L A T I N I C A

 

O N L I N E

 

МАКЕДОНИЈА » Вести

АЛБАНСКИ ЗАКАНИ ЗА МОЖНА ДЕСТАБИЛИЗАЦИЈА

Тирана ќе ја подели Македонија?

Уредникот на албанскиот весник Тема Чело Хоџа, кој е близок до партијата на Сали Бериша, во текст во весникот се заканува дека Тирана е во состојба да ја дестабилизира и да ја подели Македонија и да бара од косовските Албанци да не прават никакви отстапки за време на демаркацијата на границата. "Последните две децении на Балканот ќе бидат запаметени по војните кои по распадот на југословенската федерација ги водеа од една страна Србија, а од другата страна поранешните конститутивни делови на таа федерација Словенија, Хрватска, Босна и конечно Косово, единствениот дел кој пред војната немаше статус на република. Црна Гора изврши сецесија со референдум. Македонија, која во оваа приказна за војната и разорувањата беше посреќна, не се одвои ниту со војна ниту со референдум. Нејзиното име во тоа време и не беше проблем. Без оглед на односите меѓу нејзините различни народи, Македонија пловеше низ тие турбулентни децении без проблеми. Меѓутоа, Балканот во многу пригоди покажал дека низ неговите води мирната пловидба не може да потрае долго", се вели во текстот. "А тогаш кога последниот проблем на поранешна Југославија, статусот на Косово, почна да се движи кон решение, се јавија и проблемите за Македонија", пишува авторот.
Хоџа пишува и дека прашањето за името на Македонија се претвори во сериозен проблем во односите со Грција и дека ако Македонија не се согласи со име што ѝ се допаѓа на Грција, нејзините перспективи навистина ќе бидат поматени. Во текстот се вели дека постојат дури и гласини кои предвидуваат нејзино распаѓање, посебно поради тоа што се чини дека Грција е решена да не прави никакви отстапки за тоа прашање. "Македонија мора да му се заблагодарува на Бога за тоа што Албанците се нејзина составна етничка групација и што Косово и Албанија се нејзини соседи. Косово е млада држава и Македонија не може да очекува од него голема помош, но затоа Албанија покажала дека е против каква било политика што е насочена кон дестабилизација на своите соседи. Кога не би било така, Македонија би била сосем поинаква политичка, а можеби и географска реалност. Со многу малку напор Албанија може да ја претвори Македонија во нова Босна", се вели во текстот.
"Неподготвеноста на Македонија целосно да се придржува до Охридскиот договор би била доволна причина за Албанија да се впушти во политика во насока кон дестабилизација на Македонија. Прашањето за границата меѓу Македонија и Косово би било уште еден проблем кој би ги нарушил соништата на Скопје, па дури и повеќе од тоа. За време на преговорите меѓу Скопје и Приштина за демаркација на границата Македонија мора да има на ум дека тоа прашање е од многу поголемо значење од тие 2.500 хектари што таа ги бара како свои, а кои произлегле од договорот што го склучила со Србија во 2001 година. Земјишните парцели на границата меѓу Косово и Македонија имаат свои легитимни сопственици. За тие сопственици, кои се граѓани на Косово, вон секоја логика е да поседуваат имот во Македонија. Косово не смее да прави никакви отстапки кон Македонија во однос на демаркацијата на својата граница, исто како што и властите во Тирана и албанските политички партии не би смееле да молчат за тоа прашање", се вели во текстот. (Вечер)


