|
|
L A T I N I C A |
|
|
O N L I N E |
  |
|
МАКЕДОНИЈА » Дипломатија
ПО СРЕДБАТА СО КАРАМАНЛИС И СО БАКОЈАНИ, ЦРВЕНКОВСКИ ПОРАЧА:
Грција нека го зборува тоа што го мисли!
Претседателот Бранко Црвенковски во Бугарија се сретна со шефицата на грчката дипломатија Дора Бакојани и со премиерот на Грција Костас Караманлис. По официјалната вечера на форумот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, имало куса, неформална средба. Според Црвенковски, притоа станало збор за долгогодишниот спор меѓу двете земји за името Македонија. "Премиерот Караманлис во краткиот разговор што го имав со него ме уверуваше дека определба на Грција е прашањето за името да се реши во што е можно пократок рок и тоа решение да биде разумно за двете страни. Истото го посочи и министерката Бакојани. Но, тие секогаш го изјавувале тоа, а во досегашната практика не се покажа дека е така", посочи Црвенковски и изрази надеж дека барем овој пат тоа што се кажува и се мисли.
Црвенковски најави дека Македонија е подготвена по изборите да ги интензивира преговорите со Грција за да се дојде до што е можно посоодветно решение што ќе биде прифатливо за двете страни, а да не задира во националниот идентитет на Македонците и да ги отвори евроатлантските перспективи на земјата. "Правото на вето на Грција се трансформираше во право на вето на името. Грција поставува барања за кои инсистира да се реализираат. Но, таквото инсистирање ќе предизвика поделби и незадоволство кај Македонците. А тоа не е наша цел. Сакаме да влеземе во НАТО заради стабилност во регионот, но не по цена на внатрешна дестабилизација", вели Црвенковски. (Вечер)
Со Караманлис на цигара, со Бакојани на прошетка
Грчкиот премиер Костас Караманлис го понудил македонскиот претседател Бранко Црвенковски со цигара, а шефицата на грчката дипломатија го придружувала на прошетката низ хотелот во кој биле сместени. Со ваков текст излезе грчкиот весник То вима, тврдејќи дека Караманлис и Црвенковски воопшто не го споменале проблемот со името. Според весникот, тие воделе краток разговор во кој воопшто не се зборувало за политички теми. Откако Црвенковски и Караманлис испушиле по една цигара, Бакојани и македонскиот претседател се прошетале низ хотелот, но ниту тој ниту таа не откриваат за што разговарале во таа пригода. Неофицијално Црвенковски ја информирал Бакојани за положбата на македонската страна пред претстојните предвремени парламентарни избори.
Катимерини посочува дека сепак имало средба Караманлис-Црвенковски, но дека таа била куса и не се зборувало за проблемите меѓу Атина и Скопје. Та неа коментира дека грчките власти во Бугарија решиле да го снижат тонот во однос на македонското прашање, а Етнос ги цитира зборовите на Караманлис дека Грција се стреми кон реално и функционално решение на спорот со името со Македонија, со една целосна и долготрајна спогодба која ќе го носи печатот на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Тајна средба на Бакојани со косовскиот колега
За време на средбата на врвот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, грчката министерка за надворешни работи Дора Бакојани имала тајна средба со шефот на косовската дипломатија Скендер Хисени, објави грчкиот весник Етнос, според кој тоа би можело да претставува предвесник за признавање на независноста на Косово од Атина во блиска иднина. Етнос тврди дека грчките новинари дознале за средбата од своите колеги од Косово. По објавувањето на веста, портпаролот на грчкото МНР Јоргос Кумуцакос за радиото Антена изјавил дека Бакојани се сретнала со Хисени, но не во својство на министер за надворешни работи, туку како со претставник на политичката елита на Косово, пренесе МИА. (Нова Македонија)
АМЕРИКАНСКИ И ЕВРОПСКИ ДИПЛОМАТИ СО ПИСМО ДО ШЕФЕР
Поканата на НАТО за Македонија е гаранција за стабилноста на Балканот!
"Загрижени сме дека нема да се најде исправно решение за македонско-грчкиот спор за името до јули, кога Македонија треба да им се приклучи на Албанија и на Хрватска кои добија покана за НАТО", велат дваесетина истакнати американски и европски дипломати и аналитичари во писмото што му го упатија на генералниот секретар на Алијансата Јап де Хоп Шефер, укажувајќи дека тоа се случува поради одбивањето од Грција на компромисниот предлог Република Македонија (Скопје) од медијаторот Метју Нимиц по интензивните консултации пред самитот во Букурешт. Според нив, одолжувањето на процесот за вклучување на Македонија во Алијансата може да има сериозни последици за стабилноста на Македонија и на Косово. "Поканата на НАТО истовремено ќе испрати навремен и неопходен сигнал на гаранција за сите во регионот и надвор од него кон тие што сакаат постојано да биде отворено прашањето за границите на Македонија, Косово или каде било во регионот". Накратко, се наведува во писмото, сѐ што ќе се одлучи во врска со Македонија ќе има влијание на регионалната стабилност.
Прашањето за идентитетот го прави регионот заложник уште од распадот на Југославија. Истакнатите дипломати и аналитичари укажуваат дека "клучната компонента на Охридскиот договор содржеше болни отстапки за албанското малцинство во однос на идентитетот на Македонците. Дополнителниот притисок врз македонскиот народ за други отстапки во врска со нивниот идентитет може да биде контрапродуктивен". На крајот на писмото од дипломатите до Шефер се вели: "Ви пишуваме со верба дека ќе работите максимално со сите членки на Алијансата и со земјите-кандидати во поддршка на процесот со посредство на ООН".
Меѓу потписниците на писмото се поранешниот помошник државен секретар на САД Морт Абрамовиц, поранешниот шеф на мисијата на ОБСЕ во БиХ и поранешен пратеник на САД во Босна Роберт Бикрофт, поранешниот пратеник на американскиот претседател за Балканот Роберт Гелбард, поранешниот шеф на УНМИК и специјален претставник на ЕУ во Македонија Сорен Јесен Петерсен, бившиот директор на Меѓународната кризна група Едвард Џозеф, директорот на Европската иницијатива за стабилност Гералд Кнаус, првиот човек на Центарот за либерални стратегии Иван Крастев, аналитичарот
Џејмс Лион, дипломатот Николас Вајт и други.
САД
Саудер го запознал Конгресот со декларацијата за стратегиско партнерство и соработка
На последната сесија во Вашингтон конгресменот и македонски лобист Марк Саудер го запознал Конгресот со декларацијата за стратегиско партнерство и соработка што неодамна ја потпишаа САД и Република Македонија. Саудер ги повикал колегите конгресмени внимателно да го разгледаат документот и да ја имаат на ум геостратегиската важност на американската поддршка за зачленување на Македонија во НАТО. "Конгресот треба целосно да го цени напредокот што го направи оваа млада држава по распадот на СФРЈ", порачал Саудер и побарал интегралниот текст на декларацијата да стане составен дел на записникот од заседанието на Конгресот. За силното грчко лоби во Конгресот сведочат 120-те потписи на антимакедонската резолуција што беше предложена лани.

