|
|
L A T I N I C A |
|
|
O N L I N E |
  |
|
СПОРТ » Извештаи и вести
ПОЛУФИНАЛЕ НА TIGER TURF CUP
Сиднеј Македонија ќе игра во финалето на TTC
Во драматичен меч Сиднеј Македонија издржа до реми со осум играчи, а потоа победи на пенали
Каква фудбалска драма! И најпознатите филмски режисери не би можеле да изрежираат ваков фудбалски натпревар, по кој Сиднеј Македонија на пенали со 6-5 го победи Бонириг и се пласира во финалето на Tiger Turf Cup.
Драмата почна уште пред почетокот на натпреварот, во соблекувалната на Сиднеј Македонија. По грешка беа донесени фудбалските дресови што се употребуваат како втора алтернатива, наместо стандарните, со клупската боја (црвена и црна).
Иако првенството во Премиер лигата беше одложено (токму поради полу-финалето на Tiger Turf Cup) судијата Крис Грифит беше недораснат и неискусен да води вакви важни натпревари. На фудбалерите од двете екипи им покажа 11 жолти и три црвени картони за играчите на Сиднеј Македонија.
Фудбалерите на Бонириг подобро се снајдоа на теренот покриен со вештачка трава и уште во првото полувреме можеа да го решат натпреварот. Само во време од 10 минути Гурбуз, четири пати излезе сам пред голманот Јошевски, но ниту еднаш не успеа да ја погоди мрежата освен еднаш што ја погоди стативата. Екипата на Бонириг беше подобар тим на теренот, играа смирено во одбраната, а со брзите контра напади ја кинеа одбраната на Сиднеј Македонија.
Само што почна второто полувреме, судијата му го покажа патот кон соблекувалната на Макрис (втор жолт) и од тој момент се чинеше дека "орлите" ќе ги растргнат "лавовите"". Можеби ќе беше така доколку во одбраната на Сиднеј Македонија не беа Јошевски и Лукшиќ.
Јошевски царуваше во 16-никот, а Лукшиќ не дозволуваше ниту еден "орел" да прелета. Лавовите ги издрзаа сите налети до крајотна регуларното време.
Бидејќи се работеше за куп-натпревар (победник мора да има) се играше продолжеток. И двете екипи не сакаа ништо да рескираат, се играше на сигурно и се чекаше противникот да погреши.
По завршување на првото продолжение, навивачите на Сиднеј Македонија беа шокирани од судиската одлука. По консултација со помошникот му покажа црвен картон на капитенот Јошевски, а пет минути подоцна и Милески го испраќа на предвремено туширање.
"Лавовите" иако малубројни (само осуммина) дури тогаш покажуваат како се игра односно како се бранат боите на клубот и успеваат да го зачуваат нерешениот резултат.
При изведувањето на пеналите (6-5 за Сиднеј Македонија) Мони го промаши првиот пенал, а Девримол, Бази, Нора, Веб, Лукшиќ и Стадман ги искористија, а со тоа Сиднеј Македонија се пласира во финалето на овој куп. Финалето на програмата е на 10 август.
Недела, Сејмор Шо парк, Миранда. Време: облачно, но пријатно за игра. Терен: рамен (покриен со вештачка трава). Гледачи: 800. Судии: Крис Грифит, Сара Хо, Скот Еделинг. Жолти картони: Божиновски, Леуци, Зоњиќ, Петровиќ (Бонириг), Макрис, Цекенис, Девримол, Јошевски, Нора (Сиднеј Македонија). Црвени картони: Макрис, Јошевски, Милески (Сиднеј Македонија). Корнери: Бонириг 4, Сиднеј Македонија 8.
БОНИРИГ: Акбал, Кот, Петровиќ, Д Алесандро, Зоњиќ, Вилогби, Твенебо, Де Брои, Кутри (Гурбуз 27), Леуци (Продановиќ 100), Божиновски.
СИДНЕЈ МАКЕДОНИЈА: Јошевски, Хајдар (Нора 85), Веб, Стадман, Цекенис, Лукшиќ, Макрис, Девримол, Милески, Херис (Моние 57), Гордој-Баскур (Бази 105).
