L A T I N I C A

 

O N L I N E

 

МАКЕДОНИЈА » Актуелно

НЕФОРМАЛЕН МИНИСТЕРСКИ СОСТАНОК НА ОБСЕ НА КРФ

Бакојани го ескивираше Милошоски!

На Крф не дојде до средба меѓу Бакојани и Милошоски. Официјалното образложение е дека грчката министерка била презафатена. На прес-конференција таа рече дека сака да се види со Милошоски, но таквата средба ќе се случела во Скопје. "Уште за време на посетата на Косово објавив дека ќе го посетам Скопје тогаш кога мојот распоред ќе ми дозволи. Како претседавач со ОБСЕ ќе имам можност да ја видам нашата мисија во Скопје, а исто така да разговарам со вашето државно раководство за отворените прашања што постојат", изјави грчката министерка за надворешни работи.
Милошоски изјави дека очекува наскоро да има можност да разговара со својата колешка за билатералните проблеми. "Ние ја изразивме нашата подготвеност и уште еднаш ја повторивме поканата таа средба да се случи кај нас, при посета на мисијата на ОБСЕ во Република Македонија, при што ќе имаме можност да оствариме разговори на билатерални теми, а таа покана таа срдечно ја прифати и јас се надевам дека согласно нејзиниот календар наскоро ќе се случи", изјави македонскиот министер.
Неофицијално, Дора Бакојани добила забрана од премиерот Караманлис за средба со Милошоски, поради наредбата на грчката влада од 2004 година да се прекинат билатералните односи со Македонија по признавањето од САД. Втора причина за забраната наводно бил стравот дека таа средба ќе предизвика големо медиумско внимание и дополнително ќе го "македонизира" состанокот и ќе го засени медиумското внимание на грчките домаќини.
Македонија не беше тема на состанокот на ОБСЕ и на саботниот самит НАТО - Русија. Имајќи на ум кој е домаќин на настанот, францускиот министер за надворешни работи Бернар Кушнер, слично како и портпаролот на НАТО, се поправи откако го употреби уставното име на Македонија. "Не, извинете. Ние не зборувавме за тоа. Но, Македонија секако зборуваше. ФИРОМ! Вашиот претставник зборува сега. Ова не е место за борба. Ова е место да се добие нешто друго освен борба", изјави Кушнер.
Состанокот на Крф заврши без заклучоци, поради неформалниот карактер на настанот. Најголем проблем на организаторите им направи италијанскиот премиер Силвио Берлускони кој, кога доаѓаше на состанокот, направи двочасовен застој на сообраќајот во градот. Поради него останаа заглавени во сообраќајот високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Хавиер Солана и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. (ТВ Канал 5)


Предизвиците на Европа

Неформалниот министерски состанок на земјите-членки на ОБСЕ, што во организација на грчкото претседателство се одржа на островот Крф, е прва средба од ваков вид во рамките на ОБСЕ. Се очекуваше шефовите на дипломатиите и други претставници на 56 држави-членки да дискутираат за прашањата на современите безбедносни предизвици со кои се соочува Европа, за потребата од зајакнување и унапредување на европските безбедносни механизми со цел брз и ефикасен заеднички одговор на можните закани по мирот и стабилноста на државите од европскиот континент.


ПРЕД БАЛКАНСКАТА ТУРА

Нимиц во дипломатска мисија во Стокхолм

Како и пред средбата во Женева, пред да дојде во Скопје и Атина, медијаторот Метју Нимиц ќе се сретне со шведски дипломати. Повеќе западни земји почнаа индиректно да се вклучуваат во преговорите. Зголемен мониторинг и зголемен притисок! Шведска, која по неколку дена го презема претседателството со ЕУ, како еден од приоритетите ќе го има спорот меѓу Македонија и Грција. Велика Британија веќе побарала од Атина да даде логично објаснување за ставот на грчкиот преговарач - зошто Василакис не гледа решение на спорот до крајот на годинава. Од дипломатски извори ТВ Канал 5 дознава дека грчкиот преговарач на средбата во Женева му рекол на Нимиц дека е песимист. Нов предлог на Нимиц, над 80 отсто базиран на последниот предлог и финални разговори кон крајот на септември, на Генералното собрание на ОН, се информациите до кои неодамна дојде ТВ Канал 5. Но, ако официјална Атина не го промени тврдиот став, тој план ќе пропадне поради внатрешна криза во Грција, која се соочува со низа внатрешни проблеми: нелегална миграција, закани за нови терористички напади, притисок на опозицијата за предвремени избори.


