L A T I N I C A

 

O N L I N E

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ВОВЕДНИК

ПО ПРОТЕСТОТ ВО МЕЛБУРН

Јасна порака до сите кои го негираат нашето постоење

Екот на мелбурншкиот протест се уште ги тресе Македонците ширум светот, како што одамна се нема случено. За момент ги потсетивме нашите сестри и браќа, каде и да живеат, дека Македонците во Мелбурн, во Викторија и во Австралија никогаш нема да отстапат од одбраната на своето пресвето прадедовско име - Македонија!
На секој чекор овде во Македонија глава не можев да кренам од телефонски јавувања од ТВ и радиостаници, од весниците... Убаво беше чувството дека четиринеделната работа сепак вроди со плод. Трудот што го вложија голем број луѓе даде резултати. Честитики за големата група млади луѓе кои веруваа дека мораме да излеземе со јасна порака дека за името не може да има преговори. Македонија и само Македонија, јасно и гласно. Бројот на учесниците на протестот и не е толку важен, тој варира од 20 до 40 илјади, а некаде дури и 50.000, но многу е поважно тоа што околу организирањето на протестот работеа луѓе од сите профили, од сите црковни општини, од вардарскиот, егејскиот, пиринскиот дел... Сите со една цел - обединети во одбрана на името. Тоа ме воодушеви, ми влеа надеж дека не е сѐ црно како што ми се причинува понекогаш. Моќта е во единството, само така ќе успееме да ѝ помогнеме на нашата Македонија.
Протестот беше и помина, да продолжиме по тие стапки, да не се враќаме назад и повторно да почнеме да се броиме од кој табор сме и колку сме. Видовме колку сме кога сме заедно. Време е сите да се погледнеме в очи, да си подадеме рака и да почнеме да го градиме мостот на обединување, мостот што ќе ги сплоти сите Македонци без оглед на тоа во која македонска црква се црквуваат, без разлика од кој дел на Македонија доаѓаат, без разлика..., има стотици без разлика, ама целта е единствена - само обединети ќе си помогнеме себеси и на нашата Македонија.
Честитки до Советот на македонската заедница, до сите кои работеа во Координативното тело, до Обединетата македонска дијаспора, Потомците на Александар, членовите на друштвото Брат Љубе, Македонската алијанса..., честитки до Мики, Наташа, Злате, Крсте, Ицо, Јордан, Игор, Ордан, Дончо, Павле, Гордана, Орде, Јане, Костадин..., но најголемата честитка до сите што дојдоа на протестот - без нивното присуство сѐ ќе беше голема нула. Токму најголемите честитки ги испраќам до нашиот преубав народ кој секогаш кога има потреба и кога го води единството одговара на повикот за одбрана на сѐ што е македонско.
Ќе повторам, се надевам дека ќе продолжиме да чекориме напред, дека нема да почнеме со мерењето кој колку направил, кој бил најзаслужен ... Има време за ордени, сега е време за надградба на тоа што го почнавме на протестот. Да застанеме зад Советот и да почнеме да го надградуваме уште денес, да се надградуваме самите, да ја надградуваме Македонија - заедно!

Ваш,
Љупчо Станковски


МЕЛБУРН - ПРОТЕСТ ВО ОДБРАНА НА ИМЕТО

Владо, Лидија, Розета, Саво... сите заедно

Секој на свој начин ја изрази својата поддршка на протестот пред викторискиот парламент. На збирното место во Карлтон Парк пристигна и македонската поп ѕвезда Владо Јаневски. Видно беше изненаден од масовноста на протестот, веруваме дека ќе понесе убави впечатоци во Македонија.
Во саботата присуствуваа и познати личности од културниот, политичкиот и бизнис животот на македонската заедница од Мелбурн. Во разговорот со генералниот конзул Саво Сибиновски, кој го следеше протестот во друштво со неговата сопруга, тој беше пријатно понесен од атмосферата и искажа пофални зборови за организацијата.
Голема група демонстранти со автобус допатуваа од Шелдон Ресепшнс, подготвени со транспаренти и сомакедонски знамиња. Сопствениците Лидија и Иван, заедно со својата ќерка Даниела, беа во првите редови за цело време на протестот.
Протстот не го пропушти ни Розета Стојковска, поранешната претседателка на Советот на македонската заедница на Викторија. И таа не можеше да го скрие своето искрено воодушевување од големиот успех на протестот.


