|
|
L A T I N I C A |
|
|
O N L I N E |
  |
|
СПОРТ » Фокстел куп на Викторија
21. КОЛО
ПОРАЗ НА ЛАВОВИТЕ ВО ШЕПАРТОН
Збогување од шестката
А.И.С. - Престон Македонија 2:1 (1:1)
Сабота, 19 јули. Играно на Rumbalara Oval во Shepparton. Гледачи околу 1000. Судија: Дамир Башиќ. Жолт картон: Геилвеј, Миловановиќ, Манро (АИС). Стрелци: Кофи ДАНИНГ (два гола) за АИС, Роберт ДОЛЕВСКИ за Престон Македонија.
АВСТРАЛИСКИ ИНСТИТУТ ЗА СПОРТ: Матеи, Геилвеј, Бовлс, Миловановиќ, Тибетс, Фондајк (од 63. Тејлор), Грент, Гриа, Манро, Обрадовиќ (од 90. Де Боно), Данинг.
ПРЕСТОН МАКЕДОНИЈА: Ацевски, Бошевски, Толески, Анастасиу, Швол, Арсовски, Ѓорѓиоски, Мискас (од 79. Колевски), Стерјовски, Долевски (од 65. Мицовски), Шапазовски.
Австралискиот институт за спорт се покажа како кобен за Престон Македонија, откако забележа победа над "лавовите" во меч кој беше од голем значај за момчињата во жолто-црвени дресови. Со победа, Престон Македонија ќе направеше чекор кон горниот дел на табелата и дефинитивно ќе се збогуваше од зоната која води кон понизок ранг на натпреварување, но со новиот пораз сите опции остануваат во игра.
Шепартон во саботата живееше за фудбалот и сите патишта водеа кон Рамбалара спортскиот комплекс. Околу 1000 гледачи дојдоа да го следат дуелот во рамките на 21. коло на Фокстел купот, а меѓу гледачите и околу 200 навивачи на Престон Македонија кои допатуваа да ги бодрат своите миленици.
Македонија имаше убави прилики (Шапазовски, Ѓорѓиоски, Швол...) да ја начне мрежата на противникот, но непрецизноста во тие мигови беше наплатена со гол на АИС.
Кофи Данинг во 29. минута се најде сам пред Ацевски и младиот стрелец во стил на ветеран го совлада голманот на Македонија - 1:0.
Неколку минути подоцна за малку 2:0 за АИС. За среќа ударот на Манро заврши над голот. Ацевски беше огорчен од своите соиграчи кои му дозволуваа на противникот лесно да се наоѓа во прилика за гол.
Македонија продолжи со "трошење" на шансите (Долевски), но на голема радост на навивачите на Македонија истиот фудбалер во 40. минута откако по нафрлената топка од корнер од Стерјовски беше одбиена од голманот, ја спроведе во мрежа - 1:1.
Во самиот финиш на првиот дел дојде до мешаница меѓу фудбалерите на двете екипи и судијата Башиќ беше приморан да покаже неколку жолти картони за да ја смири ситуацијата.
Во второто полвреме фудбалерите на Македонија како да се натпреваруваа кој ќе пропушти поубава прилика. Тоа го казни Данинг кој со својот втор гол на средбата ја обезбеди победата на АИС.
Номе Ристески
Соопштение пред дуелот Окли кенонс - П. Македонија
Во пресрет на одложениот натпревар од 7. коло на Фокстел купот на Викторија помеѓу Окли кенонс и Престон Македонија кој ќе се игра на 30 јули (среда) на Jack Edwards Reserve со почеток во 7 часот навечер, ФФВ го издава следново соопштение:
Влезници за овој натпревар ќе се продаваат пред денот на натпреварот. Љубителите на фудбалот кои сакаат да присуствуваат на овој дуел ќе можат да се снабдат со карти утре (среда, 23 јули) и тоа од 1 до 4 часот попладне на Jack Edwards Reserve и во просториите на Фудбалската федерација на Викторија (John Cain Memorial Park, 281 Darebin Rd, Thornbury VIC 3071). На истите продажни места влезници ќе се продаваат и в петок, 25 јули, во истиот термин од 1 до 4 часот попладне.
