|
|
L A T I N I C A |
|
|
O N L I N E |
  |
|
НАЈНОВИ ВЕСТИ
ВОВЕДНИК
Браво Симче!
Во четвртокот ја имав честа да го гледам Симон Трпчески, заедно со Мелбурншката филхармонија. Леле луѓе доживување! Буквално се откачив, заминав во друг свет, го впивав звукот на пијаното кој едноставно ме опиваше од убавина... Кога Симон се претстави дека доаѓа од Република Македонија и најави дека ќе ја отсвири "На Струга дуќан да имам"... нашата татковина ја доби најголемата можна промоција во тие австралиски кругови. Кога сите ние би се однесувале како него, каде би ни бил крајот? А не како некои од нас - "јас не се мешам во политиката"? Од кога е кажувањето кој си и од каде си политика? Браво Симче!
* * *
Јасу бе Костас. Убаво ти е писмото, нема што. И јас се согласувам со тебе, не е момент сега да си пишуваме такви писма, во време кога бараме компромис, нели. Ова писмо требаше да биде упатено многу одамна, не сега. Сега е можеби незгоден момент за тебе, ти си тој кому што му е упатено, а ти би бил пресреќен да го добиеше Мицотакис или Папандреу, да не мораше и ти, како и сите твои претходници, да се будиш со македонското прашање, со егзодусот, со имотите... Главата да ти распрсне од проблеми, а ти толку многу сакаш да промовираш демократија. "Да ја заборавиме историјата, да не гибаме по минатото...", убави зборови за твојот народ, ама празни и неодржливи за светот. Како тоа се заборава минатото? Па без минато нема иднина, јасно ти е тоа, нели?
Му порачуваш на Груевски дека историјата ќе го оценува секој политичар, да не направи случајно грешка за која ќе се покае. Јас би те посоветувал поинаку. Биди маж, повлечи го вистинскиот потег, признај го македонското малцинство во егејска Македонија, вратете им ги имотите на прогонетите, извинете се за голготата... Биди сигурен дека кога ќе го направиш тоа ќе заземеш видно место во светската историја, не само во грчката. Ќе бидеш пример на врвен политичар, и хуманист, и човек пред кого сите ќе ја наведнуваме главата.
Со твојот одговор, кој не е ништо ново, наликуваш на почетник, на аматер кој само ги повторува излитените фрази дека нема малцинства во Грција. Се резилите пред светот, што би рекле Турците. Сигурно дедо ти ти раскажувал како е создадена грчката нација, ама си ја заборавил приказната. А бе батка, што би рекле нашиве од К-15, од вас поизмешани нема, како турли тава сте, сѐ живо и диво што се нашло таму, а богами имало од сѐ по нешто, се нарекува грк, и тоа со мала буква. Има Костас, има. Нѐ има и нас Македонците, и тоа ширум светот, бидејќи вие нѐ истеравте од нашите огништа, ни ја поделивте татковината заедно со Бугарите и Србите, па сега се топорите дека сѐ е ваше. Собери сили барем да го признаеш тоа. Многу ќе ти олесни, и тоа не само тебе туку на цела Грција. Напредокот на нациите и на државите зависи само од заемната почит, никако поинаку.
* * *
Бане наш собра сили да најави дека нема да се кандидира за претседател на идните претседателски избори. Докажа дека е умен. Повторно влече голем личен потег кога е во прашање политиката. Од самото стапнување на политичката сцена влече потези кои го дотуркаа до претседател на Р. Македонија. Сега, кога популарноста на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ е голема како никогаш досега, тој е свесен дека нема ниту грам шанси да победи на следните претседателски избори, па мудро се повлекува од трката и се враќа во својот СДСМ. Таму веќе нема што да загуби. На пониско дереџе никогаш не биле сдсмовците. Прашање е дали и колку време ќе опстојат, како што тргнале. Бранко го знае тоа и затоа игра на картата полошо не може, а секое подобрување ќе си го припише себеси, се разбира.
