L A T I N I C A

 

O N L I N E

 

МАКЕДОНИЈА » Дипломатија

ЕВРОПСКА УНИЈА

И шведскиот мандат ќе биде залуден

Сѐ помали се шансите за брзо приклучување на државата кон ЕУ, откако на неколку дена пред да го преземе претседателството на Унијата од Шведска стигнаа најави дека ниту ќе можат ниту ќе се трудат да ги решат билатералните спорови во балканскиот регион, велат познавачите.
Шведскиот министер за надворешни работи Карл Билд порача дека билатералните проблеми во регионот треба да си ги решат земјите што се вклучени во спорот, а да не очекуваат да им ги реши Шведска. Затоа, велат експертите, контактот на високи шведски функционери со медијаторот Метју Нимиц воопшто не значи дека ЕУ ќе влијае врз преговорите за спорот со името. Според нив, пораката од следниот претседавач со Унијата претставуваа студен туш за европските амбиции на Македонија, ако се знае дека Шведска важи за еден од најмоќните лобисти на нејзината евроинтеграција. "Не е случајно тоа што Билд воопшто не ја споменува Македонија за спорот со името, поради уникатната чувствителност на македонско-грчкиот спор. Тој јасно истакна дека приоритетни ќе бидат преговорите со Хрватска и со Турција за членство во ЕУ", вели професорот по меѓународно право Јове Кекеновски. Лидерот на НСДП Тито Петковски смета дека ова е уште еден силен апел дека треба да ја унапредиме регионалната соработка како еден од условите за членство во ЕУ. "Одиме спротивно од ветерот. Од нас зависи дали ќе си ја завршиме домашната задача. Ако сами не направиме доволно, ниту Шведска ниту кој било друг ќе може да ни помогне", коментира Петковски.
Социјалдемократите не гледаат ништо ново во пораката од Шведска, зашто "чадорот под кој се водат преговорите за разликите за уставното име е на ОН". Владеачката партија, наместо коментар за изјавата на Билд, повика на национално единство за решавање на долгогодишниот спор за името. (Шпиц)


Европа крева раце од балканските проблеми

Проблемите со кои сѐ уште се соочува Балканот на својот пат кон Европската унија ќе треба да ги решаваат самите земји, анализира лондонскиот Фајненшел тајмс осврнувајќи се на скорешното преземање на Претседателството на ЕУ од Шведска, која е "традиционален поборник" за натамошно ширење на Унијата и за прием на нови членки. Но, шведската дипломатија најави дека во следните шест месеци не ќе може, а ниту ќе се труди да ги реши "различните територијални и политички спорови" во балканскиот регион, пишува весникот. Како главни проблеми во регионот што го кочат приближувањето кон ЕУ се посочени спорот со името меѓу Македонија и Грција, спорот со Пиранскиот Залив меѓу Словенија и Хрватска и неапсењето на поранешниот командант на босанските Срби Ратко Младиќ. Карл Билд, кој добро ги познава балканските состојби, посочува дека "целата таа низа од разни пречки влијае и врз стабилноста на Балканот, што му е толку потребна на регионот". Пораката од Стокхолм добива на значење и затоа што во некои земји на ЕУ, а посебно во Франција и Германија, има сѐ помалку ентузијазам за продолжување на ширењето на Унијата, а причина за палење на црвеното светло се рецесијата и големата невработеност со која се соочуваат. (Вечер)