Потстуваме дека на денот на натпреварот НЕМА да се продаваат карти за одложената утакмица.
Секој купувач на карта мора со себе да има документ за идентификација со слика, во спротивно нема да може да се снабди со влезница. Картата не може да ја користи друго лице, само купувачот на истата.
Деца под 14 години можат да влезат бесплатно само во придружба на возрасно лице кое има купено карта за натпреварот.
Пораз од сопствени грешки
Хајделберг јунајтед - Алтона меџик Вардар 3:2 (3:1)
Недела, 20 јули. Играно на Olympiv Vilage. Време студено. Гледачи околу 250. Судија Метју Еванс. Стрелци: Хоклес во 37. од пенал, Гронеланд во 41. и Циоракис во 43. минута за Хајделберг јунајтед, а Черговски во 15. и Младеновиќ во 87. за Алтона меџик Вардар.
ХАЈДЕЛБЕРГ ЈУНАЈТЕД: Гавалос, Касилаидис, Зеган, Танис, Драсос, Алексовски, Хоклес, Окалавис (Гроненланд), Гасорис, Алиловиќ (Ренис), Циоракис.
АЛТОНА МЕЏИК ВАРДАР: Јевдјевиќ, Антопулос, Лори, Младеновик, Фаарадо, Рекиа, Рикобене, Сивевски (од 83. Калмер), Мексорли, Маси, Черговски.
Се повтори она што се случи во првиот дел од првенството, кога Хајделберг јунајтед ја победи Алтона меџик Вардар во Алтона. И овојпат, на својот терен, фудбалерите на Хајделберг беа поуспешни од вардарците, но играчки не го надиграа тимот на Тортевски.
Вардарци на одреден начин сами се победија. Тие му дозволија на својот противник кој бесе грогиран сѐ до 37 минута, за само пет минути да направи пресврт и од нокаут да постигне дури три гола и поразот да го претвори во победа.
На пресвртот му кумуваше и судијата Еванс кој во 37. минута се чини досуди непостоечки пенал за домаќините при што тие го израмнија резултатот. Таа одлука внесе нервоза во редовите на "магичните".
Инаку, играта почна со теренска иницијатива на домашните кои не создадоа посериозна шанса за гол. Одбраната на Вардар до таа фамозна 37. минута играше цврсто и сигурно и навреме ги затвораше сите приоди кон својот гол. Во екот на надмоќноста на домашните, вардарците први постигнаа гол.
Во 15 минута кога Фаарадо од десната страна убаво ја сврте топката во казнениот простор на Хајделберг. Најдобро се снајде Черговски кој со силен и прецизен удар го совлада немоќниот Гавалос - 0:1.
Мечот можеби ќе добиеше друг тек, ако во 26. минута Сивевски ја искористеше големата шанса за 2:0. Убаво беше проигран од Фаарадо, влезе во шеснаесетникот на противникот, излезе сам пред голманот Гавалос, но се сплетка и шансата пропадна. Кога сме кај Сивевски да кажеме дека ова беше негово слабо издание во дресот на Вардар и токму во конфузноста на играчите од средниот ред, како и слабата игра на Маси беа исто така причина за поразот на "магичните".
Рековме погоре, домаќините направија целосна резултатска предност за само пет минути кога по грешки на вардарци постигнаа три гола.
Прво, во 37. минута по еден воздушен дуел меѓу Лори и Драсос, судијата Еванс престрого досуди пенал за Хајделберг кој во гол го претвори Хоклес - 1:1.
Неколку минути подоцна веќе беше 2:1. Грешка на одбраната на магичните на чело со голманот Јевдјевиќ која ја казни Гроненланд. Тој успеа меѓу тројца вардарци да ја смести топката во мрежата.
Овој шокантен гол предизвика да попушти концентрацијата во одбраната на Алтона меџик Вардар и невнимателноста беше казнета со уште еден гол - 3:1. Стрелец Циоракис. Повторно грешка, овојпат на голманот Јевдјевиќ кој ја испушти топката.
Второто полувреме мина во теренска иницијатива на вардарци. На полувремето Тортевски добро ги искара своите играчи и им наложи агресивна игра се до крајот, бидејќи повеќе немаше што да се чува. Се редеа шанси, Черговски во 48., во 52. минута Рекиа со глава биеше право во рацете на голманот, пак Рекиа, нова прилика, добар удар, но и одлична одбрана на Гавалас.
