобрено деновиве од Комисијата за основни потреби. Според предвидувањата просечното домаќинство во Мелбурн ќе плаќа и до $900 годинишно за потрошена вода до 2012 година, зашто од оваа недела сметките ќе пораснат од $90 до $687 во наредните четири години.


Еден од петмина - жртва на расистички предрасуди

Австралијаните се двоумат кога се работи за мултикултурализмот. Истражување кои е направено за период од 11 години во соработка со австралиските универзитети укажува дека 85 отсто од Австралијаните мислат дека постојат расни предрасуди во нацијата и дека еден од петмина бил жртва на расистичка вербална злоупотреба. Експертите велат дека повеќето Австралијани го поддржуваат мултикултурализмот но, исто така тие се загрижени оти со различноста на културите не се управува добро. Дури 40 отсто од 16 илјади испитаници одговориле дека културните разлики ѝ се закануваат на социјалната хармонија во Австралија.


Насилството - причина за мораториум

Владата на Нов Јужен Велс го разгледува предлогот од градоначалникот Кловер Мур за мораториум од 12 месеци на нови продажни места за алкохол во централното градско подрачје во Сиднеј. Ваквиот предлог доаѓа во време кога во овој град е драстично зголемено насилството, а за најголема причина се смета алкохолот. Во центарот на Сиднеј има 1.900 лиценцирани места за алкохол. Според градоначалникот Мур редуцирањето на продажните локации за алкохол, ќе го намалат и ризикот за насилство на улиците во кои 4 полицајци беа повредени.


Заради големата брзина - уште една сообраќајна трагедија во Мелбурн

Големата брзина беше причина за смртта на 4 тинејџери во сообраќајната несреќа во Мелбурн која се случи саботата вечерта. Трагичниот настан се случил околу 1 часот ноќта кога двата автомобила холден стејтсмен и комодор се судриле на раскрсницата од Ormond и Hallam улиците во населбата Lynbrook.
Црниот холден носел петмина патници, а холденот четворица тинејџери за кои се верува дека си доаѓале од некаква забава. Двете девојчиња на возраст од 13 и 16 години и 19-годишното момче, како и возачот на комодорот, починале на местото на несреќата. Четвртата жртва е маж на 20 годишна возраст кој починал на пат до болницата Алфред.
Останатите петмина патници веднаш биле пренесени во различни болници и се верува дека се наоѓаат во критична здравствена состојба. Според исказите на очевидците сударот бил директен при што црниот холден бил преполовен и распарчен.



НАЈНОВ БРОЈ



ВРЕМЕ

МАКЕДОНИЈА

АВСТРАЛИЈА


КАЖЕТЕ ГО ВАШЕТО МИСЛЕЊЕ!

Писма до уредникот

Letter to the Editor