L A T I N I C A

 

O N L I N E

 

БАЛКАН

ХАШКИ ТРИБУНАЛ

Шешељ го спореди убиецот на Ѓинѓиќ со Гаврило Принцип!

Лидерот на Српската радикална партија Воислав Шешељ го спореди Звездан Јовановиќ, кој е обвинет за убиството на поранешниот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ, со Гаврило Принцип, кој го убил австроунгарскиот надвојвода Франц Фердинанд во Сараево во 1914 година.
"Јас верувам дека Јовановиќ е лажно обвинет, а да не е така, тој би уживал слава како Гаврило Принцип во српската историја", изјави Шешељ на судењето во Хаг. Ова не е првпат тој да зборува навредливо и со потценување за убиениот премиер Ѓинѓиќ, но неговата последна изјава има посебна тежина затоа што тој е лидер на политичка партија која води преговори за учество во новата српска влада!
"Сериозен е фактот што Шешељ и од Хаг паралелно учествува во правењето влада, и притоа дава такви коментари. Тој очигледно и во Холандија не се одвикнал од говорот на омразата и од коментирањето атентати, а неговите изјави се повик за политички линч на покојниот премиер", изјави првиот претседател на Демократската партија на Србија Драган Миќуновиќ.


СРБИЈА

Сите партии тврдат дека имаат мнозинство

Српскиот претседател Борис Тадиќ изврши консултации за формирање нова влада со претставниците на изборните листи кои освоија пратенички места во парламентот. По завршувањето на консултациите, и листата За европска Србија и листата на Српската радикална странка тврделе дека обезбедиле мнозинство и дека можат да формираат влада. Ивица Дачиќ, лидерот на Социјалистичката партија на Србија за која се смета дека има најголем коалиционен капитал, не открил дали ќе се приклони кон радикалите или кон листата на ЗЕС. Претседателот на социјалистите изјавил дека го информирал Тадиќ за кандидатот за премиер Милутин Мркоњиќ. Од ЗЕС тврдат дека имаат обезбедено мнозинство во парламентот. Заменикот претседател на демократите Душан Петровиќ рекол дека во моментов листата на ЗЕС има поддршка од 142 пратеника, но не објаснил за кои партии станува збор. И радикалите го информирале српскиот претседател дека имаат мнозинство и дека се на пат да склучат сојуз со коалициите на СПС и на ДСС-НС. "Ние имаме мнозинство и предлагаме премиер повторно да биде Воислав Коштуница", изјавила Наташа Јовановиќ од СРС.


ХЕРЦЕГОВИНА

Најголеми резерви на нафта во Европа?!

Експерти од британските компании Бритиш петролеум и Амоко дошле до заклучок дека територијата на Херцеговина под Гламоч, Ливањско Поле и Невесиње, па до Неум, е територија што поседува најголеми резерви на нафта во Европа. Според нивните процени, на длабочина од 4.000 до 6.000 метри лежат околу 500 милиони тони нафта, поради што се ангажирала и сараевската компанија Енергоинвест, која сакала повторно да го оживее истражувањето на нафтените полиња во БиХ, на што пред војната се соработувало со САД. "Првите барели нафта од Босна и Херцеговина би требало да се извлечат во рок од 15 години, и тоа под услов домашните власти да се ангажираат повеќе за еден таков проект", вели деканот на Технолошко-рударскиот факултет во Тузла Абдула Башиќ. Тој потсетува и на уште едно истражување и откривање нафтени базени што го спровел Бритиш петролеум на територијата на северна Босна, околу кантонот Посавина, каде што некогаш постоело Панонско Море. Британците заклучиле дека таму има помалку нафта отколку во Херцеговина, но дек сепак процениле дека и таму лежат околу 50 милиони тони нафта. Бидејќи Русите се сопственици на рафинеријата во Босански Брод, истражувањето на нафтата на тоа подрачје ќе го извршат руски експерти, така што во блиска иднина, веднаш по обновата на рафинеријата, Босна и Херцеговина би можела да преработува по околу четири милиони тони нафта годишно.


БОСНА

Бебиња се вакцинирале со нетестирана вакцина?

