|
|
L A T I N I C A |
|
|
O N L I N E |
  |
|
АВСТРАЛИЈА
КАТОЛИЧКИ СВЕТСКИ ДЕН НА МЛАДОСТА ВО СИДНЕЈ
Папата се извини за "злото"
Со свечена миса на сиднејскиот хиподром Рендвик која присуствуваа околу половина милион верници, Папата Бенедикт XVI го означи крајот на католичкиот Светски ден на младоста, закажувајќи го следниот таков собир за 2011 година во Мадрид (Шпанија).
Тој рече дека неговото патување во Австралија било незаборавно доживување, но предупреди дека "духовната пустина" се шири во современиот свет.
Папата побара од младите верници кои дојдоа во Австралија од сите страни на светот, да станат "гласници на љубовта".
На осветувањето на новиот олтар во сиднејската катедрала "Сент Мери", Бенедикт XVI го изрази својот "срам" поради сексуалното насилство над децата извршено од австралиски католички свештеници и побара виновниците за "злото" да бидат изведени пред лицето на правдата.
Групите за поддршка на жртвите на сексуално насилство од страна на свештеници го оценија извинувањето на Папата како безначајно и го повикаа лично да им се извини на жртвите.
Една од групите соопшти дека жртвите требало да бидат повикани да присуствуваат на извинувањето.
По шестдневен престој во Австралија, Папата вчера се врати во Ватикан.
Квантас отпушта 1.500
Авионската компанија "Квантас" соопшти дека ќе отпушти 1.500 вработени и оти се откажа од плановите во оваа финансиска година да прими нови 1.200 вработени.
Од отпуштените 1.200 се во Австралија, а 300 во странство.
Од својата флота од 228 авиони, компанијата ќе продаде 22 постари воздухоплови кои постапно ќе ги заменува со воведување на новите "Ербас 380" и "Боинг 787" со поекономична потрошувачка на гориво, но кои допрва треба да влезат во флотата на "Квантас".
Генералниот менаџер на компанијата Џеф ДИКСОН изјави дека ригорозните мерки се наметнато од големото поскапување на горивото и влошувањето на светската економска ситуација.
Меѓутоа, Синдикатот на транспортните работници (TWU) тврди дека "Квантас" отпушта вработени за да ги намали трошоците и да го зголеми профитот.
Ова е големо разочарување за вработените кои на компанијата минатите години и донесоа рекорден профит, и кој годинава ќе изнесува над една милијарда долари, изјави претставник на синдикатот.
"Вирџин блу" исто така најави натамошни мерки за стегање на коланот поради големиот скок на цената на горивото.
Компанијата соопшти дека ќе ги покачи цените на некои категории билети, ќе воведе нови цени за превоз на багажот и ќе повлече два авиона од внатрешните австралиски линии.
Мари-Дарлинг на критично ниво
Во најновиот стручен извештај до федералната и владите на државите одново се нагласува сериозниот недостиг на вода во сливот на реките Мари и Дарлинг.
Во осмиот извештај на високи функционери до шефовите на федералната и на владите на државите и териториите се вели дека веќе тешката ситуација натаму се влошила во првата половина на годинава.
Во извештајот се вели дека сегашните количества вода во сливот Мари-Дарлинг се доволни само за најнужни човечки потреби во текот на следните 12 месеци, а дека ќе бидат неопходни вонредни мерки ако приливот на вода се намали повеќе од очекуваното.
Федералната влада соопшти дека специјални аранжмани за распределба на водата ќе останат на сила уште една година, за да се обезбеди Аделајд и други градови да имаат доволно вода за најнужни човечки потреби.
Товарот на отплата се потежок
Отплатата на заеми за куќи и станови на близу 95.000 семејства ќе се покачи за 50 отсто во следните 12 месеци.
Станува збор за заеми со фиксни камати чиј рок на важење истечува, за потоа да бидат пресметувани со пазарна (варијабилна) камата.
Тоа значи дека за семејства со заем од 250.000 долари, земен со фиксна камата од околу 6,5 проценти, пресметувањето на варијабилна камата од 9,5 отсто ќе значи зголемување на отплатата за 500 долари месечно.
Имајќи го предвид големото покачување на каматите во изминатата година, економистите изразуваат стравување дека претстои драматично зголемување на бројот на заеми што не можат да се отплатат и оттука присилно продавање на имотите на должниците.
Податоците на Резервната банка покажуваат дека бројот на неплатени хипотеки на куќи и станови, како и на други заеми од банките, достигнал ниво незабележано од рецесијата на почетокот на деведесетите години.
Истовремено, Австралискиот сојуз на синдикати (ACTU) ги обвини банките дека ја продлабочуваат кредитната криза со тоа што ги поттикнуваат своите службеници да им натураат заеми за куќи и станови на луѓе кои не можат да ги отпатуваат.
