|
|
L A T I N I C A |
|
|
O N L I N E |
  |
|
ФЕЉТОН
ТОШЕ (17)
Бендот - нешто како второ семејство
Тие петмина - Таци, Роки, Сале, Бумбар и Предраг шест години беа дел од музичкиот живот на македонската легенда
Валентина Тодоровска
"Кога имаш своја група, свои луѓе, ја имаш вистинската музичка поддршка, а тоа што приватно пиеш кафе и муабетиш за музиката на сцена зрачи како посебна магија", знаеше да каже Тоше кога ги претставуваше своите музички другари - Трајче Симоновски - Таци, Драган Ѓуровски - Роки, Сашко Николовски - Сале, Златко Михајловски -Бумбар и Предраг Икономовски. Кога му излезе последниот албум, Тоше не пропушташе прилика, а да не се пошегува: "Ако мојот живот е игри без граници, животот на мојот бенд е игри по граници".
И навистина, она што е дел од минатото на бендот на Тоше, а веќе станува историја се многубројните патувања зачинети со разни приказни, анегдоти, смешки... Кога си на заедничка задача, а го следиш музичкиот гениј во неговата мисија, велат луѓето од бендот, тоа е голема привилегија.
Првата работа што ќе ја чуете од нив е дека Тоше обожаваше смешки и го креираше ведрото расположение. Многу често знаел да залута, одненадеж да го снема, а трагата тие ја наоѓале - следејќи му го гласот. Тоше постојано пеел, каде и да одел, сеедно кое и да е време од денот или ноќта. "Така еднаш на аеродромот во Виена, додека чекавме авион, замуабетени и поспани, забележавме дека го нема човекот. Се раздвиживме за секунда и почнавме да го бараме. Не одговараше на телефон и целата приказна почна да станува напната", се сеќаваат момците. "Кога го слушнавме неговото "О соле мио", распејувањето на Тоше, сфативме дека нему единствена трага му е гласот". Толку уживал да пее и толку бил врзан за музиката што најчесто не чувствувал никаков замор.
Попрецизно - пеењето на македонската ѕвезда му било нешто како релаксирање. "Тоше не ги сакаше авионите и се правеше да го одбегнеме летањето. Така лани бевме на турнеја низ Шведска и Тоше доби лимузина каква што прилега на ѕвезда од неговиот калибар. Нејќеше да се дели од нас и заедно со Лиља се сместија и така во купче личевме на среќно индиско семејство. Таму имаше интересна случка кога се спротивставија височините - Лиља со своите метар и шеесет отстрани една "планина" од момче кое го задеваше Тоше. Потоа, се шегувавме во комбито дека за посилен менаџер Тоше може само да сонува. По ладната Шведска заминавме за Србија, а комбито со инструменти остана да не чека. Беше како на филмска лента - следниот ден се вративме во Копенхаген и со комбито тргнавме во едно мало местенце во Данска. Бевме ептен уморни, а Тоше од некаде го "ископа" новиот албум на Оливер Драгоевиќ и ни рече: "Момци, погледнете какво богатство имам. Ќе го слушаме, нели?!"
Прашањето врзано за замор секогаш претставувало енигма за неговите музичари од бендот. Чудата се случуваа на концертите - покрај онаа волшебна врска со публиката, Тоше губеше чувство за време и секогаш на крај велеше: "Ајде само уште една песна".
Толку беше искрена и љубезна неговата желба што никој не можеше да му ја одбие. "Концертот во Сараево требаше да заврши на полноќ, раскажува Лиља. Но, Тоше толку се сплоти со публиката што заборави на време , моите довикувања не ги забележуваше и концертот го продолжи за уште еден час. Пееше 4 часа и ќе пееше уште толку да не постоеше забрана за работа на јавни објекти до 24 часот. Во салата "Зетра" имаше 10.000 луѓе, а надвор чекаа уште 3.000 и владееше фантастична атмосфера. Тогаш сите се откажавме од хонорарите, а нив ги дадовме за реновирање на Домот на младите во Сараево. Денес, истиот дом е комплетно среден, има една мала концертна сала, а сликата на Тоше е на челното место. Спроти него е Горан Бреговиќ и куп имиња од тамошниот музички живот", се сеќава Лиља.
