|
|
L A T I N I C A |
|
|
O N L I N E |
  |
|
СВЕТ
ДВОЈНА ПРОМЕНА ВО ПОЛИТИКАТА НА БУШ
САД ќе преговараат со Иран
Одлуката на администрацијата на американскиот претседател Џорџ Буш да го испрати државниот потсекретар за политички прашања Вилијам Барнс да учествува на меѓународните преговори со Иран во Женева е двојна промена во политиката на Вашингтон во врска со обидите да се реши проблемот со иранската нуклеарна програма, коментираат светските политички аналитичари.
Прво, администрацијата на Буш реши да отстапи од долготрајната позиција директната средба со Иран да се случи само откако земјата ќе ја суспендира програмата за збогатување на ураниумот, како што бара и Советот за безбедност на Обединетите нации, и второ, присуството на Американец на масата за преговори му дава значителна дополнителна важност на текот на преговорите на шесте глобални сили кои ѝ се спротивставуваат на иранската нуклеарна програма: Франција, Германија, Британија, Русија, Кина и самите Соединети Американски Држави, иако нивниот официјален став - дека нема да почнат суштински преговори додека не се прекине програмата - и натаму останува.
"Присуството на Барнс во Женева ќе испрати силен сигнал до Иран дека САД му се посветени на дипломатското решение и оваа одлука е само продолжение на досегашната стратегија - запирање на иранската нуклеарна програма без употреба на воена сила", изјави портпаролот на Стејт департментот Шон Мекормак. (Според Време)
Дипломатско претставништво во Техеран
Во следниот месец САД ќе соопштат дека имаат намера, првпат по триесет години, да отворат дипломатско претставништво во Иран, пишува британскиот весник Гардијан. "Во текот на август Вашингтон ќе отвори дипломатска мисија во Техеран, како прв чекор кон отворањето амбасада", пишува весникот.
Тоа ќе значи дека првпат по преземањето на американската амбасада во Техеран за време на иранската револуција во 1979 година, во оваа земја ќе работат дипломати на САД. Дипломатската мисија на САД во Техеран ќе биде слична на сегашната во Хавана, на Куба. (Време)
Во Израел е уапсен осомничен атентатор на Буш
Израелската разузнавачка служба Шин Бет во текот на јуни и јули уапсила двајца израелски Арапи и четворица Палестинци од источен Ерусалим, кои се осомничени за формирање ќелија на Ал Каеда во Израел.
Еден од уапсените, 24-годишен студент на Еврејскиот универзитет во Ерусалим, е осомничен дека планирал напад врз хеликоптерите што се користеле при посетата на американскиот претседател Џорџ Буш на Израел во јануари годинава, јави АФП.
Претставник на Шин Бет изјавил дека Мухамед Наџам го снимал со мобилен телефон спортскиот стадион во Ерусалим, каде што Буш слетал со својата делегација. Исто така, Наџам се распрашувал на интернет-страниците, кои често ги посетуваат оперативци на Ал Каеда, како може да собори хеликоптери. (Нова Македонија)
Американците признаваат: Русија ја добива битката за Арктикот
"Руската поларна флота е многу подобро опремена од американската. Русија ја добива битката за Арктикот", изјавил пред американскиот Конгрес раководителот на крајбрежната стража на САД, адмирал Тад Аљан. За време на ислушувањето тој потенцирал дека руската поларна флота има повеќе подморници за сите намени, бродови и други средства, соопштила прес-службата на воено-морнаричките сили на САД. Предноста е во тоа што Русија поседува неколку атомски мразокршачи, додека САД располагаат само со три такви пловила без кои не може ни да се замислат поголеми зафати во регионот на ледениот Арктик. (Според Вечер)
Русија не може да стигне да ги исполни сите нарачки за оружје
Руското министерство за одбрана не располага со ресурси да ги исполни сите договори за извоз на оружје, изјавил раководителот на државната корпорација Ростехнологии Сергеј Чемезов. За време на еден аеромитинг во Британија тој истакнал дека зголемувањето на владините порачки и договори за извоз ги оптовариле претпријатијата, чие производство не е променето. Трговијата со оружје која на Русија ѝ носи девизен прилив од околу 7 милијарди долари годишно е важен извор на приходи за земјата и причина за национална гордост на Русите. (Нова Македонија)
ИРСКА Е ЕДИНСТВЕНАТА ЧЛЕНКА НА ЕУ ШТО ОДРЖА РЕФЕРЕНДУМ ЗА СПОГОДБАТА ОД ЛИСАБОН
Ирците бурно реагираа на повикот на Саркози повторно да гласаат
Ирските министри силно реагираа на коментарот на францускиот претседател дека Република Ирска треба да одржи нов референдум за Лисабонската спогодба.
Министерот за европски прашања Дик Роше изјави дека "многу, премногу е рано да се зборува за референдум или за некоја посебна политика за напредување", а министерот за надворешни работи Мишел Мартин рече дека Ирска нема да биде злоупотребена.
Франција сега се наоѓа на чело на шестмесечното ротирачко претседателство на ЕУ и сака да го прескокне каменот на сопнување со Лисабонската спогодба пред завршувањето на мандатот. Според цитатот, Саркози рекол дека "Ирците ќе треба повторно да гласаат".
Висок извор на ирската влада изјави за Би-Би-Си: "Не сакаме да имаме спор со Саркози. Владата не знае точно што изјавил Саркози пред пратениците на УМП", додаде тој.
Меѓутоа, некои ирски критичари остро го критикуваа францускиот претседател. Лидерот на опозиционата Лабуристичка партија Ејмон Гилмор рече дека францускиот лидер "сериозно се вмешал во тоа". (Според Утрински весник)
ПО БАРАЊЕТО ЗА АПСЕЊЕ НА СУДАНСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ
Судан го игнорира судот во Хаг
Властите во Судан ја одбија спогодбата со Меѓународниот кривичен суд (МКС), која предвидува владата да им предаде двајца обвинети функционери од земјата во замена за отфрлањето на судскиот налог за апсење на претседателот Омар Хасан ал Башир, пренесува МИА.
Главниот обвинител на МКС Луис Морено-Окампо побара издавање налог за апсење на Башир поради геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото што биле извршени во суданската провинција Дарфур.
Окампо го обвинува Башир за геноцид во кој се убиени 35.000 лица, додека најмалку 100.000 умреле со "постепена смрт", а 2,5 милиони се присилени да побегнат од своите домовите во Дарфур.
По одлуката на суданските власти, Окампо изјави дека нема да се откаже од налогот за апсење на суданскиот претседател. Од своја страна, генералниот секретар на ОН Бан Ки-Мун побара од Судот во Хаг "јасно да ги разграничи своите надлежности, без притоа да ја жртвува својата независност". (Време)
ШВАЈЦАРИЈА
Уапсен е синот на Гадафи
Полицијата во Женева го привела триесет и двегодишниот син на Моамер Гадафи, Ханибал Гадафи, за насилство против домашната послуга и тој се наоѓа во притвор, соопштија швајцарските медиуми.
Ханибал бил уапсен во хотелот со пет ѕвездички Претседателот Вилсон во Женева, откако две лица од неговата домашна послуга поднеле жалби дека ги удрил. Против четвртиот син на Гадафи се подигнати обвиненија за нанесување лесни телесни повреди, заплашување и присилување.
Истите обвиненија се поднесени и против неговата сопруга, но таа е оставена на слобода. Уапсени се и двајца телохранители на Ханибал. (Вечер)