* * *
Без разлика на тоа што претседателот Црвенковски нема голема популарност во моментов, за осудување се свирежите на средбата на Децата бегалци. Па тој е претседател на Република Македонија која ги угости сите нив, дојдени од сите краишта на светот - зар тие што го исвиркуваа го заборавија тоа? Можете да не го сакате како личност, но немате право да го исвиркувате претседателот на Република Македонија, улога во која тој се појави на јубилејната средба. Тоа само ја покажува нецивилизираноста и некултурата на поединци.
* * *
Циркусот со Заев, за жал, покажува дека бавно созреваме. Нема потреба власта сега да го крева рејтингот на СДСМ, кога тој е на дното, а со вакви потези го прави токму тоа.
Мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот треба да се употреби за напредок на земјата, а не за циркус и за лични и меѓупартсиски пресметки.
* * *
Во петокот, друштвото Брат Љубе Бошкоски од Мелбурн одржа собир по повод ослободувањето на поранешниот министер за внатрешни работи на Македонија од затворот во Шевенинген. За жал, бројот на присутните беше разочарувачки мал. Да не беа свештениците, ќе можевме да се преброиме со неколку раце. А требаше да се собираат парични средства за Јохан.
* * *
Книгата на вистината во која се собираат потписи за признавање на уставното име на Република Македонија се рашири и во НЈВ. Во Сиднеј, книги за потписи може да се набават кај Ник Марковски (Sebel Furniture), а во Волонгонг кај Тони Атанасовски (Grandma Rosie's Flowers at Westfield Shopping Town, Figtree).
Убаво е да се види како сме сплотени во оваа акција која продолжува со несмалена жестина. Честитки за Владо Котевски, кој досега има собрано над 6,000 потписи.
Ваш,
Љупчо Станковски
На 2-ри август испратете писмо до Кевин Рад
Почитувани читатели,
Во надеж дека наскоро Австралија ќе го признае уставното име на Република Македонија, ве замолуваме и Вие да земете учество во големата акција со која ќе го потсетиме премиерот на оваа наша мултикултурна земја Кевин РАД дека и ние сме дел од оваа мултикултура, и ние право имаме на самоопределување, на идентитет...
На 2 август 2008 (токму на тој ден, не порано), испратете писмо до премиерто во кое едноставно ќе го замолите да ги штити принципите на демократијата и да ја признае Република Македонија со нејзиното уставно име.
Пренесувајте ја веста насекаде, на сите Ваши роднини и пријатели. Секој нека испрати писмо (доколку сте четворочлено семејство испатете 4 писма). Што повеќе писма поголем ефектот.
Ајде да го "затрупаме" нашиот премиер со нашите писма!
ПРОТЕРАНИ НА СИТЕ СТРАНИ ОД СВЕТОТ
Децата-бегалци од Егејска Македонија во Лешочкиот манастир
Децата-бегалци од егејскиот дел на Македонија ја посетија манастирската црква Св. Атанасиј во Лешок. Во дворот од храмот се зборуваше на македонски, полски, романски, унгарски, руски. Децата кои беа протерани на сите страни од светот дојдоа на излет во Лешок. Како што велат - да се видат со најблиските.
"Дојдовме на излет да се видиме со нашите луѓе, тие што дојдоа од целиот свет: Америка, Канада, Австралија, да се видиме со Македонците од Грција. Да се најдеме со некои стари пријатели", вели Гена Димитриева.
Со биењето на камбаната беше означен почетокот на литургијата со која чиноначалствуваше митрополитот полошко-кумановски, господин Кирил. Токму тука по четири години повторно се сретнаа браќата Коле и Кице Чокревски. Потекнуваат од леринското село Сетина, но судбината сакала едниот да живее во Македонија, а другиот во Унгарија.