ПРЕГОВОРИ ЗА ИМЕТО

Нимиц ќе дошол со нов предлог

Медијаторот Метју Нимиц на почетокот на јули доаѓа во Скопје и во Атина со предлог-решение за разликите околу името, објави радиото Дојче веле цитирајќи го заменикот министер за надворешни работи на Македонија Зоран Петров. "Нимиц носи предлог", изјави тој и во еднадебатна емисија на ТВ А2, не изнесувајќи детали. Вториот човек на македонската дипломатија во минатото изразуваше критики дека последниот пакет на Нимиц е небулоза и дека медијаторот излегува од мандатот на Обединетите нации да се разговара само околу разликите за името. "Беше јасно дека порано или подоцна излезот мора да се бара во оваа формула. Значи, да се преговара само за името или, да го објасниме тоа малку повеќе, за техничкиот аспект на реноминација на нашата држава. Веќе се оди во тие варијанти", изјави Петров.
Најавата на заменикот министер дека Нимиц доаѓа во Скопје и во Атина со нов предлог е спротивна на изјавата на премиерот Никола Груевски - дека на последната рунда разговори за името во Женева "немало конкретен предлог". (Макфакс)


ПО ЖЕНЕВСКИОТ СОСТАНОК

Преговорите се одмрзнаа, предлогот замрзна?

Можно е некои од точките од последниот предлог за името повторно да се стават на преговарачката маса, прогнозираат експертите откако по средбата во Женева медијаторот Метју Нимиц оцени дека на некои од идеите што тој ги претстави во октомврискиот предлог, како што истакна, "вреди да им се посвети натамошно внимание". За разлика од експертите, од власта не ја коментираа средбата која заврши без многу детали за содржината на разговорите.
Според професорот по меѓународно право Љубомир Фрчкоски, во својот нов предлог Нимиц би ги презентирал името Република Северна Македонија, евентуалните алтернативи за идентитетот и јазикот и идеите за приложливоста на компромисното решение во меѓународни рамки. Но, Фрчкоски смета дека понатамошниот тек на преговорите за името на државата, нацијата и јазикот би се свеле на разговори за начинот на кој тие ќе се пишуваат на англиски и на француски јазик.
Професорот по меѓународно односи Денко Малески смета дека Нимиц може да излезе со нови идеи, но пак со иста рамка. "Најверојатно идеите од последниот предлог со кои се бара од двете држави да го решат спорот во две етапи ќе бидат опфатени и сега - првата фаза, да се најде компромисно решение за името на државата кое ќе ѝ овозможи влегување во НАТО, и втората фаза, да продолжат преговорите за името на нацијата и јазикот, каде што со сигурност би се одело на тоа да се најде некаква додавка", вели професор Малески.
Во последниот предлог на Нимиц беа предложени имињата Република Северна Македонија за меѓународна употреба и Република Македонија за домашна употреба. За јазикот, медијаторот предложи двојно решение, и тоа македонски или јазик на Република Северна Македонија, а за во пасошите Република Македонија на кирилица и Република Северна Македонија на англиски и на француски. Според тогашните најави, употребата на новото име во меѓународни рамки не треба да биде задолжително за државите кои Македонија ја признале под уставното име. (Шпиц)


