|
|
L A T I N I C A |
|
|
O N L I N E |
  |
|
МАКЕДОНИЈА » Политика
МЕНДУХ ТАЧИ:
Охридскиот договор е мртов!
"Охридскиот договор не се имплементира, тој е мртов, а Владата на Македонија во последнава година само потврдува дека тој договор е мртов", изјави лидерот на опозиционата Демократска партија на Албанците Мендух Тачи во неделата, во интервју за радиото Слободна Европа, објаснувајќи зошто се залага за нов договор. "Сето ова го правам како последна опомена дека Македонија е пред голема опасност", рече Тачи, порачувајќи им на сите кои "толку многу ги потценуваат Албанците и системот на мерење на капацитетот на Албанците, како дилетанти и луѓе што ништо не ги интересира - дека ако овој предлог не успее, ќе бидеме живи, ќе видиме што ќе се случи. Капацитетите, енергијата на Албанците, ако ова не се прифати, ќе завршат со албанска држава внатре на овие територии", потенцираше лидерот на ДПА. "Можеби до одредени места ќе има промени на Уставот, но треба да разјасниме нешто. Апсолутно не се зборува за територија, за федерализација, туку ако ги нервира овој наш договор, ние ќе имаме друг пристап", рече Тачи, додавајќи дека ќе се земе Охридскиот договор и ќе види до каде се исполнети начелата што ги има во него. "Ако е 30 проценти исполнето, тогаш да се договориме како да ги надминеме другите 70 проценти", рече Тачи и дополни: "Ќе бараме соработка со сите, особено со меѓународната заедница. Сѐ уште ѝ давам предност на таа парадигма ЕУ и на НАТО - мултиетничност", изјави Тачи.
Претходно, според албанската телевизија Топ чанел, Тачи го обвини македонскиот премиер Никола Груевски дека има за цел да ја уништи Македонија. Тачи го стави акцентот на своето обвинување грз Охридскиот договор кој, според него, е целосно уништен токму од Македонците и од врвот на Владата. (ТВ А1)
Маргинализираниот Тачи повторно се заканува
Маргинализираниот Тачи повторно се заканува. Ако не се прифати дијалог за новиот договор или ако не се исполнат преостанатите, според него, 70 проценти од Охридскиот договор, Албанците ќе се радикализираат и ќе направат нова албанска држава на македонската територија, изјави лидерот на ДПА според кого новиот договор не бил само памфлет за подигање на нискиот рејтинг туку последна опомена дека Македонија е во голема опасност!
Нов грб, ново знаме и етничка поделба на буџетот се дел од договорот што го нуди Тачи. Ако власта не прифати разговор за тоа, тој најавува реципроцитет - немање единство во решавањето на проблемот со името и во барањата на ЕУ за политички дијалог. Тачи ги прокоментира и политичките противници Нова демократија и ДУИ, кои сметаат дека Охридскиот е единствениот договор, меѓу другото поддржан и од меѓународната заедница што треба докрај да се имплементира. "Првите што ги споменавте се дилетанти и класични предавници, тоа не е политичка партија, туку продолжена рака на обични тајни служби во Македонија кои ја раководат државата, а другите што ги споменувате, ДУИ, тие политички не постојат. Тие се фатени како удавениот што се фаќа за сламка, со еден широк поим и тотално нејасен Охридски договор", вели Тачи. (ТВ Канал 5)
ВЕТО НА САД
Обама ја потврди "црната листа"
Десетина македонски државјани, од кои некои сегашни и поранешни политичари, уште 365 дена ќе бидат на американската црна листа што ја потпиша Барак Обама. На списокот на официјален Вашингтон се Љубе Бошкоски, лидерот на ДПА Мендух Тачи, пратеникот од ДУИ Џеват Адеми, Гафур Адили, Нури Беџети, Невзат Халили, Џавит Хасани, Кастриот Хаџиреџа, Џемајл Хисени, Даут Реџепи-Лека и Џезаир Шакири.
Белата куќа соопшти дека Обама ја продолжил одлуката за уште една година против лицата кои ја поткопуваат стабилноста на Западен Балкан. "Станува збор за санкции против лица од Македонија, Босна и Херцеговина и Косово кои учествуваат или на различни начини го поддржуваат насилството. Санкциите се однесуваат и на лица кои го оневозможуваат функционирањето на Дејтонскиот договор и на лица кои ја попречуваат Резолуцијата 1244, која се однесува на Косово", се наведува во одлуката на американскиот претседател. Неговата одлука, велат дипломатите, не е изменета од лани и е само продолжение на одлуката на неговиот претходник Џорџ Буш, кој во јуни 2008 година потпиша документ со кој САД на одредени лица гледаат опасност по својата национална безбедност. Тој акт Буш првпат го потпиша во 2001 година и неговото дејство континуирано се продолжува секоја година. На луѓето кои се на таканаречената американска црна листа им се блокираат средства и им се забрануваат какви било финансиски трансакции на територијата на САД. (Шпиц)
КОЛКУ СЕ РЕАЛНИ НАЈАВИТЕ ЗА НОВА ВЛАДИНА КОАЛИЦИЈА?
