L A T I N I C A

 

O N L I N E

 

БАЛКАН

ФАТМИР СЕЈДИУ И ХАШИМ ТАЧИ ВО ВАШИНГТОН

САД назначија свој амбасадор во Косово

Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс го именува првиот амбасадор на САД во Косово, пет месеци по декларацијата за неговата независност.
На заедничката прес-конференција во Вашингтон со косовскиот претседател Фатмир Сејдиу и со премиерот Хашим Тачи, Рајс го најави назначувањето на специјалистот за Источна Европа Тина Каиданов за амбасадор на САД во Косово.
"Над 40 држави го признаа Косово, а од тој број над две третини се земји-членки на Европската унија и на НАТО, како и членови на Советот за безбедност на ООН. САД ќе продолжат да му помагаат на Косово во создавањето мултиетничка влада и демократски институции", додаде Рајс.
Откако на 17 февруари прогласи независност, Косово продолжува да бара официјално признавање од неколку големи европски земји, меѓу кои и Србија и Шпанија, но и од големите светски сили Русија и Кина. (МИА)


Србија ги враќа своите амбасадори во државите што го признаа Косово

Србија можеби ќе ги врати своите амбасадори во државите од кои беа отповикани поради признавањето на независноста на Косово, пишува весникот Њујорк тајмс. Според српските власти, оваа одлука е поврзана со желбата за возобновување на односите со западните држави. Белград претходно ги отповика амбасадорите од Франција, Германија, Италија, САД, Белгија, Велика Британија и од други земји во знак на протест против нивното признавање на независноста на Косово.
Српскиот шеф на дипломатијата Вук Јеремиќ изјави дека односите со Европа и со Вашингтон треба да се возобноват, иако несогласувањето со косовската независност ќе продолжи јасно да се потенцира, како и секогаш. (МИА)


ПИТЕР ФЕЈТ ПРОГНОЗИРА

До наесен Косово ќе стане членка на Светска банка и на ММФ

Специјалниот претставник на ЕУ во Косово Питер Фејт изјави дека е уверен оти Косово до наесен ќе стане членка на Светската банка (СБ) и на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Според Фејт, СБ и ММФ позитивно ќе одговорат на косовското барање за членство во тие две меѓународни финансиски организации.
Светска банка соопшти дека Косово во писмото од 10 јули побарало членство во СБ и во Меѓународната банка за обнова и развој, Меѓународното здружение за развој, Меѓународната финансиска корпорација, Мултилатералната агенција за гаранции на инвестиции и во Меѓународниот центар за решавање инвестициони спорови.
"Пријавата ќе се обработи во соработка со Меѓународниот монетарен фонд, кој исто така добил молба за членство на Косово", се наведува во соопштението на банката. Со приемот на молбата на Косово почна и формалниот процес во чии рамки одборот на гувернерите на Светска банка ќе гласа за членството на Косово во таа финансиска институција.
Целиот процес на одлучување за прием на земјите во Светска банка трае најмалку од шест до девет месеци. (Време)


КОСОВО

Буџетот е оштетен за шест милиони евра

Косовскиот буџет во првата половина од оваа година бил оштетен за шест милиони евра, соопшти Агенцијата за спречување на корупцијата. Претставувајќи го полугодишниот извештај, директорот на Агенцијата Хасан Претени изјави дека се пријавени 68 случаи на корупција, од кои 21 е доставен до Обвинителството, а 33 се наоѓаат во процедура.
Според извештајот, косовската влада води со бројот на пријавени случаи на корупција што му се предадени на Обвинителството. На второто место е правосудството, со шест пријавени случаи, четири случаи пријаавила локалната самоуправа, а три јавните претпријатија на Косово. (Време)