АЛБАНСКА ЗАКАНА ИЛИ СРПСКО ПОДМЕТНУВАЊЕ

ДПА и ДУИ не се во Движењето за обединување

Лидерите на ДУИ и на ДПА не се вклучени во таканареченото Движење за обединување на Албанците, реагираат од двете партии на пишувањето на белградскиот неделник НИН. Во последниот број на српското списание се објавува статија за Косовецот Авни Клинаку, кој на 17 мај во Приштина го формирал движењето во кое наводно се и Али Ахмети и Мендух Тачи. Во текстот под наслов Дали на Македонија ѝ се заканува војна?, пишува дека Клинаку пред 20 години го предводел Националното движење за ослободување на Косово, кое подоцна прераснало во ОВК. Според весникот, Македонија наскоро ќе остане без поголем дел од својата територија. "Политичкиот спектакл што ќе биде покритие за поделбата на Македонија ќе го изведат двете водечки партии на македонските Албанци - ДУИ и ДПА, а воена поддршка за остварување на целта ќе добијат од Косово", се вели во текстот на НИН.
ДПА демантира дека Тачи учествувал во такви сценарија и истакнува дека се работи за српска пропаганда. "Такви српски сценарија не ја возбудуваат ДПА. Партијата е сконцентрирана на изборната кампања, а јавноста секојдневно може да ја слушне нашата платформа на собирите со граѓаните. ДПА се залага за влегување на Македонија во НАТО и во ЕУ. Сигурно тоа го слушнале и во Белград. ДПА нема проблем со ДУИ, зашто тие се маргиналци. Имаме проблем со вакви мрачни сценарија на Белград и на Москва, кои сакаат да ја видат Македонија во источната хемисфера, а не во евроатлантските структури, каде што ни е местото", вели партискиот портпарол Адријатик Имери. Во ДПА велат дека Клинаку е маргиналец, без никакво влијание во Косово.
И портпаролката на ДУИ Ермира Мехмети процени дека станува збор за српско сценарио, за да ѝ наштети на ДУИ во изборната кампања. "На 17 мај Ахмети беше на митинг во Кичево. Текстот е подготвен во српската разузнавачка кујна, за да им послужи на српските радикални сили докрај да си ја истераат приказната за Косово. Индикативно е тоа што текстот е објавен во екот на предизборната кампања во Македонија, каде што се води беспоштедна битка за дискредитација на ДУИ", смета таа. (Дневник)


ПРЕДМЕТОТ ЗА МАВРОВСКИТЕ РАБОТНИЦИ КОНЕЧНО Е КАЈ СУДИИТЕ

ОНА ќе одговара за малтретираните работници

Случајот со малтретираните работници е предаден во Основниот суд Скопје 1. Седум години откако беа малтретирани работниците од Градежното претпријатие Маврово, постојат шанси правдата да излезе на виделина. На списокот обвинети за овој случај се Кренар Османи, Шкодран Идризи и Фадиљ Ферати, кои во 2002 година беа во притвор поради малтретирањето на работниците, но набргу беа ослободени затоа што Хашкиот трибунал ја презеде надлежноста врз предметот. Освен нив, уште 14 лица се обвинети за неколкучасовното грабнување и изживување врз петте работници во 2001 година, на патот Скопје-Тетово.
Предметот ќе се води во Кривичниот суд, во новата судница во која се следат најтешките форми на криминални дела. Со реформите во судството и со условите што ги бараше Трибуналот за враќање на хашките предмети, судницата е комплетно опремена со соодветна безбедносна заштита, видеонаѕор, видео-бимови, можност за сослушување на заштитени сведоци и можност за линкуван пренос од сослушување на сведоци кои не се во Македонија. "Македонија е подготвена за процесуирање на предметите, зашто и судиите и другиот кадар што работи на вакви случаи ги поминаа потребните обуки. Откако ќе го доставиме предметот до судот, тој ќе реши кога ќе го закаже судењето. Тогаш ќе се знае и кој судија ќе го води", изјави јавниот обвинител Љупчо Шврговски.
Освен овој предмет, Хашкиот трибунал ги врати и предметите за водството на ОНА, за гробницата Непроштено и за липковската брана. Сите тие се наоѓаат во Министерството за правда, каде што се преведуваат.


СЛУЧАЈ ПРЕЉУБА ВО СУДСКИОТ СОВЕТ

Дозволен е секс само меѓу судиите?

