|
|
L A T I N I C A |
|
|
O N L I N E |
  |
|
МАКЕДОНИЈА » Пелагониска хроника

БЕСНЕАТ ПОЖАРИ ВО МАРИОВО
Силниот ветер го попречува гаснењето на огнот
Во атарите на мариовските села Орле, Маково, Чаниште, Крушејца, Стара Вина... беснеат силни пожари во кои гори сува трева, смрека и нискостеблеста дабова шума.
Огнената стихија пламти веќе трета недела во шумите кај Зајкова Тумба, во близина на македонско-грчката граница. Овој пожар е лоциран на непристапен терен и постојано се слушаат експлозии од гранати и друго огнено оружје, бидејќи се претпоставува дека тука се наоѓаат магацини со оружје и мински полиња, остатоци од Првата светска војна. Токму тука минувала линијата за Солунскиот фронт.
Пожарникарите деноноќно се борат со стихијата. Среќа е што навреме е локализиран и изгаснат огнот во атарите на селата Чаниште и Крушејца.
- Поради силниот ветер пожарот се префрли од битолско во прилепско Мариово. Ветерот беше сериозна опасност стихијата да се прошири, да се спушти до куќите во селото, но екипите на ТППЕ, со поддршка на интервентната група на ЈП Македонски шуми го изгаснаа огнот, -вели Станко Колески, командир на ТППЕ од Прилеп. Тој ја истакнува несебичната помош и асистенција на месното население од двете села.
- Мора да си го чуваме имотот, ние сме земјоделци и сточари, затоа не смееме да дозволиме пожарот да дојде до трлата, до нивите, -вели Стојан Трајкоски од селото Чаништа, кој со часови се бореше со стихијата на пеколните горештини.
И покрај постојаната активност на теренот, остана активен пожарот во близина на Стара Вина во битолскиот дел од Мариово. Пожарникарите вложуваат натчовечки напори да ја стават стихијата под контрола, а месното население забележува:
- Човечки фактор сигурно е причина за пожарот, зашто теренот е непристапен, нема друг начин да избувне огнот.
А Министерството за земјоделство, Дирекцијата за заштита и спасување и Противпожарната единица издадоа наредба со која се забранува палење стрништа кои најчесто се причина за разгорување на пожарите. Надлежните потсетуваат и на забраната граѓаните да се движат во шумите без дозвола.
- Формавме кризен штаб во кој се вклучени претставници од сите релевантни институции и локалната самоуправа. Обврските се поделени, имаме план за работа. Постојано сме активни и нема да дозволиме да се повтори состојбата од минатата година, кога многу дрвокрадци несовесно ги палеа шумите, - вели Илко Петкоски, раководител на кризниот штаб од Дирекцијата за заштита и спасување.
Инаку, само минатата година во пожари изгореа околу 1.100 хектари со квалитетни дабови, борови и букови шуми, кои предизвикаа штети речиси од милион денари.
ЗА ДВЕ ГОДИНИ ВО ПРИЛЕП ЌЕ СЕ НАМАЛИ НЕВРАБОТЕНОСТА
Проект на ЦЕСКР за зголемување на конкурентноста на фирмите на пазарот
Центарот за економски, социјален и културен развој во Прилеп започна со реализација на проект - школа за менаџмент и развој на човековите ресурси во јавниот, но и во бизнис секторот во градот. Научни работници, професори од Центарот подолг период ќе ги едуцираат младите перспективни кадри во повеќе сфери: планирање на човечките ресурси, воведување во работа, анализа на работа, селекција, мотивација, тимско работење, управување со промените, и сето тоа, како што вели иницијаторот на оваа идеја професор д-р Љупчо Печијарески, во функција да се подобри квалитетот на работењето на стопанските субјекти за да станат поконкурентни.
