L A T I N I C A

 

O N L I N E

 

МАКЕДОНИЈА » Актуелно

ПАТУВАА ИЛЈАДНИЦИ КИЛОМЕТРИ ОД СИДНЕЈ, АВСТРАЛИЈА, НО НЕ СТИГНАА ДО ОВЧАРАНЕ

Македонците од КУД Илинден од безбедносни причини не ја минаа македонско-грчката граница

Педесетина грчки неонацисти, во близина на граничниот премин Ники на грчката граница, ги попречија Македонците да влегуваат во соседна Грција, иако без проблеми ги минаа царинските процедури. Автобус со околу триесет членови на културно - уметничкото друштво Илинден од Сиднеј, Австралија, поминаа илјадници километри за да настапат на Илинденскиот народен собир кој викендов се одржува во леринското село Овчарани, но се вратија назад во Македонија, затоа што пограничните служби не можеа да им гарантираат безбедно минување на границата.
- Без никаков проблем и за кратко време ги поминавме сите контроли на грчката граница, но сепак бевме предупредени дека не сме безбедни во патувањето и престојот во Грција. Побаравме автобусот да го обезбедува грчката полиција, но тоа не ни беше овозможено. Не сакавме да ризикуваме и одлучивме да ги вратиме играорците во Македонија - изјави Сашо Владимиров, од ТА Теотравел од Битола, која ги превезуваше членовите на КУД Илинден во Грција.
Разочарани, но и шокирани што не можат да отпатуваат во Грција, од управата на КУД Илинден велат дека членовите го обиколиле светот, но досега не доживеале вакво понижување и негостопримство.
Ако ние не можеме да влеземе во Грција со австралиски пасоши, тогаш можам да замилам низ какви малтретирања минуваат оние што се родени во Егејска Македонија. Јас се прашувам дали во Европската унија гледаат дека нивната земја членка не ги почитува човековите права, дека Македонците кои живеат во Грција не можат да зборуваат на својот мајчин јазик и не е признаено малцинството - изјави Славица Јосифовска, претседател на КУД -Илинден, Австралија.


Не е лесно да се биде Македонец во Грција

Многу емоции, дури и солзи кај оние што дојдоа во леринското село Овчарани на прославата на религиозниот и национален празник Свети Илија, Илинден.
Тврдењето на грчкиот премиер Караманлис дека во Грција немало и нема Македонци беше демантирано од страна на грчките граѓани, најголем дел од нив со македонско етничко потекло, коишто дојдоа да уживаат во македонските ора и песни.
"Македонско девојче", "Бисер балкански", "Македонија цела да е" и други македонски народни песни беа на репертоарот на прославата. Колку е силно македонското чувство во Овчарани во Леринско и во сите места во Грција каде што живеат Македонци, можеше да се види по начинот на којшто течеше забавата во Овчарани. Додека на изведбата на грчките културно-уметнички друштва речиси никој не играше, атмосферата се загреа кога се слушна македонскиот мелос.
"Не е лесно да се биде Македонец во Грција, но ние немаме избор. Мораме да бидеме тоа што сме", велат Македонците од Солун, од Серес и од другите места во Грција кои дојдоа на Свети Илија во Овчарани.
"Во цел свет сите така велат. Не може во Грција Македонци да нема. Има Македонци. Сите тука. Срамота за Грција што не познаваат за Македонија. Ниту Македонци имаат видено, ниту ништо. Како да нема Македонци. Јас живеам во Солун. Има многу народ, а тие не познаваат. Велат нема Македонци, а што сум јас? Од кај паднавме ние? Од горе, од небото?", рекоа Македонците во Грција.
Освен зајакнатото полициско обезбедување на приодите кон селото и внатре во него, но не во близина на местото на прославата, не беа забележани посериозни инциденти.
Неколку помали групи блиски на фашистичката организација "Хриси авги" или "Златна зора", која е финансирана од грчката Влада, се обиделе да влезат и да предизвикаат инциденти, но тие биле навреме изолирани и отстранети од страна на грчките власти, кои сепак прифатија барем еден дел од барањето на Македонија Грција да не дозволи напади на Македонците во оваа земја. (А1)