Кирил Митушев
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ, 1. КОЛО
Работнички со бункер до реми
Нигериецот Адекунле Лукмон беше херојот на нашиот првак, беше насекаде на теренот, спаси неколку чисти голови и ситуации кои мирисаа на погодок и беше вистински предводник на неискусната одбрана на Работнички, каде што во второто полувреме дебитираше и младиот Филип Мишевски со едвај 16 години
Македонскиот фудбалски првак Работнички непоразен се враќа од Баку, каде што се избори за реми без голови против Интер, шампионот на Азербејџан, во првото квалификациско коло за пласман во Лигата на шампионите.
Реваншот е утре на Градски во Скопје, а сега шансите за пласман во второто коло и мегдан со српскиот шампион Партизан се значително зголемени.
На националниот стадион во Баку, во вторникот Работнички машки ги издржа сите напади на брзиот и агресивен противник, кој имаше барем пет стоотстотни шанси за гол, но речиси секогаш нашите бранители топката ја вадеа од гол-линијата.
Не потклекнаа ниту на калкулантското судење на Швајцарецот Сирил Цимерман, кој сам им подготви неколку шанси на домашните фудбалери, лесно доделуваше жолти картони за нашите играчи, а сите ситуации каде што на повреда се жалеа македонските фудбалери ги оценуваше како глума. За илустрација, второто полувреме беше продолжено за цели осум минути.
Нигериецот Адекунле Лукмон беше херојот на нашиот првак. Симпатичниот црномурест бранител го имаше насекаде на теренот, спаси неколку чисти голови и ситуации кои мирисаа на погодок. Беше вистински предводник на неискусната одбрана на Работнички, каде што во второто полувреме дебитираше и младиот Филип Мишевски со едвај 16 години.
Интер силно го почна дуелот, со урагански напади од почетокот и со опасни нафрлени топки, кои поради лошите процени на голманот Љупчо Кметовски беа најголема опасност по голот. Во првиот дел не успеавме ниту да се доближиме до противничкиот гол, а слично беше и во вторите 45 минути, кои минаа во целосна инвазија на домаќините.
Работнички имаше и малку среќа, зашто Интер двапати ја погоди и пречката од голот, но среќа имаа и домашните зашто Работнички имаше неколку опасни ситуации од контранапади, кои не беа реализирани само поради брзоплетоста на нашите напаѓачи.
И во третото учество на Работнички во квалификациите за Лигата на шампионите, шансите за пласман понатаму се големи, особено ако се гледа историјата - досега Работнички како македонски првак никогаш не бил елиминиран во прво квалификациско коло.
Интер Баку - Работнички 0-0
Жолти картони: Илиески, Итуа, Лукмон. Национален стадион "Тофик Бахрамов". Гледачи 15.000. Судија: Сирил Цимерман од Швајцарија.
ИНТЕР БАКУ: Семенов, Абасов, Левин, Исмаилов, Имамалиев (Мамедов 71), Червенка, Петровиќ, Гурбанов (Шишкин 61), Златинов, И. Мамедов (Гусеенов 89), Гуглемон. Тренер: Валентин Ходукин.
РАБОТНИЧКИ: Кметовски, Лазаревски, Лукмон, Крстевски (Љамчевски 67), Итуа, Михајловиќ, Османи (Нухиу 79), Аксенутев, Илиоски, Велкоски, Муарем (Ристевски 50). Тренер: Бобан Бабунски.
ИЗЈАВИ ПО МЕЧОТ
Бабунски: Со 10 дена подготовки ова е одличен резултат
Тренерот на македонскиот шампион Работнички, Бобан Бабунски, изјави дека е презадоволен од ремито без голови во Баку, што значително ги зголеми шансите за пласман во второто коло од квалификациите за Лигата на шампионите, каде што чека белградски Партизан.
- Интер беше понадмоќен, но успеавме да се дочуваме. За само 10 дена колку што ни траеја подготовките, овој резултат е сосема поволен за нас. Сега имаме уште седум дена за дополнителни подготовки, време за кое можеме да отстраниме некои од недостатоците - соопшти Бабунски.
