|
|
L A T I N I C A |
|
|
O N L I N E |
  |
|
КУЛТУРА И ЗАБАВА » Естрада
ОДРЕДЕН ДАТУМОТ ЗА ИЗГРАДБА НА СПОМЕН-КУЌАТА ВО КРУШЕВО
Камен-темелник на годишнина од смртта на Тоше
Тимот сочинет од десетина стручњаци од различни профили со полна пареа го разработува проектот по сите фази со цел основниот проект да биде готов во втората половина на август
На 16 октомври, денот кога трагично загина македонска ѕвезда Тоше Проески, ќе се постави камен-темелникот на неговата спомен-куќа, на историскиот локалитет Гумење, во Крушево. Спомен-куќата на Тоше ќе се наоѓа на местото за каде што музичката легенда имаше голема желба да изгради свое студио. Творците на проектот, архитектите Дејан Секуловски, Дејан Спасеновски и Илија Божиновски, постојано се на релација Скопје-Крушево, каде што го разгледуваат теренот за да го предадат урбанистичкиот проект, со што ќе се овозможи добивање на сите дозволи и документи за градба од општината.
- Во исто време, тимот сочинет од десетина стручњаци од различни профили, со полна пареа го разработуваат проектот по сите фази со цел основниот проект да биде готов во втората половина на август. Завршниот изведбен проект ќе се предаде во почетокот на септември, со што ќе се овозможи камен-темелникот на спомен-куќата да биде поставен на годишнината од смртта на Тоше - вели Дејан Секуловски, дел од тимот на архитекти. Планирано е спомен-куќата да се гради на местото каде што има објект чии сопственици се "Монтана холидеј" ДООЕЛ на Пеце Пановски, кој поседува 67 отсто, и Историскиот музеј - Крушево, кој е сопственик на преостанатиот дел.
Адвокатот Кочо Топузовски, кој го застапува Историскиот музеј, се надева дека проблемот со сопственоста на објектот ќе биде решен за два месеца.
- Пановски бараше прво 100.000, а потоа 75.000 илјади евра, што ние, врз основа на цените на недвижностите во Крушево, не можевме да го прифатиме, па судот донесе пресуда за утврдување на сопственоста на идеалните делови. Инаку подготвени сме да се обидеме да постигнеме спогодба и да го откупиме неговиот дел, а за висината ќе одлучи мојот властодавец. Се надеваме дека ќе постигнеме спогодба, но ако не успееме во тоа, ќе поднесеме предлог до судот за физичка делба преку јавна продажба, па како косопственици имаме право на првенствено купување.
Топузовски истакнува дека Владата на Република Македонија во сите досегашни свои активности и преку Координативното тело и преку Министерството за култура, покажа дека во целост ги поддржува само желбите на Тоше и на неговите родители. Желбата на Тоше токму на тоа место да остане негова трага низ времето е желба и на Владата на Република Македонија и на сите нас и уверен сум дека тоа ќе го оствариме - вели тој.
ОД ПРОДАЖБАТА НА НОВИТЕ КОМПИЛАЦИИ
Семејството на Тоше не добило ниту денар
Ситуацијата што неодамна се најде во центарот на балканското внимание, кога една двојна и една поединечна компилација со хитови од Тоше Проески почнаа легално да се продаваат во Србија, се чини ќе има поголем заплет, зошто семејството на ѕвездата нема добиено ниту денар од тоа.
За двојната компилација издадена од "Сити рекордс" одобрение дале од "Аворд", продуцентската куќа каде Тоше беше ексклузивец, а за вториот албум со 20 песни, откако се најде на пазарот, неговата менаџерка Лиљана Петровиќ, почна преговори со белградскиот "Хај-фај центар". Славен Ристески, зетот за сестра на Тоше, е револтиран што овие материјали се објавени без никаква консултација со семејството, кое, патем, за сето ова нема добиено ниту денар.
- Ме зачуди што "Аворд" ги издало авторските права без воопшто да се консултираме. За двете изданија дознавме од новинарите. Од сето тоа семејството досега нема добиено ниту денар. Навистина не можам да се борам против целиот бизнис што се води на сметка на Тоше. Тој живееше за тоа да се слушаат неговите песни и секако таквата мисија треба да продолжи. Но каде е семејството во целата оваа приказна? - вели Славен.