ШЕЕСЕТ ГОДИНИ ОД ПРОГОНОТ НА МАКЕДОНЦИТЕ ОД ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА

Остаре правдата за децата-бегалци

Неколку илјади прогонети Македонци или како што се нарекуваат деца-бегалци се собраа во Скопје за да упатат остро барање до Грција веднаш да престане со дискриминацијата што веќе 60 години ја спроведува врз нив. Со собирот во салата "Борис Трајковски", каде што имаше луѓе од речиси цела Европа, од дијаспората од Канада Австралија и од САД, официјално почна традиционалната тридневна средба на децата-бегалци.
Оваа манифестација предизвика бурни реакции во Грција, кои кулминираа со закани од грчките неонацисти дека доколку одбележувањето се одржи во Лерин, Грција, ќе има инциденти. Илјадниците луѓе што се собраа во Скопје тврдат дека историските факти зборуваат дека тие се жртви на една од најсуровите и најболните епизоди од братоубиствената војна во Грција, која најболно ја почувствуваа токму Македонците родени во Грција.
Ѓеорѓи Ајановски, претседател на организацискиот одбор на средбата, рече дека со овие собири останале доследни на исполнувањето на заветот на нивните мајки и татковци дека нема да потклекнат пред силата на заборавот и сите искушенија.
-Сите ние сме најсветлиот доказ дека Македонците од Егејот, како и сите Македонци, се најцврстиот и нескршливиот бедем во одбраната на македонското национално единство и во осветлувањето на македонската историска вистина. Едно од универзалните човечки права, на кое почива демократијата, е слободниот избор на определба секој да се нарекува како што сака. Зошто тоа право ни се негира само нам на Македонците, да бидеме она што не сме и никогаш не сме биле, а тоа е држава без свое име и народ без корен и идентитет - изјави Ајановски.
Годинава одбележувањето на прогонот доби поголем публицитет бидејќи првпат во историјата на независна Македонија, прашањето за нивните права и имоти беше поставено на преговарачката масата со Грција. Тие велат дека поддршката од државата многу им значи и уверени се дека нивните барања се легални, неуништливи и не застаруваат.


Овации за Љубе, свирежи за Бранко

На средбата на децата-бегалци, салата ечеше од аплауз и од воодушевување кога меѓу присутните се појави довчерашниот хашки притвореник Љубе Бошковски. Стотина луѓе поитаа кон него да го поздрават и да го прегрнат, пред тој да се упати во свечената ложа. Не помало воодушевување предизвика и присуството на првиот човек на Собранието, Трајко Вељановски.
За разлика од нив, претседателот Бранко Црвенковски беше дочекан со свирежи од делот во салата каде беа присутни симпатизери на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. (Време)


ПРЕМИЕРСКО ПИСМО ДО АТИНА

Груевски побара Атина да ги признае Егејците

Со признавањето на македонското национално малцинство и со решавање на прашањата на бегалците ќе се исправат многу историски неправди, се истакнува во писмото на Груевски