СТРАЗБУР

Одлуката за визите - на 14 јули

Предлогот за укинување на визите е готова работа и тој, според извори од Европската комисија, ќе се формулира и ќе се објави на 14 јули во Стразбур, за време на првата сесија на новиот Европски парламент. Од кабинетот на еврокомесарот за правда Жак Баро ја потврдуваат таа информација, иако уште не се знае дали веста ќе се објави на прес-конференција или ЕК ќе се задоволи само со соопштение. Во одлуката Европската комисија ќе препорача безусловно укинување на визите за Македонија, а за Србија и за Црна Гора ќе се предвиди дополнителен технички и политички мониторинг за да се осигураат колебливите земји-членки дека и тие во целост ги исполнуваат условите за либерализација. За нив ЕК ќе треба да подготви нова оцена пред крајот на годината, односно пред одлуката за визите да се финализира во Советот на министрите, нешто што се очекува во декември, но може да се пролонгира за неколку месеци. Моментно нема објаснување што ќе се случи ако Србија и Црна Гора дотогаш не ги исполнат условите за укинување на визниот режим и како ќе се одрази тоа на темпото на визната либерализација на Македонија, но видлива е политичката волја на ЕУ да вклучи повеќе земји со одлуката. (Утрински весник)


МАКЕДОНИЈА Е НЕСЕРИОЗНА КОН СОВЕТОТ НА ЕВРОПА

Стразбур чека претседавач, а не добива ни амбасадор

Несериозно е Македонија како иден претседавач со Советот на Европа да нема свој претставник во реномираната европска организација. Државниот врв мора под итно да назначи амбасадор за тој да може да лобира и да ги брани нашите позиции, велат експертите. Професорот по дипломатија на Универзитетот ФОН Лазар Лазаров вели дека Македонија мора да ја има наклоноста од сите организации и дека претседавањето со Советот на Европа е добра можност. "Претседавањето во СЕ може многу да помогне за проблемите со македонското малцинство во соседните земји, пред сѐ за лобирање за регистрацијата на ОМО Илинден-ПИРИН во Бугарија и третманот на Виножито во Грција. Македонија мора да се надрасне и да има силна надворешна политика и да постави амбасадори во сите суштински меѓународни организации", вели Лазаров.
Европските челници нагласуваат дека претседавањето со Советот на Европа за Македонија може да биде многу корисно за нејзината меѓународна афирмација и за засилување на нејзините позиции ако претседавањето биде добро подготвено. Затоа тие бараат колку што е можно побрзо Македонија да назначи амбасадор во влијателната европска организација. Според нив, Македонија не смее да си дозволи да нема амбасадор само десетина месеци пред преземањето на функцијата.
Советот на Европа е најстара организација во Европа и годинава прославува 60 години постоење. Има 47 држави-членки, а седиштето ѝ е во Стразбур. (Време)


НАТО

Шефер направил сѐ за Македонија

Генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер во Астана, Казахстан, каде што се одржа третиот Безбедносен форум на Евроатлантскиот партнерски совет (ЕАПС) изрази надеж дека "Скопје ќе покаже поголема флексибилност за решавање на прашањето за името со Атина". На новинарското прашање дали смета дека не направил доволно во однос на поддршката за членство на Македонија во НАТО со оглед на тоа што Македонија ги исполни сите реформи и учествува во мировните мисии, Шефер беше категоричен: "Направив доволно!" Тој смета дека направил сѐ што е во негова моќ во однос на тоа прашање. "Одлуката на самитот на Алијансата во Букурешт", посочи Шефер, "беше јасна дека мора да се најде решение за прашањето за името. Ќе ви одговорам отворено, пријателски и директно. Сакам да ја видам вашата земја во НАТО и не ги кријам моите лични амбиции. Сум бил во Скопје повеќепати. Потребно е искрено да видам поголема флексибилност отколку досега", рече тој. Генералниот секретар на НАТО на заминување оцени дека инвестирал во односите со Скопје, а тоа ќе го прави и неговиот наследник, поранешниот дански премиер Андрес Фог Расмунсен. (Утрински весник)


