|
|
L A T I N I C A |
|
|
O N L I N E |
  |
|
МАКЕДОНИЈА » Политика
ОБСЕ
Насилство и силна реторика!
Голем број напади и насилни инциденти главно во албанските средни, медиумска пристрасност на двете страни и нејасна правна регулатива се главните забелешки на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, која го објави првичниот извештај за досегашниот тек на изборите во Македонија. Периодот беше исполнет со акти на насилство и со силна реторика. Пријавени се голем број напади на партиски канцеларии, имаше инциденти со пукање, а најважен од нив е нападот врз лидерот на ДУИ на 12 мај близу Тетово, пишува во извештајот. Како главна цел на инцидентите во извештајот е наведена ДУИ, која пријавила дека 13 нејзини штаба биле нападнати во околината на Тетово, Гостивар и Куманово. Воедно, ДУИ обвинила дека нејзини приврзаници биле привремено киднапирани и тепани од активисти на ДПА. ДПА пријавила најмалку два напада на нејзини штабови и закани упатени кон нејзини членови.
ОБСЕ наведува дека двајцата напаѓачи што се обвинети дека пукале во Али Ахмети се уапсени и обвинети, а постапката против нив е во тек. Посочен е примерот на лидер на партија што ја оспорил легитимноста на Државната изборна комисија и полицијата и се заканил дека неговата партија ќе ги земе работите во свои раце. ОБСЕ не го наведува неговото име.
Што се однесува до медиумите, ОБСЕ ги следел телевизиите МТВ1 и МТВ2, А1, Сител, Канал 5 и Алсат, како и шест дневни весници. Во периодот од 30 април до 10 мај МТВ2, а во помала мера и МТВ1 ги поддржувале владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДПА. Телевизијата Сител исто така ја поддржувала досегашната власт, додека кај Канал 5 и во помала мера А1 и Алсат била забележана пристрасност кон опозицијата. Мисијата на ОБСЕ забележала дека има сериозен конфликт по прашањето кој решава по жалбите на одлуките на Државната изборна комисија. Изборниот закон вели дека за жалбите решава Врховниот суд, а дополнително донесениот закон за судски и административни спорови, го овластува новоформираниот Управен суд. ОБСЕ го обележува и случајот со Социјалдемократската партија на Македонија, која за носители на кандидатските листи во шесте изборни единици одбра лица со имиња слични на имињата на кандидатите на СДСМ.
ЏИЛИЈАН МИЛОВАНОВИЌ
Изборите мора да бидат подобри од оние во 2006
Амбасадорот на САД во Македонија Џилијан Миловановиќ уште еднаш го повтори апелот предвремените парламентарни избори да поминат во фер и демократска атмосфера без насилство. Изборната кампања треба да остане мирна и без какви било попречувања, што не го вклучува насилството кое исто така е проблем за многу луѓе. Мора да имате фер избори и да им овозможите на граѓаните ширум земјата да гласаат слободно, по своја волја, слободно да ги изберат кандидатите и да се чувствуваат безбедно кога одат на гласачките места, истакна Миловановиќ. Таа подвлече дека меѓународната заедница очекува овие избори да бидат подобри од парламентарните избори во 2006 година, бидејќи тоа ќе влијае врз евроинтеграциите на земјата. Сите во меѓународната заедница очекуваат овие избори во Македонија да бидат најмалку добри колку изборите во 2006 година. Тие и треба да бидат подобри со оглед дека сега земјата е квалификувана за членство во НАТО и ги исполнува сите критериуми. Ако овие избори се полоши, ако има повеќе насилство, заплашувања или луѓето се чувствуваат небезбедно кога одат да гласаат и ако има проблеми на денот на изборите тоа нема добро да се одрази врз Македонија, напомена Миловановиќ.
Американскиот амбасадор ги повика надлежните органи што побрзо да работат на разоткривање и гонење на извршителите на насилствата. Во кое било време потребно е максимално професионално да се работи и сторителите брзо да се пронајдат. Во период на изборна кампања кога инцидентите се директно поврзани со изборите е уште поважно што е можно побрзо за луѓето да видат дека се работи на теренот, дека одредени лица се сослушани и дека се посочени како потенцијални осомничени. Верувам дека вашите власти го имаат целосниот професионален капацитет и ги повикувам да го сторат тоа побрзо, потенцираше амбасадорката Миловановиќ.