Признавање на македонското малцинство и решавање на прашањата поврзани со бегалците од грчката граѓанска војна побара македонскиот премиер Никола Груевски во писмо испратено до грчкиот колега Костас Караманлис. Во писмото, кое Секторот за односи со јавноста на Владата го објави интегрално, Груевски е убеден дека "решавањето на овие теми ќе исправи многу историски неправди, неправди што се чувствуваат и денес и ќе го подобри животот на многу луѓе, како и дека позитивно ќе влијае на подобрување на односите".
Според претставници на МНР и поранешни дипломати, ова е прво писмо до Атина во кое директно се посочуваат проблемот со Македонците во Грција, како и прашањата со бегалците.
- Ние сме упатувале про-мемории и други дипломатски акти во кои сме ги посочувале прашањата за тамошните Македонци, за имотите, но никогаш немало премиерско писмо - вели еден поранешен дипломат.
Груевски во писмото бара ангажман од Караманлис во признавањето на македонското малцинство во Грција и овозможување на основните права според меѓународните стандарди за образование на мајчин јазик (македонски), негување на културните традиции и обичаи преку различни форми на организирање, употреба на македонскиот јазик во локалните институции. Груевски го посочува и проблемот што произлегува од Граѓанската војна во Грција, кога неколку стотини илјади луѓе (најголем дел од нив етнички Македонци), како бегалци ја напуштиле државата.
"Денеска овие граѓани, сега веќе државјани на Република Македонија, а родени во Грција, се тројно дискриминирани. Прво, не може да си ги добијат имотите назад, второ, имаат сериозни тешкотии за влегување во Грција и трето, ако некој од нив сака не може како и секој друг човек што се родил и израснал во Грција, согласно грчките закони, да има право на двојно државјанство, едно македонско и едно грчко", се истакнува во писмото до Караманлис.
Македонскиот премиер предлага средба на експертски групи од двете држави, кои во краток неколкумесечен период ќе ги утврдат сите факти и детали, со кои ќе ги надминат посочените проблеми."Во денешно време, кога се работи за човековите стандарди, гаранцијата на приватната сопственост и малцинските права, не се работи за тоа дали сакаме или не сакаме да ги решиме, туку е потребно стриктно придржување до меѓународните стандарди", се вели во писмото. (Според Дневник)


Груевски испрати писмо и до Баросо

По преписката со Караманлис, македонскиот премиер Никола Груевски проблемот со Грција во врска со непризнавањето на македонското малцинство и правата на бегалците го издигна на уште повисоко ниво. Според А1 Груевски му испратил писмо на шефот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо.
Во писмото Груевски го запознава Баросо со проблемот на македонското малцинство во Грција и со прашањето на Македонците протерани за време на Граѓанската војна.
Во писмото до шефот на Европската комисија меѓу другото стои:
Грчките власти на Македонците веќе подолго време им го оспоруваат нивниот идентитет, што претставува директно кршење на меѓународното право. Со децении Грција води силна асимилаторска политика преку забрана за слободно декларирање на нивниот национален идентитет, проследено со систематски мерки за забрана и сурово казнување на македонските активисти.
Генерално, констатира македонскиот Премиер, припадниците на македонското малцинство во Грција се предмет на силна дискриминаторска политика која води кон исчезнување на македонскиот идентитет во Грција.
Груевски го потсетува Баросо дека Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата ја анализира состојбата на македонската заедница во таа земја и ги охрабрува властите во Грција да продолжат со напорите за подобрување на ситуацијата на припадниците на малцинските групи, вклучително и на македонската заедница.
Натаму во писмото Груевски се задржува на проблемот на бегалците. Ја информира Европската комисија дека тие не можат да ги посетат своите родни места, да добијат грчко државјанство, ниту да ја повратат сопственоста на своите имоти. На крајот од писмото Груевски бара помош од претседателот на Европската комисија.
Владата на Република Македонија апелира во рамките на вашите надлежности лично да се заложите за доследно почитување од страна на Грција на обврските кои произлегуваат од меѓународните инструменти за човековите права, со посебен акцент врз слободно изразување на етничкиот идентитет и сите права што произлегуваат од тоа. Нашите очекувања се Грција како членка на ЕУ и НАТО да почне дијалог што ќе доведе до исполнување на препораките на Европската комисија -стои во писмото од Груевски. (А1)


КАРАМАНЛИС:

Нема Македонци во Грција

Грчкиот премиер Костас Караманлис порача дека во Грција не постои и никогаш не постоело македонско малцинство, со ставање на зборот македонски во наводници

