L A T I N I C A

 

O N L I N E

 

МАКЕДОНИЈА » Вести

СУДБИНИ

Почина "чуварот на Галичник"

Најстариот жител на мијачкото село Галичник, седумдесет и осумгодишната Галина Кутреска - Гаца е најдена мртва во својот дом. Откако два дена не ја виделе жената да излезе од дома, соседите го нашле телото во вилата Доста во Галичник, за што ја известиле полицијата. Гаца беше вистинска легенда во Галичник, која во селото го помина целиот живот, не напуштајќи го родното огниште ниту во најстудените зими, кога со месеци беше одделена од цивилизацијата. Телото го нашле Невена Ѓозинска, која работи во продавницата во близина на вилата, и нејзиниот сопруг. Кога ја отвориле вратата на вилата, што не била заклучена, на подот го забележале неподвижното тело на жената. "Нозете ми се пресекоа, солзи ми потекоа и неколку минути не можевме да се соземеме. Тешко ми е. Гаца беше премногу добра жена, ќе ни недостига нам и на сите Галичани и посетители. Таа беше легенда на Галичник и тоа ќе остане", велат соседите. Најстарата Галичанка починала од природна смрт.
Бидејќи нема поблиски роднини, погребот на Гаца го организираа галичани, а во црквата Св. Петар и Павле беше одржано опело.
Галена Кутреска - Гаца е родена на 7 март 1931 година и целиот свој живот го помина во Галичник. Иако Галичник во 1962 година беше целосно иселен, таа беше единствената која остана во селото да живее преку годината, целиот свој живот. Долги години беше единствен жител на Галичник преку целата година. Во педесеттите години на минатиот век Гаца беше највредната меѓу двесте килимарки на ЗЗ Бистра и за нејзините беспрекорни везови ја прогласуваа за најдобра килимарка и работничка. По пропаѓањето на килимарницата Гаца беше касиерка во самопослуга, во која работеше до пред три години. (Утрински весник)


НОВИ СВЕТСКИ ЧУДА

Гласајте за Охридско Езеро и за пештерата Врело!

Охридско Езеро и пештерата Врело крај Матка влегоа во втората фаза во глобалната трка за избор на новите седум светски чуда на природата, во која се натпреваруваат 261 природна атракција од цел свет. Гласањето за избор на локалитетите што ќе влезат во следната фаза трае до 7 јули. Македонскиот комитет ги повикува граѓаните активно да се вклучат во гласањето за да им обезбедиме висок пласман на македонските природни реткости. Интернет-порталот за директно гласање е www.new7wonders.com, а една електронска адреса носи еден глас. На 7 јули жирито што го предводи поранешниот претседател на УНЕСКО Федерико Мајор ќе избере 21 финалист од првопласираните 77 кандидати. Процесот за избор во планетарни размери е долготраен, има неколку фази и ќе трае до 2011 година. Организатор на изборот е швајцарската невладина организација Нови светски чуда на светот. Пред две години беа избрани современите седум светски чуда што ги направил човекот - Кинескиот ѕид, Колосеумот, Таџ Махал, статуата Исус Христос во Рио де Жанеиро, градот Петра, Чичен Ица и загубениот град на Инките Мачу Пикчу.


РИБНИОТ ФОНД ЗАШТИТЕН ДО 2014-ТА

Забрана за риболов на Охридското езеро

Во Охридско Езеро до 2014 година целосно ќе биде забранет риболов, со што ќе се заштитат ендемичните видови риби кои се на работ на биолошкиот опстанок. Според изјавата на министерот Ацо Спасеноски, ваквата одлука се темели на сугестиите од експертите од Хидробиолошкиот институт од Охрид.
- Владата и Министерството за земјоделство донесоа ваква одлука зашто само така и со зголемена безбедност на рибочуварската служба и Езерската полиција ќе се постигне до 2014 година да има биолошка рамнотежа и можност пастрмката и белвицата природно да почнат да се мрестат - рече Спасеноски. Според него, Министерството за 2 години издвоило 43 милиони денари и езерото е порибено со 6,5 милиони пастрмки стари 6 месеци, а околу 1,8 милиони млади пастрмки од 6 месеци наесен ќе бидат пуштени во езерото.
Во Хидробиолошкиот институт во Охрид велат дека порибувањето со околу 4 милиони вештачки оплодена пастрмка е доволно за враќање на биолошката рамнотежа.
По донесувањето на одлуката со која целосно се забранува риболовот на Охридско Езеро сѐ погласно се поставува прашањето дали тоа ќе биде сторено и на албанската страна на езерото, каде важи забраната само за време на мрестењето. Албанското законодавство не е хармонизирано со македонското. (Утрински весник)