Груевски го тампонира Ахмети со Селмани!
Нова демократија е сателит-партија во рацете на премиерот Никола Груевски и тој сака по секоја цена да ја внесе во Владата за да го минимизира влијанието на ДУИ, оценуваат експерти по најавите на лидерот на таа партија Имер Селмани дека таа порано или подоцна ќе стане дел од владината коалиција. Според процените, Груевски наесен веројатно ќе направи "проветрување" во владиниот состав, но ако инсистира во владата да влезе и Нова демократија, ДУИ сигурно ќе излезе од владината коалиција.
Партиски извори од ДУИ велат дека по никоја цена нема да прифатат да ја делат власта со уште една партија од албанскиот блок и дека на Селмани нема да му помогне додворувањето кон Груевски. ДУИ смета дека го има целосниот легитимитет пред албанските гласачи и дека партијата на Селмани не може со своите пет пратеници да биде рамноправен партнер во Владата. Партијата на Али Ахмети сега има вкупно 18 пратеници. Според експертите, најбезболниот начин НД да влезе во Владата е премиерот да смени еден или повеќе министри на ВМРО-ДПМНЕ со кадри од Нова демократија, а тоа да го образложи како зајакнување на албанскиот фактор во Владата.
За аналитичарот Ким Мехмети очигледно е дека Груевски игра на картата Селмани да влезе во Владата. "Реконструкција е можна во септември. Со тоа премиерот сака да ги ослабне позициите на ДУИ и воопшто на албанските партии кои изигруваат политичка икебана. На Груевски не му е важно која партија на Албанците е на власт, туку преку нив ја застапува својата политика", вели Мехмети. Според познавачите, во Извршниот одбор на ДУИ постојат две дијаметрално спротивни струи кога станува збор за односите во владината коалиција. Едната струја инсистира по секоја цена да се напушти Владата за да се спаси партијата. Според неа, Владата гради националистичка политика и сѐ помалку ги уважува нивните програмски определби. Другата група смета дека треба да се разговара со Груевски за сите отворени прашања и дека партијата треба да продолжи да партиципира во Владата со ВМРО-ДПМНЕ. (Време)
МЕЃУНАРОДНАТА ЗАЕДНИЦА ГИ ДИСЦИПЛИНИРА ПАРТИИТЕ
Средба на власта и на опозицијата под контрола
Судството и јавната администрација остануваат областите што треба да се деполитизираат за Македонија да добие позитивни оценки во есенскиот извештај на Европската комисија. За тоа на заедничка маса дебатираа власта и опозицијата, во присуство на амбасадори и експерти.
Специјалниот претставник на ЕУ констатира слаб прогрес во реформите во овие области. "Владата многу добро знае што треба да направи. Го поздравуваме напредокот во некои области, но истовремено сме загрижени за слабиот прогрес во други важни области како што е независноста на судството и создавањето професионална, деполитизирана и департизирана јавна администрација. Ова се реформи кои се витални за иднината на земјата. Ја охрабруваме Владата да направи сѐ што е можно да се видат конкретни, практични резултати на теренот", изјави Ерван Фуере.
Од опозицијата не веруваат дека Владата ќе успее да ги реализира барањата на Унијата. "Реално, барањата и реформите што треба да ги исполни Македонија се многу. Мислам дека со ваква работа владата не може до септември да го направи тоа", смета Бесим Догани.
Експертите што присуствуваа на дебатата велат дека Владата конечно треба да се откаже од дневната и да води стабилна политика. "Треба да се употреби еден покреативен и иновативен пристап. Треба да се откаже механичкиот пристап и, пред сѐ, дневната политика да се замени со една систематска политика со стабилна визија", смета Ветон Љатифи. (ТВ Канал 5)
АКО ЗЕМАЛ И ПЛАТА И ПЕНЗИЈА, НА МИНИСТЕРОТ МАНЕВСКИ МУ СЕ ЗАКАНУВА ЗАТВОРСКА КАЗНА
Тешка измама или тежок гаф на службите?