Во Грција не постои "македонско" малцинство. Тоа никогаш и не постоело. Во овој контекст какви било тврдења во однос на постоењето на такво малцинство се целосно неосновани, политички мотивирани и истите претставуваат непочитување на историската реалност во регионот - пишува во писмото кое Караманлис му го испрати на македонскиот премиер Никола Груевски, како одговор на неговото писмо во кое Груевски побара отворање на прашањето на државјанствата на Македонците што биле протерани од Грција и на македонското малцинство во Грција.
Грчкиот премиер ги упатува сите што имаат имотни спорови со Грција да ги водат преку судовите, како и преку Судот за човекови права во Стразбур. Дознаваме дека и во претходни случаи, кога Македонија во разговорите со Грција го отворала прашањето на имотите на протераните Македонци, грчки став било дека оштетените можат да се обидат правдата да ја бараат во Стразбур.
Во писмото на две места се потенцира дека Македонија и Грција водат преговори за името на "Вашата земја" и се изразува жалење за тоа што Груевски токму сега решил да ги отвори овие прашања, велејќи дека во овој период посредникот Нимиц дал предлози кои ги раздвижиле преговорите.
"Жалам за тоа што токму во овој критичен момент од преговорите вие решивте да ми го испратите писмото од 10 јуни. Вашето писмо не само што воопшто не оди во прилог на унапредувањето на преговорите и добрососедските односи со мојата земја, туку и отвора одреден број непостојни и неаргументирани прашања кои особено негативно влијаат врз силните напори што ги презема Грција. Тоа исто така е насочено кон мешање во домашните работи на една соседна земја и е спротивно на целите на преговорите што се во тек", пишува Караманлис.
Под притисок на Грција Македонија се обврза со амандман на Уставот и со Времената спогодба од 1995 година дека нема да се меша во внатрешните работи на своите соседни земји. Од друга страна, Грција воопшто не ја ратификуваше таа спогодба, а на самитот во Букурешт ја прекрши со тоа што стави вето на барањето на прием на Македонија во НАТО под името БЈРМ. По ова вето Македонија најави дека ќе реши кои членови од Времената спогодба и самата ќе ги прекрши.


Историјата ќе ви суди!

Во писмото, на ветото во Букурешт Караманлис му го додава и ветото од Брисел, кога на јунскиот Европски совет во Брисел Грција го блокираше барањето на Словенија, Македонија да добие датум за преговори до крајот на годинава. На крајот на писмото, Караманлис му порачува на Груевски дека "историјата ќе му суди".
"Времињата се изменети, иднината на балканските држави е во европските и евроатлантските институции, а не во националистички методи од одамна изминати времиња кои мораат еднаш за секогаш да бидат оставени во историјата", пишува Караманлис. Ова е одговор на делот во писмото на Никола Груевски во кој македонскиот премиер се повикува на сменетото време и на тоа дека веќе не е прашање дали државата сака да ги почитува приватната сопственост и малцинските права, туку дека е потребно строго придржување до меѓународните стандарди.
Од извори блиски до Владата, Нова Македонија дознава дека Македонија подготвува широка стратегија за информирање на меѓународната заедница со состојбата на македонското малцинство и Македонците што биле протерани од Грција. Акцентот ќе се стави на западните медиуми, како и на меѓународните организации кои се залагаат за почитување на човековите права. (Нова Македонија)


Бакојани им се пожали на Бан, Рен и Кушнер

Паралелно со одговорот на Караманлис, грчката министерка за надворешни работи Дора Бакојани испратила писмо до Обединетите нации и до Европската унија, во кое укажува дека Македонија сака да ги оттргне преговорите од суштината, а тоа е решавањето на спорот за името. Писмото е адресирано до генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун, до еврокомесарот за проширување на Унијата Оли Рен и до министерот за на-дворешни работи на Франција Бернар Кушнер, како земја-претседавач со ЕУ.
Досега Македонија ја обвинуваше Грција дека ја проширува темата на преговорите, откако под грчки притисок преговарачот Метју Нимиц во пакетите за решавање на името ги стави и името на македонската нација и на македонскиот јазик. (Нова Македонија)


ВИНОЖИТО:

Каде исчезнаа Македонците во Грција?

