L A T I N I C A

 

O N L I N E

 

МАКЕДОНИЈА » Политика

ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ ИЛИ ПОЛИТИЧКИ МОНТИРАНА АФЕРА?

Зоран Заев се товари за проневера од седум милиони евра

По налог на Основниот суд Скопје 1, МВР ги уапси градоначалникот на Струмица Зоран Заев, неговиот шеф на кабинетот Никола Годев, раководителот на одделението за урбанизам Стојан Динев, општинскиот урбанистички инспектор Иринка Трајкова и сопственикот на Де лукс инженеринг Горан Крстев.
Во акцијата на приведувањето бил планиран и Кирил Парталов, раководител на секторот за правни работи, но поради неговото отсуство од државата тој не беше достапен за надлежните органи.
Заев бил уапсен на пат кон Скопје, на излезот од Струмица, пред Радовиш, во службеното возило, додека другите тројца општински функционери биле приведени од нивните работни места, поради што биле блокирани општинската зграда и одделението за урбанизам. Акцијата траела околу половина час.
Со лисици на рацете лицата биле внесени во полициските возила и однесени во Скопје. Приведените се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување и за помагање.
Според соопштението на МВР, приведувањето на струмичките општински функционери се должи на почнатата истрага, по кривичните пријави што ги поднел одделот за организиран криминал при МВР за злоупотреба на службената положба и овластување.
Приведените се сомничат дека, спротивно на законите за јавни набавки и за градба и просторно и урбанистичко планирање, спровеле постапка за изградба на трговскиот деловен центар со зелен пазар Глобал на земјиште кое било во сопственост на државата, а еден дел од него требало да им се врати на сопствениците со денационализација. Со тоа на соинвеститорот Де лукс инженеринг, кој го добил тендерот за градење, му било овозможено да се здобие со противправна имотна корист од 7 милиони и 800 илјади евра.
Во зависност од овластувањата што ги имале, приведените ја извршиле злоупотребата така што најпрвин спровеле јавен тендер за избор на соинвеститор за градење на трговски деловен центар на локацијата на поранешниот градски пазар во Струмица, спротивно на Законот за јавните набавки и без да ги регулираат имотно-правните односи на предметното земјиште, спротивно на Законот за градба и Законот за просторно и урбанистичко планирање.
МВР тврди дека идејното решение не било изработено врз основа на извод од Деталниот урбанистички план туку, спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање, го изработила фирмата Фадом од Струмица, чиј сопственик е приведениот Стојан Динев.
Целата постапка за избор на соинвеститорот се спровела преку Комисијата за јавни набавки на Општина Струмица, за чиј претседател градоначалникот Заев го назначил осомничениот Кирил Парталов, а за членови приведените Никола Годев и Стојан Динев.
А пред тоа МВР на својот официјален сајт објави информација дека "против уапсениот градоначалник на Струмица Зоран Заев е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службената должност". По неколку минути веста беше повлечена, а МВР јавно му се извини на Заев за направениот гаф.
"Нека дојдат само, нека повелат. Подготвен сум, ги чекам, не им се плашам. Чист сум, документацијата е до мене и ја чувам во фиокава, во случај инспекторите да тропнат на врата", изјави тогаш за Вест градоначалникот на Струмица. (Вест)


Заев во апс, опозицијата на протест

Неколку илјади активисти и симпатизери, предводени од пратениците на СДСМ, се собраа пред судот да протестираат против апсењето на Заев. Атмосферата пред судот беше напната. СДСМ, ЛДП, НСДП и НА експресно го напуштија Собранието со образложение дека не сакаат да бидат соучесници во "убиството" на демократијата во Македонија и ја обвинија власта за диктатура, заплашување и за замолчување на сите што не мислат како неа.
"Откако ВМРО-ДПМНЕ коалицира со довчерашните најкритикувани политички фактори - ДУИ, власта прави нов експеримент за да го одвлече вниманието. Затоа на спектакуларен начин со камери и со каубојски трикови е уапсен Заев", рече претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска.
Според неа, на ВМРО-ДПМНЕ одамна му пречел Заев како успешен градоначалник. Таа рече дека напуштањето на Собранието е тешка одлука, но ќе останат надвор од институциите сѐ додека власта не избере дали ќе води тврда диктатура или демократија. Шекеринска обвини дека приведувањето е флагрантен случај на уривање на правната држава и воспоставување полициско-партиска држава.