ШЕЌЕРИНСКА ПРЕКУ СПОТ ГО ПРЕДИЗВИКУВА ГРУЕВСКИ:
Биди јунак, не бегај од женски фустан!
Коалицијата Сонце почна да емитува телевизиски спот со кој лидерката на СДСМ Радмила Шеќеринска, лично го повикува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на ТВ-дуел. На спотот таа му се обраќа со зборовите Никола, ќе ти објаснам како можам да се изборам за шест месеци Македонија да добие датумот за преговори со Европската унија. За да ти ја откријам тајната, ќе мора да излезеш на јавен дуел со мене. Биди јунак, како што велиш дека си, немој да бегаш од женски фустан.
Овој спот ќе го емитуваме до крајот на предизборната кампања бидејќи не очекуваме дека Никола Груевски ќе го прифати предизвикот, информира Бранко Трајчевски, портпарол на коалицијата Сонце. Тој истакна дека се залагаат за фер и демократски избори и дека сакаат, во предизборната кампања, со политичкиот противник да ги спротивстават програмите, концептите и решенијата кои ги нудат за проблемите на граѓаните и на државата. Граѓаните во Македонија, како и во сите други демократски држави, во светот сакаат да видат ТВ-дуел на кој ќе се соочат лидерите на двете најголеми политички партии и коалиции кои ја бараат нивната доверба, особено затоа што на први јуни ќе се донесе историската одлука за иднината на земјата, изјави Трајчевски. Сметајќи го ова за стандард во демократските општества, коалицијата Сонце ги прифатила сите покани за ТВ-дуели меѓу двете најголеми коалиции во Македонија.
Во речиси сите изборни циклуси досега лидерите на двете најголеми политички партии се соочуваа на директни ТВ-дуели, најчесто непосредно пред изборниот молк. Особено жестоки беа дуелите меѓу експретседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски и поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Горгиевски. На последните претседателски избори имаше дуел меѓу кандидатите Бранко Црвенковски и Сашко Кедев. На минатите парламентарни избори, еден спроти друг не се договорија да седнат Никола Груевски и Владо Бучковски. Лидерката на СДСМ интензивно овие денови преку говорите на митинзите на коалицијата Сонце, но и преку телевизиските емисии во кои гостува, му упатува покана на Груевски за соочување. Во ВМРО-ДПМНЕ се уште молчат за тоа дали нивниот лидер ќе ја прифати поканата на Шеќеринска. (Време)
КАБИНЕТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ
Црвенковски лут што го ставиле во видеоспот
Кабинетот на претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски остро протестираше поради неговото инволвирање во изборната кампања од одредени политички партии, преку негово прикажување во видеоспотови. Претседателот на Република Македонија јавно соопшти и, што е уште поважно, во практика со своите активности докажува дека не зазема страна во изборниот процес и не фаворизира ниту една политичка опција. Единствената заложба во овој предизборен период за која претседателот искрено и посветено работи е спроведувањето фер и демократски избори, со што Република Македонија ќе ги исполни основните предуслови на зацртаните евроаспирации и евроатлантски аспирации, се вели во соопштението од Кабинетот на Црвенковски. Кабинетот смета дека во интерес на политичките партии е претседателот да остане неутрален до крајот на изборната кампања. (Време)
И ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА ГИ КОПИРААТ ХРВАТИТЕ
100.000 евра за "помакедончената" кампања на ХЅ?!
"Македонија знае" ("ХЅ знае"), "Преродбата продолжува" ("Одиме понатаму")... Ви звучи ли познато? Станува збор за слоганите на "народната" ВМРО-ДПМНЕ, со кои оваа најсилна македонска партија го окупира медиумскиот простор две недели наспроти вонредните избори во Македонија. Интернет-порталот Бизнис објави дека таен советник на оваа партија е Ратко Мачек, бивш портпарол на Владата на хрватскиот премиер Иво Санадер кој, според истите извори, би можел да добие 100.000 евра за оваа работа.
И покрај тоа што и ВМРО-ДПМНЕ и Мачек ги демантираат овие информации, неговиот спин-докторски ракопис не е тешко да се препознае - покрај слоганите рециклирани од кампањата на ХЅ, тука е и партиската химна Македонија знае, која секој ден безброј пати одекнува од радијата, телевизиите и од разгласите во шопинг-центрите.