МАКЕДОНИЈА - КОСОВО

Сејдиу веќе не се лути, го викна Иванов на гости

Поканата од косовскиот до македонскиот претседател Ѓорге Иванов да го посети Косово е извонредна можност за затоплување на односите меѓу Македонија и Косово по недоразбирањата околу официјалноста на откажаната посета на Фатмир Сејдиу на Македонија. Оваа оцена уследи по средбата на Иванов и Сејдиу во Валона, Албанија, каде се одржа неформална средба на претседателите на Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово.
Иванов ја прифати поканата од Сејдиу за посета на Приштина, без оглед дали ќе биде официјална или не. Македонскиот претседател го покани Сејдиу на отворањето на Охридско лето. "Важно е суштински да се поврземе и да го забрзаме воспоставувањето дипломатски односи", изјави Иванов, додавајќи дека за Македонија нема отворени прашања околу границата со Косово. "Тој проблем е решен, останува само надлежните комисии да ги решат техничките прашања", укажа Иванов, а Сејдиу рече дека "демаркацијата зависи од расчистувањето на имотно-правните односи на неколку косовски граѓани на површина од 1200 квадратни метри", заложувајќи се за унапредување на соработката. Заклучокот од средбите во Валона е дека воспоставувањето дипломатски односи е процес во кој треба да се исполнат заемни обврски. Македонија по признавањето на Косово ги има завршено сите обврски и е подготвена да воспостави дипломатски односи.
Либерализација на движењето на граѓаните на двете земји и целосно укинување на пасошите во блиска иднина е идејата која Сејдиу му ја претстави на Иванов. "Ние имаме многу заеднички точки, кои се поврзуваат со нашата историја, но и со нашите амбиции за интеграција во Европската унија, во НАТО и во другите меѓународни механизми", изјави Сејдиу по средбата со Иванов, додавајќи дека "Косово секогаш ја третирало и ќе продолжи да ја третира Македонија како стратегиски партнер". (Вечер)


ПО ПРЕДЛОГОТ ОД ВАЛОНА

Балканскиот Бенелукс е опасен за Македонија!

Нов балкански Бенелукс, составен од четири држави - Косово, Албанија, Македонија и Црна Гора - идејата што потекнува од албанските лидери, е интересна за разгледување само од економски и од културолошки аспект. Секоја друга идеја повеќе од тие две е опасна за Македонија и би можела да ги наруши европските аспирации на Македонија, сметаат експертите. Идејата што беше промовирана по вторпат во албанскиот град Валона, како што дознаваме од дипломатски извори, за сите претседатели првично била интересна и убава.
За професорот по меѓународни односи Денко Малески идејата за нов Бенелукс, што потекнува од Албанија и од Косово, е добра само за нив, но не и за Македонија. "Кога Албанија е членка на НАТО, а нејзините соседи Косово, Црна Гора и Македонија не се, јасно е дека таа се труди да ги обедини Албанците од регионот во една нова асоцијација. ЕУ и НАТО за нас како држава ништо не може да ги замени и тие треба да ни бидат приоритет", вели Малески. Тој тврди дека некогашниот Бенелукс, на трите сегашни држави на ЕУ Белгија, Луксембург и Холандија им помогна да бидат дел од Унијата уште кога таа не постоеше. Тој објаснува дека Бенелукс функционираше едноставно, таму каде што Белгија беше членка во некоја асоцијација, а Луксембург и Холандија не, таа лобираше и тие две да добијат членство.
"Претседателот ја пренесе идејата што потекнала на состанокот во албанскиот град, а за тоа ќе биде запознаено МНР, па ним ќе им биде оставено да направат целосна анализа", изјавија од кабинетот на претседателот Иванов.
Пратеникот Владо Бучковски смета дека идејата за формирање нов балкански Бенелукс и извесна минизона за Македонија е непотребна. "Во период кога сме на чекор од добивање на визното олеснување и кога како држава се трудиме со сите сили да станеме полноправна членка на НАТО и на ЕУ, вакви идеи и проекти не ни се потребни и не треба да се сфатат како сериозни", вели тој. Од Нова демократија велат дека, без разлика дали станува збор за варијанта на Бенелукс или само за мини Шенген-зона, тоа многу би им помогнало на економиите во регионот, особено во ваква голема светска економска криза. (Шпиц)



НАЈНОВ БРОЈ



ВРЕМЕ

МАКЕДОНИЈА

АВСТРАЛИЈА


КАЖЕТЕ ГО ВАШЕТО МИСЛЕЊЕ!

Писма до уредникот

Letter to the Editor