Министерот за правда Михајло Маневски може да биде осуден на максимална затворска казна од десет години ако се покажат како вистинити обвинувањата на пратеникот Владо Бучковски дека тој, спротивно од законот, половина година примал и плата и пензија! Правните експерти посочуваат дека станува збор за сериозни обвинувања и затоа државните институции треба да го проверат случајот. Поранешниот премиер и пратеник од СДСМ Бучковски во Собранието презентира документи според кои Маневски од први јануари до први мај годинава примал и плата и пензија. Тој го повика премиерот Груевски да побара политичка одговорност од Маневски и да го разреши од функцијата. Според него, сакајќи да прикрие еден скандал, Владата направила нов, уште поголем, па на почетокот на годинава го одјавила Маневски како вработен и повторно го пријавила на први мај.
Професорот по кривично право Ѓорѓе Марјановиќ вели дека несомнено постојат елементи за кривична одговорност, зашто Маневски бил должен да се откаже од примањата што се спротивни на законот. "Правдата е особено чувствителна работа. Случајот треба да се расветли, особено затоа што станува збор за министер за правда, кој по силата на законот треба да ги штити законите. Обични граѓани одговараат и за многу поситни работи, а камоли кога станува збор за министер", вели Марјановиќ. Според Кривичниот законик, измамата во службена дејност е казниво дело за кое се добива затвор од една до десет години!
Поранешниот член на Државната комисија за спречување корупција Вања Михајлова смета дека Комисијата и Јавното обвинителство треба да го разгледаат случајот врз основа на пишувањата во медиумите и да поведат постапка ако изнесените обвинувања се покажат точни. Претседателката на Транспарентност - нулта корупција Слаѓана Тасева вели дека институциите на државата треба да проверат дали постои судир на интереси и да ја утврдат фактичката состојба.
На пратеничките прашања минатиот месец, кога СДСМ го отвори овој случај, Маневски рече дека се откажал од пензијата, а не од платата, и дека од почетокот на 2009 година зема само плата! Тој се најде на удар на јавноста и поради неговата сопруга Филимена Маневска, судијка во скопскиот Апелационен суд, која одбиваше да оди во пензија иако ги исполнуваше законските услови. Под притисок на јавноста, Судскиот совет на почетокот на јуни ја разреши Маневска од функцијата. (Време)
ПОПУЛИЗАМ
Бошкоски со кошула од 160 евра пред земјоделците
Лидерот на партијата Обединети за Македонија Љубе Бошкоски во елегантен црн костум и во бела кошула од луксузната британска модна куќа Барбери, чија гардероба носат и членовите на кралското семејство, се сретна со земјоделците на магистралниот пат Велес-Штип. Незадоволни од откупната цена на житото што им ја нудат мелничарите, тие го блокираа патот и бараа поддршка од Владата да посредува во договарањето на цената. Секогаш елегантниот Бошкоски изјави дека не се чувствувал незгодно поради тоа што на средбата со земјоделците носел скапа и брендирана кошула која чини 160 евра, а некои модели се и поскапи. "Јас сум човек од народот, сум работел на ниви во Челопек и не се чувствувам незгодно поради мојот стил на облекување и живеење. Јас сум човек што немал и имал во животот и, за разлика од некои политичарчиња што носат маици од илјада денари а имаат сметки во странски банки, јас трошам од тоа што го работам и немам сметки во странски банки. Кога јас, пред да се занимавам со политика, возев мерцедес, тие возеа велосипеди. Точно, кошулата беше оригинална Барбери и, иако сите сметаат дека чини скапо, таа за мене нема цена зашто е подарок од ќерка ми Катарина додека бев во Хаг. Купена е во Холандија. Ја носев уште неколкупати во Хаг. Од Барбери имам мантил, уште една свечена кошула и црн свечен костум", изјави Бошоски. (Вест)
ЕКСПЕРТИТЕ ЈА ОБВИНУВААТ ВЛАСТА ЗА ИНАЕТЕЊЕ
Владата ја враќа веронауката низ мала врата
Владата се обидува низ мала врата да ја врати веронауката во форма на етика на религиите, со што повторно ќе се воведе предмет со кој ќе се ограничат свеста и знаењето на учениците, сметаат експертите. Според нив, загрижуваат обидите повторно да се врати овој предмет и упорноста на владата, која преоѓа во инает околу овој проект, со што се гледа големата вмешаност на верските заедници во политиката. Бирото за развој на образованието распиша конкурс за избор на соработници за подготовка на новиот предмет етика на религиите, што треба наесен да ја замени веронауката. Сѐ уште не се знае кој ќе ја држи наставата по новиот предмет. "Со воведувањето на новиот предмет се врши обид за враќање на одбиениот предмет веронаука, зошто е нелогично да се редуцира етиката само во една сфера или само во една димензија, и тоа религиозната. Повеќе од јасно е дека етиката треба да се изучува, но не да се изучува само религиозната етика, туку сите етички системи. На овој начин, со воведување на ваков стеснет предмет, повторно ќе се ограничат свеста и знаењето на учениците. Се обидуваат да го вратат предметот затоа што се работи за упорност на владата, која преоѓа во инает, а тогаш се губи разумот", вели професорот на Филозофскиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј Љубомир Цуцуловски. Тој додава дека, ако се вратат теолозите да го предаваат предметот, ќе треба од нив да се бара солидна педагошка подготовка и полагање предмети на некои од факултетите токму за вршење на дејноста наставник.