Во 83. минута беше досуден слободен удар по прекршокот врз Маса на 17-18 метри од голот на Гавалос. Ударот на Младеновиќ беше слаб, право во рацете на голманот.
Искра надеж за резултатски пресврт се појави на три минути пред крајот. Младеновиќ со силен удар по корнерот одбиената топка ја смести во мрежата на Хајделберг јунајтед - 3:2.
Судијата Еванс за две минути го продолжи мечот поради разни прекршоци или повреди на играчите, како и за задржување на играта. И токму во последните секунди, Рекиа можеше да постигне трет гол. Имено, Гавалос избоксува една топка, но точно до нозете на Рекиа. Меѓутоа, вардарецот биеше непрецизно, далеку на левата страна од голот кој беше празен по интервенцијата на домашниот голман.
Така, наместо победа или во најмала рака бод, Алтона меџик Вардар остана без бодови во Хајделберг.
Вардарците вината за поразот треба да ја бараат во сопствените редови. Потфрлија неколку клучни играчи и се случи тоа што се случи.
В сабота, во дуелот со Кобург треба и мора да се бара прилика за рехабилитација. Уште повеќе што Вардар го победи овој тим на неговиот терен во првиот дел од првенството.
Трајче Бошковски
Резултати - 21. коло
АИС - Престон Македонија 2:1
Хајделберг јунајтед - Алтона меџик Вардар 3:2
Френкстон пајнс - Ричмонд 1:1
Кобург јунајтед - Фокна блус 2:0
Саут Мелбурн - Мелбурн најтс 2:2
Окли кенонс - Грин Гали 0:0
Витлси зибрас - Вестерн сабрбс 0:1
Табела |
|||||||||||
|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
| клуб | игр | поб | нер | заг | гд | - | гп | разл | бод |
| 1 | Мелбурн најтс | 21 | 11 | 9 | 1 | 40 | - | 21 | 19 | 42 | ||
| 2 | Грин Гали | 21 | 11 | 8 | 2 | 33 | - | 13 | 20 | 41 | ||
| 3 | Алтона меџик Вардар | 21 | 10 | 7 | 4 | 32 | - | 24 | 8 | 37 | ||
| 4 | Хајделберг јунајтед | 21 | 9 | 7 | 5 | 31 | - | 24 | 7 | 34 | ||
| 5 | Окли кенонс | 20 | 9 | 6 | 5 | 23 | - | 16 | 7 | 33 | ||
| 6 | Ричмонд | 21 | 9 | 5 | 7 | 49 | - | 29 | 20 | 32 | ||
| 7 | АИС | 21 | 9 | 4 | 8 | 35 | - | 29 | 6 | 31 | ||
| 8 | Саут Мелбурн | 21 | 8 | 3 | 10 | 30 | - | 27 | 3 | 27 | ||
| 9 | Кобург јунајтед | 21 | 8 | 3 | 10 | 26 | - | 31 | -5 | 27 | ||
| 10 | Престон Македонија | 20 | 8 | 3 | 9 | 27 | - | 37 | -10 | 27 | ||
| 11 | Витлси зибрас | 21 | 5 | 7 | 9 | 26 | - | 29 | -3 | 22 | ||
| 12 | Вестерн сабрбс | 21 | 5 | 6 | 10 | 20 | - | 31 | -11 | 21 | ||
| 13 | Фокна блус | 21 | 4 | 3 | 14 | 18 | - | 52 | -34 | 15 | ||
| 14 | Френкстон пајнс | 21 | 3 | 3 | 15 | 14 | - | 41 | -27 | 12 |
Идно коло (25 - 27 јули):
26 јули (сабота), 6.30 часот
Алтона меџик Вардар - Кобург јунајтед (Paisley Park Soccer Complex)
27 јули (недела), 3 часот
Вестерн сабрбс - Престон Македонија (Ralph Reserve)
Ричмонд - Хајделберг јунајтед
Френкстон пајнс - Витлси зибрас
Фокна блус - Саут Мелбурн
Мелбурн најтс - Окли кенонс
АИС - Грин Гали

