|
|
L A T I N I C A |
|
|
O N L I N E |
  |
|
СВЕТ
ИЗБОРИ ВО САД
Обама е на чекор до успехот!
"Вие ме доведовте на чекор до демократската номинација", изјави Барак Обама на собирот во Ајова, американската сојузна држава каде што го почна својот победнички поход. Шансите на поранешната прва дама на САД Хилари Клинтон да ја добие претседателската номинација се сѐ помали. Обама досега собра вкупно 1.949 делегати од 2.026 колку што се потребни за номинација, а Клинтон има 1.769 делегати.
Обама, 46-годишен демократ и сенатор од Илиноис, е првиот кандидат со африканско-американско потекло кој се наоѓа пред добивање на претседателската номинација на една од двете големи партии во САД. Според Зогби и Галуп тој води и пред републиканскиот кандидат Џон Мекејн, а двајцата речиси сигурни кандидати на своите партии веќе почнаа да ги бараат своите потпретседатели. Шансите на Обама за иден американски претседател би можеле да се зголемат и со скандалот што сега го тресе Мекејн, чиј пастор Џон Хеги проповеда дека холокаустот бил извршен според Божја заповед.
Циклусот на демократските предизбори завршува на први јуни во Порторико и на 3 јуни во Монтана и во Јужна Дакота, а на националната конвенција на 25 август во Денвер, Колорадо, ќе биде избран нивниот кандидат за претседателските избори во САД на 4 ноември годинава. Републиканската национална конвенција, на која сенаторот од Аризона Мекејн ќе биде единствен кандидат, ќе се одржи на први септември во Сент Пол, во Минесота.
РУСИЈА И КИНА КОНТРА САД
Медведев беше во Пекинг
Новиот руски претседател Дмитриј Медведев престојуваше на неговата прва официјална посета во Кина, каде што се сретна со својот кинески колега Ху Џинтао. За време на посетата на Медведев бил потпишан енергетски договор, во вредност од повеќе од милијарда американски долари, за проширување на кинеските нуклеарни капацитети. Со договорот се предвидува изградба на четврти блок на нуклеарната централа што збогатува ураниум, како и испорака на делумно збогатен руски ураниум.
Кинескиот и рускиот претседател ја искористиле средбата и за да го осудат американскиот план за поставување противракетен штит во Чешка и во Полска.
НОВА "КОЛАТЕРАЛНА ШТЕТА" ВО ИРАК
Американците убија осум цивили
Во воздушен напад на еден американски воен хеликоптер во средата северно од Багдад беа убиени осум цивили, вклучувајќи и две деца и еден постар човек. Полковникот Мудхер ал Каиси, шеф на полицијата во градот Баиџи, изјави дека нападот бил извршен врз група овчари во автомобил во рурална област. "Ова е криминален акт. Ова ги затегнува односите меѓу ирачките граѓани и американските сили. Секако дека ќе има негативен ефект врз подобрувањето на безбедносната ситуација", изјавил Ал Каиси. Официјални претставници на Обединетите нации изразија загриженост поради бројот на загинати цивили во воздушните напади во Ирак и наведоа дека треба да се обрне поголемо внимание за нивна заштита за време на воените операции.
Високи владини официјални лица беа бесни од извештаите од овој месец во кои се наведува дека еден американски војник го користел Куранот, муслиманската света книга, како мета за гаѓање. Војникот бил казнет и е повлечен од Ирак.
КИНА
Над 80.000 загинати и исчезнати
Бројот на загинатите во катастрофалниот земјотрес во кинеската провинција Сечуан надминал 50.000, а како исчезнати се водат околу 30.000 лица, изјавил портпаролот на кинеската влада. Според кинеските власти, најмалку 4.000 деца останале сираци по ударот на земјотресот со јачина од 7,8 степени во југозападниот дел на земјата. Властите предупредиле дека за утврдување на конечниот број ќе биде потребно повеќе време, затоа што голем број лица се раселени или се водат како исчезнати.
Спасувачките екипи извлекле еден 31-годишен маж кој минал 179 часови под урнатините на трафостаницата што се наоѓала речиси во епицентарот на катастрофалниот земјотрес! Според официјалните податоци, досега од под урнатините се извлечени телата на 34.073 лица кои загинале во потресот.
Десетици илјади жители на кинескиот град Ченду ги напуштиле своите домови и работните места откако локалната телевизија објавила дека е можен нов земјотрес. Граѓаните кои панично бегале предизвикале застој во сообраќајот. Во меѓувреме кинеската полиција уапсила најмалку десет лица под обвинение дека наводно собирале помош за настраданите, а всушност сакале да ги задржат собраните пари за себе.