Ако етнички Македонци "не постојат" ниту во Грција ниту надвор од неа, би сакале да ги прашаме сите грчки политичари и медиуми... за кого грчката држава во 1925 година го издаде букварот на македонски јазик Абецедар... кои се оние лица кои во официјалните пописи во Грција до 1951 година се попишувале под графите "Македофони", "Славофонски Македонци", "Словени" или "не-Грци" и што се случило со нив по таа година.
Ова е дел од реакцијата на Виножито, политичка партија околу која гравитира македонското малцинство во Грција испровоцирана од серија изјави на истакнати грчки политичари во кои се негира постоењето на Македонците во Грција, само поради тоа што висок македонски претставник "се осмели" официјално да го актуализира табу-прашањето за етничкото македонско малцинство во Грција.
Дали е можно тие "да не постојат повеќе", како што пред неколку години изјави поранешниот министер Пангалос, се вели во соопштението во кое се наведени прашањата: Ако тие не постојат, каде всушност "исчезнаа"? Ако сѐ уште постојат, зошто тогаш Грција постојано тврди дека се "непостојни", кога некој ќе го актуализира ова прашање? Зошто во 60-тите години на минатиот век населението на цели села било присилувано да се заколне дека ќе престане да го користи "проклетиот словенски идиом"?
Од партијата прашуваат и со кое оправдување Грција во 1982 година дозволи репатријација само на политичките бегалци кои се "Грци по род", со што им се скрати правото на враќање во родните места на тие што "не се Грци по род", и зошто грчките власти создадоа цел механизам за ги спречат тие лица да патуваат во земјата.
Виножито прашува и зошто Грција веќе 18 години одбива да ја регистрира културната асоцијација Дом на македонската култура, игнорирајќи ги одлуките на Европскиот суд за човекови права, како и зошто грчките власти одбиваат во пописите да воведат графи за етнички и јазични малцинства.
На крајот се изразува загриженост поради тоа што грчките официјални претставници за "провокативни", "срамни", "клеветнички" или "поведени по наредба на непознат патрон" ги сметаат актуализирањето на македонското прашање и на прашањето за репатријацијата на македонските политички бегалци. (Утрински весник)


НЕКОИ ГРЦИ ПРИЗНАВААТ:

Факт е дека постојат Македонци во Грција

Наспроти тврдењата на грчкиот премиер дека не постои македонско малцинство во Грција, Стефанос Хавлис од грчката Комунистичка партија вели: "Постоењето на македонско малцинство во Грција е факт, мора да се помириме со тој факт за да живееме мирно".
И Анастас Парисис од раководство на Виножито го застапува речиси истиот став: "Не е работа на државите да одредуваат дали постои малцинство, дали постојат јазици, култури. За тоа одлучуваат луѓето, тие самите одредуваат или знаат каде припаѓаат". (Вечер)


ОВЧАРАНИ

Со македонски песни и ора му одговорија на Караманлис

Во егејскиот дел на Македонија, во село Овчарани, вчера и завчера се одржа традиционалниот фолклорен фестивал на Свети Илија. Не дојдоа ни Црвенковски, ни Вељаноски како што по желба на властите во Атина пишуваа грчките медиуми, но некаде околу селото постојано се вртеа 40-тина припадници на ултранационалистичката организација "Златна зора". Дојде и народот. Илјадници Македонци го исполнија плоштадот пред локалното основно училиште. Сите заедно во едно оро