БЕЛГРАД ПРЕДУПРЕДУВА

Во Србија само со поништен печат на Косово

Странските државјани кои имаат во пасошот печат "Република Косово", ќе можат да влезат во Србија само откако српските полицајци ќе им го поништат тој печат и на местото на поништениот, ќе го стават печатот на Република Србија.
Во соопштението на се наведува дека српската влада му наложила на Министерството за внатрешни работи на странските државјани кои во патните исправи, наместо печат од администрацијата на УНМИК, имаат печат "Република Косово", пред да им дозволат влегување во Србија, да го поништат тој печат и во пасошот да го стават печатот на Србија. (Вечер)


Хрватска и Црна Гора ќе ги признаат косовските пасоши

Властите во Хрватска и во Црна Гора ќе го признаат новиот косовски пасош. Во соопштението на хрватското министерство за надворешни работи и европски интеграции се наведува дека Хрватска ќе ги признае новите косовски пасоши, затоа што уште во март го призна Косово како суверена и независна држава. Според претставникот на министерството, хрватската влада го признала Косово и затоа нема никакви пречки за признавање на патните исправи што ќе ги издаваат надлежните органи на Косово.
Во меѓувреме, црногорскиот министер за внатрешни работи Јусуф Каламперовиќ изјавил дека и Црна Гора ќе ги признае пасошите на Косово. Според него, глупава е идејата на косовските граѓани да не им се овозможи влегување во Црна Гора. Тој додал дека формалното признавање на Косово е одложено на одредено време. (Нова Македонија)


АЛБАНИЈА

Бериша не се откажува од изградбата на нуклеарка

Европарламентарците не се согласуваат со проектот за изградба на атомска централа во Албанија, оценувајќи го како неефикасно решение, но Тирана не се откажува од намерата. На средбата што се одржа во Брисел меѓу албанската делегација и европратениците, тие побарале од Албанија да преземе мерки за да обезбеди нормално снабдување на земјата со електрична енергија во текот на зимата и да ги почне проектите за алтернативна енергија.
Претседателката на делегацијата на Европскиот парламент за Југоисточна Европа Дорис Пак смета дека Албанија треба да ги искористи алтернативните извори на енергија како водата, ветерот и сонцето.Од друга страна, амбицијата на премиерот Сали Бериша во Албанија да изгради нуклеарна централа не се намалува.
Но, тоа најверојатно нема да биде можно, зашто главниот партнер за тој проект, Италија, го промени ставот и се изјасни против изградбата на нуклеарка. (Дневник)


ПОМОШТА ОД ЕУ МОРА ДА СТИГНЕ ДО БУГАРСКИТЕ ГРАЃАНИ, А НЕ ДА ЈА ИСЦЕДИ КОРУМПИРАНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА

Бугарија ќе го добие најлошиот извештај на ЕУ досега

Бугарија мора да ја исчисти својата администрација и помошта што ја добива од ЕУ да стига до граѓаните, наместо да ја исцедуваат корумпираните службеници кои соработуваат со криминалците, се наведува во нацрт-извештајот за Бугарија на Европската комисија. Како што посочува Би-Би-Си, кој имал увид во документот, тоа најверојатно ќе биде најлошиот извештај што Комисијата некогаш ѝ го врачила на една земја-членка на Унијата.
Европската комисија се заканува дека ќе стопира околу 610 милиони евра помош за Бугарија. Функционери во Брисел веќе изјавија дека Бугарија најверојатно ќе остане без околу 500 милиони евра од Европската унија. Унијата досега замрзна стотици милиони евра помош што беа наменети за бугарските патишта и за земјоделството.
Во овој оериод Комисијата го разгледува прашањето дали да им го забрани правото на две бугарски агенции да располагаат со фондовите од ЕУ во вредност од околу 610 милиони евра.
Бугарија и соседната Романија се под посебен набљудувачки режим, затоа што ги немаа исполнето сите услови кога влегоа во Унијата. Ако не ги спроведе реформите што ѝ ги налага ЕУ, Бугарија, која е најсиромашна земја-членка на Унијата, може да ги доведе во прашање и 12-те милијарди евра што треба да ги добие од Унијата до 2013 година.
Во прашање е доведено и влегувањето на земјата во Шенген-зоната. (Нова Македонија)


НАТО МЕКО СЕ ИНФИЛТРИРА ВО ЦРНА ГОРА

Подгорица ќе биде транзитна база на КФОР?!