ПАНИКА
Лекар што бил заразен со ХИВ породил 200 мајки
Неколку стотини мајки во Англија се повикани на тестирање на крвта откако се потврдило дека лекарот што ги породил бил заразен со ХИВ вирусот, пишува Дејли меил. Се работи за жените што се породиле со царски рез во две болници во Есекс, каде што лекарот работел во периодот меѓу 2006 и 2007 година.
Сепак, директорот на болницата Басилдон траст Стефан Морган нагласи дека пренесувањето на вирусот на тој начин е ретка појава. Заразениот лекар моментално се наоѓа на лекување.
ЕВРОПСКА УНИЈА
Дури 78 милиони Европејци се сиромашни!
"Околу 78 милиони жители на државите-членки на Европската унија се соочени со ризикот да останат под прагот на сиромаштијата", изјави еврокомесарот за вработување и социјални работи Владимир Шпидла. "Од нив 19 милиони се деца", рече тој.
Според Шпидла, во минатите неколку години државите и институциите од Европската унија презеле ефективни мерки за обезбедување работа на жителите на Европа, но за решавањето на напластените проблеми со сиромаштијата и за социјалните работи треба дополнително време.
"Треба да обезбедиме услови за резултатите од економскиот прогрес да можат да ги користат и тие што живеат надвор од општеството и да дејствуваме кон социјална монолитност", додаде европскиот комесар.
ШВЕДСКА
Вработени планирале саботажа во атомска централа?!
Шведската полиција уапсила двајца работници под сомнение за саботажа на атомската електроцентрала Оскаршамен во јужниот дел на земјата, откако кај едниот од нив нашла траги од експлозив. Еден од работниците бил уапсен откако при рутинска проверка на влезот во централата на рачката на неговата пластична торба биле откриени остатоци од експлозивен материјал. Полицијата соопштила дека работниците се родени во 1955 и во 1962 година, но не го открила нивниот идентитет. Портпаролот на компанијата ОКГ која ја раководи нуклеарката изјавил дека уапсените биле заварувачи што работеле на еден од трите реактори. Тој рекол дека еден од заварувачите работел во централата две недели и додал дека полицијата го пребарувала со кучиња реонот во кој што работел заварувачот, за да провери дали подметнал експлозивна направа. Од реонот во кој што биле најдени траги од експлозив биле евакуирани повеќе од сто работници.
Шведските медиуми објавија дека експлозивниот материјал најверојатно е од видот ТАТП и дека таков експлозив се користел и при терористичките напади во Лондон во 2005 година. Тие наведуваат дека производството на таков експлозив е сложено, но дека составните елементи може да се најдат во секојдневните средства за домаќинство.
ПОЛСКА
Се отвора центар за егзорцизам!
Полскиот свештеник Анџеј Тројановски планира да отвори центар за егзорцизам, односно центар за истерување духови, во селото Почернин, на границата меѓу Германија и Полска. Една од причините за тој проект е тоа што голем број Германци сѐ почесто бараат помош од истерувачи на духови во Швајцарија и во Полска, зашто егзорцизмот во Германија не се практикува веќе 30 години, јавило германското државно радио Ве-Де-Ер. Вашингтон пост коментира дека полските католички претставници, како и самиот Ватикан, ја поддржуваат идејата на Тројановски, иако официјално Ватикан негира дека се интензивира кампања за обука на егзорцисти.
Тројановски, кој четири години се занимава со истерување на ѓаволот од опседнатите луѓе, е еден од седумдесетте обучени свештеници-егзорцисти во Полска. Германскиот теолог, отец Јерг Милер, ја поддржува неговата идеја затоа што во последните неколку години примил околу 350 повици од луѓе кои веруваат дека се опседнати од лоши сили. "Терапијата кај некои од нив не помагаше. Тие сакаа егзорцизам, молитва што ќе ги ослободи", изјави Милер. Овој прилог ја потресе католичката црква во Германија, која смета дека егзорцизмот престанал да се практикува во 1976 година, кога 23-годишната Анелиз Михел почина за време на изведувањето на ритуалот, по што нејзините родители и двајца свештеници беа осудени на условна казна затвор. По тој случај во Германија дозвола за истерување на ѓаволот може да издаде само бискупот, а последниот ритуал што беше извршен датира од 2003 година.
Светиот стол и папата Бенедикт Шеснаесетти му сугерираат на католичкиот клер во Германија да "ја продолжи важната работа во служба на црквата". "Изгледа дека планот на Ватикан е во секоја бискупија да има барем по еден егзорцист", пишуваат германските медиуми, кои пренесуваат дека папата Јован Павле Втори лично извршил три обреди на егзорцизам, од кои последниот во 2001 година.