Караманлис и Бакојани го добија одговорот на нивното писмо за тоа дека македонско малцинство не постои во Грција. Токму од Македонците во Грција. Во Овчарани. Или Мелити, по грчки. Од граѓаните на Грција, ама Македонци по род. На нивниот традиционален фолклорен фестивал. Со македонска музика, со македонска песна, со оро во кое речиси цело село беше фатено. Како да ги фати инает. Не се пуштија од орото до рано наутро. Цело село трештеше од македонски ноти, македонски песни, од македонски муабети со грчко суфлаки и амстел пиво. Жителите на Овчарани не му одговорија само на Караманлис, туку и на 40-те насобрани ултранационалисти од групата Златна зора кои од пристапните патишта до селото се обидуваа некако да го спречат собирот. Но како тие кутри четириесетмина мислеа да го сторат тоа спроти четириилјадната македонска публика во дворот на локалното училиште, навистина остана нејасно. Рака на срце, и грчката полиција, која исто така беше бројна, спречи секаков контакт на припадниците на Златна зора со насобраниот народ.
Селаните. Тие отсекогаш биле гневни и тажни. И во саботата и во неделата, и години пред тоа тие ја кажуваат истата мака - нема правда. Немаат школо на македонски јазик, немаат книги на македонски јазик, не можат слободно да кажат дека се Македонци, немаат каде македонско писмо да прочитаат и да научат. Истото го кажуваат и младите и старите. И Пандо, и Јани, и Ѓорги, и Димитар, и Евгенија, и Ангелина, и Лефтерија. Но знаат и да кажат дека денес е подобро. Пред десетина години стравот беше поголем. Тогаш во песните само македонски ноти можеше да се слушнат, но не и зборови. Денес е веќе поинаку. Тука гостувале и Васка Илиева, и Петранка Костадинова, и друштвото Танец.
Денес е сѐ поинаку. Од муабетите со нив сѐ се сведува на тоа кој каква фолклорна група има, дали имаат носии, инструменти, колку песни знаат, какви свирачи се...
Освен во Виножито, политичката партија на Македонците во Грција, борбата за зачувување на идентитетот македонски по многуте македонски села се сведува на зачувување на фолклорот, на селските слави, на македонските песни. А сите нив, фала богу, ги има. И села, и слави, и фолклорни групи и Македонци. Имаат и членство во Европската унија. Но, го имаат и молкот од Брисел и асимилаторската политика на Атина.

Александар Дамовски (Нова Македонија)


"Македонија не е грчка" во Рим

Со натписите "Македонија не е грчка" осамнаа рекламните материјали што ја промовираат Грција во Италија. Според грчката телевизија Нет, натписите биле испишани на огромни фотографии кои се дел од изложба што ја организирала Грчката туристичка организација во Рим.
Натписите, на кои освен "Македонија не е грчка" пишувало и "Ослободете ја Македонија, запрете го нарушувањето на човечките права во Грција", осамнаа на шест од 32-те фотографии. Како што пренесува Макфакс, текстот бил напишан на англиски и на италијански јазик, а чинот веќе го осуди Министерството за туризам, кое побара осуда и од Македонија.
Изложбата ја отвори во февруари во Милано грчкиот министер за туристички развој, а таа веќе е преместена во Рим и во Неапол. (Дневник)