Членот на Судскиот совет кој извршил прељуба со функционерка од техничкиот персонал на Советот ќе биде разрешен, најверојатно и од местото судија, и во иднина нема да може да ја извршува таа функција! Веднаш откако претпоставениот и подредената нејзиниот сопруг ги фатил на дело во љубовното гнездо, во станот на прељубникот во Скопје, таа била разрешена експресно на седницата во минатиот вторник. Прељубата на колеги од Судскиот совет стана институционална афера откако Советот писмено го задолжил претседателот Бекир Исени да поведе постапка против нивниот колега. Тој ќе одговара за злоупотреба на функцијата и за дискриминација, бидејќи како претпоставен на љубовницата ја искористил позицијата таа да биде ставена во ситуација на неморален начин да се пазари и да лобира за да ја изберат за судија во Управниот суд. "Таа му е подредена, не е на негов ранг. Од него ѝ зависел успехот. Тоа е слично како професор да биде фатен во афера со ученичка", објаснуваат во Судскиот совет зошто ова не е обична прељубничка афера.
Според официјалните информации во Судскиот совет, сопругот на љубовџиката ја фатил двојката на дело. Снимките и доказите за последниот и за состаноците пред тоа тој веднаш ги однел во Советот. На снимките имало доказ за тоа дека неговата сопруга и швалерот разгледувале апликации што ги поднеле кандидатите за судии во Управниот суд, каде што конкурирала и таа.
"Тоа е главната забелешка за оваа висока функционерка во Судскиот совет. Сите апликации, документи, статистики и службени податоци се во компјутерите и во лаптопите на членовите на Советот. Не станува збор за откривање на некој доверлив материјал, но госпоѓата не смеела да ги изнесува службените документи надвор од зградава", објаснуваат во Советот зошто вработената била експресно разрешена.
Покрај снимките од шестмесечната врска на неговата сопруга со членот на Судскиот совет, навредениот сопруг донел и листинг со повици од нејзиниот приватен мобилен телефон од кој можело да се види дека за неколку месеци таа завртела над 150 пати на службениот број на судијата, дека му се јавувала и по полноќ, во ситните часови. "Тоа потоа се потврди и од листингот од службените броеви на двајцата колеги", велат во Советот.
Судскиот совет е поделен. Повеќе членови на Советот сметаат дека судијата го разнишал угледот на судот со аферата со својата подредена, која била кандидат за судија, а други велат дека љубовниот живот е приватна работа и дека е неправедно некој некому да му се меша во тоа. "Во Судскиот совет имаме уште една швалерска двојка, само што успеваме да ја криеме со години. Ама тие се од администрацијата. Дали тоа значи дека административците смеат да имаат секс на работното место, а судиите не смеат?", коментираа вработените во Судскиот совет. (Вест)


Латиноамериканска сапуница

Сопругот на прељубничката е познат хирург. Како што ни раскажаа во во Судскиот совет, кога ги донел доказите за аферата тој кажал низ што сѐ минувал во последниве месеци. "Ми кажуваа - жена ти е со тој и тој судија во неговиот стан на таа и таа адреса, а јас морав да одам на операција". Со доказите хирургот експресно повел бракоразводна парница, ја избркал жената од дома и ѝ се заканувал дека ќе ѝ го уништи животот. Дознаваме дека по избивањето на аферата таа доживеала нервен слом. Во судските кругови важела за многу убава и негувана жена, и покрај тоа што е мајка на два студента, велат нашите извори. Судијата што се фатил со колешката од понизок ранг е татко на две деца, а жена му е позната лекарка. За да биде иронијата поголема, велат лекарски извори, лекарката на времето била на специјализација токму кај изневерениот хирург, кој ги фатил на дело жена си и мажот на специјализантката.
Според чаршиската верзија, пак, изневерениот сопруг е член на ВМРО-ДПМНЕ, а љубовникот на неговата сопруга од СДСМ, што на целата приказна ѝ дава партиско-предизборен шмек. Од друга страна, во медиумите излегоа и коментари дека целата прељубничка афера е лансирана токму сега за да се затскрие изборот на скопскиот адвокат Јово Вангеловски (близок до ВМРО-ДПМНЕ, бранител на некои од функционерите на таа партија што беа судени за криминал и кум на еден од врвните луѓе во ВМРО-ДПМНЕ Трајко Вељановски), кој се споменува и како иден министер за правда, за судија на Врховниот суд, и скандалот со неизборот на судијката од Стразбур Маргарита Цаца-Николовска.