- Сето тоа се одразува позитивно врз економскиот развој на единицата на локална самоуправа, врз целокупното социјално живеење, бидејќи се подобрува стандардот на граѓаните, а ги подобрува и перфорамансите на културата на живеење во дадената средина, - вели проф. д-р Печијарески од прилепскиот Економски факултет и претседател на Центарот. Од локалната самоуправа го поддржуваат проектот. Веруваат дека веднаш по завршувањето на школата ќе бидат видливи првите ефекти.
- Сакаме да ги вклучиме младите кадри во работењето на јавната администрација, така ќе бидеме во чекор со новото бизнис време,со барањата на домашните и странски потенцијални стратегиски инвеститори, - вели Бошко Талески, раководител на одделението за администрирање на даноци во локалната самоуправа.
Со позитивна прогноза се и прилепските стопанственици. А ако сите фази на проектот се реализаат според планот, првите резултати што практично ќе значат намалување на стапката на невработеност ќе се почувствуваат за две години.


ВО ПРИЛЕП НА СВАДБА КАЈ ВНУКОТ НА СЕФО-СЕМКАРОТ
Свадбен огномет на градскиот стадион
Внукот на Сефо Семкарот ја славеше својата женидба со огномет и со раскошна журка која чини 100 илјади евра
На градскиот стадиот Гоце Делчев, каде што пред 40 години на секој фудбалски натпревар продаваше семки и сончоглед познатиот на секој прилепчанец, секогаш насмеан и дарежлив Сефо Семкарот, заработувајќи за живот, викендов неговиот внук од син Амит Сефоски (23) беше младоженецот на најраскошната свадба што досега се случила во Прилеп.
Импресивниот огномет на ведрото небо, избраниот репертоар на музичките ѕвезди од бугарската фолк-естрада: групата Ред бул, Софи Маринова, Амед и танчарките и многу други познати естрадни имиња, ферарито 430-кабриолет, подарок на младоженците од свекорот Аднан, синот на Сефо, се само дел од пикантериите кои говорат за оваа мегаломанска прослава на која присустваа над 1.000 гости на стадионот и уште неколку илјади други граѓани на Прилеп, кои љубопитно ја следеа свадбената веселба од трибините.
Цел Прилеп, едноставно - сите сакаа да присуствуваат на свадбата на Амит и Сеније (18). Затоа дел од улиците во градот беа блокирани за сообраќај.
Во нивна чест на свадбените трпези беа сервирани: 45 јагниња, 300 кгр плескавици, 200 кгр закуска од сувомесни производи, 150 кгр стек, 1,5 тон пиво, по 2,5 тона сок, минерална вода, овошје... Храната се подготвуваше и се служеше свежа на трпезите, аранжирани со стотици ружи, гербери, гладиоли и други декоративни цветови.
Како кулминација на свадбената церемонија беше мигот кога на небото блеснаа светлечките ракети, а зетот и невестата со ферарито пристигнаа на стадионот.
- Радосен сум, пресреќен сум, сакам на син ми и на снаата да им покажам како треба да се сака градот, државата Македонија, затоа овде ја правиме свадбата. Цели 18 сум иселен во Брисел, имам три фирми со 50-тина работници, но срцето и душата ми се овде, во Прилеп, во Македонија, така и ќе остане, -в ели низ солзи Аднан (45), синот на Сефо Семкарот, секавајќи се носталгично на деновите кога со својот татко работел овде на стадионот.
А невестата Сеније, пресреќна што ѝ се оствари сонот, вели:
- Пред четири години прв пат го видов Амит во Тризла, таму каде што живеам. И толку! Се заљубив во неговите прекрасни очи. Сонував овие четири години за овој ден. По свадбата заминуваме за Брисел да го започнеме новиот сеемен живот, -вели таа, а сопругот Амит додава:
- Сакаме да ја заокружиме нашата среќа, да го прошириме семејството, а потоа, кога Сеније добро ќе го научи францускиот јазик, ќе отвориме заеднички бизнис.
Свадбената веселба на Сефовиот внук траеше три дена. Жителите на ромската населба Тризла и прилепчани не паметат ваква веселба.
Моника Талеска