За разлика од ХЅ знае, која се потпира на харизмата на Жак Худек, партиската химна на ВМРО-ДПМНЕ собра цел еден бенд од водечките естрадни ѕвезди во Македонија. Целта на ВМРО, која ја предводи коалицијата За подобра Македонија, поддржана од уште неколку помали партии од десницата, е да освои над 50 отсто од гласовите на македонското избирачко тело и да состави стабилна влада, постабилна од претходната која се распадна под притисок на коалицискиот партнер, албанската ДПА. Аналитичарите оценуваат дека распишувањето вонредни избори е вешт тактички потег, затоа што рејтингот на ВМРО непрекинато расте, а во тоа му помага и најголемата опозициска партија СДСМ, што е уште една сличност со Хрватска - дејствува како тивка и неуверлива опозиција.
Поради тоа македонските социјалдемократи наспроти изборите, заедно со НСДП на Тито Петковски (екс-одметникот од СДСМ) и неколку помали партии, ја формираа предизборната коалиција Сонце - и гледајте чудо - побараа советник во редовите на хрватските спин-доктори?! Се одлучија за Крешимир Мацан, бившиот портпарол на ХРТ, а денес сопственик на агенцијата Мањѓура, кој и понатаму одвреме-навреме ја советува хрватската СДП. Мацан ја моделира кампањата на коалицијата Сонце според онаа на СДП - со слоганот Доаѓа сонцето, каналите на Јутјуб и Фејсбук и урбаната партиска химна во изведба на ѕвездите на МТВ-Адрија, Дани и Александра Пилева, во прв план е истакната Радмила Шеќеринска, претседателката на СДСМ. Шеќеринска во кампањата се осврна на најголемиот неуспех на Владата на ВМРО-ДПМНЕ - самитот во Букурешт на кој Македонија поради противењето на Грција не ја доби поканата за членство во НАТО, и затоа таа вети влегување во НАТО и почеток на претпристапните преговори со ЕУ во рок од шест месеци. (Нова Македонија)
РАЗОЧАРАНИ ПРИПАДНИЦИТЕ НА "ДОСТОИНСТВО"
Политичарите ги заборавија бранителите
Во ниту една програма на политичките партии од македонскиот блок не е споменат Предлог-законот за посебните права на бранителите, реагираат од Здружението на припадници на безбедносните сили Достоинство. Досега ниту една партија ги нема споменато припадниците на безбедносните сили од 2001 година. За разлика од нив, нивните коалициони партнери од албанскиот блок на своите предизборни митинзи секојдневно се залагаат за правата на ветераните на ОНА, изјави претседателот на здружението Стојанче Ангелов. Тој ги прашува македонските политичари дали изоставувањето од изборните програми ќе значи дека бранителите што примија обесштетување, ќе продолжат да ги враќаат средствата, а оние што не ги добиле, нема никогаш да бидат обесштетени? Ангелов најави дека собирањето на потребните 10.000 потписи за донесување закон за посебните права на припадниците на безбедносните сили е стопирано поради изборите за да не бидат погрешно сфатени. Досега само Демократскиот сојуз ја поддржа иницијативата на здружението Достоинство. Со Предлог-законот за правата на бранителите се бара прекин на тужбите на МВР против воените инвалиди и семејставата на загинатите бранители во 2001 година, праведно обесштетување, редовно вработувањае за професионалните војници и враќање на работа на војниците на кои им се прекинати договорите. Се бара и ослободување од партиципација при користење на здравствените услуги и можност за пет години предвремено пензионирање.
СВЕТСКИ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС
Партиите да престанат со лицитации за името поради НАТО и ЕУ
Светскиот македонски конгрес бара за членството на Македонија во НАТО и Европската унија да не решаваат политичките партии, Владата или Собранието, туку единствено граѓаните на референдум. СМК бара од Владата веднаш да предложи до Генералното собрание на Обединетите нации резолуција за мислење од Меѓународниот суд на правдата за законитоста на дополнителните услови за прием на Македонија во ОН, под времената геноцидна референца ПЈРМ и разговор за разликата за името со Атина, бараат од Светскиот македонски конгрес.