ПО ДЕВЕТГОДИШНА РАБОТА ВО СУДОТ ВО СТРАЗБУР, ИЗВИСИ ЗА ВРХОВНИОТ СУД

Маргарита Цаца-Николовска остана без работа!

Судијката Маргарита Цаца-Николовска, која по деветгодишна работа во Меѓународниот суд во Стразбур не беше избрана за судија во Врховниот суд, остана без звање и без судиски имунитет! "Во моментов сум невработено лице, мојата работа и кариера се запрени, не по моја грешка туку по волја на некои други. Пак јавно ќе го повикам Судскиот совет да објасни зошто не сум избрана и, ако не сака судија со 30-годишно работно искуство, од кои девет во Судот во Стразбур и со познавање на странски јазик, тогаш каков судија сака за во Врховниот суд?", вели таа. Цаца-Николовска открива дека поранешниот претседател на Врховниот суд Симеон Гелевски ја избришал од систематизацијата на највисокиот суд затоа што отишла во Стразбур, но дека сите други судски авторитети, па дури и политичари од разни партии кои биле во контакти со меѓународните фактори покажувале волја таа грешка да се исправи и, како што е редот, по Стразбур таа да се врати на местото од каде што заминала.
Во Судскиот совет нема некое пошироко објаснување за неизбирањето на Цаца-Николовска. "Никој не ги доби потребните 10 гласови за избор на судија во Врховниот суд освен Јово Вангеловски. Да добиеше некој друг, ќе се пополнеше и второто упразнето место, но кандидатите не го добија потребното двотретинско мнозинство од 14-те гласови на седницата на Судскиот совет", велат отаму.
"Шокот е голем. Во моментов не можам да ви кажам дали би конкурирала повторно на евентуален нов конкурс за непополнетото место во Врховниот суд. Ќе се борам за непристрасност при изборот на судии во Македонија и за почитување на меѓународните стандарди", вели Николовска. (Вест)


ПОРАДИ ПЕРЕЊЕ ПАРИ И ЗЛОУПОТРЕБА НА СЛУЖБАТА

Приведен е ексдиректорот на ЕСМ Панде Лазаров

Полицијата го приведе поранешниот директор на Електростопанство на Македонија Панде Лазаров, кој е осомничен дека перел пари и ја злоупотребил службената должност и овластување. "Лазаров се сомничи дека како директор на ЕСМ во периодот од 1996 до 1998 година присвоил 300.000 американски долари и 190.000 германски марки", информираше министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска. Според неа, парите биле провизија за склучените договори за деловна соработка со германската фирмата Ман Такрав Фордер Техник од Лајпциг и со кинеската корпорација Хајнен, кои требало да испорачаат опрема за РЕК Осломеј и за ТЕЦ Козјак. На сметката на осомничениот во една банка во Будимпешта четирипати германската фирма и еднаш кинеската корпорација уплатиле пари за консултантски услуги. "Вкупната сума била околу 21,7 милиони денари, а потоа парите биле префрлени на друга сметка, во Германија, со што се создава простор за сомневање за кривично дело перење пари", појасни министерката. За да го прикрие потеклото и движењето на парите, Лазаров ги конвертирал марките во американски долари и ги префрлил на друга сметка во истата банка. Потоа отворил нова банкарска сметка во Ландесбанк во Берлин, каде што легнале сите пари, велат од МВР.
Лазаров беше директор на ЕСМ пред поделбата и приватизацијата на компанијата. Во тој период ЕСМ се подели на три компании, по што беше приватизирана ЕСМ Дистрибуција. Тогаш, пред приватизацијата, Лазаров отпушти околу 1.000 луѓе, наводно поради превработеност на компанијата. По приватизација на ЕСМ Лазаров беше назначен за директор на ЕЛЕМ, а по смената на власта, во септември 2006 година, беше разрешен од функцијата. (Вечер)


ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО АЛБАНИЈА

Донаторска акција на МПЦ

Скопската епархија при Македонската православна црква е носител на донаторската акција Од нас за нашите за отворање библиотека во општината Пустец, во Албанија, каде што живеат 5.000 Македонци, јави МИА. Библиотеката ќе биде сместена во Православното богословско училиште при соборниот храм Свети Архангел Михаил во Корчанската епархија на Албанската православна црква. Во акцијата во која се собрани над 3.500 книги, 2.900 списанија, географски и стопански карти, два компјутера, учебници и ученички помагала, учествуваа и многу верници.


МАКЕДОНИЈА КОНЕЧНО ДОБИ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕН СПОРТСКИ ОБЈЕКТ

Салата "Борис Трајковски" е пуштена во употреба

Новата спортска сала Борис Трајковски во Скопје, за чија изградба беа потрошени околу 20 милиони евра, официјално беше пуштена во употреба. Црвената лента ја пресекоа Вилма Трајковска, сопругата на трагично загинатиот претседател на Република Македонија Борис Трајковски, и премиерот Никола Груевски. Центарот е прв од ваков вид во Македонија и е наменет за организација на меѓународни спортски натпревари и за организирање музички концерти. Содржи две сали за најразлични спортови (мала и голема) и професионална бина за концерти, а има капацитет од 6.000 фиксни и уште 2.000 подвижни седишта. Во рамките на комплексот има и професионална куглана со осум ленти, фитнес-центар, неколку сауни, два ресторана и 800 паркинг-места.


ПЛАТИТЕ ГО ЗГОЛЕМИЈА ИНТЕРЕСОТ

Битка за место во Ирак

Драстично зголемените плати, привлечните унапредувања и за 80 насто поголемото животно осигурување го зголемија бројот на заинтересирани македонски војници за учество во опасните мисии во Авганистан, Либан, Босна и Ирак. Од Министерството за одбрана информираат дека притисокот за учество во мисиите е сѐ поголем. Платата за учеството во мисиите што им го исплаќа државата од буџетот е меѓу 1.500 и 2.000 евра. Според гласноговорникот на Министерството Захарие Вулгаракис, платата на мајор на АРМ во мисијата во Ирак е 3.600 американски долари, а на неговиот колега во Авганистан 3.400 долари. Капетан во Ирак има плата од 3.500 долари, а во Авганистан 3.200 долари. Водник или професионален војник во Ирак има плата од 2.800, а во Авганистан 2.700 долари. Во последнава година, со одлука на министерот за одбрана, платите на војниците во мисиите се зголемени за половина.
Од АРМ тврдат дека за последниот контингент што беше испратен во мисијата на НАТО во Авганистан и кој се состои од околу 130 војници, имало тројно повеќе кандидати. По сите задолжителни работни тестови, медицински, психолошки и безбедносни проверки и доброволното пријавување, се селектираат војниците што ќе отидат во мисија. "Желбата да одат во мисија во странство е голема. Пред сѐ, меѓу војниците има голем мотив да ја претставуваат својата држава заедно со колегите од НАТО, но и докажаната професионалност која секоја мисија ја наследува од своите претходни колеги", вели армискиот портпарол Мирче Ѓорговски. Во мисијата во Ирак што не е дел од НАТО-мисиите АРМ има 77 војници и пет штабни офицери, еден вод од армиските специјалци и еден вод од "леопардите", кои ја обезбедуваат командата во Таџи. Во мисијата ИСАФ во Авганистан Македонија ја претставуваат 127 војници, тројца офицери во главниот оперативен штаб и четири медицински лица во полската болница под команда на чешката армија. (Шпиц)