НА КОНЦЕРТОТ ШТО НА 3 АВГУСТ ЌЕ ГО ОДРЖИ ВО ОХРИД
Лени Кравиц ќе свири на бина од 320 квадратни метри
Музичарот од САД доаѓа со комплетна продукција, односно со истата што ќе се користи на настапи во големи градови како Париз. Кравиц во Македонија ќе дојде по концертот во Атина на 1 август, а на 5-ти е во Будва
Познатиот американски рокер Лени Кравиц, кој на 3 август ќе настапи на фудбалскиот стадион "Билјанини Извори" во Охрид, ќе свири на бина од 320 квадратни метри, соопшти организаторот, Авалон-продукција.
"Тоа е единственото нешто што, засега, би можеле да го потврдиме за техничките детали од настапот на Кравиц. Мултинструменталистот од САД во Македонија доаѓа со комплетна продукција, односно со истата што ќе ја користи на концерти во градови како Париз", рекоа претставниците на Авалон на средбата со медиумите. Тие истакнаа оти има голем интерес за концертот и дека се задоволни од досегашната продажба на билети. Екипа на оваа продуцентска куќа еден месец е во Охрид и го подготвува теренот за да бидат обезбедени потребните услови за беспрекорно одржување на големата свирка. Просторот од еден километар околу стадионот ќе биде ограден за да не се создаваат преголеми турканици и апелираа до посетителите да не доаѓаат со своите возила директно пред местото на одржување на концертот оти локацијата нема доволно паркинг-места.
Ќе има четири локации за влегување, а сите ќе имаат повеќе влезови - две од нив се за трибинскиот простор, а две за теренот пред бината. Во случај на врнежи, нема резервна локација, но сцената на која ќе свири Кравиц ќе биде целосно покриена и евентуалниот дожд нема да биде пречка за нормален тек на концертот. Од Авалон појаснија дека на стадионот може да присуствуваат од 10 до 12.000 луѓе.
Лени Кравиц во Македонија ќе пристигне веројатно на 2 август, ден по својот концерт во Атина. Познатиот музичар, во специјалниот шатор ќе се запознае со 20 свои обожаватели што ќе победат на наградната игра - на оваа локација тој ќе ја врачи и гитарата "Џипсон флаинг ви", со негов потпис, што е дел од истата наградна игра во која се учествува со СМС-пораки.
Од Авалон не можеа да потврдат што би биле специјалните барања на Кравиц и неговата екипа освен инсистирањето на многу гардероби за што ќе бидат искористени простории од салата Билјанини Извори, која ќе му биде достапна на организаторот. На средбата со медиумите беше речено дека Кравиц ќе настапи со сет составен од композиции од новиот албум, но и неговите препознатливи хитови.
Предгрупа на Лени Кравиц ќе биде македонскиот поп-рок-бенд "Ареа", кој пред публиката ќе ги отпее познатите нумери.
Дани подготвена да ги запознае Шакира и Рики Мартин
Даниела Димитровска - Дани неделава ќе отпатува во Мексико Сити како заштитно лице за Југоисточна Европа во светската кампања "Да се остане жив" за борба против ХИВ. Таа очекува да се запознае со Шакира и со Рики Мартин кои го потврдиле учеството на форумот, но пред се најбитно и е што подобро да ја претстави сопствената земја.
- Повторно нов предизвик преполн со возбуда. Со гордост ќе стојам зад боите на Македонија, говорејќи за нашите напори, реализации, сугестии и идеи за подигнување на свеста, а задоволството ќе биде поголемо со споделување на македонската музика со светот - стои во официјалниот допис на Дани.
Спотот за нејзиниот наменски хит "Херој", снимен за потребите на УНФПА (Фондот за популација при Обединетите нации) пред три месеци беше побаран и од челните луѓе од американското и од британското седиште на музичкиот канал Ем- ти- ви.
