|
|
L A T I N I C A |
|
|
O N L I N E |
  |
|
ЗАЕДНИЦА » Настани
НОВА ПОРАКА ДО ПОЛИТИЧАРИТЕ ВО АВСТРАЛИЈА И МАКЕДОНИЈА:
Македонија име не менува!!!
Мелбурн, 24 мај 2008 год.
Македонскиот марш во австралиските медиуми
Македонскиот марш во саботата одекна силно во австралиските медиуми. Уште за време на собирот радио станиците во Мелбурн информираа за "голема поворка која се движи кон викторискиот парламент" и дека станува збор за демонстрации на Македонците.
За време на маршот беа забележани новинарски екипи на националните телевизии како "прибираат материјал" земајќи изјави од демонстрантите како и претставници на организациониот комитет.
Во ударните термини на националните вести во 18 часот во саботата на Канал 7, Канал 9, Канал 10 и државната телевизија АБЦ одвија простор со видео снимка и изјави од присутните да го одбележат настанот. Националните телевизии објавија:
"Членовите на викториската македонска заедница маршираа пред Парламентот во Мелбурн да ја повикаат Федералната Влада да го признае, како што велат тие, нивното вистинско име. Околку 10 илјади Македонци се собраа на платото пред парламентот по маршот низ центарот на градот.
Тие бараат од премиерот Кевин Рад да ја признае републиката Македонија под нејзиното уставно име и да се запре со користењето на терминот "бивша југословенска", кој тие го сметаат за навредлив.
Тие исто така бараат грчкиот премиер да го следи примерот на господин Рад и да им се извини на етничките Македонци во Грција, чии што човечки права, тие велат, не се почитуваат од грчката држава од 1913 година."
Весниците "The Age" и "Sydney Morning Herald" во своите изданија во неделата под наслов "Македонците протестираа во Мелбурн" наведуваат дека "илјадници македонски Австралијани маршираа низ Мелбурн барајќи од федералната влада формално да го признае македонското потекло."
Понатаму се истакнува дека според организаторите околу 20 илјади протестанти се собраа во Картон Парк. Цитирана е изјавата на портаролот на организиторите Јордан Груев во која се наведува "австралиската влада не ја признава Република Македонија според нејзиното име, додавајќи придавки како што се "бивша Југославија" и "Славо - Македонци" кои се навредливи и понижувачки и тоа претставува злоупотреба на човековите права. Премиерот Кевин Рад и неговиот министер за надворешни работи можат да застанат зад народот од Источен Тимор и можат да застанат зад властите на Бурма но тој не може да застане зад Македонија."
"The Age" и "Sydney Morning Herald" напоменуваат дека за многу Македонци со австралиско државјанство им било одбиено да влезат и да го посетат своето родно место во Грција и покрај тоа што патуваат со австралиски пасоши.
Исто така на протестот беа забележани и претставници на некои од етничките медиуми.
Доделени наградите "Македонско сонце" 2007
Во петокот на 23 мај во Сиднеј, по 15-ти пат се одржа традиционалниот Бизнис бал Македонска трпеза, на кој редакцијата на Македонскиот телефонски именик ги додели највисоките награди Македонско сонце за 2007 година.
Наградата за најдобри деловни резултати во 2007 година и припадна на Компанијата P&E Transport од Сиднеј, во сопственост на господинот Петар Каковски. Покрај неа, номинирани за ова високо признание беа и компаниите Boboli на Борче и Оливера Алтипармакови од Сиднеј, Rendwick Motor Group на Флоренс Кипаризова Бобони, како и македонскиот ресторан Antiko Woodfired Pizza во сопственост на Димитар Тодоровски и Мики Николовски.
Македонскиот телефонски именик наградата Македонско сонце 2007 од областа на општествените дејности, културата, образованието и спортот ја додели на господинот Душан Ристевски за драмското дело Страв и срам. Номинирани за оваа награда беа и поетот Бранко Наумоски од Сиднеј за поетско творештво и на малиот и талентиран Мајкл Дамески за освојување на осум златни медали на светското првенство во танцување Лос Анџелес 2007 и авторот Јордан Петровски, за објавувањето на драмата Немирни времиња.
Наградата Македонско сонце за животно дело и беше доделена на доајенот на македонското новинарство во Австралија, госпоѓата Зага Добросављева. Посебна благодарница им беше доделена и на господинот Џорџ Тодоровски од Wollongong и на господинот Трајче Бошковски од Newcastle, за успешна соработка и промовирање на Македонскиот телефонски именик. На свечената вечера присуствуваше амбасадорот на Република Македонија во Австралија, Виктор Габер со сопругата.