СКАНДАЛ СО МЕНИНГИТИС

Министерството за здравство се обиде да скрие два смртни случаја

Министерството за здравство се обиде да ги скрие случаите на две деца кои починале со сомневање за менингитис! Иако Клиниката за детски болести три дена претходно го известила Републичкиот здравствен санитарен инспекторат за двата сомнителни случаја на менингитис со сепса кои умреле во два дена едноподруго, Министерството за здравство ги обелодени дури потоа. Сѐ уште не е утврдено каде е изворот на инфекцијата, а двете деца се поединечни случаи кои доаѓаат од различни локации во Скопје. Едното дете одело во градинката Росица во населбата Хром, а другото е од населбата Ченто. Двете биле на возраст од околу една и пол година и, иако биле третирани со соодветна терапија, сепак починале, велат во Министерството.
И на двете клиники каде што престојувале децата, како и во градинката каде што инспекцијата направила увид, истиот ден биле преземени сите противепидемиски мерки со дезинфекција на просториите и на инвентарот, а земени се и брисеви од вработените за да се открие евентуалниот извор на бактеријата која го предизвикала заболувањето. Санитарната инспекција направила увид во сите три институции - во Детската клиника, во Инфективната клиника и во градинката и констатирала дека се преземени сите заштитни мерки.
Инфектолозите се сомневаат дека причината за смртта е бактериски менингитис, иако тоа сѐ уште не е лабораториски докажано. Родителите чии деца одат во истата градинка каде што одело едно од починатите деца се во паника. Така, групите деца во градинката Росица се преполовени, а голем број од нив биле испратени и на преглед на Детската клиника по барање на родителите. На Детската клиника е хоспитализирано уште едно дете од истата градинка, но тоа нема знаци на менингитис. Лекарите укажуваат дека менингитисот оваа година се појави малку порано, поради променливото време. (Според Утрински весник)


Заушки ги косат струмичани

Во само еден месец повеќе од двојно се зголемил бројот на заболени од заушки во Струмица, алармираат од струмичката Општа болница. Од инфективното одделение велат дека, од 60 случаи на пријавени болни во минатиот месец, бројот се зголемил на 162 заболени и предвидуваат дека има уште толку заразени кои не се јавиле на лекар. "Секој ден се јавуваат по десет нови случаи. На одделението се згрижени околу 15 лица со компликации од болеста. Очекуваме тој број да се зголеми, зашто уште не е достигнат шпицот на епидемијата", вели специјалистот епидемиолог Катица Марангозова.
Според лекарите, се очекува нови болни да има сѐ до крајот на мај и почетокот на јуни. Невообичаено е тоа што ова инфективно заболување најчесто се јавува кога времето е студено, при непосреден контакт и со престојување во затворени простории со болни. Епидемиолошката служба излегла на теренот за да ги открие непријавените заболени, особено меѓу ромската популација, во турско-ромското маало во Струмица и во Банско, каде што се претпоставува дека бројот на заболени е најголем. (Шпиц)


СПОРЕД НЕВЛАДИНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА "ХЕПТА"

Болните од хепатитис молат за лекови!

Лицата што се заразени со хепатитис Ц со месеци чекаат лекови, иако според Законот за здравствена заштита лековите за инфективните болести треба да бидат достапни за сите, зашто пациентите мораат навреме да почнат со терапијата, реагираат од невладината организација Хепта. "Во моментов се лекуваат 35 пациенти, од кои 10 во Скопје, а другите во другите градови. Сепак, ние немаме точен број, но тоа најдобро го знае директорот на Клиниката за инфективни болести. Според нашите податоци само во Струмица шест лица, а во Струга пет лица чекаат да дојдат на ред за лекување", изјави професорката Розалинда Исјановска од Хепта. Таа посочува дека болните не можат да ја направат типизацијата што е потребна за да може да се почне со лекувањето. Единствена можност за тоа има во МАНУ, но таму тестовите си ги плаќаат пациентите откако Фондот за здравство пред една година ја прекина соработката со таа институција, а еден тест чини 2.400 денари.
Во Македонија околу 30.000 луѓе се заразени со хепатитис Ц, а околу пет проценти од населението има заразна жолтица Б. Тие болести тешко се дијагностицираат, затоа што во раните стадиуми не се појавуваат симптоми. "Ако навреме се почне со лекување, кога болеста е во ран стадиум, лекувањето е 60 до 80 проценти успешно. Наша препорака е сите што имале ризично однесување да направат тестови, кои се брзи и едноставни", вели доктор Магдалена Поповска.
Ризични групи се пациентите на дијализа, хемофиличарите и интравенските корисници на дрога. Хепатитисот најчесто се пренесува преку крвта и при сексуален однос. (Време)