ЦРВЕНКОВСКИ:

Пресметка со неистомислениците

"Премногу лесно Владата и МВР си дозволуваат да оцрнат некои луѓе и јавно да ги жигосаат, да ги снимат и да ги искомпромитираат, а потоа низ судската постапка да се утврди дека за тоа немало основа", изјави претседателот Бранко Црвенковски.
Тој рече дека ја поддржува борбата против криминалот и корупцијата, но не и начинот на кој таа се спроведува. "Продолжува практиката на злоупотреба на власта, на полицијата и на битката против корупцијата за политичка пресметка со неистомислениците. Заев е и потпретседател на најголемата опозициона партија СДСМ", рече Црвенковски. (Дневник)


Судскиот совет ги осуди протестите пред Судот

Судскиот совет ги осудува протестите пред Основниот суд Скопје 1 и смета дека таквото однесување претставува притисок врз судската власт и грубо мешање во работата на судството. Судскиот совет укажува дека судовите се самостојни и независни во својата работа и дека тој ја обезбедува и ја гарантира нивната самостојност и независност и оти никој не смее да врши влијание врз нивната работа. (Вечер)


ПОЛИТИЧКИТЕ НЕИСТОМИСЛЕНИЦИ ГИ ОСУДИЈА ПРОТЕСТИТЕ НА СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ ќе пишува закон за амнестија само за СДСМ

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Собранието било под жесток притисок од СДСМ за да се блокира неговата работа и да се влијае врз судскиот систем поради приведувањето на Заев.
Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека "таканаречените борци за демократија од СДСМ се обиделе преку силување на демократијата во Собранието и со насилничко сценарио да влијаат врз судската власт и да докажат дека едно сериозно обвинување за проневера на седум милиони евра е политички процес".
"Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи закон за амнестија за сите функционери на СДСМ. Законот ќе важи исклучиво за функционери и членови на СДСМ, а за сите граѓани ќе продолжат да важат постојните закони во државата", нагласи Николовски.
И Демократскиот сојуз ги осуди протестите пред Судот во Скопје оценувајќи ги како "мегаскандал" кој се повторува и станува главен принцип на политичко дејствување. (Дневник)


Се бара одговорност и од Комисијата за денационализација

Антикорупциската комисија во 2006 година, по извршените измени на урбанистичкиот план на Струмица, отворила предмет за изградбата на трговскиот центар во Струмица. Предметот е сѐ уште активен и се испитува и одговорноста на членовите на Комисијата за денационализација во Струмица пред која се водат предмети за земјиштето на кое е изграден трговскиот центар.
Постапувајќи по претставка на граѓанин, во ноември антикорупциската комисија побарала одговор на прашањето до каде се постапките за денационализација и зошто нема привремена забрана за градење до решавање на предметите. Одговор нема до денес, за што било известено и Министерството за финансии, под кое се првостепените комисии за денационализација. Градоначалникот на Струмица во јануари годинава ѝ одговорил на антикорупциската комисија дека не е во можност да ја достави бараната документација затоа што била одземена од општината со налог на истражен судија. (Дневник)


ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА СТРУМИЦА ЌЕ СЕ БРАНИ ОД СЛОБОДА

Заев: Паднаа во вода сомнежите на МВР

"Истражниот судија се увери дека нема криминал во изградбата на трговскиот центар Глобал и очекувам истражната постапка да прекине, зашто јас и моите адвокати ги побивме сите тврдења на МВР. Ова го изјави за Дневник Зоран Заев по речиси 12-часовен распит пред истражен судија. Сите осомничени беа пуштени да се бранат од слобода. На Заев му бил одземен пасошот. Тој беше пречекан со овации од стотина симпатизери на СДСМ, кои пред Кривичниот суд во Скопје ја чекаа судската одлука. (Дневник)