Вечерта беше посветена на македонскиот јазик, затоа што 2008 година е прогласена за година на јазиците од Обединетите Нации. Претседателот на Македонскиот Просветно-училичен одбор за ЊВ госпоѓата Зора Јанева одржа слово за значењето на браќата Кирил и Методиј. Госпоѓата Катерина Ципушева зборуваше за значењето на македонскиот јазик, а претседателот на Фондацијата за македонски јазик Новица Ангеловски ја појасни потребата од донација на студиите по македонски јазик. Вечерта беше и од добротворен карактер и се собираа донации за Катедрата по македонски јазик на Macquarie University во Сиднеј, беа претставени и двајца успешни млади Македонци, професорите по македонски јазик Весна Стојчева и Зоран Марковски.
Присутните ги забавуваше музиката група Арт Плаза, а краток настап имаше и македонското "чудо од дете", популарниот Мајкл Дамески. Редакцијата на Македонскиот телефонски именик на сите Македонци им благодари на довербата!
ПРОДОЛЖУВА АКЦИЈАТА ЗА СВЕТО ПРЕОБРАЖЕНИЕ
$14,500 за манастирот на Тоше
Македонската радио програма од Сиднеј "Македонски поручек" и водителите Бале Стојановски и Сашо Трпчевски успешно ја продолжија акцијата за собирање финансиски средства за манастирот "Свето Преображение" во Крушево. Имено, во Сиднеј преку оваа радио програма беа со $14 500 долари. Голема благодарност до сите Македонци кои подарија дел од своите финасиски средства, ама и голема благодарност до сопствениците на следните бизнисмени каде што се собираа донациите: Извор Дели, Бенстаун, Бурек 4 звезди, Бенстаун, В.Р. Јагуна, Маестро Бајкери, Ливерпул и Фреш Кат Дели, Мордаел.
Благодарност и до Тања Митревска-Пардовска која е вработена во Комонвелт банката во Сиднеј за нејзината несебична помош и трансферот на парите.
Донацијата од Мелбурн и Сиднеј заедно е повеќе од $35 000 долари и се надеваме дека ќе продолжи и понатаму.
Бале Стојановски
СТРАВ И СРАМ ВО ВОЛОНГОНГ
Спектакуларно
Преставата во Волонгонг привлече повеќе од 500 посетители, како од помладата така и од постарата генерација Македонци
На 9-ти мај во прекрасниот Illawarra Performing Arts Centre во Волонгонг се прикажа драмата "Страв и срам" од Душан Ристевски во режија на Зоран Лозевски. Преставата ја отвори генералниот директор на здравствената служба од регионот на South Eastern Sydney and Illawarra, Г-дин Terry Clout. Господин Клоут ги поттикна присутните, а со тоа и целата македонска заедница да ги употребуваат службите за ментално здравје и им препорача да не се плашат, срамат и кријат кога се соочуваат со ментално-здравствените проблеми. Тој исто така ја поздрави и иницијативата што се покрена од македонската заедница (од Литературното друштво "Григор Прличев") кое во партнерство со Службата за ментално здравје од регионот St George, интензивно работи за намалување на срамот (стигмата) од менталните болести. Со цел да им се пријде на Македонците, се избра еден културен пристап (театарот) за да се пренесе едукативната порака дека менталните болести како и сите други болести можат многу успешно да се лечат.
Присутни беа воодушевени од професионалната изведба која беше пропратена со овации и аплауз. Посебно публиката со воодушевување ги прими носителите на главните улоги: Олга Николовска и Васко Србиновски кои потекнуваат од Волонгонг, а овој им беше прв настап после повеќегодишна пауза од театарската сцена. Двајцата имаат играно во повеќе престави, како и режирано, во тетарот "Благоја Нешковски" од Илавара.
Исто со воодушевување беше примен и режисерот Зоран Лозевски кој исто така потекнува од Волонгонг каде и што ја започна својата режисерска кариера. Другите улоги ги толкуваа Кире Тошевски, Тони Глигуровски, Соња Божиновска, Марија Кочовска, Митра Недановска-Нешковска, Николче Цветковски, Пеце Зенговски, Соња Зенговска и Александар Чакоски.
Поставувањето на сцена на оваа драма во Волонгонг ја овозможи Мултикултурната здравствена служба (Multicultural Health Service), благодарение на директорката Др Astrid Perry, а со помош на Македонското добротворно здружение од Илавара и со поткрепа на македонската радио станица Radio Hertz на Гоце Ангелески, Cringila Community Co-operative, Порт Дели од Порт Кембла како и Travelworld од Волонгонг.
За успехот на преставата важна улога одиграа македонските здравствените работници како и нивните колешки: Аница Петковска, Христина Тренеска, Анѓела Митиќ, Јагода Вељановска, Соња Георгиевска, Зага Тркуља, Бланка Изабал, како и работниците од Македонското добротворно здружение Мендо Трајчевски, Верица Сајдовска и Мира Лазаревиќ кои неуморно работеа да ја промовираат оваа театарска престава која е корисно да се види од секое македонско семејство.
По успешните настапи во Сиднеј и Волонгонг и поради големата заинтересираност се планира да се организира турнеја и во Мелбурн.