Каква клима го чека Нимиц во Македонија

Медијаторот Метју Нимиц по рундата преговори што се одржа во Женева ја прати можеби една од најсуштествените пораки досега - дека е дојдено времето решението на спорот меѓу Македонија и Грција да се бара поинтензивно.
Но, што ќе најде Нимиц во Македонија? "Закрвена" политичка сцена, во што предничат водечките партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, разочарани Албанци кои сметаат дека спорот се решава предолго и влада во паника, која се обидува да се извлече со минимум политичка штета од спорот околу името. По неуспехот да се обединат сите политички страни во парламентот околу една стратегија за името, политичката клима во Македонија, најблаго кажано, е во фаза на длабока летаргија и очекување некој друг да го повлече решавачкиот потег.
Премиерот Никола Груевски постојано ја бомбардира јавноста со својата цврста решеност да спроведе референдум околу евентуалното име што ќе биде договорено меѓу двете страни во спорот. Од друга страна, претседателот Ѓорге Иванов со своето интервју за Шпигел покажа дека е изолиран остров во разбранетото море. Тој најпрво рече дека во тек се консултации со политичките партии околу референдумското изјаснување, а потоа за домашната јавност мораше да објаснува дека неговите зборови биле лошо преведени. Иванов, кој "вирее" во комплетна сенка на владата, ако продолжат работите како што се одвиваа досега, ќе биде првиот претседател чии политички советници се погласни од него во темите за иднината на државата.
Единствена новина е тоа што во Владата, каде што досега царуваше мир околу прашањето за името, веќе се јавуваат првите пукнатини што доаѓаат од коалициониот партнер ДУИ, кој го засилува притисокот врз ВМРО-ДПМНЕ за изнаоѓање решение. Партискиот потпретседател на албанската партија Рафиз Алити отиде дури и еден чекор понатаму, вперувајќи го прстот во Владата како најодговорна за решавањето на спорот бидејќи, како што изјави, "и со референдум и без референдум партиите што победија на изборите треба да ја преземат одговорноста".
Ставот што го изнесе во Женева македонскиот преговарач - дека не треба да се принудуваат 120 земји што ја признаа Македонија под уставното име да го користат новото име - е драстично различен од барањето на Грција за ерга омнес, односно едно име за целосна употреба. Тој став значи чекор назад во преговарачките позиции на Македонија, но може да значи и тактика на македонската страна пред влегувањето во финалните преговори за разрешување на спорот, велат аналитичарите. (Според Утрински весник)


ЃОРГЕ ИВАНОВ

Обединета Европа е позначајна од интересите на Грција

"Секако, Македонија очекува од сите свои сојузници во светот, особено од Европа, да почнат повисоко да го вреднуваат македонскиот модел на мултиетничност кој е пример и за другите балкански земји. А нема подобар начин да го направат тоа од сите заедно да се заложат за побрзи интеграции на Македонија во НАТО и во ЕУ и јасно да ѝ стават на знаење и на Грција дека идејата за обединета Европа е многу поголема од тесните интереси на секоја земја членка", изјави Иванов во интервјуто за магазинот Форум. Тој потенцира дека во Македонија на внатрешно-политички план има мандат за разговори, односно дека дополнителен мандат е тоа што евентуалната одлука ќе се постави пред највисокиот демократски суд - пред граѓаните на Македонија.


ПАРТИИТЕ СЕ СКАРАНИ И ПРЕД И ПО ЖЕНЕВА

Никој не го сака Јолевски!

СДСМ и ДПА одбија, ДУИ побара мултиетничност во новото меѓународно име на државата, а само Нова демократија и ЛДП се сретнаа со амбасадорот и преговарач за името Зоран Јолевски. Вака помина обидот на власта да ги информира политичките партии за последните настани во врска со спорот за името, по средбата на Јолевски со медијаторот Метју Нимиц и со грчкиот преговарач Адамантиос Василакис во Женева. Иако на почетокот на јули Нимиц доаѓа во Скопје, со евентуален нов предлог, партиите повторно се загубија во меѓусебните препирки за тоа дали на лидерска или на одделни средби со Јолевски ќе разговараат за името. Од друга страна, власта заборави на Либералната партија и, пред сѐ, на предлагачот на државната стратегија за името, пратеникот Стојан Андов, чиј предлог остана во фиока поради слични политички караници.
"Точно е дека Јолевски денес побара средба со Бранко Црвенковски. Но, ние во СДСМ проценувааме дека владата само сака да создаде привид на постоење инволвираност на политичките партии во тој процес и преку соопштување технички информации избегнува дебата. Конкретно, Никола Груевски сака да избегне дебата и тоа во ниту еден момент досега и пред никого не го соопшти. СДСМ нема да дозволи да биде вовлечен во новиот политички театар во форма на средби на амбасадорот Јолевски", изјави портпаролот на СДСМ Емилијан Станковиќ.
Сличен одговор добивме и од партијата на Мендух Тачи ДПА, каде што велат дека нема потреба да ги слушаат само техничките аспекти од преговорите зашто, како што посочи портпаролот на партијата Адријатик Имери, Јолевски не е ниту политичка фигура во Македонија ниту претставник на некоја институција за од него да го слушнат ставот на државниот врв.
Од владеачката партија излегоа со жалење поради тоа што СДСМ ја одби поканата за средба со Јолевски. "Ние сметаме дека ова прашање не смее да биде заложник на дневна политика на поединци и партии и не смее да биде предмет на надмудрување", се наведува во соопштението од партијата. (Шпиц)


ГРУЕВСКИ:

Не сум изненаден!

