|
|
L A T I N I C A |
|
|
O N L I N E |
  |
|
КУЛТУРА И ЗАБАВА » Естрада
ФИНАЛЕТО НА "ЕВРОСОНГ" БЕЗ МАКЕДОНИЈА
Ја уплескаа работата, па ги обвинија новинарите
Менаџерот на триото е крајно разочаран поради написот во "Вест" за Адријан и за наводната српска снаа Санела, новинарка во весникот "Блиц". Според него, со ваквата насловна страница е направена огромна штета и се загубени гласовите на огромната албанска дијаспора, кај која претходно тој многу лобирал
Македонските евровизиски претставници Тамара, Адријан и Врчак не успеаја да влезат меѓу десетте првопласирани во втората полуфинална вечер на "Евросонг" и не изборија учество во финалето. Досегашната традиција Македонија секогаш да настапува на завршниот избор е прекината и евровизиската тројка се враќа дома. На сцената во "Белградска арена", Тамара, Адријан и Врчак достојно ја изведоа својата "Лет Ме Лове Ѕоу".
- Ја пеевме песната за нашиот ангел кој е постојано со нас, како и за сите во Македонија - им изјави Тамара на водителите зад сцената.
- Тамара, Адријан и Врчак се многу разочарани поради тоа што не успеаја да се пласираат во финалето, и покрај тоа што од сите страни добиваат пораки да не се грижат, дека биле добри и оти не е важно што не се пласирале, вели менаџерот на македонските претставници Емин Гаџа.
- Им велам дека се уште се млади, животот е пред нив и ги очекуваат извонредни кариери. Но разочарувањето е видливо - додава тој.
Гаџа и воопшто целата екипа се задоволни од настапот во Белград. Се било изведено беспрекорно, како што било и замислено, а сите во салата пееле заедно со Тамара, со Адријан и со Врчак.
- И во поразот треба да бидеш голем. Настапот беше топ, а другото не е во наши раце. Првпат сум на "Евровизија" и сфаќам дека важно е што песната ни е одлично прифатена. А за висок пласман не е битно да имаш само добра песна - потребна е цела лобирачка машинерија - објаснува Гаџа.
Сепак, менаџерот на триото е крајно разочаран поради написот во "Вест" за Адријан и за наводната српска снаа Санела, новинарка во весникот "Блиц". Според него, со ваквата насловна страница е направена огромна штета и се загубени гласовите на огромната албанска дијаспора, кај која претходно тој многу лобирал.
- Многу девојчиња секојдневно се сликаа со Адријан. Срамота е да се измисли таква приказна, кога се знае какви се генерално односите меѓу Албанците и Србите - изјави Гаџа.
СРЕДБА НА АЛЕКСАНДРА ПИЛЕВА И БАЛКАНСКАТА ПОП-ЅВЕЗДА
Здравко Чолиќ ми даде комплименти
Александра Пилева го запозна Здравко Чолиќ. Средбата меѓу рок-пејачката и балканската ѕвезда се случила во дискотеката "Б2" каде по концертот на балканската поп-свезда и британската атракција "Шугабејбс" на Плоштадот Македонија, за гостите беше приредена забава. Пилева пееше за ВИП гостите, но, нејзиниот настап бил прекинат десетина минути, затоа што Чолиќ бил водушавен од рок пјечката и инсистирал лично да ја запознае. Разговорот меѓу нив минал во комплименти за нејзината вокална изведба и за нејзиниот сценскиот настап.
"Чолиќ инсистираше да ме запознае. Десетина минути разговаравме, а потоа продолжив да пеам. Навистина ми е драго што го запознав, затоа што тој со децении важи за балканска ѕвезда", ни рече Пилева. Настапот на Пилева беше по повод ребрендирањето на Македонски Телекомуникации во Т- Хоум, а пред Вип журката во саботата, таа пееше пред платото на Домот на АРМ.
ВО НОВИОТ СПОТ
Кристина вози виљушкар на депонија
Кристина Арнаудова сними два спота за две песни од новиот албум "2007". Песните "Зошто" и "Голи во срцата" добија видеозаписи. Снимањето се одвиваше под будното око на Александар Ристовски-Принц. Кадрите за песната "Зошто" се направени во Градскиот парк, на популарната школка која за таа намена беше специјално прилагодена и обоена во црно- бела комбинација. Вториот спот за песната "Голи во срцата", се снимаше на депонијата Дрисла.
"Интересно е тоа што за снимањето на спотовите Принц запали два автомобили и практично првпат во еден македонски спот ќе видиме толку многу оган и динамика. Идејата на спотот за "Голи во срцата" е да се претстави љубовта растоварена од сите материјални аспекти, љубов која живее надвор од материјалниот свет и е апсолутен победник во светот на лагата и парите. На крајот на спотот јас и уште три девојки вршиме целосно демолирање на два автомобили, кои се уште се во оган, со што и симболично се ослободуваме од се што секојдневно не врзува во нашето опкружување и се посветуваме само на меѓусебната човечка љубов. За прв пат во спотот управував и со виљушкар со кој на крајот од спотот сосема ја уништив колата", вели Кристина.
ПЕЈАЧКАТА САМАНТА ПРОТИВ "ФОЛК-ФЕСТ ВАЛАНДОВО"
Немам врска со бомбата
Фолк-пејачката Лидија Трајковска- Саманта, која деновиве е присутна во медиумите заради шпекулациите дека таа на организаторот на "Фолк-фест Валандово 2008" му понудила 1.500 евра за да пее директно во финале, реагира на сите овие озборувања.
- Не е точно дека сум нудела пари, уште помалку е точно дека лажната тревога за поставената бомба има врска со моето име. Јас отидов да пеам на првата полуфинална вечер, но поради несогласувања со првите луѓе, ја напуштив салата и воопшто не настапив. Вистинската причина ќе ја откријам во еден таблоид, а откако ќе ги изнесам на виделина сите нешта, потоа нека се брани организаторот, ако има аргументи - вели Саманта. Шефот на прес-центарот, Мирче Карамучев, не сака да зборува за оваа афера.
- Лидија требаше да пее на првата полуфинална вечер, но по разговорот што го направи со уметничкиот директор Орце Гелевски и директорот на фестивалот Јован Коцевски, си замина без образложение. Не знам за што зборуваа, не можам да ви кажам ништо повеќе за тоа. Но оваа година фестивалот помина во знакот на тревога и на паника, поради, божем, поставената бомба, и затоа имавме многу проверки на салата. За среќа се помина во најдобар ред - објаснува Карамучев.