За разлика од него, тренерот на Интер, Валентин Ходукин беше разочаран што неговиот тим не победил на меч на кој имал безброј шанси за гол.
- Ова е фудбал, па сѐ може да се случи. Не бевме доволно брзи во завршницата, напаѓачите не се покажаа во најдобро светло. Но се надевам на победа во реваншот, зашто, сепак, овој дуел има два натпревара - рече Ходукин.
Капитенот на Интер, Емин Ималиев не можеше да сфати како топката не влезе во голот барем еднаш и тоа од сите тие шанси.
- Игравме добро, со многу шанси, но топката не сакаше да ја помине гол-линијата. Сепак, не треба да бидеме вознемирени зашто не примивме гол, а Работнички тешко дека ќе го даде и во Скопје. Сѐ ќе решиме на вториот натпревар - рече Ималиев.
Резултати
Динамо Тбилиси - НСИ Рунавик 3-0
Актобе - Шериф 1-0
Дрогеда - Левадија 2-1
Линфилд - Динамо Загреб 0-2
Интер Баку - Работнички 0-0
Тампере - Будуќност 2-1
БАТЕ - Валур 2-0
Анортозис - Пјуник 1-0
Дуделанж - Домжале 0-1
Љанели - Вентспилс 1-0
Динамо Тирана - Модрича 0-2
Валета - Артмедија 0-2
Мурата - Гетеборг 0-5
Санта Колома - Каунас 1-4
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА КУПОТ НА УЕФА, 1. КОЛО
Слабо издание на Пелистер
Натпреварот беше лесна калкулација на Кипраните, кои дојдоа да одржат само потежок тренинг, зашто евидентно беше дека ако притиснеа малку повеќе, лесно ќе го совладаа синоќа добриот битолски голман Ников
Пелистер успеа да не загуби од кипарскиот АПОЕЛ во првото квалификациско коло за пласман во Лигата на УЕФА, па на реваншот во Никозија заминува со реми без голови. Сепак, минимални се шансите за македонскиот претставник да оди во второто коло, зашто во четвртокот на Градски, битолчани не покажаа ама баш ништо што ќе даде надеж дека на реваншот може да направат чудо.
Лошата ситуација во клубот, финансиската криза која го тресе Пелистер подолго време, а кулминираше деновиве се отслика и на теренот - видовме безволни играчи, некреативни и неборбени, па затоа и амбициите пред мечот беше да не се загуби.
Во текот на целиот натпревар, фудбалерите на Пелистер не создадоа ниту една зрела прилика за гол, а единствената шанса која ја направија дојде по грешка на кипарската одбрана. Тоа беше на две минути пред крајот на првото полувреме, кога Блажевски лево откосо пласираше во голот на АПОЕЛ, но Киотис, голманот кој му е резерва на Македонецот Јане Николоски, како пантер ја одби топката.
Сѐ преостанато беше лесна калкулација на Кипраните, кои дојдоа да одржат само потежок тренинг, зашто евидентно беше дека ако притиснеа малку повеќе, лесно ќе го совладаа синоќа добриот битолски голман Ников.
А, токму младиот чувар на мрежата на Пелистер може да се прогласи за играч на мечот, зашто спаси неколку тешки удари кои ги упатија гостинските фудбалери. Па така, во 10. лесно ја прифати топката по ударот на Барбоса, истото го стори и во 51., кога удар упати Зевлаков, а интервенцијата на мечот му беше во 62. кога со неверојатен рефлекс во корнер ја одби топката по ударот со глава на Контис.
За да го игра натпреварот на Градски, Пелистер плати 5.000 долари на Јавното претпријатие кое стопанисува со Градски. Битолчани не можат да играат на својот терен, тој под Тумбе кафе, зашто не ги исполнува ниту минималните критериуми кои ги бара УЕФА.
Пелистер - АПОЕЛ 0-0
Жолти картони: Зевлаков и Родригез кај АПОЕЛ. Градски стадион во Скопје. Гледачи: 4.000. Судија: Овидиу Хатеган од Романија.