Во Босна се вакцинирале деца со неиспитани вакцини против хепатитис Б, во проектот што го реализирал УНИЦЕФ во 2002 година. Загрепскиот Вечерњи лист пишува дека децата биле "експериментални глувци" за вакцината. Шокантните фотографии на дете со тешки деформации на лицето по примањето на вакцината се доказ за тоа дека опасната вакцина се тестирала врз бебињата, тврди весникот и наведува дека едно медицинско лице јавило на СОС-телефон во Сараево дека проектот на УНИЦЕФ немал целосна техничка документација и дека параметрите на ризикот по здравјето на децата не биле прецизно дефинирани.
Директорката на СОС-телефонот Јагода Савиќ изјавила дека Светската здравствена организација дозволила во БиХ да се употребува вакцината во периодот од 2002 до 2007 година за здрави новородени бебиња, без претходни тестови. Таа лани упатила прашалник за вакцината до СЗО, од каде ѝ одговориле дека производителот не поседува валидни докази за тоа дека пред употребата во БиХ извршил доволно тестови на вакцината. Савиќ додава дека ефектите од добиените вакцини се долгорочни и дека ќе се одразат по 15-20 години, кога генерацијата што била вакцинирана ќе дојде во репродуктивниот период.


Ученик претепал наставничка

Раководството на средното техничко училиште во Бањалука потврди дека ученик ја претепал својата наставничка поради тоа што одбила да го оправда неговото отсуство од наставата. За време на часот ученикот Д. Б. физички ја нападнал наставничката Милка Кукољ, а некои од учениците го снимиле инцидентот со мобилни телефони и ја ставиле снимката на интернет.
Според локалните медиуми, училиштето најпрво се обидело да го прикрие инцидентот. Наставничката е хоспитализирана, а нејзините колеги, кои се вознемирени од случајот, побарале заштита од Министерството за образование поради насилното однесување на учениците.


РОМАНИЈА

Загубени се 738.404 вработени!

"Националниот институт за статистика на Романија загуби 738.404 осигуреници Романци", пишува весникот Гандул. Во сите официјални документи, и во тие на владата и во тие на ЕУ Романија фигурира податок за 4.803.600 вработени, но во Националната пензиска каса, поточно таму каде што парите се собираат и се исплаќаат, фигурираат 5.542.000 вработени. Така реалниот број на вработени лица што ги регистрирала Националната пензиска каса е за 738.404 поголем од бројот што е заведен во НИС. Врз основа на бројот на вработените што се добива од НИС се прават сите прогнози и стратегии врз кои се изготвува државниот буџет и социјалните плаќања.
Големи отстапувања во податоците има и во однос на бројот на Романците кои работат во странство. Според НИС само 100.000 Романци работат надвор од татковината, додека Националната комисија за прогнози соопштува дека нивниот број изнесува 1.700.000!?


ХРВАТСКА

Кривична пријава против претседателот на државата!

Поранешниот уставен судија Вице Вукоевиќ поднесе кривична пријава против претседателот на Хрватска Стјепан Месиќ за злоупотреба на службената положба и овластувања. "Вукоевиќ до неодамна беше уставен судија и, ако ги објавеше информациите до кои доаѓал, ќе се сметаше дека е во судир на интереси", објаснува неговиот адвокат Звонимир Ходак, според кого затоа неговиот клиент дури сега ја поднесува кривичната пријава против претседателот. Во пријавата до Жупаниското државно обвинителство во Загреб се наведува дека Месиќ, како претседател на Саборот, и Владимир Соколиќ, кој во тоа време бил генерален конзул во Минхен, се сомничат дека "заеднички и со претходен договор во јуни 1993 година од сметката на МНР во Генералниот конзулат на Република Хрватска во Минхен зеле 120.609,73 марки и им ги предале на четири лица, а потоа лажно навеле во службената документација дека парите биле употребени за купување опрема за хрватската војска. Но, документацијата покажува дека се работело за набавка на лични автомобили (мерцедеси), кои не биле регистрирани на Министерството за одбрана".
Тужителот наведува дека осомничените го направиле тоа без знаење и одобрување од тогашниот шеф на дипломатијата Мате Граниќ и од министерот за одбрана Гојко Шушак, поради што Соколиќ бил разрешен од должноста генерален конзул. Вукоевиќ ги предлага за сведоци Граниќ и Лука Бебиќ, тогашен претседател на саборскиот Одбор за национална сигурност.