Во еден документ што ACTU го поднесе до федералната влада се вели дека платите на некои банковни службеници, со нивните индивидуални аботни договори се условени со бројот на заеми што ќе ги обезбедат.
Претседателката на ACTU, Шаран БАРОУ вели дека ваквата практика придонесува за рапидното зголемување на бројот на семејствата што не можат да врзат крај со крај.
Таа бара Канбера да воведе подобра заштита на клиентите од ризични заеми.
Нов дом за 750-годишно дрво
Чуварите се надеваат дека едно 750 години старо дрво баобаб добро го поднело 2.500 километри долгото патување од областа Кимебрли во северниот дел на Западна Австралија и пресадувањето во Кингс Парк во Перт.
Дрвото високо 14 метри и тешко 36 тони, мораше да биде преместено заради проширување на еден автопат.
Трошоците на вадењето на дрвото и пренесувањето во Перт од 120.00 долари во најголем дел беа покриени со приватни донации.
Куче спасило жена од кенгур
Едно куче е прогласено за херој во внатрешноста на Нов Јужен Велс, откако го избркало кенгурот што нападнал една жена, ја соборил на земја нанесувајќи и потешки повреди по лицето, рацете и телото.
Кога 65-годишната Розмери НИЛ пошла преку полето за да ги види коњите, ја нападнал еден кенгур мажјак за кој се верува дека бил висок два метра и тешок стотина килограми.
Нејзиното куче Расти го слушнало писоците на Розмери и го нападнало кенгурот кој потоа избегал.
- Да не беше нашиот Расти, Розмери веројатно ќе беше мртва, вели нејзиниот маж.
Идиот во "порше"
Сребренестото "порше" на еден возач-"идиот" е запленето минатата среда, откако јурел со 154 километри на час по фреквентна улица во центарот на Мелбурн.
Полицијата запрела еден 22-годишен младич кој со вртоглава брзина возел по улицата "Лајгон" полна со коли и пешаци во 8.30 часот навечер, во која дозволената брзина е 60 км/ч.
Полицајците биле изненадени од дрскоста на возачот кој ги прашал дали ќе можеле да го фатат ако тој "доброволно" не застанал кога му дале знак.
"Поршето" останало во полициска гаража до вчера, а на неговиот возач веројатно ќе му биде изречена висока парична казна и суспензија на дозволата.
Истата ноќ еден полицаец на моторцикл запре едно "Субару" и една "Тојота супра" кои во јужното мелбурншко предградие Бентли возеле со 140 километри на час. Зад нивните волани биле младичи на 27 и 18 години.
Од воведувањето на законите против "хуните" во Викторија привремено или трајно се запленети повеќе од 5.000 возила.
Мајка осудена за давење на децата
Во Врховниот суд во Мелбурн 49-годишната Дона ФИЧЕТ е осудена на 24 години престој во психијатриска болница, под обвинение дека ги убиле своите две деца.
На судењето било речено дека таа го дрогирала, а потоа на спиење задавила синовите Томас (11) и Метју (9).
Таа на судот кажала дека не се чувствува виновна. Нејзините адвокати кажале оти Дона страда од тешка форма на психичка депресија и не била свесна за своите постапки.
Но, обвинителот кажал оти тоа не е точно, бидејќи по убиството таа си ги пресекла вените, зела големо количество таблети и напишала проштално писмо до мажот.
Доживотна лудница за убиец со чекан
Човекот кој со чекан го убил 63-годишниот Умберто КРИСАНТЕ во неговиот двор во Аделајд е осуден остатокот на животот да го помине затворен во психијатриска болница.
Триесетгодишниот Метју Роберт СТИЛИ на судењето изјави дека не се чувствува виновен поради ментална неспособност.
Неговиот бранител на судот изјави дека пред убиството родителите безуспешно се обидувале да му помогнат на Метју во врска со неговата психичка состојба.
17 години затвор за љубоморен маж
Еден 42-годишен маж од мелбурншката населба Аскот Вејл е осуден на 17 години затвор за убиство на сопругата.
Во октомври 2004 Пол МАРГАЧ ја усмртил својата 36-годишна жена Тина, со повеќе од 20 удари со нож, пред очите на нивните две мали деца.
Тој ја обвинил сопругата за неверство, што на судењето се докажа како неточно.
На првото судење Маргач бил осуден на 17 години, но успеа да има повторен процес на кој како околност наведе провокација.
Минатата недела судот ја потврди првобитната казна.
Потера по осомничен за убиство
Полицијата трага по 25-годишниот Џејмс ЕВАНС, под сомнение дека убил еден 37-годишен маж во петокот попладне.
Убиството се случило во еден пансионат во мелбурншката населба Резерво.
Полицијата го предупредува населението да не му се доближува на Еванс, за кој се верува дека е вооружен и опасен.
Постои сомневање дека тој заминал од Викторија.
Граѓаните кои имаат информации за Еванс се повикуваат да се јават на Crime Stoppers на телефонот 1800 333 000 или на најблиската полициска станица.