Од СМК потсетуваат дека разговорите за разликата за името со Атина не претставуваат обврска за промена на името на државата Македонија, затоа што Македонија ги исполни условите за полноправно членство во ОН како рамноправен правен наследник на поранешна СФРЈ. Македонците од целиот свет бараат Македонија безусловно да го продолжи своето членство во светската организација и сите меѓународни организации под нејзиното единствено име Македонија, со можност за употреба на уставната референца "Република", без латинична транскрипција на македонскиот јазик, туку на англиски јазик со меѓународниот код МК, односно МКД, се вели во соопштението од СМК.
Според СМК, приемот на Македонија во НАТО и ЕУ под име со додавки и придавки, претставува флагрантно кршење на Уставот, меѓународното право и на универзалните човекови и граѓански права и слободи. Светскиот македонски конгрес од Атина и Брисел бара да се извинат за сите историски и општествени неправди врз Македонците, за геноцидот врз македонскиот народ и поделбата на Македонија, од балканските војни до денес. (Вечер)
НА КАНДИДАТСКИТЕ ЛИСТИ 30 ОТСТО ПРИПАДНИЧКИ НА ПОНЕЖНИОТ ПОЛ
Во трка за идниот парламентарен состав 559 жени!
Петстотини педесет и девет жени од сите политички партии влегуваат во изборната трка за идниот парламентарен состав. Од нив 79 се на првите три места на листите, односно седум се носители, а 72 се наоѓаат на второто и третото место од листите. Двете најголеми коалиции имаат по една носителка на листа, или вкупно, 38 жени на кандидатските листи на коалицијата За подобра Македонија, односно 43 на коалицијата Сонце. Според прелиминарната анализа што ја спроведе Националниот совет на жените-СОЖМ, во рамките на Програмата за политичко јакнење на жените, застапеноста на жените на листите е обратно пропорционална од големината на партијата. Колку што партијата е помала толку повеќе кандидатки на листите и подобри позиции за нив. Сепак, задоволни сме бидејќи партиите и коалициите го испочитуваа членот 22 од изборниот законик кој ги обврзува процентот на застапеноста на жените да не биде помал од 30 отсто. Исто така, испочитувана е и одредбата на првите три места да има најмалку една кандидатка, вели претседателката на СОЖМ, Савка Тодоровска. (Според Вечер)
НИКОЛА ГРУЕВСКИ:
Ќе избираме меѓу грчки сватови и преродба!
"На 1 јуни ќе избираме меѓу грчките зетовци и сватови и преродбата!", изјави во саботата на митинг на коалицијата За подобра Македонија лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Тој рече и дека неговата влада за 20 месеци направила многу повеќе од тоа што го ветиле пред две години - енергична борба против криминалот, повеќе пари за земјоделците, повисоки пензии и плати за администрацијата. "Нашата крајна цел е повеќе работни места, па затоа веднаш по изборите ќе ги намалиме за една третина придонесите за плати", вети Груевски. "Ќе има помали давачки на македонските фирми кон државата и тие пари ќе останат во фирмите, ќе останат за да можат сопствениците на тие фирми, менаџерите на тие фирми да купат нови машини, да купат нова опрема, да го прошират производството, да купат нови канцеларии, да вработат нови луѓе", рече Груевски. Според него, Македонија е многу блиску до датум за преговори со Европската унија, но потсети дека Грција и тука може да биде клучниот проблем.
Во неделата претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на Здружението на стечајните работници со над 25 години стаж Стојан Стојанов пред шаторите на стечајците во скопскиот парк Жена-борец потпишааа договор со кој партијата се обврза најдоцна три месеци по конституирањето на новиот парламент да предложи закон за решавање на нивниот статус. Груевски изјави дека партијата презема обврска да поднесе закон со кој стечајните работници со над 25 години стаж ќе добијат определен надоместок. "ВМРО-ДПМНЕ се обврзува да го донесе законот во период од најмногу три месеци по конституирање на новиот парламент. Со овој закон на стечајните работници им се гарантира месечен надоместок од 34 проценти од просечниот доход. Произлегува дека тие ќе добиваат околу 5.000 денари месечен надоместок", рече лидерот на владеачката партија. Според него, со тоа се исправа една голема неправда во периодот на транзицијата. Со овој закон, кој речиси е подготвен, ќе се опфатат околу 5.000 стечајни работници и лицата кои останале без работа како технолошки вишок.