КОСОВО

Беззаконие, корупција и кланови

Наспроти големото рудно богатство, плодната земја и многубројната млада работна сила, Косово и натаму е најсиромашната област во Европа, оцени германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг. Во Косово за ништо нема прецизни податоци, почнувајќи од основниот - колку луѓе живеат во покраината, па до бројот на вработените, на лицата кои плаќаат данок, колкав е нивниот имот и многу други важни статистички показатели.
"Затоа се чини дека е оправдано прашањето што работеше меѓународната заедница во текот на последните осум години во поглед на економскиот развој", смета весникот и додава дека граѓаните на Косово допрва мора да научат дека законите треба да се почитуваат. "Беззаконието, распространетата корупција и традиционалната клановска власт не се најдобри претпоставки за лесно спроведување на демократска и пазарно-економска трансформација", заклучува весникот.
"Наспроти големите резерви на јаглен низ земјата, струја нема повеќепати на ден, а некогаш и со часови", наведува германскиот весник. "Во Косово речиси 50 отсто од работоспособното население нема работа, а бидејќи нема атрактивна економска клима и нема развој на приватниот сектор, нема ни странски ни домашни инвеститори кои би ги создале неопходните работни места. Наспроти кваалитетната плодната земја, и земјоделството е во многу лоша состојба, а дури 50 отсто од обработливата површина се користи исклучиво за сопствени потреби", пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг.


Украдени се 300.000 евра од возило на косовска банка

Вооружена група украла 300.000 евра од едно возило на Економска банка, на патот Гњилање-Приштина, во Косово, соопшти косовската полиција.
Грабежот се случил откако групата што била вооружена со огнено оружје насилно го принудила возачот да застане. Полицијата се сомнева дека во кражбата учествувале две возила и вработени во банката.


БУГАРИЈА

Секнуваат европските пари!

Европската комисија ќе и скрати на Бугарија 500 милиони евра од европските фондови поради неефикасната борба со корупцијата. Според извори на Ројтерс, Софија дефинитивно ќе остане без одобрените средства од фондовите пред влегувањето во Унијата, ФАРЕ и САПАРД. Покрај тоа, Европската унија многу построго ќе го контролира повлекувањето и трошењето на 11-те милијарди евра колку што треба да ѝ припаднат на Бугарија од среднорочниот буџет на ЕУ до 2013 година. ЕК во јули ќе предложи извештај за реформата на судството и за борбата против корупцијата во Бугарија и во Романија, кои беа примени на 1 јануари 2007 година. Додека Бугарија во тој извештај ќе биде најостро критикувана и ќе остане без претходно одобрените пари, Романија само ќе се предупреди да ја зајакне борбата против корупцијата.


НА ГРАНИЦАТА НА БИХ И ХРВАТСКА

Уапсен е српскиот "крал на синтетичката дрога"

Хрватската погранична полиција на еден граничен премин меѓу Босна и Херцеговина и Хрватска го уапсила Јован Лукиќ, кој во Србија се сомничи како главен организатор за производството на амфетамин во илегалната лабораторија во Крњача, кај Панчево. Според весникот Блиц, Лукиќ бил уапсен по потерница на Интерпол што ја распишало српското МВР поради сомневање дека се занимавал со организирање на производство и набавка на супстанции што се потребни за производство на синтетичка дрога.
Лукиќ е сопственик на германско-српската компанија Дукла трејдинг, а на мета на српската полиција е повеќе години, и покрај тоа што неговото име не се споменуваше во минатогодишната голема акција во Крњача, кога беа запленети над 2,5 тони дрога. Причината поради која тој досега не бил уапсен е немањето конкретни докази дека бил увозник на супстанциите за производство на амфетамин.


ТЕРОРИЗАМ

Хамас чекал пари од романска банка

Голем дел од парите што на почетокот на годинава беа украдени од романската банка БРД во градот Крајова требало да стигне до сметките на терористичката организација Хамас, пишува весникот Романија либера наведувајќи ги резултатите од истрагата што ја спровела романската Дирекцијата за организиран криминал и тероризам. Износот од 2,2 милиона евра бил украден во февруари со незаконски банкарски трансфери. По истрагата биле уапсени седум лица, меѓу кои и Фарид Џахани, бизнисмен од Крајова со иранско потекло. Иследниците сметаат дека токму тој бил мозокот на операцијата, а парите требало да се префрлат преку две посреднички мрежи - турска и романска - и голем дел од нив бил наменет за Хамас. Романија либера наведува дека, ако се докаже дека тие планирале со парите да го финансираат Хамас, ќе им се суди и за терористички активности.


Ал Каида префрла оружје во Хрватска?!