Премиерот Никола Груевски не е изненаден од одбивањето на средбата на лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски со амбасадорот Зоран Јолевски. "Црвенковски веќе со години не сака да се реши спорот. Бидејќи во овој период немаме конкретен предлог, решивме да не организираме лидерска средба, туку само преговарачот Јолевски да ги информира партиите на непосредни средби", рече Груевски.


СВЕТСКИ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС

Тодор Петров повикува на света војна за името?!

Светскиот македонски конгрес на Тодор Петров повикува на света војна за одбрана на името на државата. Лидерот на СМК ја извести јавноста дека на 15 јуни Конгресот донел одлука за формирање Движење на отпорот против промената на државното име. Покрај декларацијата, преку интернет се нуди и пристапница за сите што сакаат да застанат зад оваа идеја, за која не е јасно дали ја поддржува и ВМРО-ДПМНЕ (на чии внатрепартиски избори за претседатлески кандидат Петров му беше контракандидат на Ѓорге Иванов) како партија на власт.
"Имајќи предвид дека светата библиска земја Македонија и Македонците се изложени на грчка агресија, имајќи предвид дека Атина води специјална војна против Македонија и Македонците по сите основи и во целиот свет со цел да се елиминира македонското прашање, соочени со грчкиот геноцид врз македонскиот народ кој континуирано се врши од поделбата и окупацијата на македонската земја и народ во Балканските војни 1912-1913 година до денес, антимакедонизмот на Атина кој поприма универзални димензии и со грчкото расистичко барање за промена на државното име Македонија, свесни за медиумската кампања и притисокот на меѓународната заедница, како и за историските и безбедносните импликации поради неизвесноста од сервилноста на институциите на власта за промена на државното име Македонија на последната возобновена македонска држава..., Светскиот македонски конгрес повикува на света војна за одбрана на државното име Македонија", се вели во прогласот на СМК.
Конгресот ги повикува сите Македонци по род и државјанство и сите пријатели на Македонија и на Македонците во целиот свет, со сите дозволиви и расположливи сили и средства, во секое време и на секое место на Земјината топка, да ги спречат и да се спротивстават на сите постапки и протагонисти за промена на државното име - Македонија.


НЕГУШ, ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА

Одбележување на 60 години од граѓанската војна

И по 60 години од граѓанската војна и егзодусот на Македонците, грчката влада не сака да го признае а камо ли да се обиде да ја поправи неправдата врз стотиците илјади протерани во далечната 1948 година. Некои од нив и сега не можат да ги посетат родните огништа. Ова прашање, покрај спорот за името, дополнително ги оптоварува меѓудржавните односи, но битката продолжува со оружјето на аргументите. "Тоа е егзодус што навистина и денес трае, затоа што во Република Македонија се роди генерацијата деца на децата-бегалци од Егејска Македонија. Значи, прашањето не е затворено, тоа тлее, да не речам сега, во еден поголем обем избива на површина, се актуелизира со спорот со името што нашата држава го има сега со Грција, дури можам слободно да констатирам дека најголем дел зад таа грчка политика во поглед на името се крие токму нерешениот статус на Македонците од Егејска Македонија, и тоа е еден проблем што уште трае и ги оптоварува македонско-грчките односи", вели професорот Никола Жежов.
Неколку деца-бегалци од егејскиот дел на Македонија изминатиот викенд во Негуш требаше да ја одбележат шеесетгодишнината од крајот на граѓанската војна во Грција. Некои од нив и самите биле учесници во неа. Таму се среќаваат со своите грчки колеги кои апелираат до Владата да им дозволи враќање и им даваат право да се обратат на мајчиниот македонски јазик. "Мислам дека расте бројот, има огромен број поддржувачи во Атина, можеби стотина илјади млади луѓе кои не ги интересира ништо друго освен ние да се вратиме и да живееме во своите родни места и евентуално заедно со нив да го продолжиме животот", вели генералниот секретар на Сојузот на здруженијата на децата-бегалци од егејскиот дел на Македонија Ѓорѓи Доневски. Тие се надеваат дека од година на година го зголемуваат пробивот во сопствените барања за враќање во родните места и правото на користење на имотите што им ги конфискувале грчките власти. (ТВ Канал 5)


И грчката пошта го блокирала изборниот материјал на "Виножито"

Грчката пошта, која е во државна сопственост, ја саботирала кампањата на Виножито за евроизборите, соопшти партијата на македонското малцинство во Грција. Станува збор за пропаганден материјал што Виножито го испратило преку пошта до своите гласачи во северна Грција, како алтернатива да ги промовира своите ставови, поради тоа што има целосна блокада од грчките медиуми. Виножито најостро го осуди мешањето на грчката пошта во изборната кампања и најави жалба до таа институција. "Ова е уште еден доказ на саботажата од грчките државни органи против партијата на етничкото македонско малцинство во Грција", соопшти Виножито.