"Ние дадовме проглас до сите политички партии. Нас не нѐ интересира ниту една политичка партија. Ние ги застапуваме интересите на нашите членови. Немаме обврска кон ВМРО-ДПМНЕ, ова е обврска на државата без разлика кој ќе дојде на власт. Оваа категорија луѓе се обврска на државата. Тие се останати од транзицијата. Граѓаните сами ќе решат кој за која опција ќе гласа", изјави претседателот на Здружението Стојанов.
Шаторите на стечајците ќе останат пред Собранието на Република Македнија, во паркот Жена-борец сѐ до донесувањето на законот и неговото стапување во сила. "Се откажавме од нашите семејства, им дадовме ветувања на нашите членови... Дојде денот кога ветувањето ќе го исполниме. Се виде дека, кога ќе се сака да се преговара, може да се најде решение", изјави Стојанов. Тој им порача на политичарите да не забораваат да го слушнат гласот на народот, а не да бегаат од него.
НСДП
Истераните формираа нова партија
Истераните од НСДП Лазар Еленовски, Веле Митановски и Вера Рафајловска свикаа иницијативен одбор за формирање нова политичка партија. Името на партијата сѐ уште се држи во тајност, но неофицијално дознаваме дека ќе го содржи зборот "социјалдемократска" и дека ќе повикува на обединување. "Една третина од членството на НСДП, односно од општинските организации на партијата, е со нас. Тие писмено го откажаа членството од НСДП и го известија централниот одбор. Новиот политички субјект ќе го предводат Еленовски, Митановски и Рафајловска", изјавија од иницијативниот одбор. Партијата која сѐ уште нема ни име ни претседател ја промовираа тројцата избркани функционери на НСДП, според кои во новата партија досега преминале комплетните раководства на општинските организации на НСДП во Валандово, Кичево, Крушево, Неготино, Чаир, Богданци и неколку други градови и општини во Македонија.
Метла за сите функционери на НСДП
"Разрешени се речиси сите функционери од НСДП кои ги именуваше Владата во 2006 година, а не подлегнаа на притисокот да потпишат пристапници на ВМРО-ДПМНЕ", обвини шефот на партискиот изборен штаб Горан Мисовски. НСДП тврди дека дваесетина денови врз нивни членови и носители на јавни функции ВМРО-ДПМНЕ и министерот за одбрана Лазар Еленовски вршеле притисок за да преминат во ВМРО-ДПМНЕ ако сакаат да ги зачуваат позициите. "На последната владина седница Груевски отишол уште подалеку и разрешувал кадар кој се именува и се разрешува по предлог на ресорните министри, и тоа раководители на подрачни единици на министерствата, агенции и јавни претпријатија кој се избира исклучиво преку конкурси што ги објавува Агенцијата за државни службеници", истакна Мисовски. Според неговата партија, влегувањето на НСДП во коалицијата Сонце не може да биде правна основа за разрешување функционери. Лидерот на НСДП Тито Петковски вели дека Груевски не може да ги смени нивните директори, зашто владата е техничка и не може да се занимава со кадровски прашања. (Шпиц)
ДУИ
Дали кондовската група работи за МВР?
Централниот изборен штаб на ДУИ јавно побара заштита од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, на која ѝ порача дека сами не можат да се бранат од нападите, зашто немаат разузнавачки служби за да го информираат МВР. "Немаме начин да ја информираме Јанкуловска, зашто напаѓачите не се јавуваат дека ќе извршат некое дело", изјави Исен Џемаили. ДУИ бара одговор и на прашањето до кога Министерството ќе се оправдува со неподнесувањето пријави за нападите врз нивните штабови. Покрај тоа, на прес-конференцијата Џемаили упати јавно прашање до министерката дали таканаречената кондовска група работи во МВР. "Ако работат, дали се овластени да следат граѓани и кој сектор го покриваат? Која е улогата на некои припадници на алфите, кои често ги придружуваат лицата од кондовската група?", праша Џемаили. Тој рече дека има разбирање за секој одговор што би подразбирал дека тоа се задачи со таен карактер, но ќе биде доволно граѓаните да ги разјаснеле дилемите. (Нова Македонија)
ДПА
Ние го имаме Бугајски, а вие Кољо Дијаманто!