Македонија е меѓу првите пет држави во Европа според бројот на заболените од хепатитис Ц

Според податоците на Светската здравствена организација за Европа, со 146 случаи на хепатитис Ц во 2006 година Македонија е меѓу првите пет држави! Но, точниот број на заболени во Македонија не е познат поради тешкото дијагностицирање на болеста, како и поради недостигот на тестови за откривање на болеста. Ваквата состојба е загрижувачка и затоа треба да се донесе посебна програма за превенција, која ќе биде изработена врз основа на реалните состојби што ќе се утврдат со скрининг што ќе се спроведе на теренот.


НА КЛИНИКАТА ЗА ТОКСИКОЛОГИЈА ВО СКОПЈЕ

Дваесет и пет матуранти во алкохолна кома!

Дваесет и пет матуранти во минатата недела биле донесени на Клиниката за токсикологија во алкохолна кома! Откако почнаа матурските прослави, докторите од Токсикологија секоја вечер примаат малолетници кои се толку пијани што не се при свест. Еднакво пијани до несвест има и момчиња и девојчиња. "Станува збор за екстремни труења со алкохол, поради што мозокот на децата се затапува и тие паѓаат во т. н. алкохолна кома. Децата имаат испиено огромни количества алкохол, најчесто жестоки пијалаци и пиво, а не ретко мешаат и по неколку пијалаци. Бидејќи станува збор за 18-годишни деца, состојбата е многу опасна и може да заврши и со смрт. За среќа, досега успеавме успешно да ги излекуваме сите пијани матуранти што ги примивме", вели директорот на Клиниката Андон Чебишев.
Откако ќе ги примат, на матурантите најпрво им се прави детоксикација и им се дава витаминска терапија. Малолетниците мораат да останат на Токсикологија најмалку 12 часови, додека алкохолот целосно не се исфрли од организмот. Пијаните момчиња и девојчиња ги донесуваат нивните соученици, па покрај матурантите кои се во алкохолна кома докторите ги прегледуваат и другите ученици.
Директорите на училиштата велат дека најчесто децата доаѓаат поднапиени уште од дома. При влегувањето во рестораните ги претресуваат детаљно и не смеат да внесат алкохол. "Во рестораните не смее да се служи алкохол. Но, прославата најчесто завршува околу 3 часот наутро. Потоа децата продолжуваат во скопските кафулиња, каде што пијат алкохол без контрола. Тогаш настануваат најголемите проблеми", објаснуваат директорите. (Вест)


ДАЛЕКУ Е ЕВРОПА

Македонија нема ни една третина од европскиот бруто домашен производ

Само за околу два отсто пораснал бруто домашниот производ по жител во Македонија во изминативе десет години, споредено со европскиот просек, покажуваат податоците на Еуростат. Од 1997 до 2007 година македонскиот БДП по жител пораснал од 26,7 на 28,9 отсто, што не е ниту една третина од просекот на земјите-членки на Европската унија, кој е фиксиран на границата од 100 проценти. Според прогнозите, Македонија ќе ја заврши годинава со нешто повисок просек од 29,2 отсто.
Во споредба со другите земји во регионот, Македонија и според овој економски индикатор е на дното на листата.



НАЈНОВ БРОЈ


ПРАВОСЛАВЕН КАЛЕНДАР



ВРЕМЕ

МАКЕДОНИЈА

АВСТРАЛИЈА


КАЖЕТЕ ГО ВАШЕТО МИСЛЕЊЕ!

Писма до уредникот

Letter to the Editor


website counter