|
|
L A T I N I C A |
|
|
O N L I N E |
  |
|
МАКЕДОНИЈА » Економија
ПО ПОВИКОТ НА ГРЧКИОТ ГУВЕРНЕР ДА НЕ СЕ ОДЛЕВА КАПИТАЛОТ ВО БАЛКАНСКИТЕ ФИЛИЈАЛИ
Смирувачки тонови од Стопанска и од Алфа банка
Националната банка на Грција ги повика грчките банки да запрат со префрлањето капитал во своите филијали во другите балкански земји. Според грчкото радио Скај, гувернерот на банката Јоргос Провопулос испратил писмо до поголемите банки во Грција со барање да запре одливот на капитал од земјата, со цел да може да се финансираат грчките домаќинства и компании кои не се во состојба да ги исплаќаат своите кредити. Ваквата информација предизвика вознемиреност кај коминтентите на две банки во Македонија кои се со грчки капитал - Стопанска банка и Алфа банка - но од тие банки упатија смирувачки тонови: "Продолжуваме со своите деловни планови и со поддршката на сите наши клиенти".
Стопанска банка е во доминантна сопственост на Националната банка на Грција. Како најголема банкарска групација во Југоисточна Европа, на почетокот на 2000 година таа ја презеде Стопанска банка и во моментов поседува 73 проценти од банката. Алфа банка е во стопроцентна сопственост на Грците. Банката е формирана во 1993 година, како една од првите приватни банки во Македонија под името Кредитна банка АД Скопје. Во 2000 година Алфа банк АЕ од Атина го откупи нејзиниот управувачки пакет акции . (Вечер)
МАКЕДОНСКА БЕРЗА
Рекорден минус
Македонската берза минатата недела беше регионален рекордер во загуба откако индексот на најликвидните десет компании, МБИ 10, падна за 8,65 проценти. Акционерите, во паника, ги продаваа своите акции по која било цена. Сличен пад на берзанскиот индекс беше забележан во април годинава, кога Македонија не влезе во НАТО. Последниот пад на берзанскиот индекс се случи истовремено со почетокот на примената на одлуката за ограничување на дневните ценовни флуктуации до 20 отсто од базната основа на понеликвидните или помалку тргуваните акции. Ниту ценовното ограничување ниту убедувањата дека Македонија нема да ја зафати глобалната криза немаа ефект врз инвеститорите. Тие по секоја цена сакаат да се ослободат од акциите и да добијат готовина. И на берзите во регионот не беше подобро. Индексите паѓаа и на љубљанската, загрепската и белградската берза, но таму загубата не се искачи ни до седум отсто. (Шпиц)
НАРОДНА БАНКА ПУШТА ВО ОПТЕК НОВИ КОВАНИЦИ
Монети од 10 и од 50 денари
Советот на Народна банка реши да се пуштат во промет ковани пари од 10 и од 50 денари. Паралелно со кованиците, ќе се употребуваат и банкнотите од 10 и 50 денари. Народна банка соопшти дека банкарскиот систем ја задржал стабилноста. Заклучно со јуни, вкупната актива на банкарскиот систем достигнала износ од 241,1 милијарда денари, што во однос на крајот на 2007 година е пораст од 7,8 проценти. Банките продолжиле забрзано да кредитираат, а кредитите на населението растеле најзасилено, со полугодишна стапка од 22,3 насто. Најмногу пораснале потрошувачките кредити - 39,4 проценти, и кредитните картички - 22,8 проценти. Продолжил и трендот на намалување на пласманите на македонските банки кај странските банки и нивното пласирање како кредити во домашната економија. На 30 јуни пласманите кај странските банки изнесувале 30,5 милијарди денари и, споредено со крајот на 2007 година, се намалиле за 5,7 милијарди денари. За шест месеци банките имале вкупна добивка од 2,5 милијарди денари што, споредено со истиот период од 2007 година, е зголемување за 13,2 проценти. (Нова Македонија)
ТЕКСТИЛНАТА И КОЖАРСКАТА ИНДУСТРИЈА ПРЕД КОЛАПС
Се најавуваат илјадници откази!
Кожарската и текстилната индустрија, во кои има околу 60.000 вработени, масовно ќе ги отпуштаат работниците ако државата не им помогне да се справат со светската економска криза. Менаџерите од овие две индустрии со најголем број вработени предлагаат Владата да им ги плаќа придонесите на вработените во месеците кога остануваат без работа и да определи фиксен износ на основицата на која ќе се плаќаат придонесите со воведувањето на бруто-плата.
"Кризата во Македонија се пренесе преку нашите странски партнери за кои произведуваме. Во последните неколку месеци сѐ повеќе се намалува обемот на работа. Потрошувачката на облека и на обувки на пазарот во САД и во ЕУ е драстично опадната, а тоа доведува и до големо намалување на обемот на производството", тврдат менаџерите од двете индустрии кои се собраа на состанок во Стопанската комора на Македонија во Скопје. Некои од нив веќе биле принудени периодично да ги одјавуваат работниците, а ако кризата почне да се продлабочува не е исклучена можноста, велат тие, и да ги затворат фабриките. "Турбо работиме само шест месеци од цела година. За да не ги отпуштаме вработените, бараме Владата и во месеците кога ќе немаме работа да ги плаќа придонесите, или да го намали износот што треба да го уплатиме", вели Јовица Петковски од чевларската фирма од Куманово. Според претседателот на Здружението на кожарско-преработувачката индустрија Константин Барзов, во следните неколку месеци македонските фирми треба да се борат со влијанието и на надворешните фактори, како што е силната конкуренција и квалитетот, но и на внатрешните, како што се високите давачки. Текстилците и кожарците бараат придонесите да се плаќаат не на 50, туку на 35 отсто од просечната плата. (Вест)
СТАВРЕСКИ:
Со 10 проценти од профитот Фени ја решава кризата
Околу 650 работници од Фени дојдоа на протести пред Владата во Скопје. Работниците ги повторија барањата што нивните директори му ги кажаа на министерот за економија Фатмир Бесими. Тие бараат враќање на бесцаринската зона, нова концесија за рудникот Студена Вода и бенефицирана цена на струјата. Работниците од комбинатот ги прими вицепремиерот Зоран Ставрески, заедно со министерот за финансии Трајко Славески и министерот за економија Бесими. Тие им порачаа на работниците решението за надминување на кризата да го најдат заедно со менаџерскиот тим на комбинатот.
"Фени е една од најдобрите компании во Македонија. Во изминатиот период работеше исклучително профитабилно, поради високите цени на металите во периодот од 2005 до 2007 година. Во тој период Фени оствари профит од околу 200 милиони американски долари во трите години. Нашата сугестија е Синдикатот да разговара со раководството на комбинатот, зашто ако вложат само 10 отсто од профитот, а тоа се 20 милиони американски долари, би можеле да ја пребродат кризата", изјави Ставрески по средбата со синдикалците. (Вест)