Демократската партија на Албанците на прес-конференција во Тетово ја обвини Демократската унија за интеграција на Али Ахмети дека како советник има лице со ментални проблеми. ДПА се пофали дека во својот партиски штаб ја има поддршката на американскиот аналитичар Јанош Бугајски, додека лидерот на ДУИ се среќава со ресенецот Кољо Дијаманто. "Тука е големата разлика на политичкиот пристап меѓу ДПА и ДУИ. Ние ја цениме секоја вредност што е во интерес на угледот на Албанците во светот, а ДУИ плива во мочуришта од типот на Кољо Дијаманто. Иако споменатиот Кољо е човек со ментални проблеми, за ДУИ тој е главен гостин и советник на Ахмети", изјави Феџри Селами од изборниот штаб на ДПА.
Ресенецот што е познат како Кољо Дијаманто досега двапати се појави на настани што ги организираше ДУИ, а еднаш доби и шанса да говори, претставен како новинар од Грција кој ја поддржува партијата на Али Ахмети?!
НЕИНВЕНТИВНИ ПЛУКАЧИ
Кастро, Евита, Хитлер и Чавез... во македонските избори!
"Ако Френклин Рузвелт утре го убедат дека може да ги добие потребните гласови со помош на човекојадците, веднаш ќе почне да гои мисионер во дворот на Белата куќа". Вака го нападнал американскиот новинар Хенри Луис Менкен својот политички непријател, претседателот Рузвелт, пред 80-тина години. Македонија очигледно уште долго време ќе чека да слушне квалитетна политичка навреда, но тоа не се должи на високото културно ниво на нашите политичари. На македонската политичка сцена доминираат плитки навреди, кои брзо се забораваат и ретко успеваат да му се залепат на политичарот кон кого се упатени. Често тие навреди се навредливи пред сѐ за јавноста, која е принудена да ги слуша и да ги крева рамениците.
Досега кулминираат главно директни споредби на политичарите, најчесто со нивни колеги од Јужна Америка, иако македонската јавност често не е добро упатена во тоа зошто македонските и јужноамериканските политичари се слични. Така, на вжештените седници пред распуштањето на Собранието СДСМ го спореди премиерот Никола Груевски со претседателот на Венецуела Хуго Чавез и со кубанскиот диктатор Фидел Кастро. Но, лидерката на СДСМ Радмила Шекеринска потоа му се извини "на другарот Кастро" за неласкавата споредба со Груевски. "Јас однапред се извинувам за тоа што во претходните неколку денови, а претпоставувам и во следните неколку денови, ќе чуеме дека господинот Груевски се однесува како Кастро. Ние не сме биле во право и таа процена била погрешна. Ако имавме премиер што е подготвен да се соочи со јавноста и со предизвиците, да ја сработи НАТО-агендата, тој немаше да излегува со пишани говори и да забранува поставување прашања. Кастро никогаш не излегувал со однапред подготвени говори, а премиерот реши да биде Кастро во куси панталони", изјави Шекеринска на 13 април. Таа воедно го обвини Груевски и дека е "кукавица" затоа што ги свика изборите.
Јужноамериканскиот шмек на изборите го задржа и Веле Митаноски, исклучениот пратеник на НСДП, кој го обвини лидерот Тито Петковски дека е под влијание на Лиљана Стериовска, поранешната државна секретарка во Министерството за одбрана која беше обвинета за фалсификат. Иако имаше на располагање лесна споредба од типот Јованка на Тито, Митаноски сепак отиде преку океанот и споредбата ја најде во далечната Аргентина, кај поранешната прва дама Евита Перон. "Евита е синоним за жена што ја управува државата од зад сцената. Хуан Перон беше фактички претседател, а од сенка управуваше Евита", ни ја дообјасни својата изјава Митаноски.
Во некои случаи паднаа и споредби без никаков усул. Така на пример, во август 2007 година Шекеринска го спореди Груевски со Адолф Хитлер во екот на обидот за апсење на Владо Бучковски. Шекеринска тогаш обвини дека "единствен друг политичар што се користел со методите на Груевски е Адолф Хитлер". Оттогаш помина речиси цела година, а Груевски сѐ уште не ја нападнал Полска. И повторно Шекеринска, во еден настап во Собранието, ја спореди владата на Груевски со владата на Чавез, затоа што владата дава различни броеви за влегувањето на странските инвестиции. Владата на Чавез е многу повеќе позната по тоа што им ги одзема компаниите на странските нафтени инвеститори во Венецуела, што е мошне посериозно од давањето различни броеви за инвестициите.