БРАНКО ЦРВЕНКОВСКИ:

Нема да се кандидирам на следните претседателски избори

"Нема да се кандидирам на следните претседателски избори. Оваа одлука е конечна и токму затоа јавно ја соопштувам", вели претседателот Бранко Црвенковски во интервју за весникот Дневник.
Според него, одлуката да не се кандидира на следните претседателски избори идната година, не е резултат на проценката дека не може да ги добие изборите, со оглед на анкетите кои покажуваат огромна поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и за премиерот Никола Груевски, туку на неможноста во идниот мандат да кохабитира со Владата бидејќи, како што вели, не се согласува со нејзината политика по низа крупни прашања.
"Вршењето на претседателската функција ме упатува на кохабитација со Владата, со чија политика по низа крупни прашања не се согласувам. Не сакам да соучествувам и да делам одговорност за спроведување на една политика која можеби во моментов ужива висока поддршка, но според мене ќе предизвика тешки и долгорочни последици. Ова сакам да го соопштам, без какви било калкулации токму сега, кога и премиерот и владеачката партија имаат повисок рејтинг од кога било. Не сум човек што ги избегнува ризиците или му се покорува на моменталниот однос на силите, ниту пак имам намера времето да си го направи своето", истакнува претседателот Црвенковски.
Тој додава дека без оглед на тоа што оваа одлука веќе ја донел, до последниот момент додека ја врши функцијата претседател на Републиката, како што вели, тоа ќе го прави крајно одговорно, со целосна посветеност и секогаш водејќи се од националните и државните интереси.
"Така се однесував досега, така и ќе биде до последниот ден од мојот претседателски мандат", вели Црвенковски.
На функцијата претседател на државата тој стапи во мај 2004 година. Беше избран на вонредните претседателски избори што беа распишани во април по загинувањето на поранешниот претседател Борис Трајковски на 26 февруари истата година.


ПО НАЈАВАТА НА ЦРВЕНКОВСКИ ДЕКА ЌЕ СЕ ПОВЛЕЧЕ

Во СДСМ се изненадени, ВМРО-ДПМНЕ без коментар

Владеачката ВМРО-ДПМНЕ не го коментираше потегот на Црвенковски, а во СДСМ се изненадени од одлуката на шефот на државата: "И ние сме изненадени од одлуката на претседателот Црвенковски. Бидејќи не ги знаеме причините за ваквата одлука, ќе се воздржиме од коментар", велат во СДСМ.
Во ДУИ велат дека повеќе размислуваат за начинот на кој во иднина ќе се избира претседател на државата. "Тоа е лична одлука на Црвенковски. Ние на идните претседателски избори ќе излеземе со свој кандидат. Повеќе сме заинтересирани за тоа во иднина претседателот на државата да го избира Собранието. Сѐ уште е рано за да се знае кој ќе биде нашиот кандидат", вели пратеникот на ДУИ Џеват Адеми.
Најспоменувана варијанта е по завршувањето на мандатот Црвенковски да се врати на чело на СДСМ и по катастрофалниот пораз на парламентарните избори да се обиде да ги консолидира разнишаните социјалдемократи. Првите обиди за обединување на неколкуте струи во партијата Црвенковски ги направи пред извесно време, како претседател на државата. Беше подготвен да му помогне на СДСМ "во рамките на своите уставни ингеренции кои произлегуваат од оваа функција".
Неколкупати тој изјавуваше дека на Македонија ѝ е потребен силен и консолидиран СДСМ и здрава и силна опозиција заради демократијата во државата. Пред Црвенковски да ја соопшти одлуката дека не размислува за втор претседателски мандат, за лидерската позиција во СДСМ се споменуваа имињата на градоначалникот на Струмица Зоран Заев и потпретседателот на партијата Игор Ивановски. (Вечер)