Од ЛДП, која застана во одбрана на уставно гарантираната секуларност и ја поднесе иницијативата за уставноста на тој предмет, велат дека со новиот предмет се врши обид за повторно протнување на веронауката и дека тие пак ќе се обидат да го турнат и новиот предмет на Уставен суд. (Според Дневник)
ЗА СПОМЕНИЦИТЕ ВО СКОПСКАТА ОПШТИНА ЦЕНТАР
Седум илјади евра за членство во комисијата!
За подигањето на 14 споменици во строгото градско подрачје, Општината Центар потрошила најмалку 63.000 евра за надоместоци за членовите на одборите. Според информацијата оттаму, во одборите за подигање на сите 14 споменици членуваат истите луѓе, односно Димитар Богески, поранешен советник во Центар од ВМРО-ДПМНЕ, како претседател на одборот, и членовите Никола Гергиевски, поранешен советник во Центар од Нова алтернатива, Зоран Тодоровски, директор на Архивот на Македонија, Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство, академските скулптори Гоце Наневски и Васил Василев, Соња Шумкова, раководител на секторот за урбанизам во Центар, Владо Петровски, раководител на секторот за правни работи во Центар, и Гоце Грујоски, раководител на одделението за нормативно-правни работи на Центар.
Ако се земе предвид дека за секој споменик членовите на Одборот добивале надоместок за подготовка на тендерот, потоа за оценка на пристигнатите трудови и за примопредавање на моделите на скулптурите, тогаш излегува дека секој член добил надоместок од 30.000 до 37.000 денари по споменик, или најнискиот износ што го добиле членовите на комисиите е околу 500 евра. Ако овој број се помножи со 14, колку што споменици ќе се подигаат, излегува дека секој член на одборот ќарил по 7.000 евра! (Според Вест)
ЗДРАВСТВОТО Е ЗАРАЗЕНО СО СКАНДАЛИ
Пациентите умираат, апаратот собира прав!
Десет години баро-комората, апарат за лекување на повеќе болести, собира прав во Клиничкиот центар затоа што нема кадар што може да ракува со неа?! Оваа капсула работи со помош на чист кислород и лекува многу болести, ги зараснува раните, ја обновува кожата, а особено ги олеснува тегобите кај пациентите што се заболени од склеродермија. Болеста ги напаѓа кожата и внатрешните органи, а со помош на оваа капсула раните брзо зараснуваат. Купена е пред десетина години, а државата за неа плати 400.000 евра! Пет години стоеше на паркингот на Клиничкиот центар, неколку министри свечено ја пуштаа во употреба, но никогаш не проработи.
Пред две години беше изградена посебна просторија во надворешниот дел на зградата на Хируршките клиники. Сега баро-комората ѝ припаѓа на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, но сѐ уште не функционира. Апаратот го чува еден вработен, гледајќи го како пропаѓа оставен на забот на времето. Од клиниката тврдат дека проблемот е во Министерството за финансии, кое не одобрува средства за вработување за десетина луѓе кои треба да работат со пациентите. Клиниката за пластична хирургија им овозможила обука на двајца вработени, но откако научиле како да работат со апаратот, ја напуштиле клиниката носејќи го со себе и знаењето.
"Точно е дека Министерството за финансии не дозволува нови вработувања. Затоа решивме да го искористиме постојниот кадар. Сега се прави список на лекари што ќе одат на обука во Белград. Се надевам дека во наредните месеци ќе заврши обуката и веќе во октомври баро-комората ќе профункционира", изјави министерот за здравство Бујар Османи.
Овој модел на баро-комора е веќе застарен и некои стручњаци се скептици за тоа дали ќе се најдат и делови, кои допрва треба да се монтираат. (Според Време)