ПЕЛИСТЕР: Ников, Петковски, Тодоровски, Степановски, Димов, Пресилски, Блажевски, Главевски (81. Спировски), Миранда (66. Момировски), Жуниор (88. Симоновски), Ристевски. Тренер: Неџат Хусеин.
АПОЕЛ: Киотис, Флореа, Сегири, Хараламбидес, Брорсе, Родригез (80. Папатанасиу), Зевлаков, Контис, Барбоса, Милосављевиќ (57. Хаџи), Хрисостомос (86. Пурсаитидес). Тренер: Иван Јовановиќ.
ЧУДНА ИЗЈАВА НА НЕЏАТ ХУСЕИН
Моите играчи беа исцрпени од тренирање
- Се покажа точно дека АПОЕЛ е силен и цврст, имаа повеќе шанси од нас. Ќе мора да се менуваме за вториот меч, иако сум свесен дека не можеме целосно да се отвориме, зашто тие можат да нѐ казнат. Моите фудбалери беа многу исцрпени од подготовките и не можеа да го издржат темпото на противникот - изјави тренерот на битолчани, Неџат Хусеин.
Битолчани играа без денар во џебот
Фудбалерите на Пелистер требаа навистина да заборават на реалноста и во четвртокот да истрчаат на Градски во Скопје и без никаков товар во потсвеста да го одиграат првиот натпревар кипарскиот АПОЕЛ, во првото квалификациско коло за пласман во Лигата на УЕФА.
Вистински херои се битолските фудбалери, зашто играат фудбал без ниту еден денар во џебот, оти клубот им должи плати, рати, премии за неколку месеци.
Тоа е и причината што од клубот си заминаа неколку важни фудбалери. Без волја беа нашите фудбалери во пресрет на можеби најважниот натпревар во историјата, никој не мислеше на натпреварот, сите мислеа дали ќе дојдат дел од парите кои им се должат.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА КУПОТ НА УЕФА, 1. КОЛО
Милано се враќа со два гола негатива од Кипар
Екипата на Милано, вториот македонски претставник во квалификациите за Купот на УЕФА загуби од Омонија во Никозија (Кипар) со 0-2, по што ќе треба чудо на реваншот за две недели, за кумановци да одат понатаму.
Можеби резултатот ќе беше поинаков ако Омонија не поведеше со автоголот на Кукај во 20. минута, по што Милано мораше барем малку да се отвори.
Во второто полувреме, Кипраните само ја потврдија победата со погодокот на Жлогар, па реваншот во Скопје треба за нив да биде само чиста формалност.
За најдобар играч на натпреварот слободно може да биде прогласен голманот на кумановскиот клуб, Един Нурединоски, кој спаси неколку сигурни гола.
ИНТЕРТОТО КУП
Висок пораз на Трајанов
Македонскиот репрезентативец Ванчо Трајанов попусто го одигра целиот меч за бугарскиот прволигаш Черноморец од Бургас, откако швајцарскиот Грашоперс ги разби со 3-0 во првиот меч од последното коло во најслабото европско натпреварување, Купот Интертото.
Резултати
Елфсборг - Рига 1-0
Сатурн - Штутгарт 1-0
Гашоперс - Черноморец 3-0
Нефчи - Васлуи 2-1
Штурм - Хонвед 0-0
Сахнин - Ла Коруња 1-2
Рен - Таврија 1-0
Бреда - Розенборг 1-0
Одензе - Астон Вила 2-2
Паниониос - Наполи 0-1
Сиваспор - Брага 0-2
ВО ПРЕСРЕТ НА НОВАТА СЕЗОНА
Од Вардар најавуваат шампионски денови
По речиси две години и најтрофејниот македонски клуб, конечно ќе понуди репрезентативци во изборот на селектор Среќко Катанец, но и ќе пројави шампионски амбиции. Големата преселба на фудбалерите од Работнички донесе на репрезентативниот список сега како членови на Вардар да се голманот Томе Пачовски и дефанзивецот Мирослав Вајс.
