|
|
L A T I N I C A |
|
|
O N L I N E |
  |
|
МАКЕДОНИЈА » Репортажа
НА ГОСТИ КАЈ ЖАРКО НАСТЕСКИ ВО ПРИЛЕП
"Емил и Милена ги сакам повеќе од мои деца"
Жарко Настески (51) познат прилепски гитарист, музичар, сопственик на музичкото студио "Точак" деновите ги минува во својот свет на музиката, со имагинациите и спомените за неговата пријателка, Елизабета Павлоска, која пред 4 години починала во Австралија.
Иако Бети, не е меѓу живите вели спомените за нивните дружења се посилни, а деновите минуваат во знакот на телефонските и интернет средби со нејзините деца, Емил Павлоски (28) и неговата сестра Милена Стојческа (19) кои ги сака како свои деца. Емил работи како механичар во фабриката на "Мазда" но, со Настески имаат исто хоби - музиката. Милена пак работи во австралискиот весник "Golcoast Bulletin". По смртта на нивната мајка, тие сепак останале да живеат во Golcoast, следејќи ги патиштата на судбината. Емил оформил свое семејство, се оженил и со својата сопруга Ане во октомври ќе прават свадба во Австалија, но идната година радоста ќе ја поделат со своите најблиски во Скопје, бидејќи Ане е од скопската населба "Ѓорче Петров". Милена пак пред еден месец престојуваше во Македонија, на наградно патување откако беше избрана за мис на Македонките во Австралија.
- Нивната мајка ми беше комшивка, но ние многу се дружевме, бевме искрени пријатели. Иако патиштата на животот не однесоа во различни правци, јас се оженив и останав во Прилеп, а Бети замина во Австралија, сепак спомените се премногу "живи". Некогаш мислам дека повторно ќе дојде, ќе отвори врата и ќе ме посети. Истата година кога почина Бети, почина и мојата сопруга Весна, а тагата е преголема. Но, животот мора да продолжи. Нема ден да не се сетам на убавите мигови кои ги минавме заедно со Бети, а без исклучок секој ден ја посетувам нејзината мајка Златка, која живее на стотина метри од мојата куќа. Си прикажуваме, се сеќаваме... Бидејќи немам мои деца, најголемата љубов сега ми се Емил и Милена. Мислам дека ги сакам повеќе, отколку родителите кои реално имаат свои деца - вели Жарко, не криејќи ги емоциите за своите пријатели во Австралија. Горд на нивниот успех, особено на помалата Милена, која е вистинска убавица и не случајно ја добила титулата Мис на Македонките во Австралија.
Неговиот компјутер е преполн со нивни фотографии, но срцето и мислите вели се уште пополни со спомените и љубовта за нив. Нема ден да не ги чуе, по телефон или на интернет, сеедно, но вели чувството е обострано.
- И децата ме сакаат, постојано ме канат да појдам да ги посетам. И искрен сум, да знам дека ќе добијам виза би заминал кај нив и не би се вратил овде во Македонија. Со Емил имаме толку заеднички интереси, го чувствувам како мој син, толку го сакам тоа момче што ми прирасна за срцето. Секако ќе одам на нивната свадба во Скопје, едвај чекам да дојде пролет и да се вратат, да ги видам, да бидеме заедно. Прекрасни се, воспитани млади луѓе, кои знаат што сакаат од животот и кои успешно се движат во тој правец - вели Настески.
Тој пак упорно и вредно секој ден работи во неговото студио "Точак", каде се снимени албумите на многу ѕвезди од македонската народна и забавна естрада: "Кис ми" скопска фолк група која настапува често во Австралија, Петар Нечоски, Благица Павлоска, Елена Велеска, Сашко Велков, Ламбе Арнаудов, Ристо Бомбата, Елена Петреска и многу, многу други... а во редицата е и македонската поп-икона која прерано замина во легенди - Тоше Проески.
Патувајќи низ спомените за саканите во Австалија Настески се присети и на почетоците на Тоше, на периодот кога од средното училиште во Битола, доаѓал токму во студио "Точак" да снима, да учи да свири гитара кај Настески.
- Уште тогаш беше ретко надарено, талентирано момче. Неверојатно воспитано дете кое секогаш ми се обраќаше на вие, па често му велев: Кому му зборуваш Тоше, мене или на некој до мене? Ќе се насмееше и многу професионално ќе се посветеше на работата. Кога почнуваше да пее или да учи да свири, музиката беше неговиот свет, времето запираше. Ги паметам тие денови, но особено сум трогнат од неговиот татко. Бидејќи луѓето немаа пари, а Тоше беше навистина талентиран, татко му Никола во една прилика ми вели: немам пари да ти платам, но имам нешто дома ќе го донесам. И донесе некој сервис за ручање ми се чини. Како што го донесе, така мојата сипруга со стави во регалот. Бидејќи не го користевме, одлучивме да го продадеме, но кога го однесов во продавница се запрепастив кога сопственикот на дуќанот ми понуди 400 марки... Му се јавив на Никола зашто не сакав човекот да го злоупотребам. Но, тој знаел колку е вреден сервисот, и ми кажа дека во знам на благодарност ми го дава. Не, немам зборови за тие луѓе, за тоа семејство, мислам дека се возвишени, продуховени, хумани, дека Бог е вечно во нивните срца - вели Настески. Кога доаѓале Емил и Милена во студиото често застанувале пред микрофонот каде што Тоше ја отпеал првата композиција за "Мелфест" зашто и тие двајца вели Настески се негови фанови.
Времето минува, годините си врват, вели Настески децата ќе одлетаат по својот пат, ќе оформат семејства, но само нивната мајка ќе ја нема. Ми недостига, можам да речам колку и мојата сопруга, зашто ми беше искрено многу добра пријателка. Денес по нејзината смрт, со Емил и Милена повторно моето срце ја допре љубовта. Безброј пати се чувствувам осамен зашто немам деца во животот, но тие двајца ми подарија многу радост, затоа ги чувствувам како свои. Им ја посакувам сета среќа на овој свет, и ги очекувам што поскоро во Македонија, да се дружиме, веселиме, да живееме, зашто не знаме што ќе ни донесат следните утра. Емил, Милена, поздрав и ве сакам бескрајно - еве вака со насмевка полна со љубов, како што почна, така и го заврши разговорот Настески.
А, екипата на АМН останува да им посака многу среќа на младоженците Емил и Ане, и многу среќа на Милена како "Мис-Македонија 2009". Сите планови да ви се исполнат и да имате среќен живот!
Специјално за АМН: Моника Талеска