"Живееме во Скопје, а израснавме во Унгарија. Од 1976 сум во Скопје имам жена Гркинка, ме поддржува во сите работи и сега дојдовме тука да се видиме со другарите од Унгарија и да го прославиме денот", рече Коле.
"Веќе 60 години сум во Унгарија, завршив медицински факултет, работев 40 години и сега сум во пензија. Добро ни е многу, ни помогна, ни ги даде сите можности, кој сакаше можеше да заврши што сака", рече Кице.
Во рамките на третиот ден од четвртата Светска средба на децата-бегалци од егејскиот дел на Македонија беше организиран излет во манастирската црква. За 500 гости организаторите приредија богата културно-уметничка програма. (ТВ Канал 5)
ЛДП останува надвор од Собранието
Извршниот одбор на Либерално-демократската партија ја потврди одлуката да остане надвор од работата на Собранието, што ја донесе по апсењето на струмичкиот градоначалник Зоран Заев. Либерал-демократите велат дека со евентуалното останување во Собранието, би му дале легитимитет на овој брутален режим и би биле соучесници во "политичкото насилство и партиското силеџиство".
"Собранието ги доживува своите најсрамни моменти. Законите се носат во незаконска постапка, а расправата по повеќето од нив трае буквално по само една минута. Во целосно нелегална постапка беше усвоен ребалансот на буџетот со кој, без никакво образложение, за крајно непознати намени, драстично се зголемуваат средствата за Министерството за внатрешни работи - за цели 75 милиони евра. Во целосно нелегитимна постапка, без никакви консултации со опозицијата, се донесе нов деловник за работата на Собранието", соопшти партијата по средбата на Извршниот одбор.
ОМД против промена на името
Делегација на Обединетата македонска дијаспора допатува во Македонија, на серија средби на кои ќе се отвори прашањето на правото на глас на дијаспората. На средбите со претседателот Црвенковски и со премиерот Груевски, како и со амбасадорите Фуере, Миловановиќ и Валеро, се очекува претставниците на дијаспората од земјите во кои има најголеми македонски заедници да се заложат и против менување на уставното име на Република Македонија. Со разгорувањето на спорот со Грција, ОМД го поздрави отворањето на македонското малцинско и бегалско прашање во Грција.
"Писмото на премиерот Груевски официјално фрли светлина на маките на егејските Македонци, протерани од нивните домови во денешна северна Грција, тие да не смеат да се вратат во нивните родни места, освен ако се изјаснат како етнички Грци. Одговорот на Караманлис на ова писмо е фарса. Атина продолжува со молкот и со негирањето на правата на овие луѓе", пишува Обединетата македонска дијаспора, која потенцира дека постоењето на македонското малцинство во Грција го признаваат американскиот Стејт департмент, Хјуман рајтс воч, Амнести интернешенел и други организации.
Европската комисија ја охрабри Македонија: Напредок во визната либерализација
Македонија постигнала голем напредок во областите правда и внатрешни работи- ова е оценката што му ја пренесе Жан Луј де Брауер, претставникот на Европската комисија и директор во Генералниот директорат Правда, слобода и безбедност, на Игор Илиевски, државниот секретар во МНР кој го предводеше македонскиот тим на состанокот во рамките на дијалогот за визна либерализација меѓу Европската унија и Македонија.
На состанокот, како што стои во соопштението од МНР, Европската комисија ги презентирала насоките за исполнување на барањата од "европскиот визен патоказ", што ќе биде основа за оценката на Европската унија за усвојување одлука за либерализација на визниот режим со Македонија.
Соговорниците разговарале и за динамиката на идните активности во процесот и временската рамка за средби на експертите од двете страни. Македонија очекува укинување на визите за влез во земјите од Шенгенската спогодба напролет следната година.
Но, поради противењето на Грција, постои можност и овој чекор за приближување кон ЕУ да биде блокиран, иако во "патоказот" е предвидено дека ЕУ одлуката за визната либерализација ќе ја донесе без можност земјите-членки како Грција да стават вето.