Говор на претседателот на Советот на Македонската заедница во Викторија
Злате Нически

Почитувани Македонки и Македонци!
Денес е денот на светите Солунски браќа Кирил и Методија.
И денес, како повеќепати во минатото, да им се заблагодариме за нивното свето дело со кое ја докажаа нашата различност, од сите други што од петни жили и до ден денес нѐ негираат и прават сѐ за да нѐ нема.
Но денес се собравме тука заедно, јасно и гласно да им кажеме дека нивната цел, бришењето на Македонската библиска нација, никогаш нема да им успее.
Од името на Советот на македонската заедница во Викторија ве поздравувам и ви благодарам за вашето учество на овој собир, од кој заедно ќе испратиме пораки до сите релевантни фактори кои си поигруваат со Македонското битие.
Светот знае и не треба да ги затвора очите пред вистината.
На нашите злобни комшии не им пречи името Македонија!
Раската во нивните очи сме ние Македонците.
Ние, Македонците кои си ја сакаме татковината Македонија и живееме на нашите прадедовски огништа, грабнати од соседите во 1913 година, во Република Македонија и насекаде низ светот, дојдовме да ги предупредиме негаторите и да ја браниме Македонија од сите што посегнуваат по неа, било тоа да се внатрешни или надворешни.
Македонија ни припаѓа на сите подеднакво. И не ѝ припаѓа ниту на една политичка партија, и која било партија да биде на власт обврзана е да го чува интегритетот и името Македонија на тој слободен дел што остана од балканските касапи во 1913 година.
Република Македонија е името на нашата држава и тоа име ниту еден Македонски син или ќерка не смее да си дозволи, ниту пак да помисли да го смени.
Сѐ додека има Македонци, како сите нас денес, ќе ја има и Македонија!
Политичарите ќе се менуваат, Македонија продолжува затоа што е вечна како бесмртната птица Феникс, и од пепелта воскреснува.
Така Македонија ќе биде бесмртна сѐ додека Македонците ја бранат како зеницата во своето око.
Во името на Кординативното тело и во името на Советот на македонската заедница од Викторија благодарам за вашето присуство и за поткрепата да се пратат пораките од резолуцијата до сите релевантни фактори во Австралија, во светот и во татковината Македонија.
Господ Бог да ја благослови Македонија и нашата искрена работа и љубов кон неа, зашто само со обединети Македонци - Македонија ќе има иднина.
Ви благодарам уште еднаш и ве поздравувам со зборовите:

МАКЕДОНИЈА ОД ИСКОНА, ДО ВЕК И ВЕКОВ

Вечно да живее Македонскиот народ, за да ни биде вечна нашата Мајка Македонија


Македонија ги укина визите за државјаните на Австралија

На седницата на Владата на Република Македонија одржана на 13 мај 2008 година, донесена е Одлука за укинување на визите за влез во Република Македонија за државјаните на Австралија.
Оваа Одлука е во насока на усогласување на визниот режим на Република Македонија со оној на Европската Унија, што подразбира дека во периодот на нашето пристапување кон Унијата треба да се укинат визите и кон Австралија.
Имајќи предвид дека поголемиот број австралиски државјани што годишно влегуваат во нашата држава имаат македонско потекло, со укинувањето на визите значително ќе се поедностави процедурата за нивниот влез и престој во Република Македонија.
Воедно, воведувањето на безвизен режим од страна на Република Македонија кон државјаните на Австралија, оди во прилог не само на зајакнувањето на политичкиот дијалог и врските на нашата држава со Австралија, туку и воспоставување основа за натамошно засилување на економската соработка меѓу двете земји.
Одлуката стапи на сила во петокот, 23 мај 2008 година.



НАЈНОВ БРОЈ


ПРАВОСЛАВЕН КАЛЕНДАР



ВРЕМЕ

МАКЕДОНИЈА

АВСТРАЛИЈА


КАЖЕТЕ ГО ВАШЕТО МИСЛЕЊЕ!

Писма до уредникот

Letter to the Editor


website counter