Стефановски и Тадиќ се подготвуваат за ново продолжение на "Крушево"
Влатко Стефановски неодамна комуницирал со Тод Герфинкел, продуцентот на "Крушево", на кој му предложил по повод десетгодишнината на ЦД-то да направат ексклузивно издание, посветено на јубилејот. Но на тоа Тод му предложил да направи продолжение на "Крушево" заедно со Мирослав Тадиќ, со комплетно нови песни. Оваа идеја на Влатко му се допаднала и најверојатно таа ќе биде реализираа во наредниот период, кога тој и Тадиќ ќе бидат слободни.
Што се однесува до соработката меѓу Влатко и Мирослав, таа никогаш не престанала. Тоа го докажува и закажаниот концерт на 23 август во Дубровник, каде Стефановски и Тадиќ ќе ги придружува и бугарскиот кавалџија Теодосиј Спасов. Инаку Стефановски и Спасов заедно ќе настапуваат и во Македонија, во Битола и во Охрид, а на овие концерти ќе бидат придружувани од софиската филхармонија. Кога сме веќе кај филхармонијата, треба да се потенцира дека Стефановски и Тадиќ имаат покана да настапуваат со виенската филхармонија, а тоа најверојатно би се случило кон почетокот на наредната година.
Влатко на 6 октомври ќе одржи голем концерт во Сава-центар во Белград, на кој ќе го претстави првиот блуз-албум, работен со Јан Акерман и со Дамир Имери. Овој албум, кој неодамна се појави на домашниот пазар, е првиот блуз-излет на гитарскиот виртуоз и на него се најдоа 11 песни, за кои балканската, но и светската критика, даде позитивен коментар.
"Звуците на Македонија" низ призмата на Вучиќ
Поп-пејачот Мартин Вучиќ работи на завршната фаза од новиот етноџез- албум, насловен "Звуците на Македонија", на кој партиципираат уште шест музичари. Аранжманите на сите композиции ги потпишува професорот Живоин Глишиќ.
Освен ударни, за реализацијата на проектот се користени и тредиционалните инструменти гајда, кавал и тамбура. Цедето пред се е наменето за странскиот пазар и претставува уште една музичка приказна инспирирана од традиционалниот македонски мелос. Неговата промоција се очекува во септември.
Во меѓувреме Вучиќ со својот "Пер-екс ансамбл" се подготвува за концертна промоција на материјалот во рамките на оф-програмата на манифестацијата Охридско лето.
СЕ КОМПЛЕТИРА СПИСОКОТ НА УЧЕСНИЦИ
Познати домашни пејачи на Макфест 2008
Годинашното 23 издание на фестивалот Макфест, што ќе се одржи од 10 до 12 октомври во Штип, привлече многу познати музички имиња од домашната сцена кои ќе ги одмерат силите со настапи во живо. Иако списокот уште не е конечен, уметничкиот директор Кристијан Габровски ни изјави дека голем дел од музичките ѕвезди го потврдиле своето учество. Александра Пилева, Јован Јованов, Роберт Билбилов, Маја Вукичевиќ, Искра Трпева, Ноне Неделковска, Мијата, групите Паркети, Браво бенд, како и дуетот Дани Димитровска и Влатко Илиевски, се позвучните музички имиња од листата на изведувачи.
- Листата на дебитанти е готова, а останаа уште неколку слободни места за првата полуфинална вечер, што секако ќе се пополнат. Задоволен сум од композициите што беа избрани од конкурсот, а дел од нив ги добивме по принципот на нарачка. Како и во изминатите години, ќе има три фестивалски вечери, ќе се пее во живо, а победникот ќе го избере публиката во салата - вели Габровски, кој не ни откри со кои ѕвезди се преговара за настап во ревијалниот дел.
Освен стандардната музичка програма и овој пат дел од македонските изведувачи на фестивалот ќе имаат промоции на новите албуми. Групата Браво бенд ќе го претстави своето деби-издание, а Маја Вукиќевиќ, иако размислува, се уште не потврдила дали нејзиното долгоочекувано остварување ќе биде презентирано во Штип. На ланското, 22. издание, на Макфест победи дуетот Ристо Самарџиев и Ирена Крстевска со изведбата на композицијата "Се е исто како лани".