НОВО БУГАРСКО ЗДРУЖЕНИЕ

Бугарите тајно роварат!

Во најголема тајност, минатата недела во Велес се одржало конститутивно собрание на ново бугарско здружение во Македонија - Асоцијација на Бугарите во Македонија. Триесет и пет делегати од единаесет македонски градови избрале привремено раководство, но имињата на претседателот, потпретседателот и генералниот секретар на новата асоцијација се држат во тајност. Бугарската агенција Фокус беше единствениот медиум кој пренесе дека вакво здружение е во процес на формирање. Информацијата ја добиле од почесниот претседавач со Асоцијацијата на Бугарите во светот, професорот Григор Велев.
Кои се луѓето што ќе ја предводат асоцијацијата во Македонија? Велев највува дека тоа ќе се обелодени во септември, кога организацијата официјално ќе се формира и ќе се заведе во Централниот регистар?! Засега е познато дека ова здружение не е поврзано со постојното Радко, а неговиот претседател Владимир Панков демантира какви било релации и тврди дека не знае кој и зошто формира нова организација на Бугарите. На собранието било договорено да се финансира весник на бугарски јазик во Македонија. За две недели ќе се формира асоцијација на Бугарите во западните покраини со седиште во Босилеград, а слични структури како оваа во Скопје се планира да се формираат и во Албанија, Романија, Косово и Грција. Организациите ќе бидат еден вид подружници на Асоцијацијата на Бугарите во светот што се формирала во ноември 2008 година во Варна. Целта им е да се постигне духовна поврзаност на Бугарите во целиот свет.
Професорот Велев на основањето изјавил дека шест и пол милиони Бугари живеат надвор од границите на Бугарија! Тој е познат по своите националистички ставови и по изјавата дека "Бугарија е единствената држава во светот чии граници ја делат Бугарија од Бугарија". (Вечер)


ИЗБОРИ ВО АЛБАНИЈА

Македонците очекуваат барем еден пратеник

Партијата на Македонците во Албанија очекува да добие пратеник во албанското собрание на изборите што се одржаа во неделата, на 28 јуни. Таква беше најавата на партиското раководство на завршниот митинг што се одржа во Пустец, на кој присуствуваа претставници од сите месни комитети на партијата. Македонска алијанса за европска интеграција, која коалицира со владеачката Демократска партија, првпат се појавува на парламентарни избори, и тоа на целата територија на Албанија. Настапува со 72 кандидати за пратеници во албанското Собрание во сите дванаесет изборни региони. "Ова е историски датум за нас Македонците во Албанија. Многу сме горди на тоа што, на дипломатски начин, полека се пробиваме на политичката сцена во Албанија. Дури и да не добиеме македонски пратеник, ние постигнавме огромен успех со тоа што, освен во Мала Преспа, за првпат се пробивме во Гора и во Голо Брдо, што до пред неколку години беше незамисливо", изјави заменикот градоначалник на општината Пустец Васил Стерјовски. Тој рече дека во сите поголеми градови во кои живеат Македонци, како Тирана, Драч, Корча, Поградец и други, партијата има отворено изборни штабови пред кои се веат македонски знамиња и се истакнуваат македонски симболи.
Во изборната кампања македонската партија и македонското население немале никаков притисок и не биле спречувани во вршењето на политичката пропаганда. За тоа, велат во партијата, пресудна била коалицијата со владеачката партија. "За време на целата кампања се забележуваше присуство на тајната служба на Албанија, исто така и за време на митингот што се одржа минатата недела во Голо Брдо. Тие ја надгледуваа ситуацијата, но првпат се случува никој да не биде приведен или нападнат од нив", вели жител од регионот на Голо Брдо. (Време)



НАЈНОВ БРОЈ



ВРЕМЕ

МАКЕДОНИЈА

АВСТРАЛИЈА


КАЖЕТЕ ГО ВАШЕТО МИСЛЕЊЕ!

Писма до уредникот

Letter to the Editor