ПОПЛАВИ ОД ДОЖД И КАРПИ ВО ИСТОЧНА МАКЕДОНИЈА

Китановски за влакно спасиле глава

Силен дожд, ветрови, страшно невреме проследено со грмежи и молњи надвисна над струмучкото село Габрово, заканувајќи се да ги уништи куќите. Но, велат жителите Господ бдеел над нив, ги чувал, спасувајќи ги од стихијата која се заканувала да ги однесе и нивните домови и нивните животи. Огромните карпи донесени од надојдените води од планината Беласица и од силниот дожд се стркалале покрај куќата на Снежана Китановска, која со своите две внучиња за влакно се спасила од надојдената стихија. Таа вели дека такво нешто не доживеала во својот живот. Дури ни надојдените води пред 5 години, кога исто така врнело без прекин, не биле со таков интензитет. Потресена, раскажува дека ноќта имале огромна среќа, зашто камењата застанале и се натрупале пред нејзиниот двор и не ја однеле куќата во која била сама со дечињата.
- Слушнавме само силна бучава и татнење како од воз, а надвор не смеевме да подадеме глава од грмежите. Сепак имало Господ, па се спасивме - вели Китановска.
Нејзините исплашени внучиња го покажуваа дрвото кое, велат, за среќа ја пренасочило реката од камења, која за малку ја одминала нивната куќа. Дрвото-"спасител" пред некој ден на тоа место го оставил нивниот татко, со намера да го исече за трупци.
И Васе Василев (60) од Габрово вели дека такво нешто нема видено досега. Водата и камењата влечеле и рушеле сѐ пред себе, го ископале и патот до познатите Габровски Водопади и го уништиле на неколку места.
За да не се повторува ситуацијата бараат жителите, општината да преземе мерки. Тврдат дека за оваа ситуација се виновни од шумското претпријатие, кое повеќе не ги одржува патиштата за сеча на дрва, па водите, кога ќе надојдат, од планината неконтролирано ги носат камењата.
Поројните дождови го поплавија и Кратово. Два дена градот пливаше под вода, градските улици и сокаци беа целосно поплавени, а движењето по нив беше речиси невозможно. Последиците од невремето најмногу ги почувствуваа сточарите кои се пожалија дека водите на надојдената Кратовска Река им однеле десетици кокошки и едно прасе. (Вест / Нова Македонија)


МИГРАЦИЈА ВО ГЛАВНИОТ ГРАД

И Македонците и Албанците бараат спас од Кичево

"Куќата се продава", "Шитат штети, шитат парцеле", "Нивата се продава...", ова се написи што можете да ги видите буквално во секое сокаче во Кичево. Закачени се на портите на куќите, испишани на ѕидовите на домовите. Продаваат Македонци, Албанци, Турци. Чиниш цело Кичево е на распродажба. Сиромаштијата, бесперспективноста и желбата за живот во Скопје се главните причини што кичевчани го распродаваат имотот. Нема улица во градот каде што не може да се види дека нечија куќа се продава.
Животот во градот, кој е сместен во подножјата на Бистра и на Караорман, умре заедно со умирањето на "Агрокоп", "Кичев-пром", "Копачка"... комбинати што прехрануваа околу 5000 семејства. Во моментов во Кичево работи само "РЕК-Осломеј". Но од вкупно 31.000 граѓани, колку што живеат во градот, во РЕК работат само 700 кичевчани. Граѓаните се разочарани и потиштени. Велат дека со тешко срце и со болка во душата ја распродаваат дедовината, но друго чаре немале.
- Нема семејство во градот што не продава имот. Дали било куќа, нива, плац или дуќан. Луѓето буквално се принудени да продаваат за да преживеат. Работа нема, а вработувањата се исклучиво по партиски клуч, така што другите граѓани едноставно немаат на што да се надеваат. Сите гледаат да го продадат имотот и да избегаат во главниот град - вели Живко Лазевски.
Инаку, поради огромната понуда, цените на куќите и на имотите во Кичево за само 3 години неколкупати поевтиниле. Ако тогаш 1 м2 од живеалиште во градот се движел од 300 до 500 евра, сега можете да купите и за 100 евра по м2. Десетина илјади кичевчани се на печалба низ Европа и светот. Во последните 10 години околу 1.000 кичевчани станале скопјани. (Нова Македонија)



НАЈНОВ БРОЈ



ВРЕМЕ

МАКЕДОНИЈА

АВСТРАЛИЈА


КАЖЕТЕ ГО ВАШЕТО МИСЛЕЊЕ!

Писма до уредникот

Letter to the Editor