ВО СДСМ ВРИЕ ОТКАКО ПОРАНЕШНИОТ ШЕФ ГО НАЈАВИ СВОЕТО МОЖНО ВРАЌАЊЕ ВО ПАРТИСКИТЕ РЕДОВИ

СДСМ го чека Црвенковски назад

Комуникацијата меѓу актуелната лидерка на социјалдемократите Радмила Шекеринска и бившиот лидер Бранко Црвенковски може да се протолкува како разговор меѓу партиски лидер и шеф на државата, но може да му се даде и друго значење - велат партиски извори. Според нив, видливо е и затоплувањето на односите по краткотрајното заладување што го предизвика укорот од Црвенковски до актуелното партиски раководство што го упати веднаш по изборниот пораз, дека СДСМ се спуштил недозволиво ниско на листата на популарноста на партиите!
На прашањето на Дневник дали ќе се враќа во СДСМ, Црвенковски одговори потврдно, велејќи дека е логично тоа да се случи, бидејќи на чело на СДСМ бил 13 години и таму, како што вели, вложил голем дел од својот живот. Но, тој додава дека, иако ќе помогне во обновувањето на партијата, нема да бара партиска функција.
"Мојот ангажман ниту го поврзувам ниту го условувам со каква било партиска функција. Сакам да го видам СДСМ повторно силен и моќен, а неговите членови горди на тоа што ѝ припаѓаат на таква партија", рече Црвенковски. (Според Утрински весник)


СОБРАНИЕТО ИЗГЛАСА НОВ "КУЌЕН РЕД"

Деловникот беше усвоен без присуство на опозицијата

Владеачкото мнозинство без присуство на опозицијата го усвои новиот деловник за работа на Собранието на Република Македонија.
"Во стариот деловник беа констатирани повеќе недоречености, а донесувањето нов деловник е еден од осумте критериуми што ни ги постави Европската унија", образложи пратеничката Светлана Јакимовска од ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ го оцени донесувањето на деловникот како силување на демократијата.
"Европската комисија го стави новиот деловник во рамките на осумте критериуми, но бара и тој да се донесе со политички консензус меѓу власта и опозицијата. Ние не само што не бевме консултирани, туку деловникот и се предлага без нас. На овој начин ВМРО-ДПМНЕ свесно, сѐ повеќе, не оддалечува од Собранието", изјави пратеникот Јани Макрадули од опозициониот СДСМ. (Време)


СДСМ не се враќа во парламентот

Во СДСМ засега не размислуваат за тоа да се вратат во Собранието, чија работа ја бојкотираат по приведувањето на нивниот потпретседател Зоран Заев.
Во СДСМ велат дека, и да постоеле мали шанси да се предомислат, усвојувањето на деловникот е дополнителен аргумент поради кој ќе го продолжат бојкотот. (Нова Македонија)


ДПА СО СВОЈ НОН ПЕЈПЕР

Да се реализира мартовскиот договор меѓу Тачи и Груевски

ДПА планира да испрати до меѓународните институции "нон пејпер" во кој ќе бидат шесте барања на партијата за зацврстување на позицијата на Албанците, јави новинската агенција ИНА повикувајќи се на партиски извори. Според ДПА, нарушувањата што се случија на предвремените парламентарни избори на 1 јуни се причината за бојкотот на Собранието.
Во меѓувреме лидерот на ДПА Мендух Тачи ги информира меѓународните претставници во врска со улогата на партијата за прашањето во политичкиот процес во Македонија за и по изборите, како и формирањето на новата коалиција меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ.
Документот на ДПА ќе ги содржи барањата што биле договорени во мартовскиот договор со ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои се законот за официјална употреба на албанскиот јазик, закон за употреба на знамето, закон за борците во конфликтот во 2001 година, затворање на обвиненијата што ги подигна Хаг, како и признавање на Косово. (Вечер)



НАЈНОВ БРОЈ


ПРАВОСЛАВЕН КАЛЕНДАР



ВРЕМЕ

МАКЕДОНИЈА

АВСТРАЛИЈА


КАЖЕТЕ ГО ВАШЕТО МИСЛЕЊЕ!

Писма до уредникот

Letter to the Editor