L A T I N I C A

 

O N L I N E

 

СПОРТ » Фокстел куп на Викторија

14. КОЛО

Лавовите помали од мачиња

Престон Македонија – Ричмонд 1:5 (0:2)

Недела, 25 мај. Играно на BT Connor Reserve во Reservoir. Судија: Сенко Расточиќ. Гледачи околу 800. Жолт картон: Питито (ПМ), Меккласки, Сивиќ, Гуциолис, Кардозо (Р). Стрелци: Тони СТЕРЈОВСКИ во 74. за Престон Македонија, Џеси КРНЧЕВИЌ во 3. и 84. и Пабло КАРДОЗО во 29., 53. и 73. минута за Ричмонд.

ПРЕСТОН МАКЕДОНИЈА: Ацевски, Бошевски, Масалковски, Питито, Швал, Гаспарис, Мискас (од 45. Анастасиу), Стерјовски, Арсовски, Мицовски (Долевски), Шапазовски.
РИЧМОНД: Вебста, Меккласки, Циарас (од 59. Цветковски), Сивиќ, Мајкл Каталано (од 63. Латинопулос), Ричард Кардозо, Бенсен, Ковачиќ, Гуциолис (од 75. Реџепи), Пабло Кардозо, Крнчевиќ.

Повторно "орлите" од Ричмонд со високи 5:1 ги совладаа "лавовите" од Резерво, идентичен резултат како и во првото првенствено коло. Ричмонд покажа дека со право многумина го сметаат за еден од фаворитите за превземање на титулата која минатата сезона ја освои Престон Македонија.
Веќе во 3. минута Крнчевиќ со прекрасен волеј го откри резултатот - 0:1.
Веднаш по нивното водство играта ја превзедоа фудбалерите на Македонија. Прилики имаа Мицовски и Шапазовски (ја погоди пречката), кои останаа нереализирани. За разлика од "лавовите" гостите веќе во 29. минута по прекрасно додавање од Сивиќ, Пабло Кордозо со убав удар ја затресе мрежата на Ацевски - 0:2.
По вториот гол на противникот, фудбалерите во црвено-жолти дресови тешко се снаоѓаа да воспостават рамнотежа на теренот за да можат да направат резултатски пресврт.
Почетокот на второто полувреме не ветуваше промени и веќе во 53. минута Кардозо повторно на додавање на Сивиќ го постигна својот втор гол и го зголеми водството на "орлите" на 3:0.
Истиот фудбалер во 73. минута го постигна својот хет-трик со што ја запечати судбината на минатогодишен шампион. Со убав удар надвор од шеснаесетникот Кардозо ја затресе мрежата на Ацевски и Ричмонд зголеми на 4:0.
Една минута подоцна, по играњето на Меккласки со рака во својот шеснаесетник судијата Расточиќ покажа на белата точка. Капитенот на Македонија Тони Стерјовски со прецизен удар го намали резултатот на 1:4.
За жал, овој гол не беше најава за голем пресврт, бидејќи гостите преку стрелецот на првиот гол, Џеси Крнчевиќ, го поставија конечниот резултат на овој дуел. Крнчевиќ на додавање на Кардозо по втор пат се запиша во листата на стрелците со што Ричмонд ги декласира "лавовите" со 5:1. Гол разликата од двата дуели П. Македонија - Ричмонд е 2:10 што доволно зборува за разликата во квалитет меѓу екипите оваа сезона.

Илија Станковски


Нерешено најреално

Грин Гали - Алтона меџик Вардар 1:1 (1:1)

Сабота, 24 мај. Играно на Green Gully Reserve. Гледачи: 1000. Жолт картон: Фек (ГГ), Антопулос, Лори, Чурчија (АМВ). Стрелци: Емануел МАСКАТ во 21. за Грин Гали, Есала МАСИ во 17. минута за Алтона М. Вардар.

ГРИН ГАЛИ: Тиловски, Ивешиќ (од 46. Адам), Бартон, Фек, Коле Делев, Флеминг, Бенкс, Сандерс (од 62. Николиќ), Маскат, Олертон, Варгас (од 80. Бехиќ)
АЛТОНА МЕЏИК ВАРДАР: Јевдјевиќ, Антонопулос, Лори, Божиновски, Младеновиќ, Фа’Ародо, Сивевски, Рекиа, Балдачино, Маси, Чурчија (од 73. Шерифовски).