ИТАЛИЈАНСКАТА ВЛАДА ОДРЖА СЕДНИЦА СРЕДЕ СМЕТ
Берлускони - спасител на Неапол!
Еден месец по победата на десните сили во Италија, новиот владин кабинет на Силвио Берлускони ја одржа својата прва седница во Неапол, за да го претстави строгиот пакет мерки за справување со илегалната имиграција, главно на Роми, во Италија.
Изборот на Неапол не е случаен, затоа што италијанските медиуми тврдат дека скандалот со сметот што сѐ уште не е решен го режирала мафијата во полза на Берлускони. Тој веќе се појави како спасител на градот, ветувајќи дека до крајот на годинава целосно ќе го реши еднодеценискиот проблем со сметот што кулминираше во последниве месеци. Берлускони вети дека сметот ќе почне да се спалува во погонот во Ачера и дека потоа ќе проработел и погонот во Салерно, а сличен погон ќе се изградел и во Неапол.
КЕНИЈА
Живи изгорени 11 лица што биле обвинети за маѓепсништво
Единаесет возрасни мажи и жени што биле обвинети за маѓепсништво се живи изгорени од една банда во западна Кенија, соопшти Би-Би-Си повикувајќи се на локалната полиција. Бандата имала изготвено список на кој биле набележени имињата на жртвите.
Во западна Кенија и во минатото имаше регистрирани слични напади, кога луѓето што биле осомничени за маѓепсништво ги убивале или ги бркале од заедниците, но ова е првпат да се изврши таков напад врз толку многу луѓе одеднаш. Меѓу изгорените има осум жени и тројца мажи, на возраст од 80 до 96 години. Бандата насила ги извлекла жртвите од нивните домови, ги изгорела и на крајот им ги запалила куќите.
САД
Трудниот маж ќе се породи во јули
Се очекува Томас Бити (34) од американската држава Орегон, кој им е добро познат на медиумите како првиот труден маж, да се породи на 3 јули и да донесе на светот девојче, со што ќе стане мајка. Роден како жена под името Трејси Лагондино, Томас станал машко со делумна операција за промена на полот што му била извршена пред десет години. Веднаш потоа почнал да зема машки полови хормони, а му биле отстранети и градите, но сепак решил да ги задржи своите женски репродуктивни органи, па благодарение на тоа тој и неговата 45-годишна девојка Ненси, на која пред 20 години ѝ била отстранета матката, може да имаат деца, пренесува весникот Сандеј мирор.
Иако неговата бременост предизвика големо внимание и шок ширум светот, него сепак го мачат истите проблеми како и многу други бремени жени низ светот - се жали на надуеност во стомакот, а има проблем и со облеката. Како што вели самиот, не постои облека за трудни мажи.
БРИТАНИЈА
Се продава остров сосе затворот
Се продава островче во Ламанш. Има и сопствен затвор. Еден од осумте населени острови во Ламанш кај северното крајбрежје на Франција е понудено на продажба, соопшти агенцијата што ја води продажбата.
Мартел Мејдес од Гернзи вели дека бара нов купувач за 40-годишната закупнина на островот Херм, кој е оддалечен пет километри од Гернзи.
"Островчето нуди прекрасно место за живеење, со исклучителен животен стил што го поддржува развиениот туризам", гласи огласот на сајтот на агенцијата. "Освен една убава куќа на врвот на островот, една фарма, хотел, ресторан и меана, кои добро ги познавате, купувачот ќе добие и затвор, еден обелиск и летало".
Островот е долг само 2,4 километри и широк 800 метри. Но, има благородничка куќа, црквичка од 13. век, го има најверојатно најмалиот затвор во светот, бели песочни плажи, еден паб и ресторани. Има хотел без часовници, телевизори и телефони, како и други објекти што биле изградени во последните 50-тина години како колиби, дуќани, кампинг и место за престој на 150 луѓе. На островот има 50 постојани жители и тоа е рај каде што не се плаќаат даноци.
НЕВЕРОЈАТНА ДОБИВКА НА ЛОТО
Премија од 196 милиони американски долари!
Еден играч на лотарија што го купил своето ливче во една продавница за алкохолни пијалаци во Синсинати освоил неверојатна премија во износ од 196 милиони американски долари. Претставничката на организаторот на лотаријата Мери Килбејн изјавила дека џекпотот го освоила само една личност, а "утешна" награда од по 489.000 американски долари добиле 17 играчи, кои погодиле по пет броеви.
Броевите кои на непознатиот играч му донеле 196 милиони долари се: 6, 11, 39, 46, 47 и 26.

