L A T I N I C A

 

O N L I N E

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ПАНДЕМИЈАТА ПРИСТИГНА

Регистриран е прв случај на грип А (Х1Н1) во Македонија

Четиригодишното момче од Австралија е позитивно со вирусот од групата А, но дали е заразено од новиот грип Х1Н1 за неколку дена треба да покажат резултатите од лабораторијата во Лондон. Уште во саботата се испратени примероци од крвта на момчето кое со симптоми на грип од Прилеп беше донесено на Инфективната клиника во Скопје (поопширно во рубриката Пелагонија). Детето во Македонија допатувало од Австралија. "Ние го гледаме и го третираме случајот како да е позитивен. И семејството е подложено на терапија и блиските контакти на профилакса", изјави министерот за здравство Бујар Османи. Во неделата попладне состојбата на детето беше стабилна и тоа со неговата мајка е задржано на лекување на Инфективната клиника во Скопје. "Состојбата е значително подобрена и кај четиригодишното машко дете е веќе сосем смирена. Детето е расположено, симптомите поради кои е примено се во фаза на целосно повлекување", рече директорот на Инфективната клиника Звонко Миленковиќ.
Во саботата доцна вечерта на Инфективната клиника во Скопје со симптоми на грип бил примен и возрасен маж од Њу Џерси, САД, кој дошол на посета во Вевчани. Кај него тестовите биле негативни на новиот вирус. Според Министерството за здравство, и понатаму на граничните премини ќе останат медицинските екипи. Нема да се набавуваат дополнителни количества на лекот Тамифлу, засега доволни биле 50.000 кутии кои пред две недели стигнаа во Македонија. Надлежните апелираат македонските граѓани кои ќе патуваат во странство, ако забележат симптоми на грип, веднаш да се јават на лекар во земјата во која престојуваат. "Според Меѓународниот здравствен правилник сите земји се обврзани да ги лекуваат граѓаните од која било земја ако се работи за сомнителен случај од новиот вирус, и тоа бесплатно", објасни министерот Османи. (ТВ А1)


"СВИНСКИ ГРИП"

Прилеп е во паника!

Екипите на Заводот за здравствена заштита од Прилеп забрзано се подготвуваат за справување со ситуацијата по појавата на грипот од типот А. За време на викендот се дезинфицираа сите простории во хотелот во кој биле сместени четиригодишното дете со симптоми на грипот, неговото братче, мајката и бабата кои допатувале од Сиднеј. Бабата и другото дете се сместени во карантин во собата во хотелот, каде што вработените само им носат јадење. Од Заводот велат дека моментално се прават големи напори за откривање на сите лица со кои детето било во контакт во последниве денови. Во Прилеп владее вистинска паника, луѓето велат дека не знаат како да реагираат. "Многу е страшно, не знаеме што да правиме, ќе ги чуваме пред сѐ децата, за нас - што е, тоа е", велат исплашено прилепчани. Од Заводот смируваат дека нема место за паника сѐ додека не се докаже опасниот тип Х1Н1, но препорачуваат сите сомнителни случаи навреме да се пријавуваат.


БУГАРИЈА ПАК ѝ СЕ ЗАКАНУВА НА МАКЕДОНИЈА:

'Македонизмот' се гради врз украдена бугарска историја!

Според Љупчо Трохаров, дипломат и советник на бугарскиот министер за надворешни работи, Бугарија треба јасно да ѝ постави на Македонија одредени услови кои би ја натерале да ги нормализира односите со Бугарија пред да ѝ се придружи на ЕУ. Според него, "македонизмот што го промовира Македонија во односите со Грција се заснова на антибугарска идеологија", односно "врз историја што е украдена од Бугарија". Тој оценува дека Македонија демонстрира недружељубивост уште од Втората светска војна, која може да ги загрози бугарските интереси ако Македонија стане полноправна членка на ЕУ. "Тоа треба да се каже и да се знае кои се условите. Наместо да молчиме, проблемите треба да се стават на маса и да почнеме дијалог", вели Трохаров во интервју за бугарскиот Фокус. "Историјата, идентитетот и културно-историското наследство се прашања кои Македонија и Бугарија мора да ги расчистат пред", како што вели Трохаров, "нашиот проблематичен сосед да ѝ се приклучи на ЕУ". (ТВ Сител)


МПЦ: Стоп за беспредметните полемики, ние сме Македонци!

Македонските архиереи побараа од сите инволвирани во општествената дебата за потеклото на Македонците, да ја прекинат. "Согласно духот на меѓународните декларации и конвенции за човековите права, правото на самоопределување и изразување на сопствениот идентитет е неприкосновено и како такво не зависи од генетско-биолошките условувања. Токму затоа, Синодот смета дека е беспредметна секоја расправа што предизвикува поделба околу тоа дали ние сме со античко, словенско или друго потекло. Ние сме Македонци!", соопштува САС на МПЦ.


Гулаби летаа за Трајковски

Во алејата на великаните на скопските гробишта Бутел се одржа четвртата манифестација Спомени за Борис Трајковски 2009, по повод 53-годишнината од неговото раѓање. На манифестацијата ученици од основните училишта од општината Бутел читаа свои творби посветени на претседателот, а потоа во воздухот беа пуштени 53 гулаби. Професорот д-р Гале Галев во своето обраќање потсети на големите квалитети на претседателот Трајковски, како скромноста и вистинољубивоста, и додаде дека тој бил човек што дава и споделува љубов. На манифестацијата присуствуваа членови на семејството Трајковски и претставници на повеќе здруженија и граѓани почитувачи на ликот и делото на загинатиот претседател.



НАЈНОВ БРОЈ



ВРЕМЕ

МАКЕДОНИЈА

АВСТРАЛИЈА


КАЖЕТЕ ГО ВАШЕТО МИСЛЕЊЕ!

Писма до уредникот

Letter to the Editor