"Животот на Тоше беше музика, а тој најсреќен на сцена кога пее. Токму затоа импровизациите беа сосема вообичаена работа, прашање на момент и инспирација. Обично го договаравме репертоарот, но изненадувањата беа постојано присутни на концерти. Така Тоше ќе добиеше желба да испее нешто од постариот репертоар, го следеше жарот на публиката, а ние се приспособувавме. Или, на пример, на последниот концерт посака да пее нешто од "Металика", ни даде интонација, намигна и рече: "Ја знаете, нели?" Инаку, еуфоричната атмосфера од последниот концерт ја наметна Тоше. Ни кажа дека три години нема да настапуваме на тој простор, а потоа ќе го направиме стадионот на сите трибини".
Колку што му беа важни концертите, знаат сите негови фанови, вонсериски му беа средбите со неговите обожаватели. Вообичаена слика - повеќечасовно потпишување автограми, муабети со луѓето. Затоа, пак, излегувањата и вечери потоа не доаѓале предвид. На Тоше секогаш многу му недостигало Крушево и неговите, а другарите од бендот знаеле да му ја прочитаат носталгијата од погледот. Затоа, веднаш по концертите, се јавувал дома, најчесто на татко му за да му ги прераскаже впечатоците.
Инаку, Тоше беше ведро и насмеано момче што уживаше да раскажува и да слуша вицови. Како летен сончев ден. Омилен му беше со вошката.
Оди приближно вака: "Тоше е вошка. Зошто? Затоа што спие во косите". Инаку, со менаџерката си го имаа муабетот и Лиља му беше омилена тема за шегување. Најмногу се смееше што подолг период таа Таци го викала Даци и жената на Брајан Тејлор - Рамбо наместо Реинбоу. "Долго време Лиља не знаеше што значи лиљаци, како што не нарекуваше Тоше, мислејќи дека е врзано за нејзиното име. И беше горда. Неодамна на една наплатна рампа некој во шега рече "сега ќе плати шишмишица" и Лиља со неверување се сврте, дознавајќи го вистинското значење на зборот.
Се сеќавам кога во 2006 година бевме во Англија, на фудбалскиот натпревар со Македонија. На влезот обезбедувањето се изненади кога виде колку автограми даде Тоше. Кое е момчето, прашуваа тие, а нашите фудбалски фанови со радост одговараа: "Ѕвезда од Македонија". Потоа седнавме долу, сите наши англиски продуценти. Тие, пак, од куртоазија, кога и да станеше Тоше, кога и да аплаудираше или ги бодреше нашите фудбалери, го повторуваа истото.Се шегувавме дека ги натера Англичаните да навиваат за Македонија".
Бендот на патувањата живееше и функционираше како семејство. Во хотелите секогаш ги разменувале собите за да го скријат Тоше и ги терале келнерките неговата храна да ја оставаат кај нив. "Тоше немаше срце некому да рече дека одмора или, не дал Господ, да не отвори врата. А сиот персонал во хотелите сакаше да го види, да се фотографира со него...Таков беше секогаш", се сеќава бендот. "Кога ни доаѓаше на гости, сосетките го викаа на кафе, се собираа во двор да му прават муабет. Забораваше на време. Еднаш Тоше повика такси, за по него да му пратат гитара. Свиревме и не забележавме дека го нема. Кога сфативме дека излегол да го пречека таксито, ја затековме следната слика - Тоше прави муабет со соседите, а девојки од блиската фризерница веќе варат кафе".
Тоше беше момче со чисто срце и навистина веруваше дека доброто се враќа со добро. Ги сакаше сите и беше совршен другар и пријател. Често раскажуваше за почетоците со својот бенд. Во 2000 година бил излезен во "Маракана" каде што ги слушнал момците. Уживал во свирката и им честитал на мајсторијата. Со почетокот на неговата македонска турнеја, од концертот на Скопскиот саем во 2001 година, започнуваат нивните заеднички приказни.
"Среќни сме што сме дел од минатото на една легенда, што го запознавме Тоше во вистинска светлина и што знаеме дека тој немаше две лица. Во напорни и нервозни денови, кога имаше многу работа, се случуваа недоразбирањата, а тој знаеше да ни влее оптимизам и да каже дека се ќе испадне добро. "Се ќе биде супер, ќе видите", а неговите зборови ни беа како "апаурин". Беше неверојатен во мисијата да шири љубов, а ние бевме повластени што го гледавме од сцената како брилира".
(продолжува)