Медиумите што се блиски до ВМРО-ДПМНЕ во кампањата се повикаа на инсистирањето на политичарите од СДСМ и од коалицијата Сонце за брзо склучување договор со Грција околу името. Тито Петковски и Ѓорѓи Оровчанец во некои од медиумите добија епитет "грчките зетовци" поради нивните семејни врски јужно од границата. Целта на власта беше во јавноста да се конструира впечаток дека тие се "тројански коњи" на политичката сцена. (Според Нова Македонија)
Питомите Македонци не гласаат за агресивни политичари
"Погани зборови доаѓаат кога човек не може добро да си ја сублимира агресијата. Тој агресивен вокабулар не е насочен кон медиумите, туку пред сѐ кон своите истомисленици во обид да се издејствува поголема поддршка", смета психологот Станислав Петковски-Сашо. "Кога црните ги навредуваат белите, пред сѐ на другите црни им велат: немој случајно да си станал бел. Така се собира стадото. Не знам како досега не научија дека нашиве питоми Македонци не гласат за политичари ако се премногу агресивни. Неопределените најмногу гласаат за фини луѓе", вели Петковски. Според него, опозицијата постигнува автогол кога толку агресивно се нафрла на ВМРО-ДПМНЕ. "Сега, дури и да објават докази со банкарски сметки дека власта крадела, нема да им веруваат. Народот резонира дека членовите на СДСМ самите лажеле 15 години и немаат кредибилитет да го посочат крадецот. И да викаат дека некој краде, можат само повеќе да го турнат народот кон неговата страна. Тоа што го викаат е најмногу за нивното членство", заклучува Петковски.
Тачи - Војводата, Али - Алијата, Вејсели – Мамудијата
Али - Алијата, Тачи - Војводата, командант Вентили, Џафери - Филозофот, Вејсели - Мамудијата се некои од погрдните прекари што во јавните настапи меѓусебно си ги упатуваат политичарите од албанскиот политички блок. И додека и едните и другите меѓусебно се навредуваат во трката по гласови, граѓаните си фаќаат сеир со спектарот на духовити, но и погрдни прекари. Лидерот на ДПА на предизборните бини на ДУИ е познат како Војводата. Овој прекар му остана од штипскиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, а самиот Тачи рече дека за него е навредлив. Од друга страна, лидерот на ДУИ за ДПА е само Али Алија, прекар што кај Албанците би се протолкувал како "човек-безименко". Истото би важело и за вујкото на Ахмети Фазли Велиу, кој за ДПА е само Фазлија. Гзим Острени од ДУИ за ДПА е Гзим Голобрда. Прекарот треба да биде циничен и навредлив за потеклото на Острени, чие семејство е од Голо Брдо, Албанија, место што е населено со Македонци од исламска вероисповед. Поранешниот заменик министер во МВР од редовите на ДПА Рефет Елмази за ДУИ е братот на Љубе Бошкоски и тоа треба да го симболизира "теророт што им бил извршен на Албанците во 2001 од македонската полиција". Потпретседателката на ДУИ Теута Арифи на јавните настапи на ДПА ја викаат секретарката на Фрчко, поради нејзиниот ангажман во Министерството за надворешни работи додека министер беше Љубомир Фрчкоски. Министерот за образование од ДПА Сулејман Рушити за ДУИ е Хаџуџа од Гостивар. Рушити е режисер и драматург, гостиварец кој на почетокот на кариерата на театарската бина глумел во скечеви, и тоа во улогата на Хаџуџа, стара жена-трачарка. Портпаролката на ДУИ Ермира Мехмети во предизборните настапи на ДПА има прекар Малата Ермира. Како новинарка во Албанската редакција на МРТВ, Мехмети водела детска емисија. Поранешниот министер за земјоделство Садула Дураку од редовите на ДУИ е познат како командант Вентили. Во 2001 година за време на воениот конфликт Дураку беше дел од групата на ОНА која ги затвори вентилите на браната на Липковско Езеро и десетина дена остави без вода 100.000 жители на Куманово. лидерот на ПДП Абдулади Вејсели е познат како Мамудијата. За постарите жители на Тетово Мамудија бил прекар за позната градска проститутка. Прекарот му бил залепен на минатите избори, кога неколкупати ги менуваше коалиционите партнери. Прво беше со ДПА, па со ДУИ, за на крајот да заврши со ДПА во владеачката коалиција.

