|
|
L A T I N I C A |
|
|
O N L I N E |
  |
|
МАКЕДОНИЈА » Црква
ПОЗИТИВЕН ОДГОВОР НА МАКЕДОНСКИТЕ АРХИЕРЕИ
По три години СПЦ и МПЦ повторно ќе седнат на маса!
Македонската православна црква позитивно ќе одговори на пораките од Српската православна црква за обновување на разговорите. Ваква одлука донел Синодот во полн состав. По констатацијата на српските архиереи дека се создадени услови за разговори, и македонските владици во саборските одлуки на СПЦ и изјавите на бачкиот епископ Иринеј Буловиќ препознале добра волја за обновување на речиси три години целосно прекинатите разговори. Синодот решил да испрати свој конкретен предлог, по што ќе чека Синодот во Белград да реши на кое ниво ќе продолжат разговорите. Портпаролот на САС на МПЦ г. Тимотеј по синодската седница што траеше два дена, изјави: "За МПЦ е прифатливо тие разговори да продолжат на ниво на кое ќе реши СПЦ. Од нив зависи кога и каде, неофицијално или официјално, на ниво на синоди или на ниво на комисии, ќе се обноват разговорите. За нас е значајно тоа што и во изјавите на бачкиот епископ и во одлуките на Саборот на СПЦ, има можност за разговори".
Пред оваа нова рунда владиците во Скопје имаат јасен став со кои позиции ќе влезат во разговорите: зачувување на автокефалниот статус и името Македонска православна црква. Нема да прифатат какво било уценување со директно присуство на Јован Вранишковски. "Ако нѐ уценуваат со Вранишковски, тогаш ниту се почнати ниту ќе почнат разговорите", порачува г. Тимотеј. МПЦ засега не открива дали ќе има промени во комисијата за преговори од македонска страна, иако неофицијално се дознава дека се можни измени на некои од членовите. (Вечер)
МПЦ и СПЦ повторно си намигнуваат
Претставници на МПЦ и на СПЦ ќе се сретнат кон средината на јули, а СПЦ изразила подготвеност да дозволи посета на македонска делегација на манастирот Св. Прохор Пчињски на 2 август, проблем кој во минатите години доведе до заладување и на односите меѓу двете држави. Според аналитичарот Јован Ѓорѓевиќ, причините за омекнувањето на СПЦ треба да се бараат во притисокот од Руската православна црква, која инсистирала СПЦ да престане со форсирањето на црквата на расчинетиот Јован. "На омекнувањето на српските владици влијае и тоа што Вранишковски не е веќе в затвор, а влијание имаат и подобрените меѓудржавни односи, што е забележлив во последно време. Но, тоа не значи дека спорот ќе се реши веднаш. Далеку сме од тоа, иако обновувањето на преговорите е позитивен чекор кон наоѓање решение", вели Ѓорѓевиќ. (Време)
"Корпа" од Стразбур за Вранишковски
Европскиот суд за човекови права во Стразбур ја отфрли тужбата на расчинетиот владика Јован Вранишковски против Македонија во која се жалеше дека му биле прекршени човековите права. Тужбата е од 2005 година, а се однесува на судскиот процес што се водеше против него. Основниот суд во Битола на 1 јули 2004 година го прогласи Вранишковски за виновен за ширење верска, расна и национална омраза и го осуди на затворска казна од 18 месеци. Вранишковски тврдел дека со судскиот процес му биле прекршени правата на фер судење, на слобода на мислата, свеста и вероисповедта, и дека се прекршила забраната за дискриминација. Европскиот суд пресудил дека тужбата на Вранишковски не може да се прифати затоа што тој не ги искористил сите правни лекови во Македонија, како што е жалба до Уставниот суд. Адвокатот Васко Георгиев од Битола објаснува дека со тужбата против Македонија не се барала отштета и дека расчинетиот владика Јован се жалел дека судиите биле пристрасни, но за судот во Стразбур спорно е тоа што во текот на судскиот процес тој не барал изземање на судиите како и дека не дал никаков доказ за пристрасноста на Судскиот совет. (Дневник)
ВЛАДАТА "СЕ СПАСИ" ОД ЦРКВАТА НА СКОПСКИОТ ПЛОШТАД
Сега лопатата е кај дедо Стефан
Владата ѝ ја отстапи на Македонската православна црква локацијата за изградба на храмот Свети Константин и Елена на плоштадот Македонија во Скопје, поради кој власта беше подложена на остри критики во јавноста. Со тоа, велат упатените, кабинетот на Никола Груевски елегантно го елиминира главниот аргумент на противниците, според кој е недозволиво државата да се занимава со изградба на верски објекти. Во соопштението на Владата се вели дека корисничкото право на земјиштето од Министерството за култура се префрла на МПЦ. Министерството се задолжува да ги стопира сите активности и целокупната документација да ѝ ја отстапи на Црквата, која треба да реши за продолжување на активностите за изградба на светилиштето. Образложение на Владата е дека "овој чин се врши со почит кон религијата и за задоволување на духовните потреби на верниците".
Во однос на иницијативата за обнова на Бурмали џамијата на соседната локација на плоштадот, Владата информира дека земјиштето е во надлежност на општина Центар и дека џамијата може да се гради само ако општината го промени Деталниот урбанистички план, што Владата, како што се потенцира, би го одобрила. Вицепремиерот Абдулаќим Адеми изјави дека изградбата на црквата на плоштадот не треба да ја финансира Владата, зашто со тоа една вера би се почитувала на штета на другите. (Шпиц)
Има ли Владата право да го подарува плоштадот?
Дали Владата има законска можност да го подарува земјиштето на скопскиот плоштад? Експертите сметаат дека нема: таа не го добила плоштадот во наследство па да го подарува, таа може да го отуѓи земјиштето за јавен интерес, но со наддавање и за највисоко постигната цена. "Од друга страна, Црквата нема морално право да прими општонародно земјиште кое е насила одвоено, односно откраднато од народот", смета професорот на Архитектонскиот факултет Мирослав Грчев. "Особено затоа што на само 300 метри од локацијата МПЦ има огромна парцела на местото на паркингот покрај Холидеј ин, каде што може да гради црква на своја земја, за свои пари, а наместо тоа црквата стопанисува со паркингот и наплатува билети за паркирање", објаснува Грчев. За него е нејасно зошто за земјиштето на плоштадот Владата не ги прашала граѓаните на референдум? (ТВ А1)
Девет пријави за тепачите, а 12 за тепаните?!
"Девет прекршочни пријави се поднесени против тие што нѐ тепаа, а против нас, кои бевме тепани, се поднесени 12 прекршочни пријави", рече Никола Наумовски, еден од учесниците на протестот против изградба на црквата по сослушувањето во Судот за прекршоци. "Со ова се цели кон тоа да се префрли вината на наша страна. Ќе поднесам кривична пријава до Министерството за внатрешни работи, зашто полицајците што беа на протестот не го спречија насилството. Имам видеоснимки на кои се гледа како тие ништо не преземаат да ги спречат тепачките", рече Наумовски. "На поканите од судот ги пишува имињата, адресите и матичните броеви на сите учесници во протестите. Сега насилниците знаат и каде живееме, па можат да дојдат да нѐ дотепаат", рече тој. (Нова Македонија)