Командата на КФОР е заинтересирана да отвори во Подгорица транзитна база, која би ја користела за одмор на своите трупи што транзитираат низ Црна Гора на патот за Косово и назад, дознава подгоричкиот весник Вијести од тамошното Министерство за одбрана.
Висока делегација на командата на НАТО-силите што се стационирани во Косово неодамна ја посетила Подгорица и со челните луѓе на Генералштабот извршиле обиколка на касарната Маслине, за која се планира да се преуреди во база на КФОР.
НАТО би вложил големи пари во локацијата на касарната Маслине во Подгорица, која би служела само за да ги одмора своите трупи што транзитираат кон Косово, кое е оддалечено од главниот град на Црна Гора само на три часа возење.
Според весникот, КФОР ги известил надлежните од врвот на црногорската армија дека, ако им се одобри локацијата, тие би ја финансирале комплетната изградба и реконструкција на објектите. (Вечер)


ПОЖАРИ ВО ГРЦИЈА

Огнените стихии се ставени под контрола

Грција полека почнува да се справува со серијата пожари што ја зафатија речиси целата нејзина територија. Огнот кој се закануваше да го проголта целиот регион околу Темпи е изгаснат. Во таа област остануваат големи пожарникарски единици за да ги изгаснат потенцијалните жаришта кои би можеле да предизвикаат нови пожари.
Пожар го зафати и островот Крит, но засега нема опасност за населените места. Пожарот е ставен под делумна контрола, а во неговото гасењето учествуваат и хеликоптери.
Пожарите во Маркопуло, во Андрос Корфу и на островот Кефалонија стагнираат, а во Макропуло полицијата трага по двајца мотоциклисти, за кои се сомнева дека го подметнале пожарот.
Пожари го зафатија и регионот околу Пела, каде што се разместени повеќе пожарникарски бригади за да го спречат ширењето на огнот.
Пожарите предизвикаа и потреси на грчката политичка сцена. Лидерот на најголемата опозициона партија ПАСОК Јоргос Папандреу ја обвини власта дека се откажала од грчките шуми и не презема ништо иако, според него, било докажано дека минатогодишните пожари биле предизвикани намерно. (Време)


Следните две години ќе бидат критични за БиХ

Следните две години ќе бидат критични за Босна и Херцеговина и за нејзината иднина, бидејќи земјата ќе се соочи со решевањето на најтешките прашања, смета професорот на Универзитетот за национална одбрана од Вашингтон Стивен Меир.
Меир, кој е експерт за Балканот и поранешен службеник на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), во статијата што ја објави сараевскиот весник Дневни аваз оценува дека, ако не дојде до подобрување на економската состојба во Босна и Херцеговина и ако не се спроведат уставни реформи, "има мали надежи за опстанок на државата".
Според Меир, меѓународната заедница би требало да биде помалку инволвирана во внатрешните работи на земјата и да ги натера босанските лидери да преземат поголема одгворност и сами да се справат со проблемите. "Ако остане сегашното политичко раководство, а влијанието на меѓународните фактори остане на сегашното високо ниво, мислам дека е многу веројатно оти за најмногу пет години Босна и Херцеговина повеќе нема да постои", пишува Меир.
Тој смета дека евентуалниот распад на Босна и Херцеговина ќе претставува пораз за Европа, но дека тоа би бил "прифатлив пораз, ако распадот мине мирно и без конфликти". (ТВ Канал 5)



НАЈНОВ БРОЈ


ПРАВОСЛАВЕН КАЛЕНДАР



ВРЕМЕ

МАКЕДОНИЈА

АВСТРАЛИЈА


КАЖЕТЕ ГО ВАШЕТО МИСЛЕЊЕ!

Писма до уредникот

Letter to the Editor