- Сега со Вардар стартуваме во исполнување на шампионските амбиции, откако со Работнички освоив сѐ на домашната сцена - вели чуварот на мрежата на "вардарците" од Охрид, каде што фудбалерите го одработуваат вториот дел од подготовките пред стартот на новиот шампионат.
- Може да кажеме дека веќе се чувствува вистинската форма на тимот. Навистина минавме напорни подготовки на Златибор, но сега токму таа активност ни овозможува далеку полесно да се исполнуваат комплетните задачи при техничко-тактичката подготовка - вели тој.
Вардар на првата контрола во Охрид едноставно го "збриша" Силекс, не толку резултатски (2-0), но со далеку понадмоќна игра...
- Искрено, и јас бев изненаден колку квалитетно одиграа соиграчите. Од натпревар во натпревар играме сѐ подобро. Сигурен сум дека дополнително ќе го подигнеме квалитетот на играта и на следните тест-дуели, но и за стартот на првенството во почетокот од август. Овој тим има квалитет да биде на врвот на македонскиот фудбал, тоа што долго време го очекуваат сите навивачи на Вардар - вели Пачовски.
Во досегашниот тек од подготовките "црвено-црните" имаат триумф и над второлигашот Маџари со 3-1, а за време на стартните подготовки на Златибор забележани се два пораза од ОФК Београд (1-2) и црногорскиот шампион Будуќност (0-2).
Некогашниот репрезентативец Ристо Милосавов ќе работи во Брегалница Штип
Раководството на фудбалскиот второлигаш Брегалница го вклучи во работата на стручниот штаб поранешниот фудбалски репрезентативец Ристо Милосавов, кој во тандем ќе работи со тренерот Никола Кузманов.
Брегалница го одигра првиот контролен меч оваа година и уште на стартот штипјани потврдија дека ќе играат главна улога во второлигашката конкуренција, бидејќи во Штип го совладаа прволигашот Башкими со 2-1 (0-0). Во екипата на Брегалница се појавија повеќе фудбалери кои потекнуваат од Штип, а досега играа во други клубови (Колев, Новаков, Велковски, Илиев...). Брегалница ќе сака да го види во својата средина и Ангел Нацев, со уште двајца млади фудбалери од Силекс, кои во штипскиот клуб би играле со двојна регистрација.
МАРАТОНСКО ПЛИВАЊЕ
Стефановски ќе го препливува Ла Манш
Ако му успее потфатот, Томи ќе биде третиот Македонец што го препливал каналот
Македонскиот маратонец Томи Стефановски планира да го преплива каналот Ла Манш идната година, веројатно во август. Стефановски, ако му успее потфатот, ќе биде третиот Македонец што го препливал каналот што ги одвојува Велика Британија и Франција. Тоа прво му појде од рака на Нико Нестор во 1959 година, со време 12.06 часа. Атина Бојаџи во 1969 година исто така го преплива Ла Манш и стана прва жена од Балканот на која тоа ѝ пошло од рака, а ѝ требаа 13.20 часа.
Стефановски е најуспешен македонски пливачки маратонец во поново време. Сезонава тој се врати во натпреварите на Гран при-серијата на ФИНА, по пауза од две години. Моментно Стефановски се наоѓа на 10. место на светската ранг-листа, од 25 пливачи. Тој вели дека сезонава му е подготовка за потфатот што го чека следната година.
- Сметам дека е дојдено време да го препливам Ла Манш. Тоа ќе се случи во август 2009 година. Задоволен сум од мојата досегашна форма. Сметам дека ќе можам да се подготвам добро и да успеам во обидот - вели Стефановски.
За да плива идната година, тој уште сега мора да се пријави кај организаторот. Формалностите околу тоа се во тек. Томи смета дека само препливувањето ќе го чини околу 17.000 долари.
Круна на кариерата на секој маратонец е препливување на овој теснец. Тоа не е трка, туку потфат. Тежината на препливувањето е во студената вода и во силните струи. Должината на теснецот е 34 километри. Бугаринот Петар Стојчев го држи рекордот во препливување на Ла Манш. Тој на 24 август 2007 година, постигна време од 6:57:50 часа. Стојчев е седумкратен победник на Охридскиот маратон.