Два гола за само пет минути, по еден на двете страни, беше епилот на дуелот помеѓу "магичните" од Алтона и лидерот на табелата Грин Гали.
Првиот удар кон голот го испрати Кемпбел Бенкс во 5. минута од мечот. Голманот на Вардар Јевдејевиќ мораше да спасува со нога откако одбраната на Вардар не се снајде најдобро во таа ситуација.
Домаќините имаа лесна теренска иницијатива на почетокот на натпреварот, но Вардар благодарение на акцијата помеѓу новајлиите во екипата Балдачино и Меси дојде во водство. Балдачино нафрли на втората статива, а таму највисоко скокна Маси кој ја зафати силно топката со глава и таа отседна зад грбот на Тиловски - 0:1.
Тоа беше четвртиот гол на Маси во дресот на Вардар на само два натпревари.
На големо разочарување на навивачите на Вардар водството на нивните миленици опстојуваше само четири минути. Емануел Маскат успеа да го израмни резултатот откако одбраната на Вардар не успеа да ја отстранат опасноста по изведен аут на противникот - 1:1.
До крајот на првите 45 минути и двете екипи имаа свои прилики, но ниту едната не успеа да ги реализира и резултатот остана непроменет. Во одредени мигови од вториот дел од средбата видовме малку поостри дуели, но се остана во границата на дозволеното.
Во второто полувреме најголемиот дел од играта се одвиваше на средината на теренот, двете екипи чекајќи ја грешката на противникот.
Најдобртата прилика да постигне нешто повеќе ја имаше Чурчија откако беше досуден слободен удар за Вардар по прекршокот на Фек над Балдочино само на метар-два надвор од шеснаесетникот на Грин Гали. Чурчија успеа да бие покрај "живиот ѕид", но не успеа да ја погоди целта.
Очигледно беше дека на крајот на средбата и двете екипи не беа задоволни од резултатот посакувајќи победа, но и двајцата тренери искажаа почит кон противникот.
- Не бевме концентрирани во клучни моменти во завршницата, но на крајот мораме да бидеме задоволни, бидејќи Алтона е противник за почит, изјави Ин Добсон, тренерот на Грин Гали.
Веќе во идното коло љубителите на фудбалот ќе имаат можност да проследат две големи средби - Алтона меџик Вардар, в сабота (31 мај) го пречекува лидерот на табелата Мелбурн најтс, додека Грин Гали го пречекува Ричмонд. Токму овие четири екипи го сочинуваат "кремот" на фудбалот во Викторија во моментов што доволно зборува за какви фудбалски претстави станува збор.


Владо Тортевски (АМ Вардар):

Убаво го започнавме натпреварот, постигнавме прекрасен гол, примивме разочарувачки "ефтин" гол, што на крајот се покажа како одлучувачки за конечниот резултат.
Во продолжението на натпреварот и двете екипи играа внимателно чекајќ и ја грешката на противникот, но...
Задоволен сум од прикажаната игра и се надевам дека во дербито идната сабота против Мелбурн најтс ќе забележиме победа и ќе му го нанесеме првиот пораз на лидерот на табелата.

Џ. Б.


Резултати - 14. коло

Грин Гали - Алтона меџик Вардар 1:1
Престон Македонија - Ричмонд 1:5
Окли кенонс - Френкстон пајнс 0:1
Кобург јунајтед - Вестерн сабрбс 1:1
Мелбурн најтс - Фокна блус 3:1
Саут Мелбурн - Хајделберг јунајтед 1:2

Табела

  клуб игр поб нер заг гд - гп разл бод  
1   Мелбурн најтс 14 8 6 0 25 - 11 14 30  
2   Грин Гали 14 8 5 1 26 - 8 18 29  
3   Ричмонд 14 8 3 3 38 - 15 23 27  
4   Хајделберг јунајтед 14 7 5 2 21 - 15 6 26  
5   Окли кенонс 13 7 3 3 18 - 10 8 24  
6   Алтона меџик Вардар 14 6 5 3 19 - 15 4 23  
7   АИС 13 6 3 4 26 - 18 8 21  
8   Саут Мелбурн 14 6 0 8 21 - 19 2 18  
9   Кобург јунајтед 14 4 3 7 13 - 21 -8 15  
10   Престон Македонија 13 4 3 6 18 - 28 -10 15  
11   Витлси зибрас 13 3 3 7 15 - 22 -7 12  
12   Вестерн сабрбс 13 2 4 7 12 - 25 -13 10  
13   Фокна блус 14 1 3 10 11 - 38 -27 6  
14   Френкстон пајнс 13 1 2 10 8 - 26 -18 5  

Идно коло (31 мај 1 јуни):

31 мај (сабота), 6.30 часот
Алтона меџик Вардар - Мелбурн најтс (Paisley Park Soccer Complex)
1 јуни (недела), 3 часот
Витлси зибрас - Престон Македонија (Epping Soccer Stadium)

Грин Гали - Ричмонд
Кобург јунајтед - Саут Мелбурн
Френкстон пајнс – АИС
Фокна блус - Вестерн сабрбс
Хајделберг јунајтед - Окли кенонс



НАЈНОВ БРОЈ


ПРАВОСЛАВЕН КАЛЕНДАР



ВРЕМЕ

МАКЕДОНИЈА

АВСТРАЛИЈА


КАЖЕТЕ ГО ВАШЕТО МИСЛЕЊЕ!

Писма до уредникот

Letter to the Editor


website counter