Припадниците и симпатизерите на Ал Каида и вахабитите од Босна и Херцеговина во последниве месеци префрлиле поголемо количество оружје и експлозив во Хрватска, се наведува во информацијата на разузнавачките служби во БиХ. Во информацијата се вели дека тие ја користат моментната политичка ситуација во БиХ и зафатеноста на властите со актуелните реформи и го префрлаат вооружувањето и минско-експлозивните средства на хрватска територија. Наредбодавачите на споменатите терористички организации процениле дека со скорешното влегување на Хрватска во ЕУ, а со тоа и отвореноста на границите кон Унијата, ќе се создадат поволни услови од таа територија вооружувањето и експлозивот непречено да се дистрибуираат низ цела Европа, за извршување на терористички задачи. Еден илегален пат оди преку Посавина, а го држи Владимир Попиловски, кој од времето на војната бил близок со муџахедините и со припадниците на одредот Ел Муџахид што го предводи Шемсудин Мехмедовиќ, пратеник во парламентот на БиХ и човек кој по војната им потпишувал венчални листови на алжирските муџахедини со кои потоа добивале државјанство на Босна. Вториот канал оди преку западниот дел на БиХ.


АЛБАНИЈА

Сопственикот на ТВ Топ ченел се смачка со ферари

Преголемата брзина е причина за сообраќајната несреќа во која во Тирана загина сопственикот на албанската телевизија Топ ченел Дритан Хоџа. Според првичните информации на полицијата, управувајќи со своето возило ферари тој удрил со огромна брзина во дрво, при што автомобилот се распарчил на два дела. Хоџа беше претседател на бордот на компанијата Топ медија, во чии рамки делуваат Топ ченел, Топ Албанија Радио и сателитскиот пакет ДигитАлб.


Цело село не плаќало за струја десет години

Седумдесет и едно од вкупно 75-те домаќинстваво селото Шендели кај албанскиот приморски град Саранда е без електрична енергија откако екипи на албанската електрокорпорација ги исклучиле од мрежата поради неплатените сметки во период од дури десет години. Освен што се исклучени од електричната мрежата, тие добиле и дополнителна парична казна.


Пред да падне, пилотот го насочил авионот во нива!

Пилотот на воениот авион орел што падна на излезот од селото Баранда близу Белград, мајорот Томас Јаник (37) има отворен прелом на ногата и повреден 'рбет, но животот не му е во опасност. Најголема среќа во оваа несреќа била храброста и присебноста на Јаник, кој при паѓањето, пред да се катапултира, го насочил авионот кон една нива што се наоѓа на само стотина метри од селските куќи. Со тоа тој спречил уште поголема трагедија, најверојатно спасувајќи неколку животи. Доволно е да се каже дека при силниот удар авионот се забол дури пет метри во земјата и ја уништил целата нива што била засеана со домати. Според генералот на ВВО на Србија Драган Катаниќ, Јаник и во претходниот ден летал со истиот авион, без никакви проблеми.


ТОП-ЛИСТА НА БОГАТАШИТЕ СПОРЕД УЧЕСТВОТО НА КАПИТАЛОТ ВО БРУТО ДОМАШНИОТ ПРОИЗВОД

Мишковиќ е трет богаташ на светот!

Светската ранг-листа на најбогатите луѓе на светот има и посебна класификација, која се изработува врз основа на учеството на капиталот на богаташот во бруто-домашниот производ на државата од која доаѓа. Овој интересен агол за првпат го анализира угледниот полски финансиски весник Впрост и на таа листа редоследот на најбогатите луѓе е значително различен од редоследот што го дава Форбс. Звучи неверојатно, но на оваа листа меѓу десетте набогати луѓе на светет тројца се од Балканот, а најбогатиот Србин Мирослав Мишковиќ, кој е сопственик на холдингот Делта, е дури трет! Петти е Словенецот Бошко Шрот, сопственик на Пивоварна Лашко, а седми е Хрватот Ивица Тодориќ, сопственик на компанијата Агрокор.
На врвот на листата е сопственикот на Икеа Ингвар Кампрад, чие богатство придонесува за шведскиот БДП со 0,93 отсто. Втор е вексиканскиот телекомуникациски магнат Карлос Слим Хелу со 0,44 отсто, трет е Мишковиќ со 0,35, а четврти е кралот на челикот Лакшми Митал со 0,15 отсто. Шрот има 0,14, Русинот Олег Дерипаска, кој е познат како крал на алуминиумот 0,13, Тодориќ 0,12, Индиецот Кушал Пол Синг 0,10 отсто од БДП. Дури на 9. и 10. место се Ворен Бафет и Бил Гејтс, со по 0,04 отсто учество во БДП.



НАЈНОВ БРОЈ


ПРАВОСЛАВЕН КАЛЕНДАР



ВРЕМЕ

МАКЕДОНИЈА

АВСТРАЛИЈА


КАЖЕТЕ ГО ВАШЕТО МИСЛЕЊЕ!

Писма до уредникот

Letter to the Editor


website counter