МЕКОРМАК: САД НЕМА ДА СЕ МЕШААТ ВО КОРЕСПОНДЕНЦИЈАТА МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И ГРЦИЈА

За Стејт департментот, Егејците се билатерално прашање

Македонските бегалци од Граѓанска војна во Грција и македонското малцинство се прашања меѓу Македонија и Грција, соопшти американскиот Стејт департмент. Официјален Вашингтон со ваквиот став се дистанцира од писмото што деновиве премиерот Никола Груевски го упати до својот грчки колега Костас Караманлис.
"Ова е прашање меѓу Македонија и Грција. Колку што знам, кореспонденцијата е меѓу двете страни и ве упатувам на нив за коментар", рече портпаролот Шон Мекормак на минатонеделниот редовен брифинг.
Мекормак негативно одговори на прашањето дали САД ќе интервенираат во однос на бегалците и на признавањето на македонското малцинство, повторувајќи дека се работи за прашање меѓу Македонија и Грција, како и дека САД не се вмешани, јави Гласот на Америка на македонски јазик. Тоа прашање, според Мекормак, е сосем поинакво од прашањето за името.
"Од наша гледна точка, би сакале Македонија и Грција да го решат спорот околу името, што е сосем поинаква тема. Знам дека на неа многумина ѝ посветуваат големо време и внимание. Секако, би сакале преговорите наскоро да завршат со успех", рече портпаролот на американскиот Стејт департмент. (Макфакс)


ЗАВРШИ ПОСЕТАТА НА ГОСТИТЕ ОД ПАКИСТАН

Хунзите се горди на тоа што се Македонци

"Да се биде Македонец е светост, горди сме на тоа што бевме меѓу вас и отсега нашата врска со Македонија ќе биде нераскинлива". Со овие зборови принцот и принцезата на народот Хунзи ја завршија петдневната посета на Македонија. Големиот број граѓани што присуствуваа на литургијата што се одржа во нивна чест во соборниот храм Св. Климент Охридски покажа дека народот ги прифати гостите од Пакистан како свои луѓе, многу блиски на нашиот менталитет и начин на живеење.
"По сѐ што доживеавме овде, можеме само да заклучиме дека не постојат сомневања дека Македонците и Хунзите се браќа и меѓу нас не постојат никакви разлики. Навистина сме горди на тоа што сме потомци на Александар Македонски. Во сите градови и села чувствувавме огромно количество љубов. Се уверивме во вашето гостопримство. Вие сте свети луѓе и навистина сме горди на тоа што сме Македонци, без оглед на тоа во кој дел од светот живееме", изјави принцот Мир Газанфер али Кан.
За принцот, само вербата кон Бога им помогнала да ги надминат сите тешкотии во историјата на неговиот народ. Затоа тие гордо се поклонија, оддавајќи му почит пред единствениот споменик на Александар Македонски во Прилеп.
Владиката Агатангел, кој беше домаќин на нивната средба со граѓаните, вели дека е убаво чувството што по 23 векови потомците на војската на Александар Македонски се меѓу нас.
"Ова се наши браќа по крв и тело и му благодариме на Бога што ни ги донесе принцот и принцезата. Да ја сакаш оваа земја и овој народ навистина е светост. Како еднокрвни браќа и сестри ние им ги отворивме срцето и душата при нивниот престој во Македонија", изјави владиката Агатангел.
Принцезата Рани Атика изјави дека оваа посета за нив претставува мост меѓу Македонците и Хунзите. За неа, образованието што речиси стопроцентно е присутно меѓу Хунзите придонело и од невозможното да се направи можно, односно да се зачуваат сите обичаи кога биле отсечени од остатокот од светот.
Хунзите живеат во подножјето на Хималаите, во денешен северен Пакистан. Тие веруваат дека се директни потомци на војската на Александар Македонски, кои останале да живеат на најисточната точка каде што се протегала неговата империја. Ги има околу 100.000 и од 1974 година се принципат во рамките на државата Пакистан. Тогаш го примиле и исламот како религија, но во неговата најблага форма. Првиот човек на овој народ ја носи титулата мир. Зборуваат на бурушки јазик, за кој историчарите велат дека има многу сличности со јазикот што го зборувале Бригите, како и со денешниот македонски јазик. (Според Време)



НАЈНОВ БРОЈ


ПРАВОСЛАВЕН КАЛЕНДАР



ВРЕМЕ

МАКЕДОНИЈА

АВСТРАЛИЈА


КАЖЕТЕ ГО ВАШЕТО МИСЛЕЊЕ!

Писма до уредникот

Letter to the Editor