|
|
L A T I N I C A |
|
|
O N L I N E |
  |
|
МАКЕДОНИЈА » Економија
ПО СЛАВЕСКИ, И СТАВРЕСКИ ПРОГЛЕДА
Рецесија ќе има!
Македонија најверојатно и во вториот квартал од годината ќе има негативен пораст на ДБП, призна вицепремиерот за економски прашања Зоран Ставрески по објавувањето на веста дека индустриското производство во мај падна за 15,3 проценти. "Намалувањето на економската активност во Македонија не би требало никого да изненади, тоа е нормално и очекувано, кога во светот се случува најголемата светска криза во последните сто години. Сепак, добро е тоа што ставките на пад во Македонија се поблаги и во согласност со последните случувања можеме да очекуваме дека е избегнато најлошото. А, најлошото е тоа што се случи во некои други земји, да се загуби макроекономската стабилност, стабилноста на курсот, да не можат да се сервисираат обврските кон странство или да се доживее вистински крах во реалниот сектор", рече Ставревски.
Тој изрази надеж дека стоте милиони евра од Европската инвестициона банка ќе му помогнат на македонското стопанство и дека секој најмал позитивен економски пораст во третиот и во четвртиот квартал би бил охрабрувачки. "Мерките на економската политика што ги спроведе Владата помогнаа да се ублажат последиците кои не можат да се избегнат, но можеа да се ублажат. Верувам дека во иднина, посебно со последната мерка со кредитна поддршка на стопанството од 100 милиони евра под поволни услови, ќе успееме да му помогнеме на македонското стопанство во втората половина од годинава да избегне негативна стапка на економски пораст", истакна вицепремиерот повторувајќи дека, ако е потребно ќе се склучи и аранжман со ММФ. Сепак, додаде тој, најважно е оваа година најголем број претпријатија да успеат да опстанат и да ја преживеат кризата, а за развој ќе биде потребно светските економии да повлечат, односно да се врати економскиот пораст во Европа и во Америка. (Време)
Огромен пад на индустриското производство
Најновите статистички податоци покажуваат дека по умереното подобрување на состојбата во март и април, македонската индустрија во мај повторно оди надолу, и тоа со забрзано темпо. Падот во април беше 7,7 насто, а намалувањето во периодот јануари-април изнесуваше 9,9 насто. Забележително е тоа што во мај се преполовило производството во одредени индустриски гранки. Во споредба со минатата година производството на основни метали се намалило дури за 57 насто, на машини и уреди за 41,1 насто, на преработки од дрво за 47,1 насто, на кокс и деривати на нафта за 68,3 насто и на текстилни ткаенини за 23,7 насто. (Нова Македонија)
Македонците имаат трипати помала куповна моќ од европската
Бруто домашниот производ на Македонија по жител изразен според куповната моќ во 2008 година изнесувал 32,5 отсто од просекот на Европската унија, покажаа податоците на статичкото биро на Европската унија Евростат. Податоците покажуваат дека понизок бруто домашен производ од македонскиот имаат само Босна и Херцеговина со 30 отсто од европскиот просек и Албанија со 25 отсто.
Помал бруто домашен производ од европскиот просек, освен Грција со 95 отсто и Португалија со 75 отсто, имаат и новите членки на Европската унија, Кипар со 95 отсто и Словенија со 90 отсто. (Шпиц)
ОДЛОЖЕНА Е УШТЕ ЕДНА ИДЕЈА НА ВЛАДАТА
Ставрески остана без скокалници
Проектот на Агенцијата за млади и спорт за изградба на ски-скокалница во Македонија е ставен во мирување. Тие веќе направиле физибилити студија, по што заклучиле дека засега нема соодветни услови за подигање на таков објект. Како можни локации за изградба на скокалницата биле избрани Крушево и Маврово. "Ја направивме првичната студија околу целиот проект и засега работата е во мирување, што поради паричните средства што поради недостигот на информација за реализацијата на проектот, кој би бил еден од ретките на Балканот. Ние ќе продолжиме да прибираме искуства и информации од стручњаци од странство, и кога ќе бидеме целосно подготвени ќе продолжиме со реализацијата", изјави директорот на АМС Драган Ѓурчевски.
Вест пред девет месеци прв ја објави желбата на АМС под покровителство на Владата да изгради скокалница, која според првичните оптимистички најави требаше веќе да биде во почетна фаза. Станува збор за проект во вредност од околу пет милиони евра, кои Владата наводно ги имаше одобрено, а вицепремиерот Зоран Ставрески тогаш побарал план-проектот да му се достави до крајот на 2008 година. Нашите ски-стручњаци сериозно се фатија за работа и веднаш отидоа на Планица и во Крањска Гора, во Словенија, за да видат како изгледа сето тоа и да научат нешто повеќе. (Вест)
УШТЕ ЕДЕН УСПЕХ НА "АЛКАЛОИД"
Сирупите добија ГМП-сертификат
Производствените капацитети за раствори и сирупи на Алкалоид деновиве се сертифицирани според нормативите на Добрата производна практика (ГМП), што се смета за највисок стандард во фармацевтската индустрија! Усогласеноста со тие стандарди ја провери и ја потврди Агенцијата за лекови на Словенија. Со тоа Алкалоид се здоби со право на регистрација и пласман и на тие фармацевтски производи, сирупи и раствори за орална и надворешна употреба, не само во Словенија туку и на пазарите на ЕУ и пошироко. Инспекцијата на капацитетите на Алкалоид беше извршена во средината на минатиот месец, при што беше утврдено дека тие се во сообразност со стандардите и нормативите пропишани со Европските директиви, кои се гаранција за безбедност, квалитет и ефикасност на лековите. (Утрински весник)

